Контакт

Култура

Ненад Шапоња и Никола Јованоски први добитници на наградата „Столб на зборот“

Објавено пред

Ненад Шапоња и Никола Јованоски се први добитници на наградата „Столб на зборот“ на Меѓународниот книжевен фестивал „Република на зборот“. Фестивалот ќе се одржи од 31 јули до 2 август оваа година во Крушево и Демир Хисар.

Писателите Ненад Шапоња од Нови Сад (Република Србија) и Никола Јованоски од Крушево (Република Македонија) се наградуваат за нивниот досегашен книжевен ангажман и поетски опус.

Наградата Столб на зборот се состои во плакета и заедничка книга (избор) на македонски јазик.

Ненад Шапоња (1964, Нови Сад) е поет, есеист и книжевен критичар, чии стихови се препознатливи во современата српска поезија по стилската префинетост, херметичноста и острите метафизички увиди. Во областа на книжевната критика ја промовира постмодерната поетика и идеосинкретичкиот интерпретативен пристап кон книжевните дела, кој подразбира живеење во книжевноста.

Десетина години бил критичар на весникот „Политика“, а во 2002 година ја основал издавачката куќа Агора, денес еден од најистакнатите српски издавачи, со единствено место во оваа област, благодарение на широките интереси и квалитетниот избор.

Книги поезија: „Ѓоконда“ (1990), „Одрази на измамата“ (1993), „Очевидност“ (1996), „Море“ (1998), „Четири поеми“ (2000, 2001), „Слатка смрт“ (2012), „Постои ли допирот на твојата душа?“ (2014), „Изгледам, значи не сум“ (2017), „Слегувам во тишината на тегот на фрлената коцка“ (2019), „Психологија на гравитацијата“ (2023, 2024), „Среќна вода“ (2024), „Близнак на времето“ (2025) и „Слободно око“ (2026).

Книги есеи и критики: „Бедекер на сомнежот“ (1997), „Автобиографија на читањето“ (1999), „Искуство на пишувањето“ (2001, 2002).

Книга патописи: „А Брисел може лесно да се изоди“ (2018, 2019, 2022, 2025).

Поезијата на Ненад Шапоња е преведувана на англиски, шпански, француски, италијански, романски, унгарски, македонски, бугарски, словенечки, руски, русински, полски, словачки, албански и азербејџански јазик.

Преведени книги: „Постои ли допирот на твојата душа?“ – на македонски; „Слатка смрт“ – на романски, шпански и словачки; „Изгледам, значи не сум“ – на словачки, шпански, англиски, азербејџански и малајалам; „А Брисел може лесно да се изоди“ – на англиски, македонски и арапски јазик; „Психологија на гравитацијата“ – на полски, англиски, македонски, бугарски и словачки; „Среќна вода“ – на англиски и италијански јазик.

Составил и неколку антологиски избори: „Антологија на современиот новосадски расказ“ (2000), „Антологија на стариот новосадски расказ“ (2003), „Просветина книга на криминалистички раскази“ (2003), Павле Угринов (во едицијата „Десет века српска книжевност“, 2013), „Нова приказна на Нови Сад“ (2018), „Тхе Нењ Сторѕ оф Нови Сад“ (2022).

Неговите книги се наградени со најзначајните српски поетски признанија: „Бранкова награда“ за книгата „Ѓоконда“, „Просветина награда“ за книгата „Бедекер на сомнежот“, наградата „Мирослав Мика Антиќ“ за книгата „Изгледам, значи не сум“, наградата „Мома Димиќ“ за книгата „А Брисел може лесно да се изоди“. Добитник е и на наградата „Милан Богдановиќ“ за книжевна критика.

Книгата „Психологија на гравитацијата“ ги добила книжевните награди „Лаза Костиќ“, „Теодор Павловиќ“, „Стеван Пешиќ“ и „Кочиќево перо“, книгата „Среќна вода“ (2024) наградите „Душан Васиљев“ и „Ѓура Јакшиќ“, а добитник е и на наградата „Ленкин прстен“ за најубава љубовна песна во 2024 година, објавена во таа книга. Книгата „Близнак на времето“ (2025) ја понесе „Змаевата награда“, како и наградата „Меша Селимовиќ“ за најдобра книга во 2025 година.

