Култура
„Мачкина глава“ ќе го отвори, „Црно злато“ ќе го затвори јубилејниот 60. МТФ „Војдан Чернодрински“ – Прилеп
Десет претстави во официјална и четири во придружна програма ќе бидат на програмата на јубилејното 60. издание на Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“, што ќе се одржи во Прилеп од 5 до 12 јуни 2026 година. Под мотото „Храбриот нов театар“, и тематот „Кризата на човекот во општеството и кризата на општеството во човекот“, уметничката директорка на фестивалот и селектор на програмата, Ана Стојаноска денеска на прес-конференција во Центарот за култура „Марко Цепенков“ во Прилеп ја соопшти програмата. Фестивалот ќе биде отворен со претставата „Мачкина глава“ на Драмскиот театар, која е селектирана во официјалната програма, а ќе биде затворен со гостување на Београдско народно позориште, кое ќе ја изведе последната праизведба на „Црно злато“ во режија на Оливер Фрлјиќ, по текст на Дејан Дуковски, Авторот во фокус на фестивалот годинава.
Поради јубилејната година, Собранието избра четворица добитници на наградите за животно дело. Тоа се: Атила Клинче, актер, Сашо Миленковски, режисер, Љубомир Чадиковски, основач на Театар за деца и младинци и сценограф и Веби Ќерими, актер.
По предлог на фамилијата на актерот Кирил Ристоски, Собранието на Фестивалот донесе одлука наградата за главна машка улога од годинава да го носи името на големиот актер, заради неговиот придонес кон македонскиот театар, воопшто.
Да се направи селекција за 60-годишниот јубилеј е еден од доминантните предизвици на подготовките на овогодишниот фестивал. Како театролог, писателка и, пред сè, како вљубеник во театарот, оваа сезона за мене беше една од најпредизвикувачките за селекцијата на претставите, вели Стојаноска во експликацијата на програмата.
-Од изгледаните 54 претстави во македонските институционални театри и независната продукција, како главна одлика се гледа дека доминираат мал број режисерски имиња, квазикомедии кои треба да ни покажат дека публиката доаѓа во театар од една причина, како и препрочити на одамна веќе излитени драми. Недостига поголем простор за македонската драма, независно дали е современа или не, а особено претстави кои сериозно би ја поставиле македонската драма во современ контекст. Иако на репертоарите на театрите имаше македонски драми, сепак, недостигаше современ ракопис кој треба да покаже како треба да изгледа денешната современа драма кај нас, а истовремено некои од претставите работени според македонските драми не беа на соодветно ниво во однос на актуелниот театарски контекст – вели Стојаноска и додава:
-За мене, современиот театар денес треба да има став и коментар на состојбата во која се наоѓаме, треба гласно и јасно да ги детектира аномалиите на општеството и да покажува сериозна професионалност. Од она што го видов на македонските театарски сцени, има одлични примери во независната продукција и ретки исклучоци во институционалната продукција. Затоа концептот за ова издание го подредив на тематот – „кризата на човекот во општеството и кризата на општеството во човекот“. Оваа селекција покажува дека има актери кои некако логично доаѓаат до своите претстави и доминираат во нив. Станува збор за неколку избрани актерски креации кои вреди да бидат презентирани. Претстави во официјалната селекција се:
„Амадеус“ од Петер Шефер во режија на Андреј Цветановски, продукција на Турски театар – Скопје. „Едмонд“ од Дејвид Мамет, во режија на Оливер Мицевски, продукција на Народен театар – Битола „Ивона принцезата на Бургунд“, од Витолд Гомбрович, во режија на Билјана Радиноска, продукција на Театар Комедија – Скопје „Калигула“ од Албер Ками, во режија на Ѓорѓи Ризески, продукција на Народен театар – Куманово „Мачкина глава“ од Венко Андоновски, во режија на Дејан Пројковски, продукција на Драмски театар – Скопје. „Носорози“ од Ежен Јонеско, во режија на Васил Василев, продукција на Албански театар – Скопје „Случајната смрт на еден анархист“ од Дарио Фо, во режија на Ивана Ангеловска, продукција на НУЦК „Ацо Шопов“ – Театар – Штип „Страв и надеж“ по мотивите на Франц Ксавер Крец, во режија на Татјана Мандиќ Ригонат, продукција на Македонскиот народен театар – Скопје „Црнила“ од Коле Чашуле во режија на Дејан Пројковски, продукција на Народен театар „Војдан Чернодрински“ – Прилеп „Челинџ“, автор и режија Јане Спасиќ, Театар за деца и младинци – Скопје Во придружна програма се избрани претставите (подредени по азбучен ред на насловот на претставата): „Вилицата на Ибен Бајерс“ од Филип Грујиќ во режија на Борис Василевски, продукција на „Штрих“ – Скопје „Драга Јелена Сергеевна“ од Људмила Разумовскаја, во режија на Шенај Мандак, копродукција на Факултетот за драмски уметности – Скопје и Македонскиот народен театар – Скопје „Невиност“ од Деа Лоер, дипломска претстава на класата по актерска игра, под менторство на проф. м-р Зоја Бузалковска и вонр. проф. м-р Александар Степанулески „Сина сенка“ од Брајан Рејнолдс, во режија на Тамара Стојаноска, театар „Златен елец“.
