Книги
Писателот Фредерик Форсајт призна дека две децении бил шпион на британски MI6
Еден од најпознатите британски автори на шпионски романи Фредерик Форсајт во својата автобиографска книга под наслов „The Outsider: My Life“ од која фрагменти во неделата објави The Sunday Times, признава дека две децении извршувал шпионски мисии за британската разузнавачка служба MI 6.
Сега 77-годишниот Фредерик Форсајт авторот на многу крими бестселери, меѓу кои се свески прославените „Денот на чакалот“ од 1971 и „Кучиња на војната“ од 1974 година, вели дека бил регрутиран од еден од офицерите на MI6 за време на неговата новинарска работа во покривањето на борбата за независност на непризнаената држава Биафра во југоисточна Нигејрија, која траеше од 1967 до 1970 година.
„Во текот на последната година од таа војна во медиумите испраќав покрај репортажи, и материјали за мојот нов пријател“, изјави Форсајт во неделата во интервјуто за BBC по повод издавањето на неговата автобиографија.
„Форинг офисот (британското министерство за надворешни работи –з.м.) негираше дека таму, во регионите зафатени со војната, умираат деца, бидејќи тие (британските дипломати) жестоко ја бранеа диктатурата во Лагос, а сепак, што можеби изгледа чудно, во однос на таа тема во MI6 имаше друга гледна точка“, вели писателот.
„Историјата на Биафра“, од 1969 година, е првата книга на Форсајт, но досега никој не претпоставуваше дека во нејзината основа е личното искуство на авторот како разузнавач. „Денот на чакалот“ му ја донесе најголемата слава и материјална благосостојба, но и покрај тоа писателот продолжил уште долги години да подготвува тајни извештаи за MI6, покрај за настаните во Биафра и Нигерија, меѓу другото и од Родезија (територија во денешно Зимбабве), Јужноафриканската Република и некогашна комунистичка Источна Германија.
Во објавените фрагменти од книгата е опишано како на Форсајт, подоцнежен репортер известувач на BBC и на Reuters, кој во 1968 година работел како слободен новинар, му пристапил припадникот на MI6 кој му се претставил како „Рони“ и му кажал дека „би сакал да има некого во Биафра“, кога таа се одметнала и започнала граѓанската војна.
„Кога се вратив во тропската шума, имаше некого“, пишува Форсајт во автобиографијата „The Outsider: My Life“ чијашто промоција за јавноста ќе се одржи во септември, истакнувајќи дека тајните извештаи му ги испраќал на „Рони“, додека истовремено новинарски ги следел стравотиите кои се случувале во Биафра.
Од Форсајт во 1973 година побарале да води мисија на MI6 во Источна Германија. „Нивното барање беше едноставно. Постоеше еден руски генерал кој работеше за нас од Источна Германија и имаше пакет са нас кој требаше да биде изнесен од земјата“, пишува Форсајт, кој задачата ја извршил возејќи сé до Дрезден во „триумф кабриолет“, за да може од рацете на рускиот генерал да го земе пакетот во тоалетот на музејот „Албертинум,
„Во тоа време многу луѓе доброволно извршуваа задачи за татковината, тоа не се сметаше воопшто чудно. Не постоеше награда, ниту парична ниту од друг вид, тоа едноставно го правевте. Тогаш односот беше поинаков“, пишува натаму Форсајт.
Меѓутоа, своевидна награда му била, како што самиот пишува, помошта од неколкумина припадници на MI6 во истражувањата коишто ги правел за своите книги, а британската разузнавачка агенција му проверувала и рецензирале делови од текстовите за да бидат веродостојни и уверливи.
Форсајт е автор на 20 романи кои ширум светот се продадени во повеќе од 70 милиони примероци. Неговиот последен роман под наслов „The Kill List“ беше издадена во 2013 година./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Книги
„Единствен матичен број“ на Лидија Димковска прогласен за роман на годината
Новиот роман на Лидија Димковска, „Единствен матичен број“, е добитник на годинешната награда „Роман на годината“.
