Филм
Се снима нова серија за деца „Вистински приказни“
Во тек е снимањето на новата играна серија за деца во 20 продолженија „Вистински приказни“ според сценарио и режија на Кузман Кузмановски. Серијата ќе се снима во период од 2,5 месеци на повеќе локации низ Македонија и во студијата на МТВ. Овој проект е ко-продукција на Аурипигмент и Македонска телевизија, а во соработка со филмското училиште „Тинтири Минтири“.
Главната актерската екипа ја сочинуваат група деца од 6 до 15 години, како и актерите Александра Павлова, Илија Илиоски, Ванчо Петрушевски, Владо Дојчиновски и многу други.Приказната е за група деца кои на еден таван пронаоѓаат стара, но вредна книга. Поучните вистински приказни се содржина на оваа книга, а се инспирирани од богатата вековна македонска традиција.„Овој проект произлегува и е наменет за деца. Нескромно ќе кажам дека работиме со одлична актерска екипа од деца што секојдневно ме изненадува со својот ентузијазам и талент. Уверен сум дека правиме вистинска работа за гледачите. Сакаме да ги научиме и потсетиме децата и родителите на малку подзаборавените семејни вредности кои се помалку наоѓаат место во воспитувањето заради динамичниот начин на живот и разни други причини. Целта не ни е да критикуваме, туку да афирмираме. Афирмираме здрав начин на живот, почит, љубов, соработка, другарство. Да се потсетиме што е најважно во животот. Да си повториме дека добрината стократно се исплатува, доколку не очекуваш ништо за возврат. Ова воедно се премиси на повеќеијладагодишната македонска традиција од која црпиме инспирација во сите сфери на животот, па и во оваа серија“, вели Кузман Кузмановски, автор на проектот. Во проектот учествуваат 80-тина деца членови на филмското училиште „Тинтири Минтири“, кои за актерскиот предизвик во „Вистински приказни“ се подготвуваат цела година.Тимот за продукција на оваа серија го сочинуваат Кузман Кузмановски како сценарист и режисер, Калина Кузмановска како продуцент, Кирил Шентевски како директор на фотографија, Тања Рибарска како монтажер и други./крај/со/бб
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Светска премиера на „Киука – Пред летото да заврши“ во Кан – филмот е копродукција помеѓу Грција и Македонија
„Киука – Пред летото да заврши“ (Kyuka Before Summer’s End) во режија и по сценарио на Костис Харамуданис, кој е реализиран како билатерална копродукција помеѓу Грција и Северна Македонија и е поддржан од Агецијата за филм на Република Северна Македонија, својата светска премиера ќе ја има на Канскиот филмски фестивал како дел од 32. издание на програмата ACID, што ќе се одржи од 15 до 24 мај оваа година. На „Куика“ му е доверена честа да ја отвори оваа програма.
„Лист продукција“ е македонски копродуцент на дебитантскиот филм на режисерот Харамуданис со Марија Димитрова и Игор Иванов како копродуценти, а Херетик од Грција е главен продуцент со Данае Спатхара, Јоргос Карнавас и Константинос Контовракиси како продуценти.
„Киука – Пред летото да заврши“ е приказна за едно трочлено семејство, кое како и секое лето, плови со својата едрилица до островот Порос, каде што таткото Бабис и децата Константинос и Елса, кои се веќе на прагот пред полнолетството, го минуваат годишниот одмор. Додека пливаат, се сончаат и создаваат нови пријателства на островот, децата случајно ја запознаваат Ана, жената што ги родила и ги напуштила уште во најраното детство, со што ќе почне едно горко-слатко патешествие на созревање под летното сонце, а долгогодишната огорченост на Бабис избива на површина.
Програмата на ACID (Association for the Distribution of Independent Cinema – Асоцијација за дистрибуција на независен филм) на Канскиот филмски фестивал е креирана во 1993 година и прикажува 9 долгометражни филма, фикција и документарци. Овие филмови се избираат од стотиците пристигнати филмови од цел свет од страна на петнаесетина филмаџии, членови на асоцијацијата.
Снимањето на филмот се одвиваше во октомври 2022 година во Атина и на островот Порос, а постпродукцијата се работеше на релација Атина – Скопје.
Главните улоги во филмот ги играат Симеон Цакирис, Елса Лекаку, Константинос Георгопулос, Афродита Капокаки и Елена Топалиду.
Македонската екипа во овој филм ја сочинуваат Михаил Димитров, Игор Поповски и студиата за постподукција „Аудио хаус“ и „Слобода филм“.
