Контакт

Култура

МСУ и Велимир Жерновски го подготвуваат македонскиот проект за Венециското биенале

Објавено пред

Проектот „Пиета во прекривките на ургентноста“ од реномираниот мултимедијален уметник Велимир Жерновски ќе ја претставува нашата земја на 61. Биенале за уметност во Венеција што ќе се одржи од 9 мај до 22 ноември 2026 година. Македонскиот национален павилјон ќе биде сместен на локацијата „Спацио Кастело 77“ на влезот во престижното Арсенале. Нашето претставување на Биеналето го организира Музејот на современа уметност – Скопје (МСУ), под покровителство на Министерство за култура и туризам. Куратори на проектот се Тихомир Топузовски од МСУ и Аманда Буткез од Канада, а комесар е Авни Ќаили, директор на МСУ.

Доделувањето на наградите и отворањето на главната изложба на Биеналето ќе се одржат на 9 мај. Тема на годинашната голема изложба е „Во молски тоналитети“ („In Minor Keys“), чиј куратор е Којо Куох, (Koyo Kouoh) која почина пред една година. Со целосна поддршка од нејзиното семејство, Биеналето одлучило да ја реализира нејзината изложба токму како што таа ја замислила и дефинирала, од тимот која таа сама го избрала. На изложбата ќе се претстават 110 уметници од целиот свет, а во рамките на Биеналето, на локациите Арсенале и Џардини ќе бидат вклучени 100 национални претставувања и 31 дополнителен настан. Венециското биенале веќе 130 години е една од најпрестижните културни институции во светот. Македонија за првпат самостојно се претставила на престижната манифестација во 1993 година.

Кураторите Тихомир Топузовски и Аманда Буткез велат дека инсталацијата ги преиспитува границите на човечкото, размислувајќи надвор од нив, создавајќи нови етички сензибилитети.

Велимир Жерновски во своето монументално дело ја обвиткува препознатливата Пиета со златни ургентни прекривки, изработени од метализиран пластичен филм (мајлар-повеќеслојна тенка рефлектирачка фолија, обложен со алуминиум), материјал првенствено произведен за вселенски мисии. Тие се водоотпорни, рефлективни и ја задржуваат телесната топлина. Кураторите објаснуваат дека уметникот со овој материјал повторно ја облекува Пиетата за да создаде нови значења. Златото ја обвиткува фигурацијата на делото во афективна сфера на емоции, страсти и страдање.

„Вниманието повеќе не е насочено само кон човечката фигура, туку се проширува кон кревките релации, неизвесните иднини и споделените состојби на изложеност на ургентноста. Под рефлектирачките набори на прекривките, фигурите се појавуваат и исчезнуваат, сугерирајќи протејска трансформација. Состојбата на ургентноста е катализатор на промената. Во денешниот обеспокоен свет делото на оплакувањето бара безграничен хоризонт каде жалењето не е крајна точка, туку генеративен процес што доведува до нови релации и одговорности“, велат кураторите.

Тие објаснуваат дека подеднакво е значајна материјалната симболика на прекривките користени во проектот – прекривки кои денес функционираат како визуелни маркери на жртвите на глобалната нееднаквост, конфликтите, страдањата, уништените живеалишта – со што делото покренува нераскинливи релации со актуелните кризни состојби на ургентност. Прекривките овозможуваат поврзување со поединци и групи кои се во постојана несигурност и егзил, придружени со ранливи приказни за изгубени домови, прекинати релации, трауми и смрт.

Велимир Жерновски (1981, Скопје) дипломирал и магистрирал на Факултетот за ликовни уметности при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје. Преку медиумите на цртеж, видео, инсталации, објект-инсталации во јавен простор, пишување и објавување уметнички книги, како и сценски дизајн, тој ги истражува поимите на идентитет, урбаност и популарна култура. Реализирал самостојни изложби во: Њујорк (2010, 2012), Париз (2011), Виена (2009, 2011), Фрајбург (2009), Белград (2014, 2020), Скопје (2006, 2007, 2010, 2012, 2013, 2018). Активно учествува на бројни групни изложби во Европа, САД и Азија уште од самиот почеток на неговата кариера во 2005 година.



©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура

Дина Дума ја освои наградата „Нора Ефрон“: Трајбека ја препозна како силен женски авторски глас

Објавено пред

Дина Дума е првата македонска режисерка што ја добива Nora Ephron Award на Tribeca Festival.

Режисерката Дина Дума ја освои Nora Ephron Award на Tribeca Festival во Њујорк за својот втор долгометражен филм „Скејтбордингот не е за девојчиња“, кој ја имаше својата светска премиера во рамки на фестивалот.

