Култура
Почнува 60. јубилејно издание на фестивалот „Војдан Чернодрински“ во Прилеп
Шеесетото јубилејно издание на Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“, ќе започне вечерва во 19 часот со изложба 60 години „Војдан Чернодрински“ – Прилеп.
Станува збор за хибридна изложба на артефакти од долгогодишната традиција на фестивалот. Во неа ќе се следи приказната за фестивалот визуализирана со конкретни сведоштва за луѓето и настаните што ги обележале овие години фестивалски живот.
Изложбата е поддржана од „Витаминка“ – Прилеп во рамки на заедничката прослава „70-60-50“ (70 години „Витаминка“, 60 години МТФ „Војдан Чернодрински“ – Прилеп и 50 години заедничка соработка). Патеката ќе започне од Театарот „Војдан Чернодрински“, ќе продолжи кон Музејот на икони, Градскиот саат, Реклами, и ќе заврши во Центарот за култура „Марко Цепенков“.
„Сакаме да им оддадеме почит на тој начин што ќе ги споменеме заедно со сите фотографии, постери, документи, предмети кои ќе го осведочат времето што поминало, но и ќе направат одличен простор за времето што ќе дојде. Изложбата има и перформативен дел – студентите од ФДУ под менторство на режисерката Шенај Мандак играат перформанс на драмите од Дејан Дуковски. Патот на фестивалот е симболична патека на која преку нарација и аудиовизуелен контакт ќе може да ја следиме историјата на фестивалот и да ја видиме секоја значајна меморабилија“, вели Ана Стојаноска, уметнички директор на фестивалот.
Свеченоста ќе продолжи во големата сала на Центарот, во 20 часот. Честа прв да настапи ќе ја има ансамблот на Драмскиот театар, со претставата „Мачкина глава“ од Венко Андоновски, во режија на Дејан Пројковски, од официјалната програма на фестивалот.
На претставата ќе и претходни проекција на документарен филм посветен на фестивалот. На присутните ќе им се обрати претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, која е покровител на фестивалот, а за отворен ќе го прогласи министерот за култура и туризам, Зоран Љутков. Ќе се обрати Ана Стојаноска, уметнички директор на фестивалот. Пред изведбата на претставата, ќе бидат врачени наградите на лауреатите на наградите за животно дело на Атила Клинче, Сашо Миленковски, Веби Ќерими и Љубомир Чадиковски.
Вкупно 13 претстави ќе бидат изведена на јубилејното издание кое ќе трае до 12 јуни – девет во официјална и четири во придружна програма. Фестивалот годинава се одржува под мотото „Храбриот нов театар“ и тематот „Кризата на човекот во општеството и кризата на општеството во човекот“. На затворањето ќе настапи Београдско народно позориште, со претставата „Црно злато“ Оливер Фрлјиќ, по текст на Дејан Дуковски, Авторот во фокус на фестивалот годинава.
Претстави во официјалната селекција се: „Амадеус“ од Петер Шефер во режија на Андреј Цветановски, продукција на Турски театар – Скопје. „Едмонд“ од Дејвид Мамет, во режија на Оливер Мицевски, продукција на Народен театар – Битола „Калигула“ од Албер Ками, во режија на Ѓорѓи Ризески, продукција на Народен театар – Куманово „Мачкина глава“ од Венко Андоновски, во режија на Дејан Пројковски, продукција на Драмски театар – Скопје. „Носорози“ од Ежен Јонеско, во режија на Васил Василев, продукција на Албански театар – Скопје „Случајната смрт на еден анархист“ од Дарио Фо, во режија на Ивана Ангеловска, продукција на НУЦК „Ацо Шопов“ – Театар – Штип „Страв и надеж“ по мотивите на Франц Ксавер Крец, во режија на Татјана Мандиќ Ригонат, продукција на Македонскиот народен театар – Скопје „Црнила“ од Коле Чашуле во режија на Дејан Пројковски, продукција на Народен театар „Војдан Чернодрински“ – Прилеп „Челинџ“, автор и режија Јане Спасиќ, Театар за деца и младинци – Скопје Во придружна програма се избрани претставите (подредени по азбучен ред на насловот на претставата): „Вилицата на Ибен Бајерс“ од Филип Грујиќ во режија на Борис Василевски, продукција на „Штрих“ – Скопје, „Драга Јелена Сергеевна“ од Људмила Разумовскаја, во режија на Шенај Мандак, копродукција на Факултетот за драмски уметности – Скопје и Македонскиот народен театар – Скопје „Невиност“ од Деа Лоер, дипломска претстава на класата по актерска игра, под менторство на проф. м-р Зоја Бузалковска и вонр. проф. м-р Александар Степанулески „Сина сенка“ од Брајан Рејнолдс, во режија на Тамара Стојаноска, театар „Златен елец“.
