Контакт

Култура

„Не умира и мртов памети поетот“ – белешки од вчерашното свечено отворање на Деновите на поезијата

Објавено пред

Со стихови од плејада творци од првите генерации на современата македонска поезија, вчера свечено се отворија Деновите на поезијата, на поетската сцена на фондацијата „Ацо Шопов – Поезија“, во Скопје Сити Мол.

Инспириран од песната на Анте Поповски „Памети тој“, со слика на птицата која го надлетала неговиот свет и со моќниот стих „не умира и мртов памети поетот“, изборот на песни за свеченото отворање посведочи за трајното присуство на нашите јубилари во македонскиот јазик и неговата духовност.

Со нас беа ластовиците на Блаже Конески, која ја бележале за него нејасната порака на животот и времето; птичјите крила со кои се здружила душата на Љупчо Стојменски; летот на песната на Михаил Ренџов; сонцето кое ги прегрлува Илхами Емин и негвата птица; туртуричето на Атанас Вангелов; детето на Петар Т. Бошковски, со затворен лет на птица во клепките; птицата што логорува под небото на Љубен Ташковски; сињо – небесната птица на Светлана Христова Јоциќ, која патот ѝ го темносува; белите птици со искрвавени клунови на Видое Видичевски…

Иван Чаповски, кој годинава го прославува својот 90. роденден, го замоливме да ја прочита песната „Сеќавањето бело“, посветена на Танас Луловски, сликар кој нè напушти пред точно 20 години, а со нас беше, барем во мислите, и Јован Стрезовски кому му оддадовме почит по повод неговиот 95. роденден, со “ехото кое сведочи дека глас еднаш пуштен не изчезнува“.

– Деновите не се ограничуваат на јубилеи, изјави пред публиката Јасмина Шопова, потпретседател на фондацијата „Ацо Шопов – Поезија“, но тие спак претставуваат клучен момент, бидејќи идејата водилка на манифестацјата е токму незаборавот, негувањето на културното наследство и нишката која ги поврзува некогашните и сегашните генерации, минатото и иднината.

„Зборувам особено за јубилеите на оние поети кои се сега ‘отаде сите неба’, чиишто сенки ‘уште им се гледаат“, додека ‘на земјата веќе сè е минато’, како што рече Анте Поповски во своите песни“, додаде Шопова.

Свеченоста ја водеше Никола Ристановски, а во читањето на поезијата му се придружија Софија Гогова Врчаковска и студентите на Факултетот за музичка уметност, Дамјан Атовски и Теона Крстевска. Млади уметници се вклучија и на полето на музичката продружба. Покрај Петар Ренџов, стиховите ги пратеа Сергеј Настески и Антонио Трајковски, студенти на Факултетот за музичка уметност.

Овој омаж на основоположниците на македонската современа поезија, беше своевиден израз на „еден внатрешен порив да се надомести барем во дел благодарноста кон оние македонски писатели кои по силата на нивниот творечки чин означуваат и етички и естетски прототип на својот народ“, како што забележа Анте Поповски при една друга средба, врзана со Ацо Шопов, кога пред три децении се одбележуваа 70 години од неговото раѓање.

Вториот дел од отворањето ѝ беше посветен на еминентната естонска поетеса Дорис Карева, чија поезија плени со нејзината прецизност, економичноста на изразот и многузначнaта слоевитoст.

– Небаре го следела рецептот за „проста и строга песна“ на нашиот Блаже Конески, забележа Јулијана Величковска, нејзината преведувачка на македонски, претставувајќи ја книгата „Денови на милост“ од Дорис Карева која вчера излезе од печат во издание на ПНВ Публикации.

„Додека работев на преводот и ја препрочитував нејзината поезија, над сите впечатоци и размисли стоеше еден единствен збор, а тоа е зборот ‘авторитет’. Секој збор во нејзините песни е искажан со таква сигурност, со своевидна хируршка јазична прецизност и со авторитет врз белината на страницата. Секој збор од нејзината поезија е таму затоа што така мора да биде, и зашто ако го нема, постои опасност целата структура на песната да се распадне“, изјави Величковска.

На прашањето: „Сметате ли дека улогата на поетот е да биде бунтовник?“, Дорис Карева изјави дека и љубовната песна може да биде чин на бунт.

