Книги
Oбјавена книгата „Аспекти на камерниот театар“ од Кузманов и Ристовски

Излезе од печат книгата „Аспекти на камерниот театар“ од Тодор Кузманов и Гоце Ристовски објавена со подршка на Министерството за култура во рамките на годинашниот конкурс за финансирање проекти од национален интерес.
-Театарот како и сè што е живо, а театарот е жива уметност, постојано еволуирал, се модифицирал унапредувјќи ја својата суштина преку нови форми, облици, нови содржини, нов актерски израз, нови театарски техники, нов аудиовизуелен дизајн, нов комуникациски пристап, нов ангажман, нов експеримент, нови истражувачки цели, нови целни консументски групи, нова естетика и етика и тн.
Една таква трансформација е камерниот театар што се сообразувал со севкупните промени во човекото општество во целина, но и на регионално и национално ниво. Тука се мисли на промените во општествено политичкиот живот, социјално психолошките промени, улогата на новите технологии, воено политички и геостратешки промени, идејни, философски, еколошки и хуманитарни, естетски, етички и слично. Во таа смисла камерниот театар може да се проследува како побуна против класичниот театар и обид тој да се менува, се посочува во поговорот на изданието.
Трудот на Кузманов и Ристовски толкува тема што недоволно е истражувана во современиот театар на глобален план, а во најголема мерка се однесува на современиот македонски театар повикувајќи се најмногу на примери од Меѓунаародниот фестивал на камерен театар „Ристо Шишков“ но и од фестивалот на пантомима „Панфиз“, фестивалот на монодрама што се одржува во Битола и Меѓународниот фестивал „Актерот на Европа“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Книги
„Сезона на глуварките“ на Блаже Миневски објавена на хрватски јазик

Книгата раскази „Сезона на глуварките“ од Блаже Миневски излезе на хрватски јазик во издание на „Тим прес“ од Загреб.
Преводот од македонски на хрватски е на Томислав Ровичанец, кој го има напишано и поговорот за ова издание.
Расказите се преведени со поддршка на европската преведувачка мрежа „Традуки“.
Како што стои во најавата на хрватскиот издавач, станува збор за антологиска проза на универзален автор не затоа што истовремено пишува романи, раскази, драми и есеи, не затоа што неговата проза спојува историски, психолошки и политички состојби, туку затоа што е повеќеслојна и со мноштво пораки.
Книги
Промоција на книги од Пандев и Димоски на 56. Летна школа на МСМЈЛК при УКИМ

Во рамките на традиционалната соработка на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје (МСМЈЛК при УКИМ) и Општина Охрид, денес, на Летната школа на МСМЈЛК при УКИМ, ќе бидат промовирани книгите „Книга за светите браќа Климент и Наум Охридски“ од проф. д-р Димитар Пандев и Славе (Ѓорѓо) Димоски и „Славе (Ѓорѓо) Димоски во книжевната критика (македонска и светска)“ од проф. д-р Димитар Пандев.
Промоцијата ќе се одржи во Конгресниот центар на УКИМ во Охрид, со почеток во 20 часот. Пред присутните ќе се обрати и претставник на Општина Охрид, а промотор на двете изданија ќе биде ас м-р Иван Антоновски.
Изминативе години на летните школи на МСМЈЛК при УКИМ, пред семинаристите – странски македонисти и слависти, редовно се промовираат изданијата на Општина Охрид, кои се важни за македонската книжевност и култура, а за сите учесници редовно Општината обезбедува и бесплатни примероци, кои потоа стануваат дел од славистичките библиотеки на универзитетите во светот. Важно е што со оваа промоција традицијата продолжува.
Преку едната од книгите што ќе бидат промовирани денес странските слависти и македонисти, особено оние од помладите генерации, ќе може подетаљно да се запознаат со она што е напишано за светите Климент и Наум Охридски во науката од почетокот на славистиката па наваму, вклучително и за нивното значење за просветителската дејност на македонската почва и воопшто во словенскиот свет, а од друга страна, и со присуството на култот кон светите браќа засведочен во македонската книжевност – народна и авторска. Преку другата книга, во која на 370 страници се поместени осврти, текстови и други објави од книжевната критика за поезијата, книгите и воопшто творештвото на Славе (Ѓорѓо) Димоски, семинаристите ќе може подетаљно да се запознаат со вредностите на опусот на еден од најистакнатите современи македонски поети, а некои од нив и да ги надградат своите досегашни сознанија имајќи ги предвид присуството на творештвото на Димоски во наставата на некои странски универзитети и преводите од неговата поезија на триесет јазици.
Покрај овој настан, годинава, Општина Охрид дава поддршка на Летната школа на МСМЈЛК при УКИМ и со тоа што за сите семинаристи од 18 држави ќе организира и посета на дел од културното наследство на градот Охрид.
Книги
Нов роман на Лидија Димковска – „Единствен матичен број“

Во четврток, во кафе-бар „Филхармонија“, со почеток од 19:30 часот, ќе се одржи промоција на новиот роман од Лидија Димковска, „Единствен матичен број“, во издание на „Три“.
Воведот кон овој четврти роман на Лидија Димковска ќе ни го овозможат Виолета Танчева-Златева и Гоце Смилевски, истакнати автори во современата македонска литература, кои во оваа книжевна епизода се појавуваат како промотори.
Лидија Димковска е веќе докажана авторка на овие простори и надвор од нив. Двапати се има закитено со наградата за проза „Стале Попов“ на Друштвото на писателите на Македонија, како и со германската награда за поезија „Хуберт Бурда“, со романските награди „Поесис“ и „Тудор Аргези“, наградата „Браќа Миладиновци“ на Струшките вечери на поезијата за најдобра поетска книга за „Гранична состојба“ итн.
Преведена е на неколку странски јазици со избори и засебни книги кои редовно наидуваат на позитивни критики и одгласи.
Нејзините книги често ги следат внатрешните борби на поединецот кој во надворешниот свет трага по својот идентитет. Така и овој нејзин нов роман ни носи освестувачка приказна за нашиот свет што заборавивме да го сакаме. Ќе нè одведе до себеприфаќање, себепронаоѓање, пронаоѓање на домот. Роман потрага по утопијата на идентитетот преку дистопијата на животот.