Nora Ephron Award е специјално признание што се доделува на исклучителна жена филмска авторка која го претставува духот и визијата на легендарната американска сценаристка, режисерка и писателка Нора Ефрон. Со ова признание, Tribeca ја препозна Дина Дума како силен женски авторски глас на меѓународната филмска сцена.

Во образложението на жирито се истакнува дека Нора Ефрон претставува пример за тоа како јасен женски авторски глас во патријархален свет може да отвори врати за многу други. „Делото на Ефрон често го поставуваше прашањето: како жените преживуваат во непријателски свет? Нашиот избор за добитничка на оваа награда одговара на тоа прашање на многу начини“, се наведува во одлуката на жирито.

Жирито го опиша филмот „Скејтбордингот не е за девојчиња“ како лирски и политички, допирлив и автентичен, трогателен и топол, а истовремено проткаен со радост и хумор. Во образложението дополнително се истакнува дека, давајќи им глас на оние кои најчесто остануваат без глас, Дина Дума ја воведува публиката во посебно, длабоко човечко искуство, преку конкретни ликови кои ја слават солидарноста и семејството.

„Скејтбордингот не е за девојчиња“ беше дел од International Narrative Competition, главната меѓународна натпреварувачка програма на Tribeca Festival.

„Скејтбордингот не е за девојчиња“ е во продукција на „Сестри и брат Митевски“, со продуцентка Лабина Митевска, по сценарио на Дина Дума, Лидија Мојсовска и Теона Стругар Митевска. Во главните улоги се Ефќар Абаз, Симонида Селимовиќ, Џефрина Јашари и Ганимет Абдула. Филмот е копродукција меѓу Северна Македонија, Белгија, Словенија и Хрватска, со поддршка од Агенцијата за филм на Северна Македонија, Eurimages, Creative Europe MEDIA и фондови од земјите копродуценти.

Со Nora Ephron Award, Дина Дума добива едно од значајните специјални признанија на Tribeca Festival, кое го истакнува значењето на женската авторска перспектива, храброста да се раскажуваат комплексни приказни и силата на филмот да отвори простор за гласови кои ретко добиваат видливост на големата сцена. Наградата има и паричен фонд од 25.000 долари, како директна поддршка за понатамошниот авторски развој и за создавање нови филмски проекти.

Прикажи повеќе...

Култура

Врачени наградите на 60. МТФ „Војдан Чернодрински“: Во време на општото сеедно, треба да сте храбри за да ја остварите вашата визија

Објавено пред

Со врачувањето на наградите и изведбата на претставата „Црно злато“ од Дејан Дуковски, во режија на Оливер Фрљиќ на Београдско драмско позориште, синоќа беше спуштена завесата на 60. Македонски театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ во Прилеп.

Публиката го наполни гледалиштето на големата сала во Центарот за култура „Марко Цепенков“, дојде да им оддаде почит на најдобрите според жири-комисијата, но и да ја проследи една претставите за кои особено се зборува во изминатите три месеци.

Жири-комисијата во состав Снежана Коневски-Руси, претседател Дарко Лукиќ и Аида Буквиќ ги оценуваа претставите.

Руси синоќа ги соопшти наградените, а уметничката директорка на фестивалот, Ана Стојаноска, им ги врачи.

Според оценките на публиката, со просечна оценка од 4.75, ајдобра претстава беше прогласена „Амадеус“ од Питер Шефер, во режија на Андреј Цветановски, на Турскиот театар. Тие и минатата година ја добија оваа награда за претставата „Слепци“ на Ќендрим Ријани. Осман Али, директор на Театарот и се заблагодари на прилепската публика.

Наградата за најдобра сценографија ја доби Валентин Светозарев, кој го цитираше Хамлет: -И да ме затворите во ореова лушпа, ќе останам крал во ореова лушпа. Се надевам дека нареден пат нема да бидам во ореова лушпа.

Наградата за најдобар млад актер „Трајко Чоревски“ ја прими Јеткин Сезаир за улогата на Моцарт во „Амадеус“. Тој им се заблагодари на публиката во Прилеп, на фестивалот и жирито, на режисерот Андреј Цветановски што му ја додели улогата и на целиот Турски ансамбл за поддршката. Сара Спиркоска по втор пат ја доби наградата за млада актерка.