Добитник е на Годишната награда на градот Зрењанин (2011), Ноемвриската повелба на градот Нови Сад (2023), меѓународната награда „Гоцева мисла“ (Скопје, 2023), наградата „Димитрије Давидовиќ“ (2025) за животно дело, а одликуван е и со Орденот „Караѓорѓева ѕвезда“ (2025) за придонес во книжевноста и културата.

Никола Јованоски е роден на 15 ноември 1962 година во Крушево. Тој е современ македонски поет и член на Друштво на писателите на Македонија од 2000 година. Во текот на своето долгогодишно творештво се афирмира како автор со препознатлив поетски израз, посветен на темите на родниот крај, човековата внатрешност, традицијата и духовните вредности.

Своето книжевно присуство го започнува со поетската книга „Уште нешто“ (1986), по што следуваат „Варница“ (1988) и „Забел“ (1998), дела со кои постепено го гради својот автентичен поетски свет. Во новиот милениум ги објавува поетските книги „Прошталник“ (2001), „Гостинаска одаја“ (2004) и „Избор“ (2006), а потоа и „Гозба во гостинската одаја“ (2008), „Ѕвекот на ѕевгарите“ (2011) и „Клокотница“ (2015). Во 2024 година ја објавува и поетската книга „Кревки мисли“. Покрај поезијата, Јованоски се јавува и како романсиер со романот „Во пазувите на коријата“ (2017).

Покрај авторската дејност, Јованоски е активно присутен и како приредувач, преведувач и истражувач на културното и историското наследство на Крушево и Крушевската Република. Особено внимание посветува на делото на Никола Киров Мајски, приредувајќи и преведувајќи значајни изданија како „Крушево и Крушевската Република“ и „Епопејата на Крушево“, работени според ракописите на Мајски. Воедно е приредувач и на „Албум на илинденците од Крушево и крушевско“, како и автор на монографските изданија „Крушево за Васил Иљоски“ и „Крушевчанецот Васил Иљоски“, посветени на Васил Иљоски. Неговиот интерес за роднокрајната книжевна традиција се согледува и преку антологијата „Поетски изблици од Крушевската корија“, со која дава придонес во афирмацијата на крушевското поетско творештво.

Со својата повеќедецениска книжевна и културна дејност, Никола Јованоски претставува значајно име во современата македонска литература и културна меморија.



©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура

Архангел ја претстави „Срцевина“ – ново поглавје, нова музика и премиера на спотот за „Дни оловни“

Објавено пред

На денешната прес-конференција во Мака Бар во Скопје, легендарната македонска рок група Архангел официјално го најави големиот концерт „Срцевина“, кој ќе се одржи на 13 јуни на Стадионот на АРМ, како и новото студиско поглавје на бендот, по повеќе од две децении од последното дискографско издание.

Концертот „Срцевина“ е замислен како средба на музиката и публиката во простор исполнет со енергија, сеќавања и нови приказни. Архангел ќе ги изведе песните што со години се дел од колективната меморија на неколку генерации, но и нови композиции што го најавуваат претстојниот албум. Настанот носи можност за заедничко доживување на музиката во нејзината најнепосредна форма – како искрена комуникација меѓу сцената и публиката.

Пред претставниците на медиумите беше премиерно прикажан и новиот видеоспот за синглот „Дни оловни“, песна што го најавува претстојниот албум на Архангел и означува враќање на бендот со нов авторски материјал.

На прес-конференцијата говореа Ристо Вртев, фронтмен и автор на Архангел, Иво Антов, автор и реализатор на видеоспотот за „Дни оловни“, и Цвета Спасова, извршен директор на Adriatica Records и организатор на концертот. Преку видео-врска се обрати и реномираниот пијанист и композитор Васил Хаџиманов, кој ќе биде специјален гостин на концертот „Срцевина“.

Ристо Вртев истакна дека „Срцевина“ не е само концерт, туку можност да се сумираат повеќе од четири децении авторска работа и истовремено да се отвори простор за нови песни и нова комуникација со публиката.