Романот е во издание на „Три“ и уште по своето објавување, ја освои читателската публика. Жири-комисијата, составена од Влада Урошевиќ, Бранко Цветкоски, Марија Ѓорѓиева, Сашо Огненовски и Катерина Богоева, одлучи токму романот на Димковска да се закити со една од најпрестижните и несомнено најпосакувани признанија во домашната книжевност.
„Единствен матичен број“ е четврти роман на авторката, од кои „Резервен живот“ исто така беше во најтесниот круг за оваа награда во 2012 година.
Наградата „Роман на годината“ првпат е доделена во 1999 година од „Утрински весник“, а од 2017 до денес се доделува од Фондацијата „Славко Јаневски“.
За издавачкиот центар „Три“ ова е петта награда „Роман на годината“. Лидија Димковска се придружи на низата квалитетни автори, кои во издание на „Три“ претходно го добиле ова признание – Венко Андоновски со „Папокот на светот“ (2000), Кица Колбе со „Снегот во Казабланка“ (2006), Јагода Михајловска-Георгиева со „Индиго Бомбај“ (2008) и Митко Маџунков со „Птиците од ланските гнезда“ (2012).
Критиката веќе се огласи за многузначноста и значајноста на ова прозно остварување на Димковска. Читателите исто така ја препознаа неговата вредност, а во меѓувреме сите го очекуваме второто издание на романот.
Лидија Димковска веќе има освоено повеќе награди за нејзината проза, од кои ги издвојуваме – двапати наградата „Стале Попов“ на Друштвото на писателите на Македонија и награда на Европската Унија за литература за романот „Резервен живот“. Токму затоа таа сосем заслужено е една од најпреведуваните домашни авторки.
Книги
Пет романи во најтесен избор за наградата „Роман на годината“
„Единствен матичен број“ од Лидија Димковска („Три“), „Ако се родат некакви чувства: зборник за љубовта на Гоце и Јанка“ од Блаже Миневски („Матица македонска“), „Заборав“ од Томислав Османли („ВиГ Зеница“), „Сѐ уште можам нешто да сторам“ од Фросина Пармаковска („Или – или“) и „Зелениот дворец“ од Сибо („Арс Либрис“) се петте романи што се најдоа во најтесен избор за наградата „Роман на годината“ за 2023 година, што ја доделува Фондацијата за унапредување и промоција на културните вредности „Славко Јаневски“.
Оваа одлука ја донесе жири-комисијата во состав Влада Урошевиќ (претседател и минатогодишен лауреат), Бранко Цветковски, Марија Ѓорѓиева, Сашо Огненовски и Катерина Богоева (претставник на Фондацијата).
Наградата, чиј генерален покровител е „Комерцијална банка“ АД Скопје и која е поддржана од Министерството за култура на Република Северна Македонија, годинава се доделува по јубилеен 25-ти пат. Таа се состои од плакета, оригинална статуетка и паричен износ од 150.000 денари.
Жири-комисијата ќе го соопшти името на лауреатот на оваа престижна награда на прес-конференција што ќе се одржи во петок, 15 март, во кафе-книжарницата „Буква“ во Скопје, со почеток во 12 часот.
Книги
Десет романи во трката за „Роман на годината“
Жири-комисијата за наградата „Роман на годината“ за 2023 година што ја соселува Фондацијата за унапредување и промоција на културните вредности „Славко Јаневски“, во состав: Влада Урошевиќ (минатогодишен лауреат и претседател на Комисијата), Бранко Цветкоски, Марија Ѓорѓиева, Сашо Огненовски и Катерина Богоева (претставник на Фондацијата), селектираше десет романи што останаа во трката за наградата „Роман на годината“.
На годинашниот конкурс пристигнаа 36 романи. Жири-комисијата во првата селекција одбра 19 наслови, а сега списокот го стесни на десет романи.
Наградата „Роман на годината“ е поддржана од Министерството за култура на Република Северна Македонија, а нејзин генерален покровител е Комерцијална банка АД, Скопје. Наградата се состои од паричен износ од 150.000 денари, плакета и оригинална статуетка.
Според пропозициите, насловот на наградениот роман и името на авторот ќе бидат соопштени на прес-конференција на 15 март.