Изложби
Изложба „Егзит 2017 – Поврзување на континентот“ на јужнокорејската уметничка група Егзит

Изложбата „Егзит 2017 – Поврзување на континентот“ на уметничката група Егзит од Јужна Кореја, ќе биде отворена во понеделник во Домот на култура „Иван Мазов-Климе“, Кавадарци.
На изложбата ќе бидат претставени дела од следните автори: Гиљце Цонг, Донграк Сон, Иксонг Џин, Инсук Риу, Јунтек Са, Кјусан Ли, Лој Ким, Миџонг Ли, Сангу Хан, Санјонг Ли, Чанглим Ли и Џијан Мун.
Делата од овие автори, македонската публика имаше можност да ги види во текот на август 2016 во Националната галерија на Македонија, во објектот Мала станица, заедно со делата на повеќе македонски автори, кои беа дел од изложбата …„Патување“.
„Едно од клучните филозофски прашања, прашањето за постоењето, ги проткајува делата на членовите на групата Егзит. Авторите зборуваат за теми поврзани со домот, семејството, патувањата, животната средина, меѓучовечките односи, детството, желбите, соништата, сето она што ги опкружува, го обликува нивниот поглед и ги тера на размислување. Делата се работени во различни техники, како слика, графика, цртеж, дигитален принт, скулптура, инсталација и т.н., а она што ги прави визуелно впечатливи е истакнатиот црно-бел контраст или несекојдневно живиот колорит како и специфичните материјали од кои се изработени. “ – Маја Кировска
Организатор на изложбата е уметницата Маја Кировска,која живее и работи во Скопје, во соработка со Домот на култура „Иван Мазов-Климе“, Кавадарци.
Изложби на групата Егзит:
2016 – „Патување“, Национална галерија на Македонија – објект Мала станица, Скопје, Македонија
2016 – „Поврзување на континентот“, Gallery MC, Њујорк, САД
2015 – “Soyoyu”, Национален културен центар на Чунгбук, Ченгџу, Кореја
2015 – “Soyoyu”, Gallery MC, Њујорк, САД
2014 – „Еуритмија“, Национален културен центар на Чунгбук, Ченгџу, Кореја
2014 – „Тропајќи на излезот од Њујорк“, Gallery MC, Њујорк, САД
2013 – „Излез кон друго место“, Gallery MC, New York, NY
2012 – „Егзит – Друг излез“, Deacheong ho Museum, Ченгџу, Кореја
2011 – “EXIT-2011”, UMIN Art Center, Ченгџу, Кореја
2010 – „Егзит – Луда чувствителност“, Разиденција на гувернерот на Чунгбук, Ченгџу, Кореја
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Условите за користење.

Изложби
Mеѓународна изложба „Сè што ни е заедничко“ во Музејот на современата уметност

Во Музејот на современата уметност – Скопје, в среда (18 април), ќе биде отворена меѓународната изложба со наслов „Сè што ни е заедничко“.
Изложбата ја адресира несигурноста во контекст на разни социјални, политички и културни амбиенти, поврзани со ранливоста и егзинстенцијалната непредвидливост. Во состојби на нестабилност одредени популации и групи страдаат или се обесправени во своите општествени констелации и стануваат изложени на симболични и материјални насилства што резултираат со конфликти, транзиции, ограничувања и злоупотреби на трудот, миграции и егзодуси, родови нееднаквости и неправди. Доколку општата несигурност го означува она што сите ние го споделуваме, но исто така она што нè разликува и нè одвојува од останатите, дали можеме да пронајдеме практики што се насочени кон заедничко добро или да изградиме наша заедничка акција? Следствено, се поставува прашањето за можноста овие дисперзирани неспокојни субјективитети да дејствуваат заеднички.
Изборот на осумнаесет уметници нè запознава со дела што даваат увид во ситуации на разни несигурни и расцепкани историски контексти посочувајќи на можноста да се инволвираат во сегашноста барајќи од нас ангажирано да ги преиспитаме сопствените знаења, искуства и ставови. Проблемите на кои тие се осврнуваат се трагични, тие се состојби на политичка манипулираност, на социјална потиштеност и исклученост, на културна потчинетост и зависност од низа одлучувачки фактори што сведочат за секојдневното неспокојство.
Куратори на изложбата, која ќе биде свечено отворена во 20 часот, се Мира Гаќина и Јованка Попова.
Изложби
Предавање со прошетка низ изложбата на Борко Лазески во Даутпашиниот амам

