Култура
Канческа-Милевска учествува на Санктпетербуршкиот меѓународен културен форум
Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска престојува во работна посета на Русија, каде што учествува на четвртото издание на Санктпетербуршкиот меѓународен културен форум, настан од исклучително значење на кој лидерите од областа на политиката, културата и бизнисот од целиот свет дискутираат за можностите за продлабочување и стимулирање на културната соработка меѓу државите.
Годинава на овој значаен настан, чиј домаќини од 13-ти до 16-ти декември се владата на Руската Федерација, министерството за култура и администрацијата на Санкт Петербург, присуствуваат повеќе од 11 илјади учесници, 30 министри за култура и други видни претставници од повеќе од 55 држави од целиот свет.
Во рамките на Санктпетербуршкиот форум, Канческа-Милевска во понеделникот утрото се обрати на 11-от состанок на Бордот на „Форумот на словенски култури“, еминентна меѓународна фондација која веќе десет години ги промовира и афирмира особеностите на словенските народи и обезбедува интензивна комуникација на словенската со другите култури.
Канческа-Милевска, која воедно е и претседател на Управниот одбор на Форумот на словенски култури, пред присутните се осврна на важноста на оваа фондација која се препознава како референтна глобална платформа за интеркултурен дијалог, за зачувување на културните традиции на словенските народи како трајни и универзални вредности во глобални рамки.
Канческа-Милевска пред присутните министри за култура и високи претставници на земјите-членки, меѓу кои и специјалниот претставник на Претседателот на Руската Федерација за меѓународна културна соработка, Михаил Швиткој, истакна дека од особено значење е што оваа година пленарната седница на Санктпетербуршкиот меѓународен културен форум е посветена на уште еден мошне значаен јубилеј: 70 – години од основањето на УНЕСКО, организацијата со која Република Македонија, но и сите земји-членки на Форумот на словенски култури негуваат одлични односи кои се карактеризираат со реализација на многубројни активности и иницијативи.
На состанокот на Бордот на Форумот на словенските култури беше разгледан и годишниот извештај во кој беа сублимирани сите постигнати резултати на фондацијата за оваа година, но беа нотирани и плановите за 2016-та година преку кои уште поинтензивно ќе се промовираат културните особености на словенските народи.
Во попладневните часови Канческа-Милевска ќе присуствува и на пленарната седница и на свеченото отворање на 4-то издание на Санктпетербуршкиот меѓународен културен форум, на кои ќе учествуваат високи претставници од целиот свет, како и генералниот директор на УНЕСКО, Ирина Бокова, а најавено е и присуството на рускиот претседател, Владимир Путин.
Во вторник министерката за култура Канческа-Милевска ќе има официјално обраќање и на меѓународната конференција „Културното и духовното единство на словенските народи“, на која ќе се дискутира за културното наследство и културно-сознајните туристички правци на словенските држави./крај/мф/бс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Националниот џез оркестар со програмата Џез лектира гостува во Велес
По концертот во Скопје, Националниот џез оркестар со програмата под наслов „Џез лектира“ гостува во Велес. Концертот ќе се одржи на 23 април, 2024 година, со почеток од 20 часот во театарот „Јордан Хаџи Константинов – Џинот“.
„На концертот „Џез Лектира“ се осврнуваме на дел од творештвото на Каунт Бејси биг бендот. Вилијам Џејмс, познат како Каунт Бејси е американски џез пијанист, органист, водач на бенд и композитор, познат и како „Кралот на свингот“. Во 1935 година, тој го формира оркестарот „Каунт Бејси“ и ја води оваа група скоро 50 години. Неговата работа резултира со низа иновации во музичкиот израз како употреба на два „поделени“ тенор саксофони, нагласување на ритам секцијата, рифови во биг бенд композиции, аранжери за дополнително проширување на биг бенд звукот и слично“, се наведува во соопштението на Националниот џез оркестар.