За мене „Архангел“ е – она што го чувствувам да го претворам во песна и тоа да биде автентично, да не личи на нешто постоечко, автентично во смисла на некои атмосфери, зашто низ разни премрежја се менува и емотивниот набој во песните, како кај народниот творец. Ова не е квалификувана музика, ова си ти самиот, нешто што сам си го задаваш, немаш канон. Јас правам песни, авторска музика, ова мене ми се допаѓа заради енергијата. Автентични автори кои се прифаќаат или не, тоа е клучот, објасни Вртев и додаде дека аматерски се занимава со културна политкка како и сите останати што се заинтерсирани да ни опстои културата во добра форма.

„Дни оловни“ претставува прва објава од претстојниот албум на Архангел и, според Вртев, е песна која природно го поврзува почетокот на неговиот авторски пат со сегашниот момент. Публиката на концертот ќе има можност премиерно да слушне и дел од новите композиции што ќе бидат дел од новото дискографско издание.

Авторот на видеоспотот, Иво Антов, зборуваше за креативниот процес и визуелниот концепт зад „Дни оловни“, нагласувајќи дека станува збор за дело кое ја следи емоционалната и поетска структура на песната, притоа задржувајќи современ визуелен израз.

Цвета Спасова нагласи дека концертот „Срцевина“, снимањето на концертниот материјал и подготовката на новиот албум претставуваат дел од поширок проект што се реализира под капата на Adriatica Records, со цел достојно да се одбележи новата фаза во кариерата на Архангел.

Во своето видео-обраќање, Васил Хаџиманов изрази задоволство што ќе биде дел од концертот и што ќе настапи со својот бенд како специјален гостин на „Срцевина“.

„Голема чест ми е што со мојот бенд ќе бидеме дел од концертот ‘Срцевина’ и што ќе настапиме заедно со Архангел. Со нетрпение ја очекуваме средбата со публиката во Скопје. Архангел е една од најзначајните групи на македонската и регионалната музичка сцена, со препознатлив авторски израз и песни што и денес силно комуницираат со публиката. Уверен сум дека нè очекува вечер исполнета со музика, емоции и вистинска енергија“, изјави Хаџиманов.

Снимено во „Clinic Sound“, sound design на Gramophonedzie

Синглот „Дни оловни“ е снимен, миксан и мастериран во скопското студио „Clinic Sound“ на Нино Спиркоски. Sound design е потпис на Марко Миличевиќ, познат под псевдонимот Gramophonedzie.

На концертот премиерно и нови композиции во живо

На концертот „Срцевина“ на 13 јуни на Стадионот на АРМ во Скопје, Архангел покрај песните од досегашната дискографија ќе изведат и дел од новите композиции премиерно во живо, нудејќи ѝ на публиката прва можност да го слушне материјалот што ќе биде дел од претстојниот албум.

Покрај Вртев, во Архангел се и Александар Ванчовски, Дејан Митровиќ – бас, Иван Петровски – гитара и Филип Димишковски – клавијатури.

Концертот „Срцевина“ ќе се одржи на 13 јуни 2026 година, со почеток во 20:00 часот, на Стадионот на АРМ во Скопје.

Прикажи повеќе...

Култура

Промоција на книгата „Да живее Долна дупка“ на Коле Ангеловски во Драмски театар

Објавено пред

Во рамките на одбележувањето на 80-годишнината утре со почеток во 19:00 часот во Драмскиот театар ќе биде одржана промоција на книгата „Да живее Долна дупка“ на легендата на македонската театарска и филмска уметност, Коле Ангеловски.

Книгата е своевидна збирка на четири комедии: „Да живее Долна дупка“, „Аферата ’Рекет’“, „Аферата ’Ладен шприцер’“ и „Птица со главата меѓу нозе“, кои Коле Ангеловски ги напиша во последните десетина години. Од нив две веќе се поставени на сцените на македонските театри.