За наградите на фестивалот ќе одлучува жирито во состав: Снежана Конески-Руси, актерка, режисерка, Дарко Лукиќ, театролог, независен театарски научник и автор од Хрватска и Аида Буквиќ, наградувана театарска и филмска режисерка од Хрватска.
Во рамките на големиот јубилеј, ќе биде посветен ден на Авторот во фокус, Дејан Дуковски, ќе бидат организирани три изложби, од кои едната со фокус на 60 години фестивал ќе биде отворена за време на отворањето. И годинава ќе биде организиран Музеј во движење со фокус на творештвото на актерите Благој Ивчески, Лидија Иваноска и Трајче Иваноски.
И годинава фестивалот ќе ја организира Детската зона, студентите на ФДУ ќе учествуваат во улични театарски перформанси, ќе бидат организирани промоции.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Со „Сестра Анџелика“ и „Џани Скики“ свечено отворени 54. Мајски оперски вечери
Со изведбата на оперите „Сестра Анџелика“ и „Џани Скики“ од Џакомо Пучини, синоќа во Македонската опера и балет беше отворено 54. издание на фестивалот „Мајски оперски вечери“. Публиката премиерната изведба ја поздрави со долги аплаузи и овации.
Диригент на двете едночинки беше Џанлука Мартиненги, кој го водеше оркестарот низ две различни музички и драмски атмосфери – од трагичната и емотивна „Сестра Анџелика“ до сатиричната и комична „Џани Скики“.
Во главната улога во „Сестра Анџелика“ настапи сопранистката Валентина Бои, која ја донесе емотивната приказна за монахињата што се соочува со лична трагедија. Бенедета Мацето настапи како Принцезата, во улога што внесе силна драмска тензија во претставата.
Режијата е на Пјер Франческо Маестрини, сценографијата на Гиљермо Нова, костимографијата на Кристина Ачети, а светлото го потпишува Милчо Александров.
Во вториот дел од вечерта беше изведена комичната опера „Џани Скики“, во која главната улога ја толкуваше Роберто Де Кандиа. Настапија и Ана Дурловски како Лаурета и Гуо С-Жао како Ринучио.
Публиката особено ја поздрави изведбата на аријата „O mio babbino caro“, како и ансамбл сцените во операта.
Со ова отворање, Мајските оперски вечери ја започнаа новата фестивалска сезона со продукција што обедини силни вокални интерпретации, впечатлива сценографија и современ режисерски пристап.
Култура
Самостојна изложба „Македонска Златна Азбука“ на Мaја Танева во Мобилната/Монтажна галерија во Скопје
Денес во Мобилната/Монтажна галерија во Скопје, ќе биде отвотена самостојната изложба „Македонска Златна Азбука“ на уметницата Мaја Танева, проект кој ја истражува македонската азбука како простор на идентитет, културна меморија и современ визуелен израз.
Изложбата опфаќа 31 дело, по едно за секоја буква од македонската азбука, изработени во акрилна техника со златна фолија на акрилен хамер. Дел од буквите се врамени, додека други излегуваат од класичниот формат и го преземаат самиот галериски простор,претворајќи ја изложбата во визуелно и емоционално искуство.
„Азбуката е едно од ретките нешта што тивко нè следат низ целиот живот. Преку неа првпат го пишуваме сопственото име, првпат читаме и се препознаваме себеси во јазикот,“ вели авторката.

Златото во изложбата не симболизира материјално богатство, туку вредност која што не бледее, како јазикот, наследството и културниот идентитет. Во време на забрзана дигитална визуелна култура, „Македонска Златна Азбука“ отвора простор за повторно поврзување со сопствениот јазик преку уметноста.
Мaја Танева е визуелна уметница и скулпторка, препознатлива по својата работа со инокс и жичени форми. Иако нејзините последни години се обележани со скулпторски изложувања, „Македонска Златна Азбука“ претставува посебен авторски проект и изложување со слики, создадено како визуелно истражување на буквата, јазикот и културниот идентитет, но и продолжување на истражувањето на формата, симболот и просторот низ нов медиумски пристап.

