Книги
Свечено отворање на Саемот на книгата
Во понеделник, во 19 часот на Скопски саем ќе се одржи свечено отворање на Саем на книгата кое ќе го модерира Игор Џамбазов, а на кое ќе се обратат: Даниела Глигоровска, Извршниот директор на Скопски саем, Сашо Димоски, поет, драматург и еден од водечките писатели на поновата македонска генерација прозни автори, и Раде Сиљан, македонски поет, есеист, критичар и преведувач.
Во понеделник, во 19 часот на Скопски саем ќе се одржи свечено отворање на Саем на книгата кое ќе го модерира Игор Џамбазов, а на кое ќе се обратат: Даниела Глигоровска, Извршниот директор на Скопски саем, Сашо Димоски, поет, драматург и еден од водечките писатели на поновата македонска генерација прозни автори, и Раде Сиљан, македонски поет, есеист, критичар и преведувач.
По повод одржувањето на 28-от по ред Саем на книгата од 12-18 априлна свеченото отворање ќе присуствуваат Елизабета Канческа-Милевска, министерка за култура претставници на дипломатски кор, изложувачи, поканети гости по протокол и медиуми.Повеќе издавачки куќи најавија доаѓање на светски писатели, со кои посетителите ќе имаат можност да се дружат.Така од, „Антолог“ најавија дека доаѓа авторот на „Оксфордски убиства“ Гилјермо Мартинес, најпреведуваниот аргентински писател на XXI век и еден од најчитаните аргентински писатели во моментов, познат како автор на Оксфордски убиства, роман што беше вистинска сензација во Аргентина, Шпанија, Велика Британија, САД, и според кој беше снимен истоимениот холивудски хит со Џон Харт и со Илајџа Вуд во главните улоги.
„Антолог“ досега има објавено четири од книгите на овој писател со исклучителен прием од страна на читателите. Повод за оваа посета е токму огромниот интерес за делата на Мартинес, но и новообјавениот мистичен трилер Бавната смрт на Лусијана Б., во превод на Огнена Никуљски. Промоцијата на книгата и средбата со авторот ќе се одржат на 14 април, со почеток во 17 часот, на штандот на „Антолог“ во Метрополис арена.Волф Oшлис од Германија – македонист, публицист, преведувач и политички аналитичар и Ана Багрјана од Украина – писател и преведувач, се гости на „Македоника литера“Проф. д-р Волф Ошлис на штандот на Македоника, на 14 април, ќе има средба со читателите и пријателите, при што ќе ја потпишува својата книга „Гермакедонија (студии за македонско-германската заемност низ вековите), која ја објави Македоника, а за која авторот е награден со државната награда за публицистика „Мито Хаџи Василев Јасмин“.На 16 април на штандот на Македоника литера ќе биде промовирана книгата за деца „Приказни од скопскиот парк“ на Ана Багрјана, во присуство на авторката, а книгата излегува токму за овој саем на книгата. Во организација на Издавачката куќа „Феникс“ од Скопје, гости на Меѓународниот саем на книгата во Скопје ќе бидат српските писатели Сунчица Дениќ и Мирослав Михаиловиќ.Сунчица Дениќ е годинашен добитник на меѓународната награда за литератураљ за деца и млади Ана Франк, што ја доделуваат Издавачката куќа Феникс и Фондацијата за културна и научна афирмација и презентација Македонија презент.Мирослав Михаиловиќ, исто така, е познат српски писател, уредник на Книжевната заедница Бора Станковиќ, основач и координатор на Борина недела во Врање.Средбата со Дениќ и Михаиловиќ ќе се одржи на 12 април во 12 часот на штандот на Феникс на Саемот на книгата во Скопје.Издавачката куќа Готен со девет нови книги и двајца гости, Виктор Хорват и Пјер Џ. Мејлак, добитници на наградата на ЕУ за литература на Саемот на книга На претстојниот Меѓународен саем на книгата во Скопје, Издавачката куќа Готен ќе понуди девет нови книги. За првпат на македонски ќе биде претставена една од најреномираните германски авторки, Терезија Мора, со романот Сеништето, кој ги собра сите најзначајни германски награди. Oд домашните автори ќе го објавиме финалистот на наградата Роман на годината, Берт Стајн, со новото мултижанровско дело, Еден час и триесет минути. Од регионалните автори ги објавуваме Неџад Ибрахимовиќ со Инкапсулирани тела, Срѓан Срдиќ со Сатори и Аријан Лека со Домашна змија, за кое академик Луан Старова напиша вдахновен поговор.Гости на саемот ќе бидат Виктор Хорват од Унгарија и Пјер Џ. Мејлак од Малта, добитници на Европската награда за литература. Нивните наградени дела, Турско огледало на Хорват, кое го преведе Златко Панзов, и Ноќта те разубеди на Пјер Џ. Мејлак, во превод на Владимир Јанковски ќе бидат промовирани во рамките на саемот.