Во просториите на Националната галерија на Македонија, објект Даутпашин амам, утре (3 април), со почеток во 19 часот, ќе се одржи предавање со прошетка низ изложбата „Борко Лазески – 100 години од раѓањето“ со историчарот на уметност, Кирил Пенушлиски. На предавањето публиката ќе може директно да се запознае поблиску со делото и творештвото на големиот Борко Лазески и во интеракција со доктор Пенушлиски да дознае нешто повеќе за овој великан на македонската уметност.
Изложбата „Борко Лазески 1917-1993“, на која се претставени шеесетина дела од речиси сите творечки фази на авторот, беше поставена во рамките на програмските активности на Националната галерија на Македонија за одбележување еден век од раѓањето на најпознатиот македонски монументалист и втемелувач на витражот во Македонија. Изложбата содржи оригинални дела од помал формат и фотографии од монументите на Лазески, како и досега реставрираните скици од неговата „Фреска за НОБ“, која до земјотресот во 1963 стоела во холот на старата железничка станица во Скопје.
Како што истакнуваат од Националната галерија на Македонија, изложбата предизвикала огромен интерес кај нашата публика, но и кај претставници на дипломатскиот кор во Република Македонија и пошироко во регионот, кои, како што се вели во соопштението од оваа институција, веднаш го препознале значењето на овој македонски уметник кој се образувал и творел во ателјето на големиот Андре Лот.
Воедно, кураторот на изложбата на Лазески, Маја Чанкуловска-Михајловска, информира дека таа ќе може да се види уште неколку дена, односно до 5 април годинава.
Изложби
Изложба „Моќта на актерот“ за 73-годишнината од постоењето на МНТ

По повод 73 годишнината од постоењето на Македонски народен театар, на 3 април, вторник, во 12 часот, во фоајето на театарот, ќе биде отворена изложбата „Моќта на актерот“.
Изложбата е посветена на актерите кои ги имало во разни претстави, на оние актери на кои најбројни им се т.н. епизодни ликови, без кои не може речиси ниту една претстава. На оние кои многу посветено и дисциплинирано го направиле секој лик свој, му ја дале својата душа.
Поместени се оригинални фотографии на повеќе од триесет актери кои работеле од првата сезона на МНТ, далечната 1945/46 година, па сè до почетокот на овој век. Тоа се: Вера Вучкова – Жежељ, Добрила Пуцкова, Добрила Чабриќ – Ивановска, Тома Киров, Кирил Ќортошев, Цветанка Јакимовска, Ратко Гавриловиќ, Драга Арсенска – Велможин, Драги Крстевски, Стојка Цекова, Борис Стефановски, Драги Костовски, Пантелеј Мирковски, Таше Кочовски, Кирил Попов, Вукан Диневски, Чедо Камџијаш, Анче Џамбазова, Димитар Костов, Кирил Андоновски, Душко Костовски, Владимир Светиев, Александар Џуровски, Кирил Псалтиров, Мирче Доневски, Кирил Коруновски, Александар Шехтански и Гоце Влахов.
На повеќе од 120 фотографии, велат од МНТ, се гледа трајниот печат што тие го оставија врз историјата на театарот.
Изложбата ќе биде отворена за јавноста во текот на месец април.
- Македонија1 месец
(Видео) Фатиме Фетаи направи пародија со коментарите дека излегувала во дискотека
- Daily news1 месец
(Фото) Селфи со Путин предизвика внимание во јавноста
- Култура1 месец
Александар ќе го нема ни на филм
- Investigative story1 месец
(Видео) Патарини: Една пресметка за пратениците, друга за граѓаните
- Daily news1 месец
(Видео) Последна битка за планинарскиот дом Матка, црквата го презема со извршители, планинарите го бараат на суд
- Daily news1 месец
Заев: Можеме да им купиме возила и да им обезбедиме станови на пратениците во Скопје
- Македонија1 месец
Изјавата на Заев за отворање на грчкиот Устав – провокација за грчките медиуми
- Daily news1 месец
Учениците в година нема да учат по програмата „Кембриџ“