Комедијата „Птица со главата меѓу нозе“, во режија на Коле Ангеловски, премиерно беше изведена во неговиот матичен Драмски театар на 10 ноември 2021 година. Преку улогите на актерите: Стефан Вујисиќ, Маја Вељковиќ-Пановска, Благој Чоревски, Ѓокица Лукаревски, Марија Кондовска, Анастас Тановски, Калина Наумовска, Благица Димитровска и Симон Манасковски. „Птица со главата меѓу нозе“ говори за растргнатоста на индивидуата меѓу сегашноста и минатото, за пандемијата, економската криза и за социјалните превирања во нашава земја.

„Да живее Долна дупка“, чиј режисер е самиот Коле Ангеловски, премиерно беше изведена на сцената на Театар „Комедија“ на 29 јануари 2025 година и веќе доживеа десетина претстави. Оваа комедија, во која ликовите ги играат: Горан Ников, Жаклина Стевковска, Роберт Ристов и Јаков Спасов, успева со леснотија и хумор, а сепак жестоко, низ сатирична визура да ги согледа и да ги претстави нашата посттранзициска стварност, општествените аномалии и отсуството на вредностите.

„Аферата ‘Ладен шприцер’“ од една комична перспектива ни ги претставува аномалиите на начините на кои се одвива локалната самоуправа, а провокативноста на „Аферата ‘Рекет’“, пак, произлегува од тоа што главните ликови се засновани на главните протагонисти од аферата позната на нашата јавност под истото име, но тоа е само почетна точка за Ангеловски, кој на извонредно комичен начин го развива драмското дејствие.

Приредувач и уредник на книгата „Да живее Долна дупка“ е Свето Стаменов – политиколог, новинар и несомнено еден од најплодните македонски публицисти, автор, коавтор, приредувач и уредник на седумдесетина книги од најразлични жанрови, додека, пак, за дизајнот на книгата се погрижи младата македонска графичка дизајнерка Бојана Симевска. Публикацијата е збогатена и со триесетина колор фотографии од претставите „Птица со главата меѓу нозе“ во Драмски театар и „Да живее Долна дупка“ во Театар „Комедија“.

Во сите четири комедии обединети во оваа книга, преку необичните пресврти и извонредно водениот дијалог, Коле Ангеловски успешно им дава драмски облик на актуелностите на нашето време.

Излегувањето на книгата финансиски е помогнато од Министерството за култура и туризам во рамките на Годишните конкурси за финансирање проекти од национален интерес во 2026 година.

На промоцијата за „Да живее Долна дупка“ на Коле Ангеловски ќе говорат: Роберт Вељановски – директор на Драмскиот театар, Тодор Кузманов – театарски критичар, проф. д-р Гоце Смилевски – писател и драматург, Благоја Чоревски – актер, Ѓокица Лукаревски – актер и приредувачот и уредник Свето Стаменов, додека, пак, актерите Жаклина Стевковска и Горан Наков ќе одиграат фрагменти од претставата „Да живее Долна дупка“.

Драмски театар Скопје ги поканува љубителите на театарот, културната јавност, медиумите и сите заинтересирани граѓани да присуствуваат на промоцијата на книгата „Да живее Долна дупка“ каде што присутните ќе имаат можност да слушнат повеќе за значењето на македонското современо драмско творештво.

Прикажи повеќе...

Култура

Во Лабораториум се отвора првата изложба од програмата „Нови Лица“ – фотографски проект на младата авторка Јана Наскова

Објавено пред

На 11 јуни со почеток во 20ч, во културно-едукативниот центар Лабораториум ќе биде отворена изложбата на фотографии на младата авторка Јана Наскова, која е резултат на едномесечната резиденција реализирана во рамки на иницијативата „Градски ѕид за Нови Лица на македонската културна сцена“.

Изложбата претставува прв јавен настан од оваа иницијатива, преку која Лабораториум ги поддржува и афирмира новите генерации уметници и креативци од независната културна сцена. Во текот на изминатиот месец, Наскова работеше под менторство на реномираната фотографка Еџе Али, развивајќи авторски фотографски проект инспириран од урбаниот простор околу неа.

