Книги
Новиот роман „Мирисот на небото“ од Исидора Бјелица на македонски
Македонското издание на новиот роман „Мирисот на небото“ од Исидора Бјелица беше претставено на прес конференција во Скопје.
Ова е четврта книга од Бјелица во издание на Просветно дело.
Станува збор за еден од нејзините најзрели романи кој е во манирот на мајсторот на книжевните параболи за човековата духовна потрага – Пауло Коелјо.
„Мирисот на небото“ е и забавна и потресна приказна која поттикнува на размислување и просветлување.
Добрата пријателка В. ја доведува Исидора во Ница да се одмори од безбројните терапии и да го прослави роденденот. Бјелица уште првиот ден оди во продавницата на Шанел, да помине еден час со чаша шампањско во својата омилена забава: разгледување на новата колекција. И тогаш ја здогледува неа… Таа не само што ќе и` ја открие шокантната вистина за Коко Шанел туку, пред се`, ќе ја поведе на духовно патување за самооткривање кое ќе и` донесе сознание, љубов и емотивно олеснување, како и разделба со сопствените предрасуди и заблуди. Но која е оваа мистериозна дама?
“Кога лежите на смртна постела и го чекате својот крај, животот на другите луѓе протекува покрај вас како брза река. Сите брзаат некаде уверени дека имаат време. Ве сакаат, жал им е, но реката едноставно влече, и тие заминуваат по патот на своите илузии и обврски, страсти и желби, сигурни дека смртта секогаш му се случува на некој друг. Мирисот на небото е приказна која дава одговор како животот да не ве боли и повредува толку многу,“ вели Исидора Бјелица за својот роман.
Од издавачката куќа Просветно дело најавија богата понуда и програма на нивниот штанд на претстојниот Саем на книгата.
“Годинава главен адут за најмалите читатели ни се лиценцираните изданија со ликовите на Калимеро, Дора, Нинџа желките, Кученцата во патрола и Сунѓерот Боб, а за возрасните, освен новиот роман на Бјелица, ќе ги претставиме и македонското издание на Маж в грло на Ведрана Рудан и едицијата Хроно хујна на Ана Ќубела,“ изјави менаџерот за односи со јавност на Просветно дело – Татјана Димовска – Атанасова. /крај/со/ст
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
