Култура
„Кон светлината“ – изложба на Новица Трајковски во Куманово
На 09.04.2026, четврток, со почеток во 20 часот во Изложбениот салон на НУ Центар за култура „Трајко Прокопиев“ – Куманово ќе биде отворена изложбата „Кон светлината“ од авторот Новица Трајковски. Изложбата содржи 21 сликa од најновата продукција на Трајковски, работени во техниките масло и акрил на платно.

Новица Трајковски роден на 21 12 1962 година во Белимбегово денешно Илинден. Средно уметничко и факултет за ликовни уметности има завршено во Скопје во класата на професорите Димитар Кондовски и Родољуб Анастасов. Има реализирано над 80 самостојни изложби. Повеќе групни изложби и учество на повеќе ликовни колонии. Член е на ДЛУМ. Живее и работи како слободен уметник во родниот Илинден.

Изложбата ќе биде поставена до 23.04.2026.


©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
МНТ со двојна победа: Првенците Тони Михајловски и Тања Кочовска наградени во ист ден на два фестивали
Двајца првенци на Македонски народен театар во ист ден беа наградени за своите улоги во претставата „Народен пратеник“, на два различни фестивали, потврдувајќи го високиот уметнички квалитет на ансамблот и силниот регионален одек на театарот.
Актерот Тони Михајловски ја доби наградата за најдобар актер на вечерта, доделена веднаш по изведбата на претставата на јубилејното 30. издание на фестивалот „Актерски свечености – Миливоје Живановиќ“ во Пожаревац. Настапот на ансамблот беше проследен со силни аплаузи и одличен прием од фестивалската публика и стручната јавност.

„Актерски свечености – Миливоје Живановиќ“ е реномиран театарски фестивал кој од 1995 година се одржува во Центарот за култура во Пожаревац, во чест на еден од најголемите српски актери – Миливоје Живановиќ. Фестивалот традиционално се одржува во првата недела од април и на публиката ѝ нуди селекција на најдобрите претстави од годишната продукција на престижни театри во Србија и регионот.
Програмата се состои од пет натпреварувачки вечери, а победниците влегуваат во конкуренција за главната награда – статуетата „Миливоје Живановиќ“. Помеѓу досегашните лауреати се значајни актерски имиња како: Љубомир Тадиќ, Драган Миќановиќ, Војислав Воја Брајовиќ, Предраг Ејдус, Ружица Сокиќ, Милан Лане Гутовиќ, Предраг Мики Манојловиќ, Небојша Глоговац и Јелисавета Сека Саблиќ.
Истовремено, во Велес, во рамките на петтото јубилејно издание на фестивалот „5-РЕ“, актерката Тања Кочовска ја доби наградата за најдобра споредна женска улога за својата впечатлива интерпретација на ликот Спиројца.