-Огромна чест ми е што по втор пат ја добивам оваа награда, овојпат не е потврда само за мојот напредок, ама е потврда и дека сум уште млада. Годинава настапив со три претстави, од вкупно пет колку што ги имав во сезоната. Голем е предизвикот за млад актер, којшто и не е вработен да се задржи активен и да напредува, но се радувам дека постојат луѓе што го ценат и вреднуваат тоа. Наградата ја делам со режисерите Дејан Пројковски, Тамара Стојаноска и Шенај Мандак, кои се дел од мојот пат – рече Спиркоска.

Примајќи ја наградата за машка споредна улога за Симoн во „Мачкина глава“ на Драмски театар, Александар Степанулески ги поздрави актерите што оставија голем печат во македонскиот театар – Кирил Ристоски, Благоја Спиркоски – Џумерко… Слаѓана Вујошевиќ ја доби наградата за главна женска улога за Констанца во „Амадеус“. Таа не можеше лично да ја подигне наградата, но со порака ја поздрави публиката и посебно истакна дека и нејзината улога немала да биде така успешна да не беше нејзиниот колега Јеткин Сезаир.

Димитар Ѓорѓиевски ја доби наградата за најдобра машка улога за Фезлиев во „Црнила“ на Прилепскиот театар, која од годинава го носи името на Кирил Ристоски. Тој им се заблагодари на своето семејство, на неговиот втор дом Народниот театар „Војдан Чернодрински“, на своите колеги.

-Постои посебна врска меѓу мене и публиката. Имаме магична публика, ова е сон од кој не сакам да се разбудам, ова е бесценето – рече Ѓорѓиевски.

Примајќи ја наградата за најдобра режија, Дејан Пројковски истакна:

-„Црнила“ ја започнавме по неколку месеци од затврањето на театарот и тоа е една од малите вежби дека е важно и во тешки времиња да не заборавиме дека луѓето се најважни во театарот, се надевам дека наскоро ќе можеме да работиме во нова зграда на Прилепскиот театар.

Наградата за уметничко остварување на претстава во целина ја доби „Страв и надеж“ во режија на Татјана Ригонат Мандиќ.

Од име на Македонскиот народен театар, наградата ја прими актерот Александар Микиќ. Биљана Драгиќевиќ-Пројковска е наградена за најдобра споредна женска улога за Марија во „Мачкина глава“, но поради изведба на претстава не можеше да присуствува на церемонијата. Наградата за костимографија ја прими Марија Пупучевска за „Црнила“. Наградата за најдобра музика ја доби Ирена Поповиќ-Драговиќ за „Страв и надеж“. Четири награди годинава не беа доделени – за рекламен материјал, кореографија и сценски движења, за современа сценска драматизација и за современ драмски текст.

Фестивалот му ја додели и наградата за најдобар волонтер на Стефан Петрески, кој четири години посветено го помага фестивалот.

Публиката ја поздрави Ана Стојаноска, уметнички директор на фестивалот која го водеше фестивалот во изминатите четири години. Таа се наврати на сработеното и на предизвикот да се води најголемиот и најзначајниот театарски фестивал во Македонија.

-Решив таа моја програма да ја наречам „Враќање дома“, ја поврзав со моето фактичко враќање дома, со Чернодрински и со драмата „Чернодрински се враќа дома“ на Горан Стефановски. Решив да ја креирам мојата слика за театарски фестивал која ќе биде современа, храбра и која ќе оствари комуникација со сите гледачи, независно на која возрасна или која и да е групата на која ѝ припаѓаат. И еве, четири години до денес, фестивалот стана мојата препознатлива слика, местото каде што живее театарот во јуни и театарските уметници и публиката. Дека еден човек не може да направи фестивал, се покажа и со мене. Затоа јас го имам најдобриот тим. Но, истовремено овој фестивал немаше да биде тоа што е и без моите најсакани волонтери, без вас драги мои ова ќе беше само обична манифестација. Поминавме многу патеки, се соочивме со многу предизвици, ги ширевме границите на сопствената комоција. Попатно многу недоразбирања, конфликти, забелешки, критизерства и критики и сè во насока да направиме нешто подобро. Тој што работи и греши, но најважно е да научи од грешките. Наједноставно е да стоиш отстрана, да коментираш заткулисно и да не правиш ништо. Меѓутоа, моето мото и мојот карактер не го дозволуваат тоа. Денес, во времето на општото сеедно, човек треба да е многу, многу храбар за да ја оствари својата визија, па и да плати поголема цена – рече Стојаноска.