„Понекогаш е полесно да се побуниш против нешто или некого отколку да останеш мирен и тивок, во согласност со она во што веруваш. Да се најдат зборови со кои љубовта ќе се изрази на сопствен и единствен начин често е потешко отколку да се изразат чувства на презир или непријателство. На некој начин, отсекогаш сум го сметала Шели за пореволуционерен од Бајрон. Да се говори вистината во време на опресија, исполнето со цинични лаги и лажни реалности, бара смирена храброст и бистрина на умот. Тоа е мечот на духовниот воин. Тоа е моќта на поезијата.“

На свеченото отворање настапи и ПОЕТРОИКА, со извадок од концертот „Кон Ацо Шопов“ кој се одржува во петок, 15 мај, во Синеплекс (сала 3), со почеток во 20:30. Карти можат да се добијат бесплатно на Инфопултот во Скопје Сити Мол (бројот на местата е ограничен).

Следните денови, програмата продолжува со современи македонски поети.



©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура

Со церемонија на „Скендербег“ заврши Албанскиот саем на книгата – Скопје 2026

Објавено пред

Со завршната церемонија одржана на плоштадот „Скендербег“, денес заврши првото издание на Албанскиот саем на книгата – Скопје 2026, настан што четири дена по ред го претвори Скопје во центар на книгата, културата и албанскиот јазик.

Саемот обедини десетици издавачки куќи, автори, истражувачи и љубители на книгата од Северна Македонија, Косово и Албанија, носејќи илјадници наслови, книжевни промоции, дискусии и културни содржини кои го збогатија културниот живот на градот.

„Четири дена по ред, Скопје живееше со книгата, културата и албанскиот јазик. Овој саем покажа дека постои голем интерес за книгата и дека културата останува една од најсилните врски што нѐ обединува како општество. Горди сме што ги поставивме темелите на една нова културна традиција, која ќе продолжи да расте и во годините што следуваат“, истакна градоначалникот на Општина Чаир, Изет Меџити.

Албанскиот саем на книгата – Скопје 2026 беше организиран во рамките на манифестацијата „Културно лето на Чаир 2026“.

Прикажи повеќе...

Култура

Народниот Театар Битола стана дел од основачите на Балканската асоцијација на театри и фестивали

Објавено пред

НУ Народен Театар Битола учествуваше на официјалната прес-конференција во рамките на Меѓународниот фестивал Бабел Фаст во Трговиште, Романија. На прес-конференцијата, покрај директорот на НУ Народен Театар Битола, Васко Мавровски, присуствуваа и директорот на Театарот „Тони Буландра“ од Трговиште и директор на Бабел Фаст фестивалот Мек Ранин, како и уметничкиот директор на фестивалот Бабел Фаст, Ливиу Келоју. Во своето обраќање, директорот на Битолскиот театар го претстави НУ Народен Театар Битола и ја истакна честа и задоволството што оваа институција за првпат е дел од еден од најзначајните и најреномирани меѓународни театарски фестивали во регионот и пошироко.

Посебен момент на денешната средба беше официјалната најава за формирање на Балканска асоцијација на театри и фестивали – значајна иницијатива која има за цел продлабочување на културната соработка, размена на искуства и заеднички развој на театарската уметност во регионот.

НУ Народен Театар Битола ќе биде меѓу основачите, потписниците и членови на оваа асоцијација и со тоа продолжува да ги гради своите меѓународни партнерства и да биде активен промотор на македонската театарска уметност пред светската публика.

Во рамките на фестивалот НТБ учествува со претставата „Ричард трети“ од Вилијам Шескпир во режија на Мартин Мирчевски со што уште еднаш го потврдува високото уметничко ниво на македонскиот театар и достојно претставување на Битола и Република Македонија на меѓународната сцена.

Прикажи повеќе...

Култура

Промоција на книгата „Од ’Црвенкапа’ до ’Џинџуџе’“ на Мојсова-Чепишевска

Објавено пред

Од

Во Културно-информативниот центар – Скопје (КИЦ), во салонот „Империјал“, денес, со почеток во 19 часот ќе се одржи промоцијата на книгата „Од ’Црвенкапа’ до ’Џинџуџе’“ од универзитетската професорка и книжевна критичарка, Весна Мојсова-Чепишевска, во издание на „Панили“.

Наместо класична промоција со формални обраќања, книгата ќе биде претставена преку разговор меѓу авторката и Елена Ѓорѓиовска, која под менторство на Мојсова-Чепишевска работеше и на магистерски труд посветен на македонската книжевност за деца. Со тоа, промоцијата ќе добие и дополнителна симболична димензија: дијалог меѓу професорката и нејзината поранешна студентка, меѓу истражувачкото искуство и новата генерација толкувачи на книжевноста за деца.