Со едногласна одлука, жирито во состав Зорица Панчиќ, Владимир Тулиев и Елеонора Теова ја истакна нејзината остра духовитост, доминантно сценско присуство и автентична интерпретација, нагласувајќи дека „секој нејзин гест и реплика се претвораа во победа“, а нејзината изведба ја издвои како еден од највпечатливите сценски моменти на фестивалот.
Претставата „Народен пратеник“, по текст на Бранислав Нушиќ и во режија на Егон Савин, бележи значајна меѓународна сценска присутност како дел од балканската турнеја. Досега е изведувана во Народното позориште во Белград, Црногорското народно позориште во Подгорица, како и на повеќе сцени низ Босна и Херцеговина, а беше дел и од програмата на реномираниот фестивал „Стериино позорје“.
Продукцијата е добитник на повеќе значајни признанија, меѓу кои главната награда „Борисав Станковиќ“ за најдобра претстава во целина на фестивалот „Борини позоришни дани“, како и специјалната „Стериина награда“ за колективна актерска игра.
Во претставата играат: Александар Микиќ, Дарја Ризова, Тони Михајловски, Јордан Симонов, Тања Кочовска и Александар Михајловски (глас), како и ансамблот Дејан Стамчевски, Синан Ракип, Скендер Бериша, Зекирија Алим, Мирослав Атанасовски, Мартин Китановски и Хусеин Халили.
Култура
Објавена програмата на Скопскиот поетски фестивал, ќе има стотина поети од земјава и од странство
Шестото издание на Скопскиот поетски фестивал ќе се одржи во периодот 7 до 9 мај во Младинскиот културен центар ‒ Скопје и во „Буква“. На настаните ќе се претстават стотина поети од земјава и од странство. Ќе има гости од Кина, од Хрватска, од Словенија, од Турција, од Грција, од Србија, од Бугарија и од Црна Гора.
„Мотото на годинешниот фестивал е „(СО) СТИХ СПРОТИ НАРАТИВ! (Поезија, политика, пропаганда…). Со ова мото сакаме да ја одбележиме 100-годишнината од раѓањето на Ален Гинзберг и да покажеме колку неговата поезија е податлива за толкување и на денешните состојби во светот. Автор на постерот е Андреј Павлов“, велат организаторите.
Официјалното отворање е закажано за 7 мај во 20:00 часот во Младинскиот културен центар ‒ Скопје, на кое ќе настапат деветмина поети и поетеси, меѓу кои и младата поетеса Деспина Сиљаноска што беше одбрана за најдобра од дванаесетмината што настпија на „Отскочна даска #5“ ‒ преднастан на фестивалот наменет за млади поети, а по ова прво интернационално поетско читање ќе следува поетско-музички перформанс на Марија Вујошевиќ и Барбара Делаќ од Црна Гора.
Следниот ден програмата ќе продолжи во Младинскиот културен центар ‒ Скопје, каде што ќе се одржи „Поетот е присутен“, настан од затворен карактер, на кој дел од поетите учесници на фестивалот ќе читаат за малубројна публика што претходно ќе биде избрана по повик; потоа ќе следува и настанот „Диптих #6“ на кој ќе бидат претставени две изданија на „ПНВ Публикации“, избор песни од авторките Гонџа Озмен од Турција и Кристина Шпиранец од Хрватска, а потоа ќе следува уште едно интернационално поетско читање на кое ќе настапат десетмина поети и поетеси.
На последниот ден на фестивалот, 9 мај, настаните ќе се одржат во „Буква“. Публиката ќе има можност да проследи уште две промоции на книги, едната е избор песни од поетесите Марија Вујошевиќ и Барбара Делаќ од Црна Гора во издание на „Култура Бета“, а другата е стихозбирката „Тускулум“ од Денис Шкофич од Словенија, издание на „ПНВ Публикации“. По промоциите ќе следува интернационалното поетско читање „THE VERSE CITY/DIVERSITY (Диверсити)“ на кое ќе настапат петнаесетмина поети и поетеси. По ова читање ќе следува и забава за крај на фестивалот.
Но пред сите овие збиднувања, како еден од преднастаните на фестивалот, на 7 мај, од 18:00 часот во киното „Фросина“ во МКЦ ќе се одржи промоцијата на поетската панорама што по повод минијубилејот ‒ 5 години „Отскочна даска“, ја подготви „ПНВ Публикации“ и во која ќе бидат застапени песните на сите шеесет и шест досегашни учесници на овој настан наменет за млади. Книгата ќе биде промовирана со читање на сите млади автори застапени во панорамата.
Култура
Бесплатна проекција на филмот „Тетовирање“ во Драчево
Општина Кисела Вода организира бесплатна проекција на филмот „Тетовирање“ во Драчево.
Општина Кисела Вода, во соработка со Кинотеката на Македонија, организира бесплатна проекција на македонскиот филм „Тетовирање“ во режија на Столе Попов. Проекцијата ќе се одржи на 9 април 2026 година (четврток), во новото кино „Киноверзум“ во Драчево, со почеток во 19:00 часот.
Влезот за сите посетители е бесплатен, но поради ограничениот капацитет, задолжителна е претходна резервација на билети.
Граѓаните можат да резервираат место во периодот од 7 до 9 април, од 07:30 до 15:30 часот, на следните телефонски броеви:075/380-928 (Даниела) и 071/804-474 (Верица).
„Овој настан е дел од иницијативата на Општина Кисела Вода за зајакнување на културната понуда во овој дел од градот, со фокус на презентација на значајни остварувања од домашната кинематографија. Преку прикажување на етаблирани македонски филмови, Општина Кисела Вода овозможува поголема достапност на националното филмско наследство за сите граѓани“, велат од општината.
