Култура
Изложба „Етнографија во делата од колекцијата на Националната галерија“ во Чифте амам
Вечерва во 19 часо во Чифте амам ќе биде отворена изложбата „Етнографија во делата од колекцијата на Националната галерија“. Изложбата е поддржана од Министерството за култура и туризам за 2026 година.
„Оваа изложба е проект која претставува своевидна синергија помеѓу етнологијата и ликовната уметност толкувајќи ги и разработувајќи ги етнографските елементи во овие уметнички дела создадeни кон крајот на 19 и првата половина на 20 век. 52 дела од колекцијата на галеријата ќе бидат изложени, дел од нив не многу познати и изложувани пред пошироката јавност. Во импозантниот Чифте амам, публиката ќе може да проследи дела од истакнати македонски и балкански автори кои твореле инспирирани од животот во Македонија во едни други поразлични времиња. Самиот објект дава една друга димензија, делата да ги почувствувате во автентична атмосфера и да ви доближи едно друго време“, се вели во најавата за изложбата.
За значењето на македонската култура и убавината на земјата како извор на инспирација за уметниците, Личеноски ќе истакне: „Кога одново дојдов во допир со мојот роден крај, кога возбуден застанав пред нашиов полн со бои прекрасен македонски пејзаж, кога добро и сериозно се загледав во нашето монументално средновековно ѕидно сликарство и во нашиов богат и ликовно многу интересен фолклор, тогаш мојот уметнички свет стана Македонија… “
„ „Етнографија во делата од колекцијата на Националната галерија“ претставува обид за ново читање на дел од најзначајните творби на македонската модерна уметност преку интердисциплинарна перспектива која ги поврзува историјата на уметноста и етнологијата. Во фокусот е визуелната репрезентација на традиционалната култура, нејзината трансформација во уметнички мотив и улогата во формирањето на современиот културен идентитет.
Колекцијата на Националната галерија содржи бројни дела на уметници од првите генерации на македонската модерна уметност кои во своето творештво се свртуваат кон секојдневниот живот, селската економија, архитектурата, пазарите, народните носии и етничката разновидност на општеството. Овие мотиви не се случајни, туку резултат на културниот и интелектуалниот контекст во кој се формира македонската модерна уметност во првата половина на дваесеттиот век, период во кој традицијата и фолклорот се препознаваат како клучни носители на културната меморија.
Уметниците како Лазар Личеноски, Никола Мартиноски, Димитар Пандилов и Вангел Коџоман, како дел од првата генерација академски образувани македонски сликари, создаваат специфичен визуелен јазик во кој локалната култура се претвора во уметнички израз. Нивните композиции со селски пејзажи, сцени од жетва, бачила, пазарни сцени и портрети на луѓе од различни етнички заедници не се само естетски интерпретации, туку и вредни визуелни сведоштва за традиционалниот начин на живот.
Изложбата го третира уметничкото дело како своевиден етнографски документ. Иако создадени во рамките на уметничкиот дискурс, овие дела содржат информации за материјалната култура – архитектурата на старите македонски градови и села, типологијата на народните носии, алатките на земјоделската работа, како и ритуалите и обичаите поврзани со традиционалниот календар. Преку внимателно набљудување на овие детали, уметничките композиции можат да се читаат како визуелни архиви на културното наследство…“
Александар Ристевски, кустос етнолог
„Во рамките на изложбата се презентирани селектирани дела од повеќе автори од колекцијата на Националната галерија на Македонија, кои тематски ги обработуваат етнографските елементи. Анализата на нивните стилски карактеристики открива изразен диверзитет во творечкиот израз, кој се манифестира преку присуството на повеќе уметнички правци и стилски ориентации. Хронолошки, делата датираат од крајот на XIX до средината на XX век. Во таа смисла, изложбата опфаќа творби како од Димитар Андонов – Папрадишки, Ѓорѓи Јаков Зографски, Лазар Личеноски и Никола Мартиноски, така и од низа други уметници кои оставиле траен белег во македонската историја на уметност…“
М-р Владимир Таневски, кустос
Автор на проектот „Етнoграфија во делата од колекцијата на Националната галерија“ е Александар Ристевски, кустос-етнолог, а соработник м-р Владимир Таневски, кустос-историчар на уметност во Одделението за депо и документација, во Националната галерија на Република Северна Македонија.
Изложбата „Етнографија во делата од колекцијата на Националната галерија“ ќе биде поставена до 3 мај 2026 година.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Хорот „Драган Шуплевски“ при ФМУ – Скопје настапи на еден од најголемите универзитетски фестивали во Европа
Хорот „Драган Шуплевски“ при ФМУ – Скопје, под раководство на маестро проф. м-р Сашо Татарчевски, настапи на еден од најголемите универзитетски фестивали во Европа.
Universitas Cantat е фестивал со долга традиција и форум на најквалитетните универзитетски хорски ансамбли од светот. Хорот „Драган Шуплевски“ по третпат ја доби поканата за учество, што, како што велат, само по себе е извонредно признание.

Концертите на хорот „Драган Шуплевски“, овој пат во формација на женски хор, поминаа со огромна посетеност и интерес. Првиот концерт се одржа во градот Калиш, во прекрасната катедрала „Св. Никола“.
„После концертот, свештеникот кој ја раководи катедралата организираше прием за хорот, при што имавме чест да видиме голема фреска на која се претставени патроните на нашиот Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, светите браќа Кирил и Методиј“, соопштија од хорот.