Проектот е финансиски поддржан од Министерството за култура и туризам на РСМ, во рамки на програмата за развој на Креативни индустрии за 2026 година. По завршувањето на изложбата, делата продолжат да живеат и надвор од галерискиот простор преку дигитална архива, PDF-изданија и принтови достапни за пошироката публика и културни институции.
Изложбата е отворена од 11-ти до 17-ти мај во Мобилна/Монтажна галерија – Скопје.
Култура
Трето издание на Деновите на поезијата, од 14 до 16 мај
„Поезијата е свртена кон човекот, се создава за него и ги дели неговите соништа“. Под ова мото, кое му го должиме на Ацо Шопов, годинава ќе се одржи третото издание на Деновите на поезијата, од 14 до 16 мај, во Скопје Сити Мол.
Соништата на нашите поети – оние што се со нас, и оние што веќе ги нема – ќе бидат во срцевината на програмата, со која фондацијата „Ацо Шопов – Поезија“ доследно продолжува да гради мостови меѓу генерациите.
Традиционално, манифестацијата ќе започне со одбележување на јубилеи на истакнати македонски поети и творци: Васил Куноски и Волче Наумчески (родени 1916), Блаже Конески (1921), Видое Видичевски, Илхами Емин, Анте Поповски, Љупчо Стојменски и Љубен Ташковски (1931), Петар Т. Бошковски и Михаил Ренџов (1936), Светлана Христова-Јоциќ (1941), Атанас Вангелов и Васил Пујовски (1946).
Во текот на Деновите ќе бидат одбележани и јубилејните родендени на Јован Стрезовски, Иван Чаповски, Ефтим Клетников, Катица Ќулавкова, Ванчо Полазаревски и Гордана Јовиќ-Стојковска. На поетската сцена ќе настапат и современите македонски поети: Лира Бојку, Ристо Василевски, Вероника Димоска, Саранда Мехмеди, Нино Наумовски, Елена Пренџова, Михајло Свидерски, Милена Силјаноска, Стефан Спасовски, Виолета Танчева-Златева и Лејла Шериф Емин.
Истовремено, манифестацијата ја зајакнува и својата меѓународна димензија. Минатата година, публиката имаше можност да се запознае со младиот грчки поет Сотирис Минас, кој остави силен впечаток во јавноста, а му беше оддадена почит на сенегалскиот поет Леополд Седар Сенгор (1906-2001). Годинава, пак, како почесна гостинка ќе настапи Дорис Карева, од Естонија, едно од најзначајните имиња во современата европска поезија.
Како што е вообичаено, најновата поетска генерација ја заокружува агендата на манифестацијата. Овојпат, во чест на Анте Поповски, поканети се млади добитници на наградите кои го носат неговото име.
Годинава се навршуваат и 55 години од првото издание на „Златно славејче“, како и 90 години од раѓањето на Александар Џамбазов, кој заедно со Васил Пујовски го иницираше овој фестивал. Затоа, во сабота 16 мај, поетската сцена на фондацијата „Ацо Шопов-Поезија“ и Скопје Сити Мол ќе се претвори во еден прекрасен поетски и музички лавиринт, низ кој публиката ќе ја води Игор Џамбазов. Предвидена е и интерактивна програма во која учествуваат ученици од основните училишта „Ацо Шопов“ и „Владо Тасевски“.
Голем број деца од целата земја се очекуваат и на Државниот рецитаториски натпревар за ученици од основно и средно образование кој ќе се одржи во киното Синеплекс.
Во Синеплекс настапува и ПОЕТРОНИКА со концертот „Кон Ацо Шопов“ – современ музичко-поетски омаж на неговото творештво. За влезниците информации можат да се добијат на Инфопултот во Скопје Сити Мол.
Публиката и овојпат ќе биде вклучена во програмата преку интерактивни содржини за кои се предвидени пригодни награди. Посетителите ќе имаат можност да запишуваат свои стихови на „Ѕидот на поезијата“, како и да учествуваат во наградната игра „Поетско тркало на среќата“.
Како новитет, Деновите на поезијата годинава го воведуваат Поетскиот саем на книгата, замислен како простор за средба меѓу поетите, издавачите и читателите, како и за промоција на современата поетска продукција.
Воедно, за првпат една македонска поетска манифестација станува дел од агендата на „Поетската пролет“ — француска иницијатива која со текот на времето добива сè поизразен меѓународен карактер и претставува значајна платформа за светска поетска и културна размена.
Партнери на настанот се Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, Факултетот за драмски уметности и Факултетот за музичка уметност, при УКИМ, основните училишта „Ацо Шопов“ и „Владо Тасевски“, издавачките куќи „Литература.мк“, „ПНВ Публикации“ и „Чудна Шума“, Македонскиот ПЕН Центар, Сојузот на друштвата за македонски јазик и литература, младинското здружение „Култура бета“, како и киното Синеплекс.
