Филм
Во Рим почина комичарот Бад Спенсер
Познатиот италијански комичар, филмски продуцент и спортист, повеќекратен шампион на Италија во пливање Карло Педерсоли, познат на пошироката јавност и повозрасните генерации како Бад Спенсер, почина во понеделникот вечерта во Рим во 87-та година од животот.
Италијанските медиуми ја објавија веста за смртта на актерот со насловите „нежниот гигант на филмот“ и „херојот на шпагети вестернот“. Се наведува една од неговите неодамнешни изјави во медиумите дадена со чувство на горчина дека „јас и Теренс Хил едноставно во Италија не постоиме и покрај големата популарност што и денес ја имаме кај децата и младите никогаш не сме биле наградени, па дури и поканети на некој фестивал“. Иако има играно во повеќе „сериозни“ филмови на познати домашни режисери, велеше дека го сметаат како случајно да влегол во светот на филмот.
Последен пат Бад Спенсер за појави на телевизија во 2010 година на Canal 5, и кога минатата година градоначалникот на неговиот роден Неапол му ги врачи медалот и плакетата на градот за неговата долгогодишна кариера.
„Татко ми почина спокојно, не патеше, сите бевме со негово тој момент. Неговите последни зборови беа ’благодарам’“, изјави за италијанските медиуми најстариот син на актерот Џузепе Педерсоли.
Идниот актер се родил на 31-ви октомври 1929 година во Неапол. Уште од најраното детство се занимавал со пливање, но титулите ги освојува подоцна. Карло Педерсоли сакал да го продолжи високото образование на хемискиот факултет на универзитетот во Рим, но во тоа го попречува селењето на семејството во Латинска Америка.
Во татковината се враќа во 1948 година, и во Рим се запишува на правниот факултет. Продолжува активно да се занимава со спортот и набрзо станува шампион на Италија во краул и во слободен стил.
Карло е првиот Италијанец кој испливал под една минута 100 метри. Седум години по ред е италијански првак, учесник е на Олимписките игри во 1952 година во Хелсинки, во 1956 во Мелбурн и 1960 година во Рим.
Токму постојано тренирајќи во базенот Карло Педерсоли се запознава со својот иден постојан партнер во филмовите Марио Џироти, кој подоцна станува славен под псевдонимот Теренс Хил.
Кариерата на големото платно Педерсоли ја започнува во 1951 година, кога се појавува во мала улога на римски легионер во филмот на американскиот режисер Мервин Лерој „Quo Vadis“. Во1964 година Карло отвора свое мало студио, за кое снима неколку документарни филмови за животните за италијанската државна телевизија RAI.
Веќе во 1967 година конечно успева да настапи во сериозен филм, во жанрот вестерн – „Бог проштева, јас не!“.Тогаш на снимањето повторно го среќава Џироти, кој само што одлучил да го земе уметничкото име. Наскоро и Педерсоли станува Бад Спенер, земајќи го дел од името на неговиот омилен актер Трејси Спенсер.
Кон крајот на 1960-те во кината станува особено популарен жанрот кој подоцна е нарекуван „шпагети вестерн“. Во овој жанр Бад Спенсер и Теренс Хил снимаат дури 18 филмови, доловувајќи во нив специфична атмосфера на забава, комедија со многу тепачки и акробации. Токму поради тие филмови двајцата актери станаа омилени кај милиони гледачи ширум светот.
Веќе во зрелата возраст Бад Спенсер реши да влезе во политиката, а во 2005 година учествуваше на регионалните избори во областа Лацио на италијанската престолнина, како кандидат на сега поранешниот премиер Силвио Берлускони. Сепак на познатиот актер во политиката „не му тргна“, а во 2013 година активно ја поддржуваше својата ќерка Кристина на локалните избори во Рим.
Во текот на целиот свој живот тој пројавуваше и љубов кон музиката, а во 1970-те години го привлекуваше и пилотирањето со хеликоптери. Во 2010 година ја објави биографската книга./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Светска премиера на „Киука – Пред летото да заврши“ во Кан – филмот е копродукција помеѓу Грција и Македонија
„Киука – Пред летото да заврши“ (Kyuka Before Summer’s End) во режија и по сценарио на Костис Харамуданис, кој е реализиран како билатерална копродукција помеѓу Грција и Северна Македонија и е поддржан од Агецијата за филм на Република Северна Македонија, својата светска премиера ќе ја има на Канскиот филмски фестивал како дел од 32. издание на програмата ACID, што ќе се одржи од 15 до 24 мај оваа година. На „Куика“ му е доверена честа да ја отвори оваа програма.
„Лист продукција“ е македонски копродуцент на дебитантскиот филм на режисерот Харамуданис со Марија Димитрова и Игор Иванов како копродуценти, а Херетик од Грција е главен продуцент со Данае Спатхара, Јоргос Карнавас и Константинос Контовракиси како продуценти.
„Киука – Пред летото да заврши“ е приказна за едно трочлено семејство, кое како и секое лето, плови со својата едрилица до островот Порос, каде што таткото Бабис и децата Константинос и Елса, кои се веќе на прагот пред полнолетството, го минуваат годишниот одмор. Додека пливаат, се сончаат и создаваат нови пријателства на островот, децата случајно ја запознаваат Ана, жената што ги родила и ги напуштила уште во најраното детство, со што ќе почне едно горко-слатко патешествие на созревање под летното сонце, а долгогодишната огорченост на Бабис избива на површина.
