Филм
Почина Мајкл Чимино, еден од најголемите американски режисери
Американскиот сценарист и режисер, кој почина во саботата на 77-годишна возраст, ја одбележа кинематографијата со својот филм „Ловец на елени“ за војната во Виетнам, кој во 1979 година беше добитник на пет Оскари.
Роден во Њујорк на 3-ти февруари 1939 година од татко музички уредник и мајка дизајнерка, студирал сликарство на познатите универзитети Јејл и Њу Хевн, а потоа работел телевизиски реклами.
Во 1971 година се преселува во Лос Анџелес и ги пишува сценарија како „Тивкото бегство“, „Замка за инспекторот Калахан“ и го режира во 1974 година „Тандерболт и Лајтфут“ со Џеф Бриџис и Клинт Иствуд, кој воедно и го продуцира филмот.
Првиот успех го доживува со „Ловец на елени“ од 1978 година, тричасовен филм и еден од првите кој говори за американската војна во Виетнам, преку животите на тројца пријатели.
Покрај Оскарот за најдобар филм, „Ловец на елени“ ги освојува статуетките и за најдобар спореден актер – Кристофер Валкен, за најдобар режисер, најдобра монтажа и за најдобар звук, покрај уште четири номинации.
Спротивно на тоа, „Портите на рајот“ од 1980 година, се прикажуваат во кино салите само една седмица. Критичката епопеја за настанувањето на САД се претвора во финансиско фијаско кое е фатално за студијата „United Artists“ кои вложуваат за тоа време вртоглава сума од 40 милиони долари во неговата речиси четиричасовна проекција.
Дури и скратен за еден час, „Портите на рајот“ останува филмски неуспех, сé до август 2012 година, кога Чимино ја открива неговата интегрална верзија која конечно пронаоѓа сопствена публика. Директорот на Венецијанскиот филмски фестивал тогаш го нарече дури „апсолутно ремек-дело“.
Чимино мораше да чека до 1985 година повторно да ја добие милоста на продуцентите, критиката и публиката со „Година на змејот“, филмот за кинеската мафија со Мики Рурки во главната улога, но тогаш азиската заедница во САД го обвинуваше за расизам.
Следеа три комерцијални неуспеси: „Сицилијанец“ (The Sicilian) од 1987 година, работен според истоимениот роман на италијанскиот писател Марио Пуцо, „Часови на очајот“ (Desperate Hours, 1990) и „Сонцоловец“ (The Sunchaser, 1996). Во 2007 година го сними „Преводот не е потребен“ епизода од францускиот серијал „Секому свој филм“ (Chacun son cinema).
Во 2001 година Франција, каде што сакаше да престојува, му го додели на Мајкл Чимино одликувањето за витез на уметноста и книжевноста, признание коишто според неговите зборови го погодило многу повеќе од другите.
Телото на оскаровецот беше пронајдено во саботата вечерта во неговиот дом во Лос Анџелес, од пријател кој дошол да разговара со него, објави New York Times, повикувајќи се на Ерик Вејсман, адвокат и пријател на Чимино. Неговата смрт прв ја објави директорот на филмскиот фестивал во Кан, Тиери Фремоз, а причината засега е непозната./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Светска премиера на „Киука – Пред летото да заврши“ во Кан – филмот е копродукција помеѓу Грција и Македонија
„Киука – Пред летото да заврши“ (Kyuka Before Summer’s End) во режија и по сценарио на Костис Харамуданис, кој е реализиран како билатерална копродукција помеѓу Грција и Северна Македонија и е поддржан од Агецијата за филм на Република Северна Македонија, својата светска премиера ќе ја има на Канскиот филмски фестивал како дел од 32. издание на програмата ACID, што ќе се одржи од 15 до 24 мај оваа година. На „Куика“ му е доверена честа да ја отвори оваа програма.
„Лист продукција“ е македонски копродуцент на дебитантскиот филм на режисерот Харамуданис со Марија Димитрова и Игор Иванов како копродуценти, а Херетик од Грција е главен продуцент со Данае Спатхара, Јоргос Карнавас и Константинос Контовракиси како продуценти.
„Киука – Пред летото да заврши“ е приказна за едно трочлено семејство, кое како и секое лето, плови со својата едрилица до островот Порос, каде што таткото Бабис и децата Константинос и Елса, кои се веќе на прагот пред полнолетството, го минуваат годишниот одмор. Додека пливаат, се сончаат и создаваат нови пријателства на островот, децата случајно ја запознаваат Ана, жената што ги родила и ги напуштила уште во најраното детство, со што ќе почне едно горко-слатко патешествие на созревање под летното сонце, а долгогодишната огорченост на Бабис избива на површина.
Програмата на ACID (Association for the Distribution of Independent Cinema – Асоцијација за дистрибуција на независен филм) на Канскиот филмски фестивал е креирана во 1993 година и прикажува 9 долгометражни филма, фикција и документарци. Овие филмови се избираат од стотиците пристигнати филмови од цел свет од страна на петнаесетина филмаџии, членови на асоцијацијата.