Вториот концерт се одржа во впечатливата концертна сала на универзитетот „Адам Мицкјевич“ во Познањ, пред бројна публика, која не штедеше аплаузи после изведбата на секоја од композициите. За овој концерт маестро Татарчевски избра програма со композиции од македонските бардови на хорското творештво: Тодор Скаловски, Трајко Прокопиев, Драган Шуплевски, Кирил Македонски и Александар Лековски.

Посебно впечатливи и позитивни беа бурните реакции на останатите учесници на фестивалот, ансамбли од САД, Германија, Унгарија и Полска кои ги продолжија аплаузот и овациите и откако нашите девојки ја напуштија сцената.
Освен самостојните концерти, студентките учествуваа и во работилници како и во заедничката подготовка и изведба на композицијата On – Off од композиторот Зузана Фалковска, специјално создадена за овој настан.
„Ваквите континуирани успешни настапи на хорот ‘Драган Шуплевски’ значат голема афирмација за Факултетот за музичка уметност, УКИМ и за државата во целина и носат покани за учество и на други еминентни музички настани. Овие настапи и претставувања на Факултетот за музичка уметност – Скопје се поддржани од Министерство за култура УКИМ и ФМУ – Скопје, а се под покровителство на претседателката на државата, Н.Е. Гордана Сиљановска – Давкова по повод 60 години ФМУ – Скопје“, се наведува во соопштението.
Култура
Владата отвора нов извор на финансирање за филмот: 3 oтсто од давачките од игрите на среќа за Агенцијата
Агенцијата за филм ја поздравува одлуката на Владата, донесена на седницата одржана на 12 мај, со која е усвоен Предлог-законот за игри на среќа и за забавните игри, кој понатаму ќе биде проследен во собраниска процедура.
„До 2015 година дел од надоместоците со кои се финансираше Агенцијата за филм вклучуваа и процент од приходите од игрите на среќа. Оваа одредба беше укината со Одлука на Уставниот суд во 2016 година, кога беа укинати член 12 став 1 алинеи 8 и 9 и член 63 став 3 од Законот за филмската дејност, што предизвика значително намалување на буџетот на Агенцијата и сериозно влијаеше врз можностите за континуирано финансирање и развој на филмската дејност.
Во 2025 година, Агенцијата за филм поднесе предлог-измени во рамки на новиот Предлог-закон за игри на среќа и за забавните игри, со барање овие надоместоци повторно да бидат вратени во законското решение“, велат од Агенцијата.
Со предложените законски измени, се предвидува Агенцијата за филм да добива 3 отсто од уплатените давачки од игрите на среќа, без ограничување на висината на средствата на годишно ниво, што претставува значаен исчекор за стабилизација и развој на филмскиот сектор.
Овие средства, како што се наведува, ќе овозможат поголема финансиска одржливост и функционалност на Агенцијата, зголемена поддршка за домашната филмска продукција, развој на нови креативни содржини, како и отворање можности за поддршка на телевизиски серии, дебитантски проекти и млади автори.
Дополнително, се предвидува поддршка за развој на проекти и сценарија, развој на кино мрежата, издаваштво од областа на филмот, како и создавање филмски содржини за деца. Ваквото решение ќе придонесе за зајакнување на македонската аудиовизуелна индустрија, нејзина поголема меѓународна конкурентност и поттикнување на културниот и економскиот развој преку филмот.
Култура
„Мадам Батерфлај“ во Националната опера и балет на 20 мај во рамките на 54. Мајски оперски вечери
Во рамките на 54.издание на престижниот меѓународен фестивал „Мајски оперски вечери“ на 20 мај со почеток во 20.00 часот, на сцената на Националната опера и балет ќе се изведе операта „Мадам Батерфлај“ од Џакомо Пучини – едно од најемотивните и најизведуваните дела на светскиот оперски репертоар. Станува збор за музичка драма со силна човечка приказна, во која љубовта, надежта и предавството се испреплетуваат во трагична судбина.
Диригент на претставата е гостинот од Грција, Мирон Михаилидис, а режијата ја потпишува Александар Текелиев (Бугарија). Сценографијата е на Живојин Трајановиќ, костимографијата ја изработи Лира Грабул, концерт-мајстор е Верица Ламбевска, а хор-мајстори се Јасмина Ѓорѓеска и Ѓургица Дашиќ.
Во насловната улога – Чо Чо Сан (Мадам Батерфлај) настапува гостинката од Италија, Доната Д’Анунцио Ломбарди, во улогата на Пинкертон – Хектор Лопез (Мексико), а во улогата на Шарплес – Енрико Маручи (Италија). Во останатите улоги настапуваат: Марика Поповиќ, Исмет Вејсели, Невен Силјановски, Јане Дунимаглоски, Соња Пендовска Мадевска, Валентина Димитриевска, Марко Димовски, Марко Гапо, Дарко Станојловски, Борко Биџовски, Филип Мирчевски, Никола Чедомировски, Шинаси Рамдан и Васко Здравков, заедно со хорот и оркестарот на Националната опера и балет.
„Мадам Батерфлај“ е опера за безусловната љубов и за кревката надеж што опстојува и покрај разочарувањето. Пучини во ова дело маестрално ги спојува западните музички традиции со ориентални мотиви, создавајќи партитура исполнета со лирска нежност и драматичен набој. Неговата посветеност на силна и трогателна приказна се чувствува во секоја музичка линија, правејќи ја оваа опера една од најемотивните во оперската литература.
