Книги
Промовирана книгата „Тајните на Исарот“ од Звонко Белдедовски
Национална установа – Универзитетска библиотека „Гоце Делчев“ – Штип во понеделник вечер беше домаќин промоција на книгата „Тајните на Исарот“ од Звонко Белдедовски.
Станува збор за постхумно дело на еден од најпознатите штипски истражувачи и арехолози, долгогодишен вработен во Заводот и музеј Штип, кој сиот свој живот меѓу другото, го посвети и на Исарот. Како што кажа и Милена Ристова-Михајловска, директор на НУ-УБ „Гоце Делчев“, промоцијата на ова дело е од голема важност за градот, бидејќи останува патоказ за понатамошни истражувања на штипското кале. Белдедовски е заслужен за многу откритија кога е во прашање Исарот, а тие се содржани хронолошки како податоци во ова постхумно дело кое го издава неговото семејство, но исто така и по многу други важни арехолошки откритија за Македонија вклучително и теракотните икони во Виничко:„Од исцрпувачката работа во античката Баргала, старословенските материјални арехолошки наоди, откривањето на виничките теракоти, 50 статии и трудови издадени од 1977 до 2010, до „Тајните на Исарот„, сите заедно, тоа се моќните високи стожери што ја вознесуваат душата на човекот и археологот професионалец, сопругот, таткото и милиот дедо Звонко Белдедовски кон вечното паметење“, кажа промоторот на книгата, Виктор Лилчиќ, директор на Управата за заштита на културно наследство.„Тивок, скромен, неуморен… Не треба могу да се каже за да се опише неговата душа… Толку вреден и трпелив, а толку таинствен и мирољубив со домашните. За работата со нас, ретко зборуваше. Тој Исар беше цел негов свет што како деноноќно да го носеше на плеќи, а во домот со нас, молчешкум си ги запишуваше впечатоците и пронајдоците. Само едно знаеше и сакаше – да ја објави КНИГАТА. Со тие зборови замина… со КНИГАТА… а таа остана неотпечатена…“, кажа во воведниот монолог актерот Страшко Милошевски, претставувајќи го животниот пат на Белдедовски.Градоначалникот на Штип, Илчо Захариев кој присуствуваше на промоцијата кажа дека Исарот е митско место кое од секогаш привлекувал внимание:„Оваа книга е само потврда на нашите заложби Исарот да го приближиме до Македонија и светот, и драго ми е што промоцијата се случува во предвечериоето на „Четрсе“ кое е духовно богатство на Македонија прогалсено од Унеско, а книгата е посветена токму на тајните на Исарот“, рече Захариев.Според Захариев, промовирањето на пешачката патека зад Исарот, како проект на локалната самоуправа, овозможи штипјани да видат дел од истражувањата и резултатите на Белдедовски, а тоа е тунелот.„Нашата цел е да ја заокружиме неговата мисија. Најмалку што можеме да направиме за него во овие моменти на негово физичко отсуство е да ги објавиме интегрално материјалите од неговите истражувања кои што се основа за книгата што му остана недопишана. Ви благодарам за убавите зборови за мојот татко , се надевам дека оваа дело ќе ги постави основите за издавање на една монографија“, изјави Душан Белдедовски, син на починатиот истражувач Звонко.Инаку, Звонко Белдедовски бил роден 1948 година во Берово каде завршил основно и средно образование а во 1974 година дипломирал на Филозофскиот факултет, група археологија во Белград. Беше вработен во Н.У. Заводот за заштита на спомениците на културата и Музеј – Штип во 1974 година. Бил учесник е на бројни национални и меѓународни симпозиуми од областа на археологијата и член на МАНД (Mакедонско Археолошко Научно Друштво). Работеше на местото советник кустос археолог, раководител на античкото и средновековно одделение. Своите истражувања ги преточувал во соодветни записи уште од 1977 кога пишувал за Исарот во Штип како средновековна населба. Почина во 2011 година а неговата пасија за Исарот, постхумно е преточена во новата книга „Тајните на Исарот“ во 2016 година од неговото најблиско семејство. На промоцијата зборуваше и Весела Честоева, дирктор на Археолошкиот музеј во Скопје која промовираше уште три други наслови кои се објавени преку проектот на Владата на Р.М за објавување на познати преводи на книги а кои се од областа на археологијата. /крај/со/др
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Книги
„Единствен матичен број“ на Лидија Димковска прогласен за роман на годината
Новиот роман на Лидија Димковска, „Единствен матичен број“, е добитник на годинешната награда „Роман на годината“.