Филм
Утре се отвора четвртиот Фестивал на грчки филм
Утре, на 7 април 2024 година, во 20 часот, во Кинотеката на Северна Македонија (Никола Русински 1, Скопје 1000) ќе биде отворено четвртото издание на Фестивалот на грчки филм. На отворањето ќе биде прикажан кусометражниот филм „Тишината на рибата кога умира“ на Василис Кекатос (2019, 19′), а потоа долгометражниот филм „Не би сакал да сум непристоен, но треба сериозно да разговараме“ на Јоргос Георгопулос (2019, 99′).
Ова се две црни комедии во кои што идејата за смртта се прикажува со доза на хумор. Филмот „Тишината на рибата кога умира“ учествуваше на некои од најважните фестивали како Sundance, а Василис Кекатос е еден од најважните претставници на кусометражните филмови со многу награди, вклучително и Златна палма во Кан.
Фестивалот е во ко-организација на Амбасадата на Грција во Скопје и Меѓународниот филмски фестивал Киненова спонзориран од фирмите Armos Balkan и Mermeren.
Влезот е бесплатен.
Култура
Во февруари 50-годишен јубилеј на Кинотека: Старите вредности во нови контексти
Пред 5 децении е формирана македонската кинотека. Честитки за сето она што досега го направила оваа значајна културна установа. Една од основните дејности на филмскава институција е да го прикаже сето она што го има, и ново и старо; ова второто во нови контексти и изданија. Тоа ќе биде карактеристика на програмата на најкусиот месев во годината – февруари. Календарски, ќе трае 29 дена. Ете можност да се види сето она што кинотеката го подготвила за февруарските денови.
Ќе се стартува со премиерна проекција. Со филм кој има наслов СЛОБОДА. Тоа е краткометражен филм во омнибус формат, чијшто автор е филмскиот критичар Златко Ѓелески. Веднаш потоа враќање децении наназад. Ќе бидат проектирани неколку архивски филмски записи од 1912 до 1952. Тоа се дел од новопримените кино-материјали што кинотеката ги прибра во текот на изминатата година.
Кинотека се решила, враќајќи се децении наназад, да потсети на филмовите создадени во 40-тите, 50-тите, 60-тите, 80-тите, 90-тите и 2000-тите. Режисерите се од различни земји – Италија, Франција, Германија, Шведска, САД. Ставени се во различни контексти, во нови програми. Всушност, станува збор за циклуси на Великаните на фестивалот на филмската камера БРАЌА МАНАКИ и пократок цилкус филмови на францускиот режисер на т.н. француски нов бран Луј Мал.
Во исклучително богатата кинотечна понуда се и неколку филмови на чехословачкиот режисер, оскаровецот Јан Кадар.
Она што е многу интересно, многу потребно за да се знае и запамети, се петте документарни македонски филмови со етнолошка содржина. Во нив е забележана традицијата, обработени се народни и религиозни обичаи од средината на 20-тиот век. Во четири од нив Вера Кличкова, пионерот на етнолошкиот филм кај нас, е сценарист, режисер или консултант.
Филмофилите ќе бидат почестени да го видат сигурно еден од најозборуваните лански филмови – НАПОЛЕОН на Ридли Скот. Во различните оценки за филмот доминираат, што е сосема разбирливо, Англичаните и Французите. Едните го фалат, другите го кудат. Критиките за најновата продукција на Скот се поделени, но не смее да се изостави фактот дека, и покрај одредени пропусти, станува збор за прецизно сработен биопик. Дело кое функционира на неколку нивоа – како биографска сторија, историска рекреација, но и омаж кон еден од омилените филмови на Ридли Скот – Бари Линдон од 1975, по сценарио и режија на Стенли Кјубрик.
Уште една филмска творба којашто предизвика интерес и претежно позитивни рецензии – УБИЈЦИ НА ЦВЕТНАТА МЕСЕЧИНА на Мартин Скорсезе– ќе биде проектирана во кино салата на Кинотека месецов.
Во финалето на месецов, ќе погледнеме два филма со музичка содржина. Познатиот ТОМИ, рок операта на Кен Расел, ќе биде прикажана на оригинална 35 милиметарска лента. Новитетот е музичкиот документарец за екс ју панк легендите Панкрти. Специјален гостин на кинотеката тие денови ќе биде фронтменот на групата, Перо Ловшин.
Февруари е можеби календарски пократок месец , но затоа ќе биде исполнет со исклучително богата кино-програма.