Книги
Марлон Џејмс добитник на наградата Man Booker
Марлон Џејмс, 45-годишен писател од Јамајка, е добитник на престижната британска награда Man Booker за романот „A Brief History of Seven Killing“.
Авторот во романот на 686 страници ја донесува приказната за насилствата меѓу јамајканските банди и обидот за убиство на ѕвездата на реге музиката Боб Марли.
„Романот на Марлон Џејмс е највозбудливиот меѓу книгите кои влегоа во потесниот избор. Романот е преполн со изненадувања, насилство и пцуење, а го опишува турбулентниот свет на бандите и политиката на тој карипски остров“, изјави претседателот на жирито, Мајкл Вуд, додавајќи дека одлуката за победникот била донесена едногласно.
Џејмс стана првиот Јамајчанец кој ја добиваа оваа реномирана награда којашто се доделува од 1969 година. Од минатата 2014 година во конкуренција можат да влезат и писателите од секоја националност чиешто дело е напишано на англиски јазик и е објавено во Велика Британија. Претходно наградата им беше доделувана само на авторите од подрачјето на Велика Британија и Комонвелтот, Ирска и Зимбабве.
„Јамајка има богата книжевна традиција и помалку е нестварно дека јас сум првиот Јамајчанец кој добил награда. Се надевам дека нема да бидам и последниот“, рече Џејмс при врачувањето на наградата во Лондон.
Освен признанието, тој доби и чек на 50.000 британски фунти, а може да очекува и меѓународна популарност. На пример, минатогодишниот победник, Австралиецот Ричард Фланаган продаде 800.000 примероци од неговата награден книга „The Narrow Road to the Deep North“.
Џејмс откри дека со години работел во маркетинг агенција и пишувал. Неговата прва книга со наслов „John Crow’s Devil“ била дури 70 пати одбиена, поради што се откажал од пишувањето. Кога конечно во 2005 година била објавена, набрзо станал популарен и повторно почнал да пишува. Денес живее во американски Минеаполис и предава креативно пишување на Macalester College./крај/мф/сн
Извор: Reuters
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Книги
„Единствен матичен број“ на Лидија Димковска прогласен за роман на годината
Новиот роман на Лидија Димковска, „Единствен матичен број“, е добитник на годинешната награда „Роман на годината“.
Романот е во издание на „Три“ и уште по своето објавување, ја освои читателската публика. Жири-комисијата, составена од Влада Урошевиќ, Бранко Цветкоски, Марија Ѓорѓиева, Сашо Огненовски и Катерина Богоева, одлучи токму романот на Димковска да се закити со една од најпрестижните и несомнено најпосакувани признанија во домашната книжевност.
„Единствен матичен број“ е четврти роман на авторката, од кои „Резервен живот“ исто така беше во најтесниот круг за оваа награда во 2012 година.
Наградата „Роман на годината“ првпат е доделена во 1999 година од „Утрински весник“, а од 2017 до денес се доделува од Фондацијата „Славко Јаневски“.
За издавачкиот центар „Три“ ова е петта награда „Роман на годината“. Лидија Димковска се придружи на низата квалитетни автори, кои во издание на „Три“ претходно го добиле ова признание – Венко Андоновски со „Папокот на светот“ (2000), Кица Колбе со „Снегот во Казабланка“ (2006), Јагода Михајловска-Георгиева со „Индиго Бомбај“ (2008) и Митко Маџунков со „Птиците од ланските гнезда“ (2012).
Критиката веќе се огласи за многузначноста и значајноста на ова прозно остварување на Димковска. Читателите исто така ја препознаа неговата вредност, а во меѓувреме сите го очекуваме второто издание на романот.
Лидија Димковска веќе има освоено повеќе награди за нејзината проза, од кои ги издвојуваме – двапати наградата „Стале Попов“ на Друштвото на писателите на Македонија и награда на Европската Унија за литература за романот „Резервен живот“. Токму затоа таа сосем заслужено е една од најпреведуваните домашни авторки.
Книги
Пет романи во најтесен избор за наградата „Роман на годината“
„Единствен матичен број“ од Лидија Димковска („Три“), „Ако се родат некакви чувства: зборник за љубовта на Гоце и Јанка“ од Блаже Миневски („Матица македонска“), „Заборав“ од Томислав Османли („ВиГ Зеница“), „Сѐ уште можам нешто да сторам“ од Фросина Пармаковска („Или – или“) и „Зелениот дворец“ од Сибо („Арс Либрис“) се петте романи што се најдоа во најтесен избор за наградата „Роман на годината“ за 2023 година, што ја доделува Фондацијата за унапредување и промоција на културните вредности „Славко Јаневски“.
Оваа одлука ја донесе жири-комисијата во состав Влада Урошевиќ (претседател и минатогодишен лауреат), Бранко Цветковски, Марија Ѓорѓиева, Сашо Огненовски и Катерина Богоева (претставник на Фондацијата).
Наградата, чиј генерален покровител е „Комерцијална банка“ АД Скопје и која е поддржана од Министерството за култура на Република Северна Македонија, годинава се доделува по јубилеен 25-ти пат. Таа се состои од плакета, оригинална статуетка и паричен износ од 150.000 денари.
Жири-комисијата ќе го соопшти името на лауреатот на оваа престижна награда на прес-конференција што ќе се одржи во петок, 15 март, во кафе-книжарницата „Буква“ во Скопје, со почеток во 12 часот.
Книги
Десет романи во трката за „Роман на годината“
Жири-комисијата за наградата „Роман на годината“ за 2023 година што ја соселува Фондацијата за унапредување и промоција на културните вредности „Славко Јаневски“, во состав: Влада Урошевиќ (минатогодишен лауреат и претседател на Комисијата), Бранко Цветкоски, Марија Ѓорѓиева, Сашо Огненовски и Катерина Богоева (претставник на Фондацијата), селектираше десет романи што останаа во трката за наградата „Роман на годината“.
На годинашниот конкурс пристигнаа 36 романи. Жири-комисијата во првата селекција одбра 19 наслови, а сега списокот го стесни на десет романи.
Наградата „Роман на годината“ е поддржана од Министерството за култура на Република Северна Македонија, а нејзин генерален покровител е Комерцијална банка АД, Скопје. Наградата се состои од паричен износ од 150.000 денари, плакета и оригинална статуетка.
Според пропозициите, насловот на наградениот роман и името на авторот ќе бидат соопштени на прес-конференција на 15 март.