Книги
Естонскиот писател Тијт Алексеев гостува во Македонија
Еден од најреномираните современи автори од Естонија, Тијт Алексеев, добитник на Европската награда за литература, е гостин на Издавачката куќа Готен по повод објавувањето на романот „Поклонение“, во едицијата „Алказар“.
Во рамките на гостувањето, ќе се одржат два промотивни разговори, на кои на публиката ќе ѝ биде претставен овој несекојдневен автор на далечната естонска литература. Најпрвин, романот на Алексеев ќе биде промовиран во Струга, во четврток, во 20 часот, во Центарот за култура „Браќа Миладиновци“. Во Скопје промотивната дискусија ќе се одржи во просториите на ЕУ инфо центарот, во петок, 23 септември, во 19 и 30 часот, на тема “Што е ново под сонцето: историја, геополитика, љубов и војна?“, на која учесник ќе биде и најпреведуваниот македонски автор Гоце Смилевски, кои со естонскиот колега ја споделува пасијата за историски романи, но и престижната европска награда.Во рамките на својот престој во Скопје, Тијт Алексеев, кој е претседател на Друштвото на писатели на Естонија ќе оствари средба со здружението на Независни писатели на Македонија, разменувајќи идеи за соработка меѓу двете литератури. Гостувањето и преводот на книгата од Тијт Алексеев е овозможено преку програмата Креативна Европа на Европската унија во рамките на проектот „Подлабока Европа, поширок опсег“ во која на македонски беа преведении дела од помалку познати книжевни средини, како малтешката и естонската.Тијт Алексеев, естонски романсиер и драмски писател, роден во 1968 година, дипломирал историја на Универзитетот во Тарту, каде што исто така се здобил со магистратура по средновековна историја. Тој работел како дипломат во Париз и Брисел, а во моментов живее во Талин. Неговиот прв расказ, Мирот од Тарту ја освои годишната награда на естонското книжевно списание Луминг во 1999 година. На Белото Кралство, трилер чие дејство се одвива во Париз и во Авганистан во 1980 година, му беше доделена награда Бети Алвер во 2006 година за најдобар дебитантски роман. Неговиот втор роман Поклонение ја освои наградата на ЕУ за литература и беше преведен на неколку јазици (италијански, унгарски, фински). Во 2011 година, тој го објави третиот роман Упориште. Тие се првиот и вториот дел од она што треба да стане трилогија.Со романот, Поклонение, се сврте кон историографската метафикција. Нурна длабоко во средниот век, нешто што е реткост. Романот раскажува за светот на крстоносните витези, длабоко контемплирајќи над вредностите што ги мотивирале витезите-монаси, истовремено мешајќи елементи од трилер и шпионска афера, слично на манирот на великанот Умберто Еко. Сепак, книгата својата вредност ја стекна како приказна за љубовта и лојалноста, предавството, човечките односи и етичките идеали. За да го напише Поклонение (2008), Алексеев десет години собирал материјал и ги посетил локациите на главните битки во Светата Земја. Романот е базиран на хрониките за Првата крстоносна војна во 11-тиот век, со Ерусалим како сон во нивните глави../крај/со/бб
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Книги
„Единствен матичен број“ на Лидија Димковска прогласен за роман на годината
Новиот роман на Лидија Димковска, „Единствен матичен број“, е добитник на годинешната награда „Роман на годината“.
Романот е во издание на „Три“ и уште по своето објавување, ја освои читателската публика. Жири-комисијата, составена од Влада Урошевиќ, Бранко Цветкоски, Марија Ѓорѓиева, Сашо Огненовски и Катерина Богоева, одлучи токму романот на Димковска да се закити со една од најпрестижните и несомнено најпосакувани признанија во домашната книжевност.
„Единствен матичен број“ е четврти роман на авторката, од кои „Резервен живот“ исто така беше во најтесниот круг за оваа награда во 2012 година.
Наградата „Роман на годината“ првпат е доделена во 1999 година од „Утрински весник“, а од 2017 до денес се доделува од Фондацијата „Славко Јаневски“.
За издавачкиот центар „Три“ ова е петта награда „Роман на годината“. Лидија Димковска се придружи на низата квалитетни автори, кои во издание на „Три“ претходно го добиле ова признание – Венко Андоновски со „Папокот на светот“ (2000), Кица Колбе со „Снегот во Казабланка“ (2006), Јагода Михајловска-Георгиева со „Индиго Бомбај“ (2008) и Митко Маџунков со „Птиците од ланските гнезда“ (2012).
Критиката веќе се огласи за многузначноста и значајноста на ова прозно остварување на Димковска. Читателите исто така ја препознаа неговата вредност, а во меѓувреме сите го очекуваме второто издание на романот.
Лидија Димковска веќе има освоено повеќе награди за нејзината проза, од кои ги издвојуваме – двапати наградата „Стале Попов“ на Друштвото на писателите на Македонија и награда на Европската Унија за литература за романот „Резервен живот“. Токму затоа таа сосем заслужено е една од најпреведуваните домашни авторки.
Книги
Пет романи во најтесен избор за наградата „Роман на годината“
„Единствен матичен број“ од Лидија Димковска („Три“), „Ако се родат некакви чувства: зборник за љубовта на Гоце и Јанка“ од Блаже Миневски („Матица македонска“), „Заборав“ од Томислав Османли („ВиГ Зеница“), „Сѐ уште можам нешто да сторам“ од Фросина Пармаковска („Или – или“) и „Зелениот дворец“ од Сибо („Арс Либрис“) се петте романи што се најдоа во најтесен избор за наградата „Роман на годината“ за 2023 година, што ја доделува Фондацијата за унапредување и промоција на културните вредности „Славко Јаневски“.
Оваа одлука ја донесе жири-комисијата во состав Влада Урошевиќ (претседател и минатогодишен лауреат), Бранко Цветковски, Марија Ѓорѓиева, Сашо Огненовски и Катерина Богоева (претставник на Фондацијата).
Наградата, чиј генерален покровител е „Комерцијална банка“ АД Скопје и која е поддржана од Министерството за култура на Република Северна Македонија, годинава се доделува по јубилеен 25-ти пат. Таа се состои од плакета, оригинална статуетка и паричен износ од 150.000 денари.
Жири-комисијата ќе го соопшти името на лауреатот на оваа престижна награда на прес-конференција што ќе се одржи во петок, 15 март, во кафе-книжарницата „Буква“ во Скопје, со почеток во 12 часот.
Книги
Десет романи во трката за „Роман на годината“
Жири-комисијата за наградата „Роман на годината“ за 2023 година што ја соселува Фондацијата за унапредување и промоција на културните вредности „Славко Јаневски“, во состав: Влада Урошевиќ (минатогодишен лауреат и претседател на Комисијата), Бранко Цветкоски, Марија Ѓорѓиева, Сашо Огненовски и Катерина Богоева (претставник на Фондацијата), селектираше десет романи што останаа во трката за наградата „Роман на годината“.
На годинашниот конкурс пристигнаа 36 романи. Жири-комисијата во првата селекција одбра 19 наслови, а сега списокот го стесни на десет романи.
Наградата „Роман на годината“ е поддржана од Министерството за култура на Република Северна Македонија, а нејзин генерален покровител е Комерцијална банка АД, Скопје. Наградата се состои од паричен износ од 150.000 денари, плакета и оригинална статуетка.
Според пропозициите, насловот на наградениот роман и името на авторот ќе бидат соопштени на прес-конференција на 15 март.