Контакт

Култура

МНТ со нов театарски бран: Внимателно курирана програма со премиери, меѓународни гостувања и отворена сцена за млади

Објавено пред

На денешната прес-конференција, Македонскиот народен театар ја претстави годишната програма за 2026 година, која опфаќа нови премиери, меѓународни гостувања, копродукции и активности насочени кон поддршка на младите автори и независната сцена. Во однос на минатата година, буџетот за МНТ е зголемен за 56 проценти.

Директорот на МНТ, Никола Кимовски, истакна дека театарот во новата сезона влегува со „силна, интензивна и внимателно курирана програма“, со премиери што отвораат актуелни општествени прашања, нови копродукциски соработки и гостувања кои го позиционираат МНТ како активен регионален и европски културен чинител.

„Создаваме репертоар кој комуницира со времето во кое живееме, а истовремено самоуверено ја носи традицијата напред. Особено важно за нас е што отвораме простор за младите актери, новите режисерски имиња и независните продукции, затоа што МНТ треба да биде платформа и поддршка за новата генерација автори“, изјави Кимовски.

Во МНТ веќе се одвиваат пробите за претставата „Страв и надеж“ од Франц Ксавер Крец, во режија на трофејната белградска режисерка Татјана Мандиќ Ригонат. Во претставата играат Александар Микиќ, Тања Кочовска, Тони Михајловски, Никола Ристановски, Сашка Димитровска, Сашко Коцев, Дарја Ризова, Наталија Теодосиева, Дамјан Цветановски и Нела Павловска.

Во текот на 2026 година на сцените на МНТ ќе бидат поставени и следните претстави: „Три сестри“ од Чехов, во адаптација на Ана Ристоска и во режија на Нела Витошевиќ, „Црно злато“ од Дејан Дуковски, во режија на Слободан Унковски, во копродукција со „Сектор филм“ и „Козата или која е Силвија?“ по мотиви од Едвард Олби, во адаптација и режија на Шенај Мандак.

Во рамки на меѓународната програма, ансамблот на МНТ ќе гостува на повеќе сцени и фестивали во регионот. Претставите „Мој термин“ во режија на Синиша Евтимов и „Варвари“ во режија на Владимир Милчин ќе бидат изведени на сцената на Словенечкото народно гледалиште во Марибор. Со претставата „12“ во режија на Синиша Евтимов, МНТ ќе гостува во Дубровник. Претставата „Ничија земја“ во режија на Александар Морфов ќе биде дел од програмата на Меѓународниот театарски фестивал „Црно море“ во Варна. Во април, претставата „Народен пратеник“ во режија на Егон Савин ќе биде изведена на фестивалот „5-ре“(ПЕТРЕ) во Велес.

Во рамки на одбележувањето на 81 година од постоењето на МНТ, во март и април ќе се реализира посебна роденденска програма со гостувања на регионални и меѓународни уметници. Програмата започнува на 30 март со стенд-ап шоуто „Шоубиз“ на познатиот актер Никола Ѓуричко.

На 1 април, на сцената на МНТ ќе гостува Словенечкото народно гледалиште Марибор со претставата „Амадеус“ во режија на Александар Поповски. На 3 април, СНГ Марибор ќе ја изведе монодрамата „Безгрешна (Immaculata)“, инспирирана од романот „Маријиниот завет“, како омаж на режисерот Томаж Пандур. Роденденската програма ќе биде заокружена на 4 април со претставата „Другата страна“, продукција на Црногорското народно позориште од Подгорица.

Во текот на годината МНТ ќе реализира и повеќе копродукциски проекти со домашни и меѓународни партнери. Па така, на 17 март на малата сцена ќе биде изведена премиерата на „Син понеделник“, во режија на Борјан Стојков, копродукција меѓу „Перипетија продукција“ и МНТ. На 27 март, на Светскиот ден на театарот, премиерно ќе биде изведена танцовата претстава „Диво месо“ од Горан Стефановски, во режија на Борче Начев.

Премиера ќе има и авторскиот проект „Силно светнал ден – Стихови што заслужуваат музика“ на Игор Џамбазов, во режија на Синиша Евтимов, со учество на „Гуру Харе бенд“.

