Култура
Македонскиот емо/пост-хардкор бенд „Yöu“ оди на европска турнеја
Емо/пост-хардкор бендот Yöu оваа пролет оди на европска турнеја која опфаќа 13 концерти во осум земји во централна Европа и регионот.
Турнејата започнува на 15. мај во Скопје со концерт во Буква, на кој ќе настапи и кочанскиот бенд Корка, по што следува интензивен концертен циклус од 11 настапи во 11 дена низ Словенија, Италија, Германија, Австрија, Чешка, Хрватска и Србија.
Финалниот настап е закажан за 6 јуни во Битола, на главната бина на метал фестивалот под отворено небо, „Metal Discharge“. Турнејата, која опфаќа патување од над 5000 километри, е реализирана во соработка со Атомик продукција и Црнило букинг од Хрватска.
Формирани во октомври 2015 година во Скопје, Yöu ја темели својата музика на влијанијата од DC „Revolution Summer“ сцената, DIY етиката и сивото секојдневие. Нивниот звук претставува спој на традиционалнo емо со елементи на blackgaze и пост-метал, карактеризиран со динамични, но истовремено и мелодични гитарски линии, агресивен вокал и бескомпромисно цврста ритам секција.
Бендот го објави својот деби албум “We Sing The Blues…” во 2017 година, по што следеа настапи низ Европа и Балканот. Во 2024 година, по промена во составот, го издадоа EP-то “River of Sadness”, со кое го дефинираа актуелниот звук и правец. По серија фестивалски настапи и концерти во регионот, оваа турнеја претставува нивно враќање на европските сцени со нов материјал. Критиката ги опишува Yöu како бенд со интензивен и емотивно набиен настап, кој комбинира атмосферичност со сурова енергија. Меѓу другото, Abbadon Magazine (Србија) ги оценува како „брилијантен бенд“ со силно сценско присуство, додека The Platypus Zine (САД) го истакнува нивниот баланс помеѓу атмосферични градации и агресивен израз.
Датуми на турнејата: 15.05 – Скопје, Македонија – Буква 21.05 – Љубљана, Словенија – Menza pri Koritu 22.05 – Модена, Италија – Stella Nera 23.05 – Милано, Италија – GTA Gratosoglio
24.05 – Тубинген, Германија – Epplehaus 25.05 – Линц, Австрија – Willy*Fred 26.05 – Лајпциг, Германија – Connewitz 27.05 – Прага, Чешка – Eternia 28.05 – Брно, Чешка – Vegalite 29.05 – Загреб, Хрватска – AKC Attack 30.05 – Белград, Србија – Drugstore 31.05 – Нови Сад, Србија – CK13 06.06 – Битола, Македонија – Metal Discharge Open Air.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Со „Сестра Анџелика“ и „Џани Скики“ свечено отворени 54. Мајски оперски вечери
Со изведбата на оперите „Сестра Анџелика“ и „Џани Скики“ од Џакомо Пучини, синоќа во Македонската опера и балет беше отворено 54. издание на фестивалот „Мајски оперски вечери“. Публиката премиерната изведба ја поздрави со долги аплаузи и овации.
Диригент на двете едночинки беше Џанлука Мартиненги, кој го водеше оркестарот низ две различни музички и драмски атмосфери – од трагичната и емотивна „Сестра Анџелика“ до сатиричната и комична „Џани Скики“.
Во главната улога во „Сестра Анџелика“ настапи сопранистката Валентина Бои, која ја донесе емотивната приказна за монахињата што се соочува со лична трагедија. Бенедета Мацето настапи како Принцезата, во улога што внесе силна драмска тензија во претставата.
Режијата е на Пјер Франческо Маестрини, сценографијата на Гиљермо Нова, костимографијата на Кристина Ачети, а светлото го потпишува Милчо Александров.
Во вториот дел од вечерта беше изведена комичната опера „Џани Скики“, во која главната улога ја толкуваше Роберто Де Кандиа. Настапија и Ана Дурловски како Лаурета и Гуо С-Жао како Ринучио.
Публиката особено ја поздрави изведбата на аријата „O mio babbino caro“, како и ансамбл сцените во операта.
Со ова отворање, Мајските оперски вечери ја започнаа новата фестивалска сезона со продукција што обедини силни вокални интерпретации, впечатлива сценографија и современ режисерски пристап.
Култура
Самостојна изложба „Македонска Златна Азбука“ на Мaја Танева во Мобилната/Монтажна галерија во Скопје
Денес во Мобилната/Монтажна галерија во Скопје, ќе биде отвотена самостојната изложба „Македонска Златна Азбука“ на уметницата Мaја Танева, проект кој ја истражува македонската азбука како простор на идентитет, културна меморија и современ визуелен израз.
Изложбата опфаќа 31 дело, по едно за секоја буква од македонската азбука, изработени во акрилна техника со златна фолија на акрилен хамер. Дел од буквите се врамени, додека други излегуваат од класичниот формат и го преземаат самиот галериски простор,претворајќи ја изложбата во визуелно и емоционално искуство.
„Азбуката е едно од ретките нешта што тивко нè следат низ целиот живот. Преку неа првпат го пишуваме сопственото име, првпат читаме и се препознаваме себеси во јазикот,“ вели авторката.

Златото во изложбата не симболизира материјално богатство, туку вредност која што не бледее, како јазикот, наследството и културниот идентитет. Во време на забрзана дигитална визуелна култура, „Македонска Златна Азбука“ отвора простор за повторно поврзување со сопствениот јазик преку уметноста.