Јана Наскова е родена во Скопје во 2001 година. Дипломирала интердисциплинарна програма по либерални уметности и науки, со фокус на филм, филозофија и литература, во Амстердам, Холандија. Нејзиниот професионален и активистички ангажман опфаќа работа во младински организации, образование, медиуми и граѓански иницијативи. Нејзината работа се движи на пресекот помеѓу уметноста, општествената ангажираност и личниот наратив.

Проектот „Нови Лица“ има за цел да открие, поддржи и промовира нови автори од македонската независна уметничка и креативна сцена. По јавен повик, стручно жири составено од културни работници, професори, уметници и професионалци избра осум млади артисти и креативци кои до крајот на оваа година ќе поминат низ едномесечни менторски резиденции. Секој учесник работи со искусен ментор кој го насочува и поддржува неговиот креативен процес, со цел создавање на ново авторско дело што ќе биде јавно презентирано во Лабораториум. Изложбата на Јана Наскова е прва во низата од осум изложби, презентации и јавни настани во склоп на овој проект, кои ќе се реализираат до крајот на годината, претставувајќи ги резултатите од соработката помеѓу младите автори и нивните ментори.

Лабораториум е приватен културно-едукативен центар во Скопје, кој во изминативе две и пол години функционира како простор за независна култура, едукација и социјализација. Со над 550 реализирани настани, меѓу кои работилници, изложби, концерти, театарски претстави, креативни базари, кино-проекции, радио програми и други активности, Лабораториум изгради динамична заедница на млади уметници, креативци и проактивни граѓани, при тоа поттикнувајќи нови форми на соработка и културно учество.

Иницијативата „Нови Лица“ се реализира во рамки на проектот „Култура за развој“, поддржан од Владата на Швајцарија, а имплементиран од Хартефакт Фонд.

Изложбата е отворена за јавноста, а влезот е слободен.

Прикажи повеќе...

Најново

Свет3 часа

Техеран му одговара на Вашингтон: „Имаме и други јазици освен дипломатијата“

Додека чекаше одговор на Иран на најновата закана на Трамп за соборувањето на американскиот воен хеликоптер, непосредно пред објавата на...

Свет3 часа

Лидерите на осум нордиски и балтички држави: Украина мора што поскоро да се приклучи на ЕУ и НАТО

Лидерите на осумте нордиски и балтички држави испратија порака од регионалниот состанок во Талин во вторник, поддржувајќи го „неповратниот пат“...

Свет3 часа

Трамп: Иран собори американски воен хеликоптер, САД мора да возврати

Американскиот претседател Доналд Трамп денес изјави дека иранската армија нападнала и соборила хеликоптер „Апачи“ на американската армија во близина на...

Македонија4 часа

Савески со директорот на Финансиската полиција: борбата против финансискиот криминал и корупцијата во фокусот

Јавниот обвинител на Република Северна Македонија Ненад Савески на денешната средба со директорот на Управата за финансиска полиција Слободан Ивановски...

Забава4 часа

Лето кое ќе го паметат со години: за три знаци, тоа ќе биде пресвртница во нивните животи

Често го поврзуваме летото со одмори, патувања и безгрижни моменти, но за некои хороскопски знаци може да донесе многу повеќе...

Спорт4 часа

Нан доби нестварна сума за да игра за Катар

Кошаркарот на Панатинаикос, Кендрик Нан, е во последна фаза од преговорите со Катарската кошаркарска асоцијација и ќе стане репрезентативец на...

Свет4 часа

Рускиот министер за одбрана: Америка да го повлече нуклеарното оружје од Европа

Руското тактичко нуклеарно оружје не претставува закана за Соединетите Американски Држави, изјави Андреј Белоусов, министер за одбрана и шеф на...

Спорт4 часа

Атлетико од Реал одбил 150 милиони евра за Алварез

Фудбалскиот клуб Реал Мадрид објави дека испратил понуда од 150 милиони евра до градскиот ривал Атлетико Мадрид за напаѓачот Хулијан...

Македонија4 часа

Прифатена парична гаранција од 55.000 евра: Стефан Богоев излезе од притвор

Кривичниот совет при Основниот кривичен суд Скопје ја уважи жалбата на осомничениот С.Б. и ја прифати понудената гаранција, со што...