Во подготовка е и монодрамата „Бивир Бивир (Да се живее – да се преживее)“, во која игра Снежана Коневски Руси, која е и автор на текстот и ко-режисер заедно со Борче Начев.

Во режија на Моника Ставревска ќе се постави претставата „Касапски кучиња“, по адаптација на текстот и истоимениот филм на Квентин Тарантино, со учество на млади актери.

Финскиот режисер Јари Јутинен во МНТ ќе ја постави претставата „Западен експрес“ од романскиот автор Матеи Вишњек, копродукција меѓу МНТ и МИ Филм, во која играат Ивица Димитријевиќ, Мирјана Трпковска и Васко Костовски.

Во подготовка е и монодрамата „Внатре“, со текст на Александар Русјаков и Благица Секуловска, во која игра Арна Шијак, со музика на Горан Трајкоски.

Куриозитет е што музиката од претставата ќе биде издадена на винил-плоча, како дел од новата иницијатива на МНТ за издавање авторска театарска музика.

Во фокусот на годишната програма е и малата сцена на МНТ, која ќе биде дополнително отворена за независната театарска продукција и новите автори. Концептот има за цел да создаде динамичен и „патувачки“ театарски репертоар, преку кој, дел од новите претстави ќе гостуваат во повеќе градови низ Македонија. Овој концепциски новитет е инспириран од делото и духот на доајенот на македонското глумиште, Петре Прличко, како симбол на театар кој патува, обединува и носи светлина таму каде што е најпотребна.

„Ќе ги отвориме вратите за најхрабрите и најупорните млади уметници. Сакаме да ги видиме од блиску, бидејќи ова е и нивен театар. Идејата е малата сцена да прерасне во инкубатор на свежи идеи“, рече режисерот Бојан Трифуновски, кој е задолжен за независната сцена.

Летната сцена „Славиша Кајевски“ ќе биде отворена на 18 јуни со концерт на Дац и Александар. На 19 јуни ќе настапи Бени Нон Стоп, на 20 јуни диџеј Никифор, а на 21 јуни програмата ќе биде затворена со настап на Гоце Саф.

„Техниката е секогаш во позадина на театарот, и ова ретка прилика да бидеме вклучени на пресот на инсистирање на директорот Кимовски ја гледам како признание за се што правиме за овој театар. Благодарејќи на тоа што оваа година имаме драстично зголемување на буџетот, конечно ќе можеме да ги санираме левото и десното фоаје, каде што имаше штета од прокиснувањето од терасите.“, изјави Гунтер Кубе, технички раководител во МНТ.



©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура

„Центарски улици 4 – Светски ден на уметноста“

Објавено пред

Утре, со почеток во 12 часот, на улицата Македонија во Скопје, ќе се одржи настанот „Центарски улици 4 – Светски ден на уметноста“.

Настанот ќе ја претвори улицата во жива сцена на отворено со учество на улични живи статуи од продукцијата Театроск, ликовни уметници (студенти од Универзитетот АУЕ – ФОН) кои ќе создаваат дела во живо, улични шоуа, DJ и музички настапи. Главната цел е да се создаде простор за млади уметници со цел да ја презентираат својата уметност пред јавноста, да се поттикне нивниот развој и да се активира јавниот простор преку култура, велат од Театроск.

Овој настан веќе четири години успешно создава платформа за видливост, активирање на јавниот простор и директен контакт меѓу уметниците и публиката, додаваат од Театроск.

Прикажи повеќе...

Култура

МНТ со двојна победа: Првенците Тони Михајловски и Тања Кочовска наградени во ист ден на два фестивали

Објавено пред

Од

Двајца првенци на Македонски народен театар во ист ден беа наградени за своите улоги во претставата „Народен пратеник“, на два различни фестивали, потврдувајќи го високиот уметнички квалитет на ансамблот и силниот регионален одек на театарот.

Актерот Тони Михајловски ја доби наградата за најдобар актер на вечерта, доделена веднаш по изведбата на претставата на јубилејното 30. издание на фестивалот „Актерски свечености – Миливоје Живановиќ“ во Пожаревац. Настапот на ансамблот беше проследен со силни аплаузи и одличен прием од фестивалската публика и стручната јавност.