Мaја Танева е визуелна уметница и скулпторка, препознатлива по својата работа со инокс и жичени форми. Иако нејзините последни години се обележани со скулпторски изложувања, „Македонска Златна Азбука“ претставува посебен авторски проект и изложување со слики, создадено како визуелно истражување на буквата, јазикот и културниот идентитет, но и продолжување на истражувањето на формата, симболот и просторот низ нов медиумски пристап.

Проектот е финансиски поддржан од Министерството за култура и туризам на РСМ, во рамки на програмата за развој на Креативни индустрии за 2026 година. По завршувањето на изложбата, делата продолжат да живеат и надвор од галерискиот простор преку дигитална архива, PDF-изданија и принтови достапни за пошироката публика и културни институции.
Изложбата е отворена од 11-ти до 17-ти мај во Мобилна/Монтажна галерија – Скопје.
Култура
Трето издание на Деновите на поезијата, од 14 до 16 мај
„Поезијата е свртена кон човекот, се создава за него и ги дели неговите соништа“. Под ова мото, кое му го должиме на Ацо Шопов, годинава ќе се одржи третото издание на Деновите на поезијата, од 14 до 16 мај, во Скопје Сити Мол.
Соништата на нашите поети – оние што се со нас, и оние што веќе ги нема – ќе бидат во срцевината на програмата, со која фондацијата „Ацо Шопов – Поезија“ доследно продолжува да гради мостови меѓу генерациите.
Традиционално, манифестацијата ќе започне со одбележување на јубилеи на истакнати македонски поети и творци: Васил Куноски и Волче Наумчески (родени 1916), Блаже Конески (1921), Видое Видичевски, Илхами Емин, Анте Поповски, Љупчо Стојменски и Љубен Ташковски (1931), Петар Т. Бошковски и Михаил Ренџов (1936), Светлана Христова-Јоциќ (1941), Атанас Вангелов и Васил Пујовски (1946).
Во текот на Деновите ќе бидат одбележани и јубилејните родендени на Јован Стрезовски, Иван Чаповски, Ефтим Клетников, Катица Ќулавкова, Ванчо Полазаревски и Гордана Јовиќ-Стојковска. На поетската сцена ќе настапат и современите македонски поети: Лира Бојку, Ристо Василевски, Вероника Димоска, Саранда Мехмеди, Нино Наумовски, Елена Пренџова, Михајло Свидерски, Милена Силјаноска, Стефан Спасовски, Виолета Танчева-Златева и Лејла Шериф Емин.
Истовремено, манифестацијата ја зајакнува и својата меѓународна димензија. Минатата година, публиката имаше можност да се запознае со младиот грчки поет Сотирис Минас, кој остави силен впечаток во јавноста, а му беше оддадена почит на сенегалскиот поет Леополд Седар Сенгор (1906-2001). Годинава, пак, како почесна гостинка ќе настапи Дорис Карева, од Естонија, едно од најзначајните имиња во современата европска поезија.
Како што е вообичаено, најновата поетска генерација ја заокружува агендата на манифестацијата. Овојпат, во чест на Анте Поповски, поканети се млади добитници на наградите кои го носат неговото име.
Годинава се навршуваат и 55 години од првото издание на „Златно славејче“, како и 90 години од раѓањето на Александар Џамбазов, кој заедно со Васил Пујовски го иницираше овој фестивал. Затоа, во сабота 16 мај, поетската сцена на фондацијата „Ацо Шопов-Поезија“ и Скопје Сити Мол ќе се претвори во еден прекрасен поетски и музички лавиринт, низ кој публиката ќе ја води Игор Џамбазов. Предвидена е и интерактивна програма во која учествуваат ученици од основните училишта „Ацо Шопов“ и „Владо Тасевски“.
Голем број деца од целата земја се очекуваат и на Државниот рецитаториски натпревар за ученици од основно и средно образование кој ќе се одржи во киното Синеплекс.
Во Синеплекс настапува и ПОЕТРОНИКА со концертот „Кон Ацо Шопов“ – современ музичко-поетски омаж на неговото творештво. За влезниците информации можат да се добијат на Инфопултот во Скопје Сити Мол.
Публиката и овојпат ќе биде вклучена во програмата преку интерактивни содржини за кои се предвидени пригодни награди. Посетителите ќе имаат можност да запишуваат свои стихови на „Ѕидот на поезијата“, како и да учествуваат во наградната игра „Поетско тркало на среќата“.
Како новитет, Деновите на поезијата годинава го воведуваат Поетскиот саем на книгата, замислен како простор за средба меѓу поетите, издавачите и читателите, како и за промоција на современата поетска продукција.
Воедно, за првпат една македонска поетска манифестација станува дел од агендата на „Поетската пролет“ — француска иницијатива која со текот на времето добива сè поизразен меѓународен карактер и претставува значајна платформа за светска поетска и културна размена.
Партнери на настанот се Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, Факултетот за драмски уметности и Факултетот за музичка уметност, при УКИМ, основните училишта „Ацо Шопов“ и „Владо Тасевски“, издавачките куќи „Литература.мк“, „ПНВ Публикации“ и „Чудна Шума“, Македонскиот ПЕН Центар, Сојузот на друштвата за македонски јазик и литература, младинското здружение „Култура бета“, како и киното Синеплекс.