Извадоци од книгата ќе читаат Ана Манасиевска, Марија Наумоска и Ана Љубиќ, студентки на Катедрата за македонска книжевност и култура на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.

„Од ’Црвенкапа’ до ’Џинџуџе’“ е книга што отвора широк и возбудлив простор за читање на книжевноста за деца – не како спореден или „помал“ книжевен свет, туку како сложена, богата и културно важна област во која се преплетуваат приказната, играта, детската имагинација, воспитувањето, јазикот, сликата, сцената и современата култура. Делото може да се чита како мала историја, но и како вовед во теоријата и поетиката на книжевноста за деца, со јасна свест дека книгите за најмладите читатели не се само прв допир со литературата, туку и прв допир со светот, со вредностите, со стравовите, со радоста и со фантазијата.

Во оваа книга, Мојсова-Чепишевска ја продолжува својата препознатлива посветеност на книжевноста за деца и на македонската книжевна култура, поставувајќи ги добро познатите ликови, приказни и книжевни модели во ново, современо и аналитички прецизно читање. Од Црвенкапа како еден од најпрепознатливите симболи на детското читателско искуство, до Џинџуџе како знак за новите книжевни и имагинативни светови, книгата ја следи долгата и жива патека по која детето станува слушател, читател, толкувач и сопатник на книжевноста.

Весна Мојсова-Чепишевска е една од најистакнатите македонски книжевни теоретичарки, критичарки и универзитетски професорки. Како професорка на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при УКИМ, таа со децении е вклучена во проучувањето, толкувањето и афирмацијата на современата македонска книжевност, а во последните години особено значаен дел од нејзиниот научен и педагошки ангажман е поврзан со книжевноста за деца. Нејзината работа ја поврзува академската строгост со живата читателска љубопитност, а токму таа врска е една од најсилните особености и на новата книга.

Промоцијата на „Од ’Црвенкапа’ до ’Џинџуџе’“ е можност публиката да се сретне со книга што ја враќа книжевноста за деца во центарот на книжевниот и културниот разговор – таму каде што, всушност, започнува секое големо читателско патување.

Прикажи повеќе...

Најново

Забава4 часа

Британска лекарка издвои пет замрзнати намирници за подолг и поздрав живот

Британската лекарка по општа пракса, д-р Асија Маула, вели дека многу намирници што придонесуваат за долговечност се идеални за замрзнување...

Спорт5 часа

Дефибрилатор му го спаси животот на Ериксен

Драмата на натпреварот помеѓу Данска и Украина за среќа имаше позитивен исход. Данскиот фудбалер Кристијан Ериксен (34) се струполи во...

Македонија5 часа

Со пиштоли, сокриени во грмушки чекале да убијат возач оти при разминување им се допреле ретровизорите, Обвинителството побара притвор  за двајца браќа 

Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје донесе Наредба за спроведување истражна постапка против две лица за кои постои основано...

Спорт5 часа

Ракометарките на Мец ја освоија Лигата на шампионите

Ракометарките на Мец одиграа феноменално на завршниот турнир од Лигата на шампионите. Во полуфиналето победија против Букурешт со 32:27, а...

Регион6 часа

Уапсени двајца Срби на изборниот ден во Косово поради сомнеж дека влијаеле врз гласачи

Косовската полиција за време на изборниот ден привела две лица во селото Гораждевец поради сомневање за влијание врз гласачи, јавија...

Регион6 часа

Албин Курти со освоени 42,3 % од гласовите повторно во водство на изборите во Косово

Првичните резултати од денешните парламентарни избори во Косово повторно покажуваат убедливо водство на „Самоопределување“ на премиерот Албин Курти. Според првичните...

Спорт7 часа

(Видео) Хорор сцена, Ериксен повторно колабираше среде натпревар

За жал, сцените од Европското првенство 2021 се повторија, Кристијан Ериксен повторно колабираше на теренот. Сè се случи во 65-тата...

Спорт8 часа

Реал ќе купи Португалец за 90.000.000 евра

Пари Сен Жермен го информирал Реал Мадрид дека Португалците, Жоао Невеш и Витиња не се на продажба, одбивајќи понуда од...

Свет8 часа

Русија постави нов услов за крај на војната со Украина

Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров изјави дека целосното обновување на правата на говорниците на руски јазик во Украина...