„Актерски свечености – Миливоје Живановиќ“ е реномиран театарски фестивал кој од 1995 година се одржува во Центарот за култура во Пожаревац, во чест на еден од најголемите српски актери – Миливоје Живановиќ. Фестивалот традиционално се одржува во првата недела од април и на публиката ѝ нуди селекција на најдобрите претстави од годишната продукција на престижни театри во Србија и регионот.

Програмата се состои од пет натпреварувачки вечери, а победниците влегуваат во конкуренција за главната награда – статуетата „Миливоје Живановиќ“. Помеѓу досегашните лауреати се значајни актерски имиња како: Љубомир Тадиќ, Драган Миќановиќ, Војислав Воја Брајовиќ, Предраг Ејдус, Ружица Сокиќ, Милан Лане Гутовиќ, Предраг Мики Манојловиќ, Небојша Глоговац и Јелисавета Сека Саблиќ.

Истовремено, во Велес, во рамките на петтото јубилејно издание на фестивалот „5-РЕ“, актерката Тања Кочовска ја доби наградата за најдобра споредна женска улога за својата впечатлива интерпретација на ликот Спиројца.

Со едногласна одлука, жирито во состав Зорица Панчиќ, Владимир Тулиев и Елеонора Теова ја истакна нејзината остра духовитост, доминантно сценско присуство и автентична интерпретација, нагласувајќи дека „секој нејзин гест и реплика се претвораа во победа“, а нејзината изведба ја издвои како еден од највпечатливите сценски моменти на фестивалот.

Претставата „Народен пратеник“, по текст на Бранислав Нушиќ и во режија на Егон Савин, бележи значајна меѓународна сценска присутност како дел од балканската турнеја. Досега е изведувана во Народното позориште во Белград, Црногорското народно позориште во Подгорица, како и на повеќе сцени низ Босна и Херцеговина, а беше дел и од програмата на реномираниот фестивал „Стериино позорје“.

Продукцијата е добитник на повеќе значајни признанија, меѓу кои главната награда „Борисав Станковиќ“ за најдобра претстава во целина на фестивалот „Борини позоришни дани“, како и специјалната „Стериина награда“ за колективна актерска игра.

Во претставата играат: Александар Микиќ, Дарја Ризова, Тони Михајловски, Јордан Симонов, Тања Кочовска и Александар Михајловски (глас), како и ансамблот Дејан Стамчевски, Синан Ракип, Скендер Бериша, Зекирија Алим, Мирослав Атанасовски, Мартин Китановски и Хусеин Халили.

Прикажи повеќе...

Култура

Објавена програмата на Скопскиот поетски фестивал, ќе има стотина поети од земјава и од странство

Објавено пред

Од

Шестото издание на Скопскиот поетски фестивал ќе се одржи во периодот 7 до 9 мај во Младинскиот културен центар ‒ Скопје и во „Буква“. На настаните ќе се претстават стотина поети од земјава и од странство. Ќе има гости од Кина, од Хрватска, од Словенија, од Турција, од Грција, од Србија, од Бугарија и од Црна Гора.

„Мотото на годинешниот фестивал е „(СО) СТИХ СПРОТИ НАРАТИВ! (Поезија, политика, пропаганда…). Со ова мото сакаме да ја одбележиме 100-годишнината од раѓањето на Ален Гинзберг и да покажеме колку неговата поезија е податлива за толкување и на денешните состојби во светот. Автор на постерот е Андреј Павлов“, велат организаторите.

Официјалното отворање е закажано за 7 мај во 20:00 часот во Младинскиот културен центар ‒ Скопје, на кое ќе настапат деветмина поети и поетеси, меѓу кои и младата поетеса Деспина Сиљаноска што беше одбрана за најдобра од дванаесетмината што настпија на „Отскочна даска #5“ ‒ преднастан на фестивалот наменет за млади поети, а по ова прво интернационално поетско читање ќе следува поетско-музички перформанс на Марија Вујошевиќ и Барбара Делаќ од Црна Гора.