Култура
Костадиновска-Стојчевска: Саемот на книгата, во време на емотикони, е во одбрана на раскажувачите и писменоста
Министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска, во арената „Борис Трајковски“ на отворањето на 36. издание на Саемот на книгата порача дека Министерството за култура, како покровител на овој, како што рече, „празник на книгата“, останува голем пријател и силен поддржувач на ова наше богатство.
„На годишните конкурси, од година во година, импресивен е бројот на сè повеќе пријавени квалитетни дела и од млади македонски автори. И тоа искрено нè радува. Како што нè радува и зголемениот интерес за создавање многубројни наслови и публикации за деца. Без двоумење ја добиваат нашата поддршка зашто во овие модерни времиња во кои има сè помалку зборови, а сè повеќе кратенки и емотикони, раскажувачите на приказни се чувари на писменоста“, рече министерката за култура.
Во присуство на голем број љубители на пишаниот збор, Костадиновска-Стојчевска порача дека во виртуелниот свет го нема овој опоен мирис на книгата. Само во реалниот свет, ова богатство од книги на македонски јазик од домашни и од странски автори го испишува овој простор во уште една „Приказна која се чита“.
Саемите за книги во последните години, според некои автори, кажа министерката дека прераснаа во едукативни и културни настани кои даваат можност за вмрежување преку негување на врските меѓу авторите, издавачите и читателите. Истовремено радува и сè поголемиот број посетители, што само по себе зборува многу за односот кон книгата.
Триесет и шестото издание на Саемот на книгата, што ќе трае до 24 април, во седумте саемски денови ќе понуди книги од домашни и од странски автори од над 60 издавачки куќи од земјава и од регионот.
Култура
Светска премиера на „Киука – Пред летото да заврши“ во Кан – филмот е копродукција помеѓу Грција и Македонија
„Киука – Пред летото да заврши“ (Kyuka Before Summer’s End) во режија и по сценарио на Костис Харамуданис, кој е реализиран како билатерална копродукција помеѓу Грција и Северна Македонија и е поддржан од Агецијата за филм на Република Северна Македонија, својата светска премиера ќе ја има на Канскиот филмски фестивал како дел од 32. издание на програмата ACID, што ќе се одржи од 15 до 24 мај оваа година. На „Куика“ му е доверена честа да ја отвори оваа програма.
„Лист продукција“ е македонски копродуцент на дебитантскиот филм на режисерот Харамуданис со Марија Димитрова и Игор Иванов како копродуценти, а Херетик од Грција е главен продуцент со Данае Спатхара, Јоргос Карнавас и Константинос Контовракиси како продуценти.
„Киука – Пред летото да заврши“ е приказна за едно трочлено семејство, кое како и секое лето, плови со својата едрилица до островот Порос, каде што таткото Бабис и децата Константинос и Елса, кои се веќе на прагот пред полнолетството, го минуваат годишниот одмор. Додека пливаат, се сончаат и создаваат нови пријателства на островот, децата случајно ја запознаваат Ана, жената што ги родила и ги напуштила уште во најраното детство, со што ќе почне едно горко-слатко патешествие на созревање под летното сонце, а долгогодишната огорченост на Бабис избива на површина.
Програмата на ACID (Association for the Distribution of Independent Cinema – Асоцијација за дистрибуција на независен филм) на Канскиот филмски фестивал е креирана во 1993 година и прикажува 9 долгометражни филма, фикција и документарци. Овие филмови се избираат од стотиците пристигнати филмови од цел свет од страна на петнаесетина филмаџии, членови на асоцијацијата.
Снимањето на филмот се одвиваше во октомври 2022 година во Атина и на островот Порос, а постпродукцијата се работеше на релација Атина – Скопје.
Главните улоги во филмот ги играат Симеон Цакирис, Елса Лекаку, Константинос Георгопулос, Афродита Капокаки и Елена Топалиду.
Македонската екипа во овој филм ја сочинуваат Михаил Димитров, Игор Поповски и студиата за постподукција „Аудио хаус“ и „Слобода филм“.