За наградите на фестивалот ќе одлучува жирито во состав: Снежана Конески-Руси, актерка, режисерка, Дарко Лукиќ, театролог, независен театарски научник и автор од Хрватска и Аида Буквиќ, наградувана театарска и филмска режисерка од Хрватска.
В недела, од 18 часот ќе се одржи настан посветен на Дејан Дуковски. Ќе биде отворена изложба со постери од претстави создадени според негови драмски текстови, ќе бидат промовирани две нови книги со драми на Дуковски, го издание на „Арс Ламина“. За нив ќе зборуваат Оливера Ќорвезироска, приредувач на книгата и Ана Стојаноска, автор на предговорот. Ќе следува и разговор со Дуковски. И годинава ќе биде организиран Музеј во движење со фокус на творештвото на актерите Благој Ивчески, Лидија Иваноска и Трајче Иваноски.
Фестивалот и годинава ќе им даде простор за креација на децата во омилената за нив Детската зона, студентите на ФДУ ќе учествуваат во улични театарски перформанси, ќе бидат организирани промоции.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Љутков-Раев: Во наредниот период треба да се пристапи кон реализација на конкретни проекти и активности кои ќе придонесат за унапредување на културната размена
Министерот за култура и туризам Зоран Љутков денеска оствари средба со Султан Раев генерален секретар на Меѓународната организација за турска култура ТУРКСОЈ (TURKSOY)
На средбата, министерот Љутков упати благодарност за укажаното гостопримство за време на неговата посета на Анкара пред неколку месеци и изрази задоволство што генералниот секретар Раев, сега има можност да ја посети нашата земја, да се запознае со нашиот главен град, како и со еден од најубавите градови на Балканот, Охрид.
Во тој контекст, а во функција на потпишаниот Меморандум за разбирање Љутков истакна дека следната фаза треба да биде насочена кон имплементација на конкретни активности и иницијативи, нагласувајќи дека овој документ не смее да остане само формална рамка на хартија, туку треба да резултира со реализација на бројни заеднички проекти.
Генералниот секретар Раев, исто така, се заблагодари за гостопримството и се осврна на работата на ТУРКСОЈ, организација во која членуваат шест земји-членки и осум држави со статус на набљудувачи. Тој го информираше министерот Љутков дека во изминатиот период се потпишани меморандуми со повеќе држави со цел уредување и унапредување на соработката во областа на културата.
Раев посебно истакна задоволство што иницијативата за потпишување на договорот со Македонија, која датира уште од 2018 година, е реализирана токму во мандатот на министерот Љутков. Притоа, тој упати искрена благодарност за личниот ангажман на министерот во процесот на усогласување и потпишување на овој значаен документ.
Двајцата соговорници се согласија дека соработката меѓу Министерството за култура и туризам и ТУРКСОЈ има голем потенцијал и дека во наредниот период треба да се пристапи кон реализација на конкретни проекти и активности кои ќе придонесат за унапредување на културната размена, промоција на културното наследство и продлабочување на меѓународната соработка.
Култура
На 12 јули започнува 66. „Охридско лето“
Со гала концертот „Љубов“ на големата оперска ѕвезда Ермонела Јахо од Албанија и американскиот тенор Чарлс Кастроново, на 12 јули на Античкиот театар во Охрид ќе биде отворено 66. издание на фестивалот „Охридско лето“. Тие ќе настапат под диригентската палка на Италијанецот Марко Боеми а во придружба на Националната опера и балет.
Според првиот човек на НУ „Охридско лето“, Ѓорѓи Цуцковски,токму во вечно инспиративниот Охрид се испреплетуваат традицијата и убавината, а уметноста добива нова димензија и нова сила преку фестивалот што веќе 66 години успешно опстојува и е високо етаблиран на меѓународната културна мапа.
-Како директор на фестивалот, чувствувам особена одговорност, но и привилегија, да бидам дел од приказната што веќе со децении ја гради духовната и културната мапа на нашата земја и пошироко. „Охридско лето“ не е само фестивал — тоа е традиција, вредност и мост што ги поврзува културите, народите и генерациите, вели Цуцковски.
На 40-дневниот фестивалски репертоар се педесеттина неповторливи доживувања од областа на класичната музика, џезот, балетот и театарот при што фестивалските сцени ќе примат над 700 докажани уметници од 24 земји во светот. Во рамки на програмата е предвидено и одбележување на два јубелеи, 100 години од раѓањето на големата оперска дива Ана Липша Тофовиќ и 60 години постоење на Факултетот за музичка уметност –Скопје.
Во соработка со претставниците на дипломатските претставништва во земјава, ќе бидат организирани Австриска вечер, Шпанска вечер, Британска, Италијанска, Француска, Холандска, Грчка, Словачка, Унгарска и Полска вечер, како и Вечер на Европската унија.