Меѓу многубројните промоции кои ќе се случуваат на штандот на Просветно дело на претстојниот Саем на книгата, централно место имаат оние на збирката раскази Да се љуби и да се умре на Карибите од Исидора Бјелица и Дрво на животот на Кристина Ковач. Еден од најхрабрите љубовни романи последниве години, Дрво на животот, ќе биде промовиран во четрток, 14 асприл во 13 часот. За оваа исклучителна љубовна приказна ќе поразговараме со познатата српска композиторка и пејачка Кристина Ковач на која ова ѝ е прв роман. Присутните на штандот на Просветно дело ќе може да добија посвета со автограм од авторката лично. Да се љуби и да се умре на Карибите е втора книга од Бјелица во издание на Просветно дело, по објавувањето на нејзиниот роман Сама. Оваа збирка раскази не е само приказна за скриениот раj, тоа е книга во коjа потсвеста на авторката, нејзиното скриено jас, пишува за себе, за болеста, за стравот, за краjот на животот многу години пред тоа навистина да се случи. Промоцијата на оваа книга ќе се случи во петок, 15 април од 13 часот кога Бјелица ќе биде присутна на штандот на Просветно дело. Просветно дело на годинешниов Саем на книгата ќе ги претстави и изданјијата од новите едиции лиценцирани наслови за деца како Миа и јас, Нинџа желки, Дора истражува и Сунѓерот Боб. /крај/мф/бб
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Книги
Промоција на книгата „Дискретниот шарм на македонскиот филм“ од Ана Василевска
Книгата „Дискретниот шарм на македонскиот филм“ од Ана Василевска, ќе биде промовирана во среда, 10 април.
Настанот ќе се одржи во „Јавна соба“ во Скопје, во 18.30 часот, а промотори на книгата се режисерите Ана Опачиќ и Даријан Пејовски.
Книгата којашто е во издание на „Македоника“ е сублимиран приказ на состојбите во нашата кинематографија од осамостојувањето на Македонија до 2021 година, односно опфаќа три децении македонска продукција.
Ана Кубин, авторка на рецензијата на книгата вели дека нашата филмска традиција има поопсежна историја и несомнено можеме да ја сместиме во неколку епохи, но новото наше филмско творештво, до денес, повеќе од сигурно испиша нова историја, изроди ново филмско стебло, направи нов уметнички исчекор.
– Ете за тие факти зборува книгата на Ана, не заборавајќи да ја спомене и генетиката на македонскиот филмски уметник, или ако сакате повеќе, генезата на македонскиот филмаџија. Таа умешно ги проткајува споредбите на мак филмот со светските филмски уметнички дела, цитирајќи едни од најголемите светски и македонски филмски умови, паралелно прикажувајќи ја средината, состојбата и општествените прилики во кои се создавала светската наспроти македонската филмска креатива. Книгата во која на стотина страни е отсликана македонската филмска продукција во последните триесеттина години е јасна и концизна приказна за почетоците на нашето самостојно филмување, но и стручен приказ на времето во кое живееме сега во филмска смисла на зборот, до каде сме и каде сме се упатиле, имаме ли перспектива и што е она што треба да смениме за да напредуваме, оти во уметничка смисла, иако вака и вакви мали, ние имаме што да му понудиме на филмскиот свет, но и рамноправно да му парираме на светскиот филмски џет сет – пишува Кубин.
Промоцијата ќе биде проследена со коктел и музички настан.
Ана Василевска, родена во Скопје во 1975 година е новинар, филмски теоретичар, критичар. Формалното образование го стекнува на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, како дипломиран филолог по македонски јазик со општа и компаративна книжевност, а магистерските студии по филмска и телевизиска режија, на Факултетот за аудиовизуелна уметност „ЕСРА“, Скопје. Со професионално новинарство, насочено кон културата, со посебен фокус кон филмот се занимава од 1998 година. Автор е на стотици објави на рецензии, осврти, интервјуа, анализи и критики поврзани со филмот, пласирани во бројни печатени и електронски медиуми. Била уредник на ревијата за филм на првото електронско списание во Македонија, „Блесок“. Селектор и модератор на ревијалната програма „Мак поинт“ на ИФФК „Браќа Манаки“ во периодот од 2016 до 2019 година. Работела и како лице задолжено за односи со јавноста на бројни филмски проекти во македонска продукција. Иницирала, организирала и модерирала низа тематски трибини за македонскиот филм. Уметнички координатор е на првата манифестација за преглед на годишната филмска продукција, „Златна рамка“, денови на македонски филм 2019- 2023 година. Медиуми во кои работела: Македонска телевизија, Дневник, Форум, Макфакс, Радио Равел, А1 он, Нова ТВ веб и други. „Дискретниот шарм на македонскиот филм“ е нејзина прва објавена книга. По промоцијата, книгата ќе биде достапна во книжарниците.