Романот е во издание на „Три“ и уште по своето објавување, ја освои читателската публика. Жири-комисијата, составена од Влада Урошевиќ, Бранко Цветкоски, Марија Ѓорѓиева, Сашо Огненовски и Катерина Богоева, одлучи токму романот на Димковска да се закити со една од најпрестижните и несомнено најпосакувани признанија во домашната книжевност.
„Единствен матичен број“ е четврти роман на авторката, од кои „Резервен живот“ исто така беше во најтесниот круг за оваа награда во 2012 година.
Наградата „Роман на годината“ првпат е доделена во 1999 година од „Утрински весник“, а од 2017 до денес се доделува од Фондацијата „Славко Јаневски“.
За издавачкиот центар „Три“ ова е петта награда „Роман на годината“. Лидија Димковска се придружи на низата квалитетни автори, кои во издание на „Три“ претходно го добиле ова признание – Венко Андоновски со „Папокот на светот“ (2000), Кица Колбе со „Снегот во Казабланка“ (2006), Јагода Михајловска-Георгиева со „Индиго Бомбај“ (2008) и Митко Маџунков со „Птиците од ланските гнезда“ (2012).
Критиката веќе се огласи за многузначноста и значајноста на ова прозно остварување на Димковска. Читателите исто така ја препознаа неговата вредност, а во меѓувреме сите го очекуваме второто издание на романот.
Лидија Димковска веќе има освоено повеќе награди за нејзината проза, од кои ги издвојуваме – двапати наградата „Стале Попов“ на Друштвото на писателите на Македонија и награда на Европската Унија за литература за романот „Резервен живот“. Токму затоа таа сосем заслужено е една од најпреведуваните домашни авторки.
Книги
Пет романи во најтесен избор за наградата „Роман на годината“
„Единствен матичен број“ од Лидија Димковска („Три“), „Ако се родат некакви чувства: зборник за љубовта на Гоце и Јанка“ од Блаже Миневски („Матица македонска“), „Заборав“ од Томислав Османли („ВиГ Зеница“), „Сѐ уште можам нешто да сторам“ од Фросина Пармаковска („Или – или“) и „Зелениот дворец“ од Сибо („Арс Либрис“) се петте романи што се најдоа во најтесен избор за наградата „Роман на годината“ за 2023 година, што ја доделува Фондацијата за унапредување и промоција на културните вредности „Славко Јаневски“.
Оваа одлука ја донесе жири-комисијата во состав Влада Урошевиќ (претседател и минатогодишен лауреат), Бранко Цветковски, Марија Ѓорѓиева, Сашо Огненовски и Катерина Богоева (претставник на Фондацијата).
Наградата, чиј генерален покровител е „Комерцијална банка“ АД Скопје и која е поддржана од Министерството за култура на Република Северна Македонија, годинава се доделува по јубилеен 25-ти пат. Таа се состои од плакета, оригинална статуетка и паричен износ од 150.000 денари.
Жири-комисијата ќе го соопшти името на лауреатот на оваа престижна награда на прес-конференција што ќе се одржи во петок, 15 март, во кафе-книжарницата „Буква“ во Скопје, со почеток во 12 часот.
Книги
Десет романи во трката за „Роман на годината“
Жири-комисијата за наградата „Роман на годината“ за 2023 година што ја соселува Фондацијата за унапредување и промоција на културните вредности „Славко Јаневски“, во состав: Влада Урошевиќ (минатогодишен лауреат и претседател на Комисијата), Бранко Цветкоски, Марија Ѓорѓиева, Сашо Огненовски и Катерина Богоева (претставник на Фондацијата), селектираше десет романи што останаа во трката за наградата „Роман на годината“.
На годинашниот конкурс пристигнаа 36 романи. Жири-комисијата во првата селекција одбра 19 наслови, а сега списокот го стесни на десет романи.
Наградата „Роман на годината“ е поддржана од Министерството за култура на Република Северна Македонија, а нејзин генерален покровител е Комерцијална банка АД, Скопје. Наградата се состои од паричен износ од 150.000 денари, плакета и оригинална статуетка.
Според пропозициите, насловот на наградениот роман и името на авторот ќе бидат соопштени на прес-конференција на 15 март.