Таа се заблагодари на публиката „за довербата, за барањето место повеќе, за аплаузите што ја говореа вистината.“

-Поминав многу тежок период кога го создавав ова издание на фестивалот, ја изгубив мајка ми, жената што ме соочуваше со тоа што правам и дали треба тоа да се прави така, што ме поддржуваше во сè што правев и на која ѝ ветив дека еве, по ова издание, навистина ќе ѝ се посветам на мојата уметност, затоа што и таа и мојот татко веруваа во мене од мали нозе – дека јас сум родена да бидам раскажувачка на приказни.  За крај, како што го почнав отворањето на мојата прва мандатна година со цитат на еден од моите најсакани луѓе на овој свет, големиот театарски режисер Игор Вук Торбица, така ќе го затворам и моето организирање на овој фестивал: „Јас сум во мир со моите избори, така што мирно спијам со волкот во мене“ – заврши Стојаноска.

Во чест на наградените настапи Београдско драмско позориште со претставата „Црно злато“ од Дејан Дуковски, во режија на Оливер Фрљиќ.

Големи аплаузи и воздишки предизвика претставата која е една од најбараните во последните неколку месеци на Балканот. Покровители на 60. МТФ „Војдан Чернодрински“ – Прилеп се: Претседател на РС Македонија, Министерство за култура и туризам на РСМ и Општина Прилеп.

Спонзори се: Комфи Ангел, Прилепска пиварница, Витаминка, Пакомак, продукциски партнери – Микросам, Кули, поддржувачи: Комерцијална банка, Стопанска банка, МАКЕДОНИЈА осигурување АД Скопје – Виена Иншуренс Груп. Официјална вода на фестивалот е „Ладна“ (Магрони ДОО, Скопје). Соработници: Јавен Простор Прилеп, НУЦК „Марко Цепенков“ – Прилеп, Градска библиотека „Борка Талески“, Умно.мк, Урбан Ера, Стопанска комора на Северна Македонија – Прилеп, Биткрафт. Медиумски покровители: МТВ, Телма, МИА, Слободен печат, Портрет, Трн.мк, Култура 24, Нова Македонија, Cultural Chat, ОРО, Екран, Вечер, Радио Холидеј, Jazz FM, Okno.mk, Независен, Лице в лице, Република, Клуб Деница, Инфо компас, Е-Магазин, Канал 77, Музика 24, Радио Пела, Маркукуле, Текст.мк, Сакам да кажам, ОТВ.мк, Зенит, Публикум и др.

Прикажи повеќе...

Култура

Оркестарот на Филхармонија со изведба на „Кармина Бурана“ на 20 јуни, во Градскиот парк во Скопје

Објавено пред

Оркестарот на Филхармонија на 20 јуни, со почеток во 21 часот во Градскиот парк ќе ја изведе музичко-сценската кантата „Кармина Бурана“ од Карл Орф, која ќе биде моќна завршница на концертната сезона „Без Филтер“, соопштија од Македонската филхармонија. Во реализација на овој проект, покрај оркестарот на Филхармонија на РСМ, учествуваат музичари од Софиската филхармонија, Државниот симфониски оркестар од Солун, хорот на МОБ, детскиот хор „Пиколо“ и хорот од Музичкото училиште од Солун. Диригент е маестро Најден Тодоров (Бугарија), кој беше иницијатор на овој проект кој прво се реализираше во Софија, потоа во Солун, и сега, на 20 јуни и пред публиката во Скопје. Како солисти ќе настапат нашата светски позната сопранистка Ана Дурловски, тенорот Николас Спанос од Грција и Иво Јорданов од Бугарија, најавија организаторите.

-На 20 јуни не очекува голем музички спектакл, ќе биде изведена грандиозната музичко-сценска кантата „Кармина Бурана“ од Карл Орф, под отворено ѕвездено небо на нашиот традиционален завршен концерт. За нас претставува големо задоволство што по нејзината изведба во Софија и Солун, во Градскиот парк ќе оддекне и пред домашната публика и на тој начин ќе се заокружи оваа значајна соработка меѓу трите балкански оркестри која ја потенцира моќтта на музиката и културата која обединува и која не познава граници – вели Мустафа Имери, директор на Филхармонијата на РСМ.

Министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, културата има најголема смисла тогаш кога излегува од салите и институциите и станува дел од секојдневниот живот на луѓето.

-Затоа, особено радува фактот што овој концерт ќе биде подарок за граѓаните. Бесплатен и достапен за сите. Големата уметност не треба да познава бариери, туку треба да допира до што повеќе луѓе. Убеден сум дека на 20 јуни ќе бидеме сведоци на вечер што долго време ќе остане во нашите сеќавања не само поради величествената музика на Орф, туку и поради тоа што сите заедно ќе бидеме обединети околу нешто што е убаво, возвишено и заедничко – истакна Љутков.