Книги
Фредерико Педреира: „Лекцијата на месечарот“ е фикција што ја потпирам врз ковчегот полн со сеќавања
Неколку дена по одбележувањето на Денот на европските автори, издавачката куќа „Арс Ламина“ го промовираше последниот роман од проектот „Порта Европа“ – „Лекцијата на месечарот“ од португалскиот писател Фредерико Педреира. Во едицијата „Порта Европа“ застапени се македонски преводи на шест наслови од млади, но веќе етаблирани европски писатели – добитници на Европската награда за книжевност.
Книгата „Лекцијата на месечарот“, за која Педреира во 2021 година ја доби престижната наградата за книжевност, што ја доделува Европската унија, беше претставен пред македонската публика на онлајн-промоција, која може да се проследи на фејсбук-страницата на „Арс Ламина“. Во разговорот, покрај Педреира, се вклучија уредничката на книгата Бисера Бендевска и преведувачката од португалски јазик Весела Моловска.
Романот, кој е во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“, доби уникатен дизајн на корицата – дело на Катерина Соколова. Нејзиното идејно решение беше избрано за победничко на конкурсот за млади дизајнери во рамките на проектот „Порта Европа“.
Уредничката Бендевска истакна дека „Лекцијата на месечарот“ е раскошен билдунгсроман со автобиографски примеси, во кој во прво лице нараторот ни ја раскажува неговата трансформација од младо момче до зрел книжевник.
– Овој пристап, во прв момент, може да нè потсети на Џојсовиот „Портрет на уметникот во младоста“. Но, за разлика од класикот на Џејмс Џојс, сепак овој роман има своја оригинална структура. Во основата, овој роман се занимава со минатото и со носталгијата по детството на начин што е најблизок до Прустовиот амблематичен циклус од романи, „Во потрага по загубеното време“. Како што неименуваниот наратор во Прустовиот роман го става во погон дејството, премотувајќи го времето наназад, благодарение на мадлените што ги потопува во чајот, така неименуваниот наратор во романот на Педреира се враќа во своите детски денови во митската „зелена куќа“ на неговите баба и дедо, каде што постојано појадува потпечени торади со путер. Овој роман е составен од девет поглавја што немаат природен редослед, туку се фокусираат на раштркани сеќавања од минатото и не зависат едни од други во текот на дејството. Мноштвото ликови постојат единствено низ гласот на нараторот кој ги опишува и не комуницираат меѓу себе. Токму ова отсуство на дијалог и интеракција помеѓу гласовите (ликовите) ја претвора нарацијата во документ што е посличен на фикциска автобиографија, отколку роман на доживувања – рече уредничката.
Писателот Фредерико Педреира изјави дека „Лекцијата на месечарот“ е автобиографска фикција.
– Всушност, не би ни можел да пишувам нешто, без да има автобиографска основа. Потребно ми е секогаш да тргнам од некаква приказна од мојот живот. Потребно ми е да почувствувам дека е вистинито, за да имам основа преку која ќе можам да ја проектирам својата имагинација. Но, оваа имагинација е секогаш заснована на меморијата, бидејќи таа е секогаш нарушување на реалноста, а процесот на меморијата секогаш вклучува реконструкција, па и јас работам од тој аспект. Има многу добри автори во полето на имагинацијата, но мене, бидејќи ми недостига онаа чисто фиктивна имагинација, мојот првичен гест е да се потпрам секогаш врз ковчегот полн со меморија – рече Педреира.
Начинот на којшто пишува авторот може да се спореди со стилот на писателите во 19 и 20 век: со долги и сложени реченици, со многу апозиции, стилски фигури, длабока филозофија. Педреира вели дека тоа, меѓу другото, е своевиден пркос кон инстант-литературата на денешното време.
– Секогаш постои пркосот за тоа што се произведува денес. Една моја страна го сака сето она што е дамнешно, особено онаа литература што е направена кон крајот на 19 век и почетокот на 20 век, како што може да се види во романот. Многу ми се допаѓаат Пруст и Џојс. Влијанието на Пруст тука е многу присутно и го признавам тоа уште во првите страници. Има една моја страна што сака да биде субверзивна, а во исто време и конзервативна, така што се обидувам да ја препознам големата традиција на еден детерминиран уметнички израз и да го манифестирам во тоа што го пишувам како мој долг кон големите мајстори… Не трагам секогаш по новитети во библиотеките и во тоа што го читам. Гледам дека луѓето имаат постојана потреба за нешто ново. Понекогаш дури и мислам, „ах, сè уште ми фали да ја прочитам онаа книга од Балзак или од Томас Ман, па дури и некои португалски автори, славни романсиери кои речиси се заборавени“. Така што, има еден конзервативен дел во мене, за кој верувам дека е малку субверзивен, анархистички во однос на изборот – рече тој.