Следниот ден програмата ќе продолжи во Младинскиот културен центар ‒ Скопје, каде што ќе се одржи „Поетот е присутен“, настан од затворен карактер, на кој дел од поетите учесници на фестивалот ќе читаат за малубројна публика што претходно ќе биде избрана по повик; потоа ќе следува и настанот „Диптих #6“ на кој ќе бидат претставени две изданија на „ПНВ Публикации“, избор песни од авторките Гонџа Озмен од Турција и Кристина Шпиранец од Хрватска, а потоа ќе следува уште едно интернационално поетско читање на кое ќе настапат десетмина поети и поетеси.

На последниот ден на фестивалот, 9 мај, настаните ќе се одржат во „Буква“. Публиката ќе има можност да проследи уште две промоции на книги, едната е избор песни од поетесите Марија Вујошевиќ и Барбара Делаќ од Црна Гора во издание на „Култура Бета“, а другата е стихозбирката „Тускулум“ од Денис Шкофич од Словенија, издание на „ПНВ Публикации“. По промоциите ќе следува интернационалното поетско читање „THE VERSE CITY/DIVERSITY (Диверсити)“ на кое ќе настапат петнаесетмина поети и поетеси. По ова читање ќе следува и забава за крај на фестивалот.

Но пред сите овие збиднувања, како еден од преднастаните на фестивалот, на 7 мај, од 18:00 часот во киното „Фросина“ во МКЦ ќе се одржи промоцијата на поетската панорама што по повод минијубилејот ‒ 5 години „Отскочна даска“, ја подготви „ПНВ Публикации“ и во која ќе бидат застапени песните на сите шеесет и шест досегашни учесници на овој настан наменет за млади. Книгата ќе биде промовирана со читање на сите млади автори застапени во панорамата.

Прикажи повеќе...

Најново

Свет58 секунди

Европа подготвува воена мисија во Ормускиот теснец без Америка, Израел и Иран

Европските земји подготвуваат план за воена мисија што би обезбедила слободна пловидба низ Ормускиот теснец по завршувањето на војната, но...

Македонија5 минути

Влен: Старата чаршија, срцето на Чаир, се преродува по половина век

„По повеќе од 50 години, се започнува историски проект кој ја враќа Старата чаршија во нејзиниот автентичен идентитет и ја...

Свет15 минути

ФТ: Иран користеше кинески сателит за таргетирање на американските воени бази

Иран користел кинески шпионски сателит за таргетирање на американските воени бази, објави „Фајненшл тајмс“. Иран користел кинески сателитски податоци за...

Забава21 минута

(Фото/Видео) Постара, похрабра и позаводлива: Ги остави сите без зборови во фустан направен од проѕирни ленти

Ен Хатавеј плени со својата природна убавина со години, и можеме да кажеме дека е една од оние дами кои...

Забава29 минути

Вашата машина за перење ќе биде како нова – ако ја истурите оваа течност од бањата во неа

Дали некогаш сте размислувале колку нечистотија се насобрала во вашата машина за перење со текот на годините? Веројатно не сте...

Свет33 минути

Се создава „европско НАТО“, откриен планот: пресвртот во Берлин беше клучен

Резервниот план за одбрана на Европа со користење на постојните воени структури на НАТО во случај на повлекување на САД...

Спорт35 минути

Сколс: Шампионската трка во Англија е завршена

Легендата на Манчестер Јунајтед, Пол Сколс, верува дека трката на Арсенал за титулата во Премиер лигата е завршена по катастрофалниот...

Свет43 минути

(Видео) Сателитски снимки: Иран ископува ракетни лансери за време на прекинот на огнот

Сателитските слики покажуваат дека Иран го користи прекинот на огнот за да користи тешка механизација за да ископа ракетни лансери...

Свет44 минути

(Видео) Трамп: Да не бев претседател, светот ќе се распаднеше, нè очекуваат два неверојатни дена

Џонатан Карл, дописник на ABC News од Вашингтон, објави на Икс дека разговарал со американскиот претседател Доналд Трамп. Трамп му...