Тој воедно, кажа и дека овој настан има и посебна симболика за нашата земја.

-Пред повеќе од две децении, токму нашата филхармонија беше иницијатор на идејата за Балканска филхармонија, обединувајќи музичари од регионот во име на уметноста и заедничките вредности. Претстојниот концерт на трите филхармонии само ја продолжува таа благородна традиција – потенцира министерот Љутков.

За Симос Папанас, директор на Државната филхармонија од Солун главната идеја која ја поттикна реализацијата на овој проект беше да се изградат мостови на соработка меѓу балканските земји.

-Идејата беше да изградиме мостови на соработка, да го промениме постоечкиот модел и наратив дека не научивме заедно да работиме и создаваме. Преку овој проект сакавме да го докажеме спротивното, дека можеме заедно да работиме. Дека полесно е може да најдеш двајца музичари кои ќе седнат на еден пулт, отколку двајца политичари кои ќе седнат на иста маса. Живееме во турбулетно време, и нашата мисија како уметници е да покажеме дека можеме да работиме заедно – истакна Папанас.

За сопранистката Ана Дурловски ова е исклучително важен проект, кој покажува дека музиката може да не обедини и да ги избрише физичките граници меѓу трите земји кои учествуваат во реализација на музичко-сценската кантата „Кармина Бурана“.

-Овој проект покажува колку е значајна културната дипломатија, и дека преку вакви проекти музиката и културата градат мостови, онаму каде што политиката става граници. Се радувам што ќе се видаме следната недела со нашите колеги со кои изградивме искрено пријателство, и заеднички и пред нашата публика ќе создадеме волшебна музичка вечер, исто како со Софија и Солун – рече Дурловски.

За концертмајсторот Владимир Костов, овој концерт ќе биде уште една потврда дека универзалниот јазик на музиката.

-Музиката говори на јазик разбирлив за сите, и токму таа универална порака е суштината на овој концерт. Заедно обединети на сцена, повеќе од 200 музичари од три држави уште еднаш ќе потврдат дека музиката руши бариери и обединува – рече Костов.

Прикажи повеќе...

Најново

Свет17 минути

Трамп објави дека договорот за завршување на војната ќе биде потпишан утре, Иран вели нема да се случи тоа

Американскиот претседател Доналд Трамп објави дека првичниот договор за прекин на војната меѓу САД и Иран би можел да биде...

Спорт43 минути

(Видео) Хаос по мечот Олимпијакос-ПАО, Џонс со бокс го удри Нан

Кошаркарите на Олимпијакос ја одбранија титулата во Грција, со победа над Панатинаикос 89:85 во петтиот натпревар од финалната серија. Сепак,...

Свет1 час

Германски генерал предупредува: Русија можеби развива технологија за поставување нуклеарно оружје во орбитата

Русија можеби работи на технологија која би овозможила поставување нуклеарно оружје во Земјината орбита, предупреди командантот на германските вселенски сили,...

Свет2 часа

„Никогаш нема да се откажам“ – по изборното фијаско, Орбан доби нов мандат во Фидес

Поранешниот унгарски премиер Виктор Орбан повторно е избран за лидер на опозициската партија Фидес, и покрај тоа што на парламентарните...

Свет2 часа

Трамп: Утре ќе потпишеме договор со Иран, Ормутскиот теснец повторно ќе биде отворен

Американскиот претседател Доналд Трамп објави дека Соединетите Американски Држави утре ќе потпишат нов договор со Иран, кој, според неговите зборови,...

Свет2 часа

Виктор Орбан повторно избран за претседател на Фидес

Долгогодишниот унгарски лидер Виктор Орбан повторно е избран за претседател на владејачката партија Фидес на 32. конгрес што се одржа...

Свет3 часа

(Фото+видео) Белфаст меѓу немири и повици за единство: илјадници на антирaсистички протест

Околу 3.000 луѓе излегоа на антирaсистички протест во центарот на Белфаст, испраќајќи порака против омразата и насилството по неколкудневните немири...

Свет4 часа

Иран: Мировниот договор нема да биде потпишан утре

Големиот мировен договор меѓу САД и Иран, наместо историски триумф, викендов донесе целосна дипломатска збрка. Иако Пакистан веќе најави дека...

Спорт4 часа

Расел на пол-позицијата во Барселона, Леклер заврши во заштитната ограда

Возачот на Мерцедес, Џорџ Расел, ја освои пол-позицијата пред Големата награда на Шпанија, која се вози на патеката „Каталуња“. Британецот...