Книги
Објавена книга поезија од Бранко Чегец „Полн месец во Истанбул“
Книгата поезија од Бранко Чегец „Полн месец во Истанбул“, деновиве беше објавена во печатен и електронски формат.
Книгата поезија од Бранко Чегец „Полн месец во Истанбул“, деновиве беше објавена во печатен и електронски формат.
Книгата ја издаде Блесок од Скопје, а со поддршка на македонското и хрватското Министерство за култура. Преводот од хрватски е на Игор Исаковски.
Бранко Чегец, роден во 1957 е хрватски автор кој објавил петнаесетина книги поезија и есеи, уредник е во издавачката куќа Меандар медија од Загреб. Поезијата му е вклучена во триесетина антологии, избори и прегледи во земјата и странство. Автор е или коавтор на повеќе избори и прегледи на хрватската поезија и проза во Хрватска и во странство. Поезијата му е преведувана на француски, словенечки, германски, англиски, италијански, унгарски, полски, литвански, македонски…
„Книгата на Бранко Чегец „Полн месец во Истанбул“ има повеќекратен, полиперспективен карактер: таа е наличје на загубената сегашност, чиј (поетски) глас истрајува во хаотичното секојдневие, во разликата, во откажувањето од завршената и совршената слика на светот. Фрагменти, микроесеи, поезија – записи од пуст јазик – настануваат врз тлото на демонтираната хронологија, несигурното помнење како сублимација на она што нè опкружува и жестоко се впишува во нашиот видокруг, во нашите тела, во говорот. Слободниот говорник со навидум критички монолог ниже сцени од непосредната (општествена) околина и ги срамнува со читањата на Другиот и Другите, претворајќи ги во документ на хаосот во кој живее, живееме. Станува збор за литература која, на патот од графити и плакати до приказна и песна, го поткопува сопствениот јазик, коментира и ги доведува во прашање статусите и улогите на оние кои ја креираат тековната состојба на работите – а таа не е пријатна, прилагодена кон она што би го нарекле свој живот или простор на сигурност. „Полн месец во Истанбул“ прска од провокативност и сексуалност (на текстот), кој сигурно веќе не е ексцесен, или не осигурува недозволена мерка страв, но го менува просторот на гледање и лавиринтот (на читање) на текстот. „Полн месец во Истанбул“ е вознемирувачки поетски дневник, сокриен во sms пораки, несигурно море и помнење, алузии, цитати и парафрази, во име на храбрите и губитниците, во име на силовитоста и борбеноста… Помеѓу трошното и вечното, баналното и патетичното. Запишаното, возвишеното и авантуристичкото. Копнежот и хаосот се мерка за записите на Бранко Чегец, а колку и да е тоа под знак прашање (пишувањето, впишувањето, втиснувањето на знаците и значењата) – и единствениот можен одговор. Единственото можно оружје. Единствената можна одбрана. Сега за сега“, велат за книгата од Блесок.крај/мф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Книги
„Единствен матичен број“ на Лидија Димковска прогласен за роман на годината
Новиот роман на Лидија Димковска, „Единствен матичен број“, е добитник на годинешната награда „Роман на годината“.
Романот е во издание на „Три“ и уште по своето објавување, ја освои читателската публика. Жири-комисијата, составена од Влада Урошевиќ, Бранко Цветкоски, Марија Ѓорѓиева, Сашо Огненовски и Катерина Богоева, одлучи токму романот на Димковска да се закити со една од најпрестижните и несомнено најпосакувани признанија во домашната книжевност.
„Единствен матичен број“ е четврти роман на авторката, од кои „Резервен живот“ исто така беше во најтесниот круг за оваа награда во 2012 година.
Наградата „Роман на годината“ првпат е доделена во 1999 година од „Утрински весник“, а од 2017 до денес се доделува од Фондацијата „Славко Јаневски“.
За издавачкиот центар „Три“ ова е петта награда „Роман на годината“. Лидија Димковска се придружи на низата квалитетни автори, кои во издание на „Три“ претходно го добиле ова признание – Венко Андоновски со „Папокот на светот“ (2000), Кица Колбе со „Снегот во Казабланка“ (2006), Јагода Михајловска-Георгиева со „Индиго Бомбај“ (2008) и Митко Маџунков со „Птиците од ланските гнезда“ (2012).
Критиката веќе се огласи за многузначноста и значајноста на ова прозно остварување на Димковска. Читателите исто така ја препознаа неговата вредност, а во меѓувреме сите го очекуваме второто издание на романот.
Лидија Димковска веќе има освоено повеќе награди за нејзината проза, од кои ги издвојуваме – двапати наградата „Стале Попов“ на Друштвото на писателите на Македонија и награда на Европската Унија за литература за романот „Резервен живот“. Токму затоа таа сосем заслужено е една од најпреведуваните домашни авторки.
Книги
Пет романи во најтесен избор за наградата „Роман на годината“
„Единствен матичен број“ од Лидија Димковска („Три“), „Ако се родат некакви чувства: зборник за љубовта на Гоце и Јанка“ од Блаже Миневски („Матица македонска“), „Заборав“ од Томислав Османли („ВиГ Зеница“), „Сѐ уште можам нешто да сторам“ од Фросина Пармаковска („Или – или“) и „Зелениот дворец“ од Сибо („Арс Либрис“) се петте романи што се најдоа во најтесен избор за наградата „Роман на годината“ за 2023 година, што ја доделува Фондацијата за унапредување и промоција на културните вредности „Славко Јаневски“.
Оваа одлука ја донесе жири-комисијата во состав Влада Урошевиќ (претседател и минатогодишен лауреат), Бранко Цветковски, Марија Ѓорѓиева, Сашо Огненовски и Катерина Богоева (претставник на Фондацијата).
Наградата, чиј генерален покровител е „Комерцијална банка“ АД Скопје и која е поддржана од Министерството за култура на Република Северна Македонија, годинава се доделува по јубилеен 25-ти пат. Таа се состои од плакета, оригинална статуетка и паричен износ од 150.000 денари.
Жири-комисијата ќе го соопшти името на лауреатот на оваа престижна награда на прес-конференција што ќе се одржи во петок, 15 март, во кафе-книжарницата „Буква“ во Скопје, со почеток во 12 часот.
Книги
Десет романи во трката за „Роман на годината“
Жири-комисијата за наградата „Роман на годината“ за 2023 година што ја соселува Фондацијата за унапредување и промоција на културните вредности „Славко Јаневски“, во состав: Влада Урошевиќ (минатогодишен лауреат и претседател на Комисијата), Бранко Цветкоски, Марија Ѓорѓиева, Сашо Огненовски и Катерина Богоева (претставник на Фондацијата), селектираше десет романи што останаа во трката за наградата „Роман на годината“.
На годинашниот конкурс пристигнаа 36 романи. Жири-комисијата во првата селекција одбра 19 наслови, а сега списокот го стесни на десет романи.
Наградата „Роман на годината“ е поддржана од Министерството за култура на Република Северна Македонија, а нејзин генерален покровител е Комерцијална банка АД, Скопје. Наградата се состои од паричен износ од 150.000 денари, плакета и оригинална статуетка.
Според пропозициите, насловот на наградениот роман и името на авторот ќе бидат соопштени на прес-конференција на 15 март.