„Охридско лето“ отсекогаш внимава, вистинските културни вредности да ѝ ги наметне на младата популација, па така, пред свеченото отворање, денеска и утре во црквата „Света Софија“, во соработка со Музичката младина на Македонија, ќе биде организиран „Подиум на млади“ со новата генерација уметници на кои допрва им претстои блескава кариера.
Годинава на „Охридско лето“ новина се концертите на џез-музика што ќе се одржат од 13 до 16 август на сцената „Долни Сарај“ и во црквата „Света Софија“со врвни уметници од САД, Гана, Велика Британија, Холандија, Германија и С.Македонија.
Како што потврдува директорот на оваа Национална установа, Цуцковски, минатогодишното издание на „Охридско лето“ беше обележано со рекордна посетеност и рекордна продажба на билети во последните 10 години, што според него, претставува јасен показател за довербата во квалитетот на фестивалската програма.
-Над 10.000 посетители беа дел од гледалиштата на шеесет и петтото издание на музичко-сценската манифестација „Охридско лето“. Според евиденцијата на купени влезници имаше публика од над 30 држави од сите континенти. Овие резултати не се значајни само за фестивалот, туку имаат и пошироко влијание врз развојот на туризмот, придонесувајќи за зголемена посетеност на градот како и дополнителна промоција на Охрид како атрактивна културна и туристичка дестинација, додава Цуцковски.
Фестивалот „Охридско лето“ се одржува под покровителство на претседателката на Р.С.Македонија, Гордана Сиљановска-Давкова, а со финансиска поддршка на Владата преку Министерството за култура и туризам. Генерален спонзор е А1 Македонија, а во реализацијата на фестивалските вечери помагаат и Општина Охрид, дипломатскиот кор во земјава, како и бројни спонзори и поддржувачи.
Култура
Изложба на Роберт Цветковски и Архикс Студио во КИЦ Белград
„Генеративна Уметност: Инспирација или Имитација 2.0“ е наслов на изложбата, чиј домаќин и организатор, вечерва во 20 часот, ќе биде македонскиот КИЦ во Белград.
Овој проект поддржан од Министерството за култура и туризам, како носител го има познатиот академски сликар Роберт Цветковски, а ќе биде остварен во соработка со архитектонското студио АРХИКС, кого го претставуваат Ален Цветковски, Натали Велеска, Сара Велеска и Андреј Цветковски. Пред белградската публика, во галерискиот простор на КИЦ Белград, проектот и авторите ќе ги претстави директорот Васко Шутаров.
Каде е границата помеѓу инспирацијата и имитацијата во светот на глобално и брзо споделување идеи, проблеми со заштитата на авторските права, во светот на брза и евтина продукција и маркетинг, каде акцентот се става на естетика наместо етика? Ова е истражено од страна на архитектите од Архикс Студио, прека земање на мотив од делата на академскиот уметник Роберт Цветковски и нивна манипулација преку различни мисловни процеси и дигитални медиуми, каде резултатот е архитектонски концепт или проект директно евоциран од самото уметничко дело (архитектонски концепт, детаљ од објект, дури и урбанистички план). Дали може секаде да се примени овој принцип, дали може да создаде употреблив резултат и дали ги повредува авторските права? Ова истражување покажува дека границата е тенка и скоро секогаш субјектвна.
Заклучокот е дека овие финални производи, директно инспирирани од уметничкото дело, мора повторно да поминат низ процес на рафинирање на мислата, за да може самите да бидат креативно, оригинално и применливо дело-што ја прави разликата меѓу инспирацијата и имитацијата. Имитацијата во овој проект ќе биде доловена преку резултати од делувањето на ВИ врз делата од уметникот Цветковски.
Резултатите се прикажани преку изложување на самото уметничко дело од кое е земена инспирација, заедно со проектите кои се инспирирани од секое дело, прикажани преку повеќе скици (процесот на преработување и рафинирање на првичната инспирација) и дигитални фото-манипулации (финалниот концепт).
Роберт Цветковски е присутен на македонската уметничка сцена повеќе од 30 години и со своето современо апстрактно сликарство ја претставувал Македонија со над 40 самостојни и над 200 групни изложби во САД, Кина, Турција, Франција итн. и е дел од уметнички колекции низ целиот свет.
АРХИКС СТУДИО е македонско архитектонско и дизајнерско студио чија работа опфаќа станбени, деловни и индустриски проекти, како и ентериерен дизајн. Посебен фокус на студиото е на одржливоста и планирањето базирано на податоци, одржливата архитектура, иновациите и иницијативите насочени кон заедницата.
Изложбата ќе биде поставена во македонскиот КИЦ во Белград до 20 август.
