Култура
Поетски портрет на лауреатот Беи Дао во црквата Света Софија
Заминувањето од животот е илузија, а патувањето во еден правец е смрт за поезијата, вели во една од неговите песни годинашниот лауреат на Струшките вечери на поезијата, Беи Дао.
Во саботата вечерта љубителите на пишаниот збор можеа да уживаат во неговата поезија во катедралната црква Свети Софија. На омажот посветен на неговиот живот и творечки опус, извадоци од негови поетски книги читаа актерите Роберт Велјаноски и Арна Шијак во улога на водители на манифестацијата.
Беи Дао е еден од водечките поети на модерна Кина и дел од плејадата челници на Школата за загадочна поезија. Роден е на 2 август во 1949 година и откако повеќе години живеел во егзил во осум земји, во 2006 се враќа во Кина кога станал универзитетски професор. Има напишано повеќе поетски книги меѓу кои: „Одлучување“, „Пејсаж на кулата“, „Форми на оддалеченост“, „Августовски месечар“, „Сина куќа“ кои се преведени на 30 јазици. Тој е во постојана потрага по нови форми на изразување , како што истакнаа водителите, говорејќи за неговата бигорафија и поетско кредо.
„Она што ја отсликува поезијата на Беи Дао е музикалноста на зборот и богатството на поетски слики, кои не се само опскурни метафори. Тој има изграден медитативен поетски стил и во неговите стихови одѕвонува традиционалната кинеска поезија. Звуците на лирското се дел од празните простори меѓу зборовите. Она што е импресивно за годинашниот лауреат и инзвонреден поет е што се откажува од себеси за да се слушне самиот себе и тој верува дека семантичката строгост е непријател на зборот“, потенцираа водителите Шијак и Велјановски кои се потрудија со зборови да го исцртаат животниот пат на годинашниот поет и да го доловат неговиот портрет преку неговата поезија.
Според лауреатот Беи Дао поезијата не е логика или игра на зборови. Таа е камен, нечуен, по кој ако се удри неколкупати дава искра. Со други зборови, кога каменот ќе потоне на дното на морето, тој чудесно станува мост, вели Дао.
„Учествував на Струшките вечери на поезијата летото 2003 кога Томас Транстромер беше лауреат. Дванаесет години подоцна јас ја споделувам оваа уникатна чест и сум пресреќен. Благодарност до сите колеги поети, фестивалскиот совет, благодарност до секоја алка на синџирот од оваа меѓународна поетска традиција“, се заблагодари Беи Дао до сите присутни за привилегијата да се закити со Златниот венец како највисоко признание за еден поет.
Златниот венец ќе му биде врачен денес на меѓународното поетско читање „Мостови“ на Мостот на поезијата со почеток од 20.30./крај/мф
Извор: OhridNews
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Костадиновска-Стојчевска: Ги исполнуваме препораките на УНЕСКО и заеднички овозможуваме трајна заштита на Охридскиот Регион
Министерката за култура и претседателка на Националната комисија за УНЕСКО, Бисера Костадиновска-Стојчевска, денеска во Охрид оствари работна средба со претставниците на реактивната мониторинг-мисија на УНЕСКО, која е составена од членови на Центарот за светско наследство, Меѓународниот совет за споменици и локалитети и Меѓународната унија за заштита на природата. Средбатата се одржа во Завод и Музеј – Охрид, а учество зедоа и членовите на Националниот координативен тим од нашата држава и директорката Ирена Шајн.
„Министерството за култура и Националниот координативен тим посветено работат на спроведување на препораките од УНЕСКО во делот на заштита на културното наследство. Не отстапуваме од грижата за Охридскиот Регион и зачувување на статусот на престижната листа на УНЕСКО. Уверена сум дека обединети, сите заедно, централната, локалната власт и невладиниот сектор во заедничка координација со забрзана динамика ќе продолжиме да ги исполнуваме насоките на УНЕСКО во подобрување на состојбите со реткото природно и културно наследство на нашиот регион“, потенцира Костадиновска- Стојчевска.
На средбата стана збор за актуелните состојби поврзани со заштитата на културното наследство во Охридскиот Регион, начините за надминување на предизвиците и напредокот што го има остварено државата во однос на последните препораки на УНЕСКО.
Министерката со македонските експерти ги информира членовите на реактивната мисија за сите реализирани, како и за тековните активности поврзани со препораките, како што е донесувањето на стратегискиот план за рехабилитација на природното и културното наследство на Охридскиот Регион, изработката на правни документи, меѓу кои предлог-закон за управување со светското природно и културно наследство и предлог-закон за изменување и дополнување на Законот за прогласување на старото градско јадро на Охрид за културно наследство од особено значење.
Беше дискутирано и за завршените активности за заштита на дрвената платформа во Заливот на коските, пристапот до заштитените културни добра, изработката на „упатство за иматели на недвижни културни добра во Охридскиот Регион – светско наследство на УНЕСКО“, со цел да им се помогне на имателите на недвижни културни добра во Охридскиот Регион да ги исполнат своите права и обврски.
Средбата беше дел од агендата на тридневната заедничка реактивна мониторинг-мисија на членовите од Центарот за светско наследство на УНЕСКО, Меѓународниот совет за споменици и локалитети (ИКОМОС) и Меѓународната унија за заштита на природата во прекуграничното светско наследство „Природно и културно наследство на Охридскиот регион“ во Република Албанија и во Северна Македонија.
