Култура
Kонцертна промоција на нов албум од „Сетстат“ во Станица 26
На 15 март, со почеток во 21 часот, во ноќниот клуб „Станица 26“ е закажана концертна промоција на 9. по ред албум „IX9“ на џез-формацијата „Сетстат“. Концертниот настап е во организација на ПМГЏЕЗ и „3Гонга“.
Дискографската куќа „ПМГЏез“, која е огранок на „ПМГ Рекордингс“, стои зад овој албум. Нивната соработка започна во 2015 година кога „ПМГ Рекордингс“ го издаде нивниот 8. албум „Се плашам од Македонци“. Соработката прерасна во заедничка визија и пријателство, која во 2018та резултираше со создавање на дискографската куќа „ПМГЏез“, специјализирана за џез-музика. Овој нивен најнов албум е 4. издание на „ПМГЏез“ како лејбл.
Во џез-формацијата „Сетстат“, кои се своевидни титани на современата македонската џез-музика, членуваат: Владан Дробицки – тромбон, Павел Дробицки -бас, Панче Бујуклиев -клавијатури, Гоце Наумов – тапани и Васко Бојаџиски – саксофон.
„Деветка“ без трошка сомнеж е досега нивниот најкомплетен и најзрел албум. Обмислена, студиозно компонирана, аранжирана и виртуозно отсвирена музика. Од болно убави музички парчиња до длабоко екпериментални импровизации. Од фуриозни панк-фанк бркотници, до грациозни емоционални мигови.
„До последен момент не знаевме како ќе звучи албумот. До овие песни дојдовме низ макотрпен процес на селекција. Снимивме точно 9 часа музика, која потоа детално ја преслушувавме и анализиравме за да можеме да продолжиме со процесот. На избраните парчиња потоа доработувавме уште 2 месеца. Оваа музика е сублимат на многу наши истражувања и експериментирања. Некако си ги избрусивме вкусовите, афинитетите и се трудевме да бидеме концизни во музичката мисла. Аранжмански погледнато, звукот го проширивме во вертикала“, вели Дробицки.
„Сетстат“ е еден од најискусните, најквалитетите и како изведувачи, еден од најподготвените бендови во земјава. Речиси 30-годишното постоење и активно музицирање на сцената ги донесе на ниво на музичари, кои внимателно се следат и од музички, но и од технички аспект. На концерт-промоцијата за нивниот 9. албум, публиката може да очекува прецизна, фуриозна и елегантна свирка, која едноставно никого не може да го остави рамнодушен. Атак на сите сетила, во час и половина колку ќе трае настапот, и тоа од група музичари кои уживаат во сопствената зрелост.
„ПМГ Рекордингс“ е водечка независна дискографска куќа во Македонија, која постои и работи од 1998 година. Од мал Do it yourself лејбл, таа во изминативе 20 години прерасна во вистински дом на македонската нова алтернативна музичка сцена и е одговорна за издавање на преку 200 носачи на звук на бендови од поновата генерација како: Беи Д Фиш, Бернајс пропаганда, Д Џон, Александар Пејовски, Мухамед Ибрахими, „ПМГ Колектив“, Роботек и многу други. Длабоката верба и сериозната потреба за постоење на домашно музичко издаваштво и полетниот ентузијазам се доволни причини да ги засили своите активности, креирајќи ограноци на куќата специјализирани за електронска и џез-музика.
Влезниците можат да се набават преку продажните мрежи на kupikartizase.com и karti.com.mk по цена од 250 денари, непосредно пред отпочнувањето на концертот на билетарница цената ќе биде 300 денари.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Марко Бањоли во Чифте амам
На 23 април во 19 часот во Националната галерија на Македонија – Чифте амам, Скопје ќе се отвори мултимедијалната изложбата „Тркало на времето“ на истакнатиот италијански уметник Марко Бањоли.
„Со оваа изложба ја објавуваме одлуката на Советот на Остен „Земја во фокус“ на Остен Биеналето Скопје 2024 да биде Италија“, велат од Остен.
Изложбата е организирана во соработка со Зеринтија, Асоцијација за современа уметност, а со поддршка на Италијанска амбасада во Скопје и Италијанскиот културен институт во Белград.
Култура
Настап на Дуња Иванова и концерт посветен на Кире Костов во изведба на Биг бендот на фестивалот „Крај Вардарот џез“
Во рамки на втората фестивалска вечер на „Крај Вардарот Џез“, утревечер на 23 април во Македонската филхармонија со почеток во 20 часот на пијано ќе настапи Дуња Иванова.