Програмата на ACID (Association for the Distribution of Independent Cinema – Асоцијација за дистрибуција на независен филм) на Канскиот филмски фестивал е креирана во 1993 година и прикажува 9 долгометражни филма, фикција и документарци. Овие филмови се избираат од стотиците пристигнати филмови од цел свет од страна на петнаесетина филмаџии, членови на асоцијацијата.
Снимањето на филмот се одвиваше во октомври 2022 година во Атина и на островот Порос, а постпродукцијата се работеше на релација Атина – Скопје.
Главните улоги во филмот ги играат Симеон Цакирис, Елса Лекаку, Константинос Георгопулос, Афродита Капокаки и Елена Топалиду.
Македонската екипа во овој филм ја сочинуваат Михаил Димитров, Игор Поповски и студиата за постподукција „Аудио хаус“ и „Слобода филм“.
Филм
Утре се отвора четвртиот Фестивал на грчки филм
Утре, на 7 април 2024 година, во 20 часот, во Кинотеката на Северна Македонија (Никола Русински 1, Скопје 1000) ќе биде отворено четвртото издание на Фестивалот на грчки филм. На отворањето ќе биде прикажан кусометражниот филм „Тишината на рибата кога умира“ на Василис Кекатос (2019, 19′), а потоа долгометражниот филм „Не би сакал да сум непристоен, но треба сериозно да разговараме“ на Јоргос Георгопулос (2019, 99′).
Ова се две црни комедии во кои што идејата за смртта се прикажува со доза на хумор. Филмот „Тишината на рибата кога умира“ учествуваше на некои од најважните фестивали како Sundance, а Василис Кекатос е еден од најважните претставници на кусометражните филмови со многу награди, вклучително и Златна палма во Кан.
Фестивалот е во ко-организација на Амбасадата на Грција во Скопје и Меѓународниот филмски фестивал Киненова спонзориран од фирмите Armos Balkan и Mermeren.
Влезот е бесплатен.
Култура
Во февруари 50-годишен јубилеј на Кинотека: Старите вредности во нови контексти
Пред 5 децении е формирана македонската кинотека. Честитки за сето она што досега го направила оваа значајна културна установа. Една од основните дејности на филмскава институција е да го прикаже сето она што го има, и ново и старо; ова второто во нови контексти и изданија. Тоа ќе биде карактеристика на програмата на најкусиот месев во годината – февруари. Календарски, ќе трае 29 дена. Ете можност да се види сето она што кинотеката го подготвила за февруарските денови.
Ќе се стартува со премиерна проекција. Со филм кој има наслов СЛОБОДА. Тоа е краткометражен филм во омнибус формат, чијшто автор е филмскиот критичар Златко Ѓелески. Веднаш потоа враќање децении наназад. Ќе бидат проектирани неколку архивски филмски записи од 1912 до 1952. Тоа се дел од новопримените кино-материјали што кинотеката ги прибра во текот на изминатата година.
Кинотека се решила, враќајќи се децении наназад, да потсети на филмовите создадени во 40-тите, 50-тите, 60-тите, 80-тите, 90-тите и 2000-тите. Режисерите се од различни земји – Италија, Франција, Германија, Шведска, САД. Ставени се во различни контексти, во нови програми. Всушност, станува збор за циклуси на Великаните на фестивалот на филмската камера БРАЌА МАНАКИ и пократок цилкус филмови на францускиот режисер на т.н. француски нов бран Луј Мал.
Во исклучително богатата кинотечна понуда се и неколку филмови на чехословачкиот режисер, оскаровецот Јан Кадар.
Она што е многу интересно, многу потребно за да се знае и запамети, се петте документарни македонски филмови со етнолошка содржина. Во нив е забележана традицијата, обработени се народни и религиозни обичаи од средината на 20-тиот век. Во четири од нив Вера Кличкова, пионерот на етнолошкиот филм кај нас, е сценарист, режисер или консултант.
Филмофилите ќе бидат почестени да го видат сигурно еден од најозборуваните лански филмови – НАПОЛЕОН на Ридли Скот. Во различните оценки за филмот доминираат, што е сосема разбирливо, Англичаните и Французите. Едните го фалат, другите го кудат. Критиките за најновата продукција на Скот се поделени, но не смее да се изостави фактот дека, и покрај одредени пропусти, станува збор за прецизно сработен биопик. Дело кое функционира на неколку нивоа – како биографска сторија, историска рекреација, но и омаж кон еден од омилените филмови на Ридли Скот – Бари Линдон од 1975, по сценарио и режија на Стенли Кјубрик.
Уште една филмска творба којашто предизвика интерес и претежно позитивни рецензии – УБИЈЦИ НА ЦВЕТНАТА МЕСЕЧИНА на Мартин Скорсезе– ќе биде проектирана во кино салата на Кинотека месецов.
Во финалето на месецов, ќе погледнеме два филма со музичка содржина. Познатиот ТОМИ, рок операта на Кен Расел, ќе биде прикажана на оригинална 35 милиметарска лента. Новитетот е музичкиот документарец за екс ју панк легендите Панкрти. Специјален гостин на кинотеката тие денови ќе биде фронтменот на групата, Перо Ловшин.
Февруари е можеби календарски пократок месец , но затоа ќе биде исполнет со исклучително богата кино-програма.