Култура
Почнува 19. издание на фестивалот за современи уметности АКТО
Месецов почнува 19-тото издание на фестивалот за современи уметности АКТО и ќе се одвива во текот на целата година. Новото 19-то издание на АКТО продолжува на линија на минатогодишното издание АКТО 18 „Јавни простори во движење (кон) II“ и се отвора со низа мурали, на кои работат тројца млади уметници/чки, а е предвидено да се изработат во разни градови во државата опфаќајќи тематики во духот на солидарноста на заедницата. Првиот мурал, кој е веќе завршен, се наоѓа во Скопје на зградата број 33 на булеварот Митрополит Теодосиј Гологанов наспроти студентскиот дом „Кузман Јосифовски-Питу“ и ќе биде отворен в четврток на 28 март. На него работеа уметниците Ивана Самандова, Ана Трајковска и Доротеј Нешовски.
Во центарот на Скопје, на зградата број 33 на булеварот Митрополит Теодосиј Гологанов, наспроти студентскиот дом „Кузман Јосифовски-Питу“ пред 30-ина години беше ставен голем рекламен материјал, кој заедно со фасадата веќе одамна беше во разрушена состојба. Затоа, поткрепени со оптимистичката поддршка и ентузијазам на станарите во зградата, организацијата „Факултет за работи што не се учат“ – ФРУ заедно со уметниците Ивана Самандова, Ана Трајковска и Доротеј Нешовски иницираа акција за обновување на заборавениот ѕид, со цел да остане визуелна игра, но и значаен потсетник во строгиот центар на градот.
Идејата зад овој мурал не беше само да се обнови фасадата на зградата ниту, пак, во фокусот беше да се претстави само визуелно решение, туку да се создаде потсетник за важноста на солидарноста во општеството. Играта со архитектурата е замислена да оствари директна комуникација со самите случајни минувачи во секојдневието – оние што се упатени кон (или заминуваат од) работа, училиште, факултет, пазарување, прошетки. Mинувачи пронајдени во самиот визуелен изглед на муралот што ја носи главната порака, која гласи: „Големината на заедницата најпрецизно се мери преку солидарните постапки на нејзините членови“.
Оваа порака од Корета Скот Кинг (авторка, активистка и лидерка на граѓански права) се упатува кон многуте заедници што го оформуваат разновидниот карактер на општеството, а за да опстанат, тие зависат во голема мера од солидарните и добронамерни постапки токму од нејзините членови. Затоа, неслучајно оваа мисла е носечката порака на првиот мурал, таа служи како потсетник дека токму членовите се одговорни за градењето на меѓусебно разбирање, толеранција и заеднички борби за создавање подобри и поздрави услови на живеење овозможувајќи поддршка и слободно заедничко творештво – не само во културата и уметноста туку и пошироко во рамките на општеството во кое живееме.
АКТО 19 претставува продолжение на тематиката – „Јавните простори во движење (кон)“, преку која минатата година фестивалот презентира неколку практики, кои замислуваа ослободен простор, дури и привремено, за гласот на игнорираните, запоставените, замолчените, испуштените и маргинализираните во рамките на постојната хегемонија. АКТО смета дека овие уметнички практики може повторно да создадат јавен простор преку борбите за правата и во блиска врска со општествените движења или дури и да ги стимулира во моменти кога се чини дека се слаби.
Фестивалот АКТО е во организација на здружението „Факултет за работи што не се учат“ – ФРУ и во текот на годината во своите рамки ќе продуцира повеќе настани во земјава и странство.
Култура
„Госпоѓиците од Авињон“ на сцената на Националната опера и Балет
На сцената на Националната опера и Балет, на 11 април, со почеток во 20 часот, ќе се изведе атрактивната балетска претстава во 9 слики, „Госпоѓиците од Авињон“. Со оваа претстава почнува jубилејното 20. издание на интернационалниот фестивал „Танц фест Скопје 2024“, кое ќе има нов концепт и повеќе разни програми, меѓу кои и програмата со наслов „Паралели“, во која ќе се прикажат три претстави од репертоарот на Националната опера и Балет, со цел да се прикажат современите текови на Националниот балет и да се претстават повеќе домашни кореографи.
Балетската претстава „Госпоѓиците од Авињон“ е инспирирана од истоимената слика на уметникот Пабло Пикасо, зборува за пет жени и нивниот живот, нивната потрага по љубовта, смртта и слободата.
Музиката во претставата е на Калиопи Букле, за кореографијата и режијата задолжена е Олга Панго. Либретото и драматургијата се на Сашо Димоски, костимограф е Раде Василев, а на мултимедија и дизајн работеше Емил Петров, дизајн на светло – Милчо Александров, а дизајн на шминкa – Златица Поповска. Асистенти на кореографот се Горан Божинов и Саша Евтимова. Користени се сценографски елементи од операта „Змејовата невеста“ – сценограф Валентин Светозарев.
Настапуваат: Александра Мијалкова, Мими Поп-Алексова Атанасовска, Ивана Коцевска, Саша Евтимова, Христина Наќевска, Мирослав Митрашиновиќ, Балаж Лочеи, Агим Бафтии, Ендру Кук.