Снимањето на филмот се одвиваше во октомври 2022 година во Атина и на островот Порос, а постпродукцијата се работеше на релација Атина – Скопје.
Главните улоги во филмот ги играат Симеон Цакирис, Елса Лекаку, Константинос Георгопулос, Афродита Капокаки и Елена Топалиду.
Македонската екипа во овој филм ја сочинуваат Михаил Димитров, Игор Поповски и студиата за постподукција „Аудио хаус“ и „Слобода филм“.
Филм
Утре се отвора четвртиот Фестивал на грчки филм
Утре, на 7 април 2024 година, во 20 часот, во Кинотеката на Северна Македонија (Никола Русински 1, Скопје 1000) ќе биде отворено четвртото издание на Фестивалот на грчки филм. На отворањето ќе биде прикажан кусометражниот филм „Тишината на рибата кога умира“ на Василис Кекатос (2019, 19′), а потоа долгометражниот филм „Не би сакал да сум непристоен, но треба сериозно да разговараме“ на Јоргос Георгопулос (2019, 99′).
Ова се две црни комедии во кои што идејата за смртта се прикажува со доза на хумор. Филмот „Тишината на рибата кога умира“ учествуваше на некои од најважните фестивали како Sundance, а Василис Кекатос е еден од најважните претставници на кусометражните филмови со многу награди, вклучително и Златна палма во Кан.
Фестивалот е во ко-организација на Амбасадата на Грција во Скопје и Меѓународниот филмски фестивал Киненова спонзориран од фирмите Armos Balkan и Mermeren.
Влезот е бесплатен.
Култура
Во февруари 50-годишен јубилеј на Кинотека: Старите вредности во нови контексти
Пред 5 децении е формирана македонската кинотека. Честитки за сето она што досега го направила оваа значајна културна установа. Една од основните дејности на филмскава институција е да го прикаже сето она што го има, и ново и старо; ова второто во нови контексти и изданија. Тоа ќе биде карактеристика на програмата на најкусиот месев во годината – февруари. Календарски, ќе трае 29 дена. Ете можност да се види сето она што кинотеката го подготвила за февруарските денови.
Ќе се стартува со премиерна проекција. Со филм кој има наслов СЛОБОДА. Тоа е краткометражен филм во омнибус формат, чијшто автор е филмскиот критичар Златко Ѓелески. Веднаш потоа враќање децении наназад. Ќе бидат проектирани неколку архивски филмски записи од 1912 до 1952. Тоа се дел од новопримените кино-материјали што кинотеката ги прибра во текот на изминатата година.
Кинотека се решила, враќајќи се децении наназад, да потсети на филмовите создадени во 40-тите, 50-тите, 60-тите, 80-тите, 90-тите и 2000-тите. Режисерите се од различни земји – Италија, Франција, Германија, Шведска, САД. Ставени се во различни контексти, во нови програми. Всушност, станува збор за циклуси на Великаните на фестивалот на филмската камера БРАЌА МАНАКИ и пократок цилкус филмови на францускиот режисер на т.н. француски нов бран Луј Мал.
Во исклучително богатата кинотечна понуда се и неколку филмови на чехословачкиот режисер, оскаровецот Јан Кадар.
Она што е многу интересно, многу потребно за да се знае и запамети, се петте документарни македонски филмови со етнолошка содржина. Во нив е забележана традицијата, обработени се народни и религиозни обичаи од средината на 20-тиот век. Во четири од нив Вера Кличкова, пионерот на етнолошкиот филм кај нас, е сценарист, режисер или консултант.
Филмофилите ќе бидат почестени да го видат сигурно еден од најозборуваните лански филмови – НАПОЛЕОН на Ридли Скот. Во различните оценки за филмот доминираат, што е сосема разбирливо, Англичаните и Французите. Едните го фалат, другите го кудат. Критиките за најновата продукција на Скот се поделени, но не смее да се изостави фактот дека, и покрај одредени пропусти, станува збор за прецизно сработен биопик. Дело кое функционира на неколку нивоа – како биографска сторија, историска рекреација, но и омаж кон еден од омилените филмови на Ридли Скот – Бари Линдон од 1975, по сценарио и режија на Стенли Кјубрик.
Уште една филмска творба којашто предизвика интерес и претежно позитивни рецензии – УБИЈЦИ НА ЦВЕТНАТА МЕСЕЧИНА на Мартин Скорсезе– ќе биде проектирана во кино салата на Кинотека месецов.
Во финалето на месецов, ќе погледнеме два филма со музичка содржина. Познатиот ТОМИ, рок операта на Кен Расел, ќе биде прикажана на оригинална 35 милиметарска лента. Новитетот е музичкиот документарец за екс ју панк легендите Панкрти. Специјален гостин на кинотеката тие денови ќе биде фронтменот на групата, Перо Ловшин.
Февруари е можеби календарски пократок месец , но затоа ќе биде исполнет со исклучително богата кино-програма.