Нејзиниот концертен настап „Мирисот на липите“ ќе биде проследен со текст и нарација на Тина Иванова. Музичко-поетски проект, кој раскажува приказна за познатите урбани и скриени места на Општина Центар. Липите на улицата „Орце Николов“, панкот од гаражите на „Плочник“, дружбите во дворот на „Песталоци“, графитите на Кеј, паркот на Горан Стефановски, кафеаната „Наџак“…
Ќе бидат изведени композицијата „Свита за Скопје“ од македонската композиторка Ана Пандевска, и песната „Ние сме од Скопје“ на Мирко Попов, чиј аранжман за пијано го направи Пандевска. Получасовно патување низ симболите на Скопје, погледнати низ интимна, лична перспектива на авторите. Во музиката, како и во нарацијата, провејува нишка на носталгија, а во исто време и крик за подобро утре на градот во кој пораснавме и без чиј воздух не можеме да живееме. „Мирисот на липите“ симболично ќе прикаже, преку звук и говор, еден живот на жител од Центар. Поетскиот наратив е оригинално креиран за овој уметнички перформанс, кој промовира иновативен пристап со содржина која пак, претставува ,,жива“ материја, блиска до човечкото срце.
Минатиот месец за „ПМГ Џез“, како 44 издание, излезе албум во живо, концерт на пијано на Дуња Иванова, кој беше реализиран во рамки на музичката програмата „Крај Вардарот Сесии во Аудиокултура“, која изведе композиции од Ана Пандевска.
Веднаш потоа во 21 часот на истата сцена ќе започне долгоочекуваниот концерт на Биг Бендот со музика од Кире Костов. Концерт посветен на еден од стожерите на современата џез композиција Кире Костов, преку интерпретација на негови избрани дела во современ аранжман од страна на Биг Бендот под диригентската палка на Љупчо Мирковски. Костов е едно од најзначајните имиња во современата џез музика, чија работа опфаќа бројни ангажмани и дела, меѓу кои: солист и диригент на Танцовиот оркестар на РТВ Скопје, наградуван трубач во Југославија, претставник во Биг бендот на Европската радиодифузија, автор на околу педесетина композиции во оркестарска изведба од областа на џезот и 300 песни во популарната музика и реализатор на сите изданија на Скопскиот фестивал од 1991. Подеднакво значајна ќе биде и изведбата на селектираните дела од Костов на еден од нашите најзначајни оркестарски формации, чија историја датира од далечната 1961 година (Биг Бендот на МРТ), кој во 2013 година се возобновува и продолжува да работи во музичка формација водена од Љупчо Мирковски како диригент.
Фестивалот ќе биде заокружен на 27 април во едукативно културниот центар Лабораториум со концертен настап на „Macedonian Free Society“ и со еден од највозбудливите музички проекти „Поетроника“.
Фестивалот е поддржан од Министерство за култура на Р.С. Македонија и се реализира во соработка со Македонска филхармонија и Лабораториум. Концертот „Мирисот на липите“ се реализира со поддршка на општина Центар.
Книги
МАИ ги додели наградите за изданијата меѓу два Саеми на книга
Комисијата за доделување на наградите на Македонската асоцијација на издавачи за периодот меѓу два саема, по разгледувањето на апликациите и на примероците од книгите доставени од издавачите, на состанокот на 15.04.2024 г. донесе одлуки за доделување на наградите на МАИ меѓу двата саема во мај 2023 и април 2024 година.
Признание за најдобра едиција, при што основен критериум бил уредничкиот пристап, концептот на едицијата и унифицираниот изглед/дизајн, со 1. место наградена е едицијата „ПРОаЗА“ („Или-или“), со 2. место едицијата „Бранови“ („Антолог“) и со 3. место едицијата „Современи класици“ („Арс ламина“).
Признание за најдобар оригинален дизајн на корица добија „Не кажувам“ од Петар Андоновски, дизајнирана од Марко Трпески („Полица“), „Базирано врз речиси вистинити настани“ од Ѕвездан Георгиевски, дизајнирана од Наталија Лукомска („Бегемот“) и „Кабинет на чуда со ѕидови од огледала“ од Владимир Јанковски, дизајнирана од Марко Трпески („Антолог“).
Признание за најдобро ликовно-графички уредено издание добија „Варшава го исцртува Скопје“ од Кинга Нетман-Мултановска; автор на дизајнот: Петер Личковски („Бегемот“), „Костимот во Македонија од појавата на фотографијата до денес“ од Зорка Тодорова Младеновиќ; графичко уредување на „Арс ламина“ и „Гени, мени, сени“ од Владимир Лукаш (текст и илустрации), со графичко уредување на „Супрема“.
Признание за оригинални целосно илустрирани книги за деца (сликовници) добија „Си беше еднаш – Најубавите бајки на сите времиња“ (прир. Оливера Ќорвезироска, со илустрации на Наталија Лукомска) („Арс ламина “), „Момчето од зборови / Девојчето од ноти“ од Катерина Николовска („Чудна шума“) и „Рокчето“ од Никола Маџиров, со илустрации на Анета Илиевска („Арс ламина“).
Во категоријата најкреативно издание каде влегуваат оригинални изданија за возрасни или за деца, кои се издвојуваат по својата нестандардност, признанија добија „Момчето од зборови / Девојчето од ноти“ од Катерина Николовска („Чудна шума“), „Шарени ириси“ од Јована Матевска Атанасова, со илустрации на Симонида Филипова Китановска („Арс ламина“) и „Мојата прва библиотека“ од Деспина Мукоска („Арс ламина“).
Признанието за автор на годината го доби Лидија Димковска („Три“).