Со оглед на очигледните и не толку очигледните референции на капитални дела и писатели од 20 век, „Лекцијата на месечарот“ е своевиден омаж кон Пруст, Џојс, Борхес и Песоа.
– Библиотеката на дедото на протагонистот е ветување за бесконечноста, ветување за бесконечна ментална забава. И на еден одреден начин, сето тоа што го пишувам е повеќе или помалку обид да им дадам омаж на авторите кои веќе не се тука, но оставиле наследство што ме натерало да пишувам. Затоа јас секогаш мислам дека им должам на овие гласови. Но, дури и така, не пишувам само за мртвите. Има автори од мојата генерација и постари кои многу ги почитувам и исто така пишувам и за нив, односно сакам да им надоместам за тоа што како читател ми го дале и што ме инспирирале во пишувањето… Во книгата исто така се концентрирам и на јазикот што го користи бабата на протагонистот, што функционира како своевидна карикатура. Така што мене не ме интересира да стигнам до некаква вистина или некаква реална вистина кажана од ликот, туку ме интересира карикатурата, изразот, што може да биде и лицето на еден одреден карактер. Јазикот понекогаш покажува многу повеќе за нас, односно начинот, формата преку која го користиме јазикот, покажува многу повеќе за нас отколку манифестациите со кои кажувам кој сум или други ми кажуваат кои се, така што формата со која го користиме јазикот во оваа смисла е регулативна. Затоа во моите романи нема силно изразен заплет, туку тоа се исечоци, мали импресии што останале врежани и кои сакам да ги истражувам – рече тој на крајот.
Фредерико Педреира е роден во 1983 година во Лисабон. Студира во Португалија и во Велика Британија, каде што се здобива со магистерска диплома на универзитетот „Ројал Холовеј“ во Лондон. Завршува докторски студии по книжевна теорија на Универзитетот во Лисабон. Работи неколку професии: новинар, преведувач и книжар. Има објавено десетина книги: шест поетски збирки, два романа, книга со кратки раскази и збирка есеи. Преведува дела од Јејтс, Луиз Глик, Честертон, Орвел, Дикенс, Свифт, Велс, Харди, Банвил и Вирџинија Вулф. Во 2021 година ја добива книжевната награда на Европската унија за романот „Лекцијата на месечарот“. Неговото поле на интерес вклучува философија на јазикот, книжевна критика, скептицизам, перцепција, филозофите Лудвиг Витгенштајн и Стенли Кавел и критичарот на уметноста Мајкл Фрид. Има живеено во Италија и во Франција.
Книги
„Единствен матичен број“ на Лидија Димковска прогласен за роман на годината
Новиот роман на Лидија Димковска, „Единствен матичен број“, е добитник на годинешната награда „Роман на годината“.
Романот е во издание на „Три“ и уште по своето објавување, ја освои читателската публика. Жири-комисијата, составена од Влада Урошевиќ, Бранко Цветкоски, Марија Ѓорѓиева, Сашо Огненовски и Катерина Богоева, одлучи токму романот на Димковска да се закити со една од најпрестижните и несомнено најпосакувани признанија во домашната книжевност.
„Единствен матичен број“ е четврти роман на авторката, од кои „Резервен живот“ исто така беше во најтесниот круг за оваа награда во 2012 година.
Наградата „Роман на годината“ првпат е доделена во 1999 година од „Утрински весник“, а од 2017 до денес се доделува од Фондацијата „Славко Јаневски“.
За издавачкиот центар „Три“ ова е петта награда „Роман на годината“. Лидија Димковска се придружи на низата квалитетни автори, кои во издание на „Три“ претходно го добиле ова признание – Венко Андоновски со „Папокот на светот“ (2000), Кица Колбе со „Снегот во Казабланка“ (2006), Јагода Михајловска-Георгиева со „Индиго Бомбај“ (2008) и Митко Маџунков со „Птиците од ланските гнезда“ (2012).
Критиката веќе се огласи за многузначноста и значајноста на ова прозно остварување на Димковска. Читателите исто така ја препознаа неговата вредност, а во меѓувреме сите го очекуваме второто издание на романот.
Лидија Димковска веќе има освоено повеќе награди за нејзината проза, од кои ги издвојуваме – двапати наградата „Стале Попов“ на Друштвото на писателите на Македонија и награда на Европската Унија за литература за романот „Резервен живот“. Токму затоа таа сосем заслужено е една од најпреведуваните домашни авторки.