Култура
Промоција на книгата „Од Црвенкапа до Џинџуџе“ од Весна Мојсова – Чепишевска во КИЦ Скопје
Културно информативниот центар – Скопје информира дека на 5 јуни ќе се одржи промоција на книгата „Од Црвенкапа до Џинџуџе“ од универзитетската професорка и книжевна критичарка Весна Мојсова – Чепишевска, во издание на издавачката куќа „Панили“. Промоцијата е закажана со почеток во 19:00 часот во Салон – Империјал 2.
Книгата ќе биде претставена преку разговор меѓу авторката и Елена Ѓорѓиовска, која под менторство на Мојсова-Чепишевска работеше и на магистерски труд посветен на македонската книжевност за деца. Со тоа, промоцијата ќе добие и дополнителна симболична димензија: дијалог меѓу професорката и нејзината поранешна студентка, меѓу истражувачкото искуство и новата генерација толкувачи на книжевноста за деца.
Извадоци од книгата ќе читаат Ана Манасиевска, Марија Наумоска и Ана Љубиќ, студентки на Катедрата за македонска книжевност и култура на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.
„Од ’Црвенкапа’ до ’Џинџуџе“ е книга што отвора широк и возбудлив простор за читање на книжевноста за деца – не како спореден или „помал“ книжевен свет, туку како сложена, богата и културно важна област во која се преплетуваат приказната, играта, детската имагинација, воспитувањето, јазикот, сликата, сцената и современата култура. Делото може да се чита како мала историја, но и како вовед во теоријата и поетиката на книжевноста за деца, со јасна свест дека книгите за најмладите читатели не се само прв допир со литературата, туку и прв допир со светот, со вредностите, со стравовите, со радоста и со фантазијата.
Во оваа книга, Мојсова-Чепишевска ја продолжува својата препознатлива посветеност на книжевноста за деца и на македонската книжевна култура, поставувајќи ги добро познатите ликови, приказни и книжевни модели во ново, современо и аналитички прецизно читање. Од Црвенкапа како еден од најпрепознатливите симболи на детското читателско искуство, до Џинџуџе како знак за новите книжевни и имагинативни светови, книгата ја следи долгата и жива патека по која детето станува слушател, читател, толкувач и сопатник на книжевноста.
Весна Мојсова-Чепишевска е една од најистакнатите македонски книжевни теоретичарки, критичарки и универзитетски професорки. Како професорка на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при УКИМ, таа со децении е вклучена во проучувањето, толкувањето и афирмацијата на современата македонска книжевност, а во последните години особено значаен дел од нејзиниот научен и педагошки ангажман е поврзан со книжевноста за деца. Нејзината работа ја поврзува академската строгост со живата читателска љубопитност, а токму таа врска е една од најсилните особености и на новата книга.
Промоцијата на „Од ’Црвенкапа’ до ’Џинџуџе’“ е можност публиката да се сретне со книга што ја враќа книжевноста за деца во центарот на книжевниот и културниот разговор – таму каде што, всушност, започнува секое големо читателско патување.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Дина Дума ја освои наградата „Нора Ефрон“: Трајбека ја препозна како силен женски авторски глас
Дина Дума е првата македонска режисерка што ја добива Nora Ephron Award на Tribeca Festival.
Режисерката Дина Дума ја освои Nora Ephron Award на Tribeca Festival во Њујорк за својот втор долгометражен филм „Скејтбордингот не е за девојчиња“, кој ја имаше својата светска премиера во рамки на фестивалот.
Nora Ephron Award е специјално признание што се доделува на исклучителна жена филмска авторка која го претставува духот и визијата на легендарната американска сценаристка, режисерка и писателка Нора Ефрон. Со ова признание, Tribeca ја препозна Дина Дума како силен женски авторски глас на меѓународната филмска сцена.
Во образложението на жирито се истакнува дека Нора Ефрон претставува пример за тоа како јасен женски авторски глас во патријархален свет може да отвори врати за многу други. „Делото на Ефрон често го поставуваше прашањето: како жените преживуваат во непријателски свет? Нашиот избор за добитничка на оваа награда одговара на тоа прашање на многу начини“, се наведува во одлуката на жирито.
Жирито го опиша филмот „Скејтбордингот не е за девојчиња“ како лирски и политички, допирлив и автентичен, трогателен и топол, а истовремено проткаен со радост и хумор. Во образложението дополнително се истакнува дека, давајќи им глас на оние кои најчесто остануваат без глас, Дина Дума ја воведува публиката во посебно, длабоко човечко искуство, преку конкретни ликови кои ја слават солидарноста и семејството.
„Скејтбордингот не е за девојчиња“ беше дел од International Narrative Competition, главната меѓународна натпреварувачка програма на Tribeca Festival.
„Скејтбордингот не е за девојчиња“ е во продукција на „Сестри и брат Митевски“, со продуцентка Лабина Митевска, по сценарио на Дина Дума, Лидија Мојсовска и Теона Стругар Митевска. Во главните улоги се Ефќар Абаз, Симонида Селимовиќ, Џефрина Јашари и Ганимет Абдула. Филмот е копродукција меѓу Северна Македонија, Белгија, Словенија и Хрватска, со поддршка од Агенцијата за филм на Северна Македонија, Eurimages, Creative Europe MEDIA и фондови од земјите копродуценти.
Со Nora Ephron Award, Дина Дума добива едно од значајните специјални признанија на Tribeca Festival, кое го истакнува значењето на женската авторска перспектива, храброста да се раскажуваат комплексни приказни и силата на филмот да отвори простор за гласови кои ретко добиваат видливост на големата сцена. Наградата има и паричен фонд од 25.000 долари, како директна поддршка за понатамошниот авторски развој и за создавање нови филмски проекти.
Култура
Врачени наградите на 60. МТФ „Војдан Чернодрински“: Во време на општото сеедно, треба да сте храбри за да ја остварите вашата визија
Со врачувањето на наградите и изведбата на претставата „Црно злато“ од Дејан Дуковски, во режија на Оливер Фрљиќ на Београдско драмско позориште, синоќа беше спуштена завесата на 60. Македонски театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ во Прилеп.
Публиката го наполни гледалиштето на големата сала во Центарот за култура „Марко Цепенков“, дојде да им оддаде почит на најдобрите според жири-комисијата, но и да ја проследи една претставите за кои особено се зборува во изминатите три месеци.
Жири-комисијата во состав Снежана Коневски-Руси, претседател Дарко Лукиќ и Аида Буквиќ ги оценуваа претставите.
Руси синоќа ги соопшти наградените, а уметничката директорка на фестивалот, Ана Стојаноска, им ги врачи.
Според оценките на публиката, со просечна оценка од 4.75, ајдобра претстава беше прогласена „Амадеус“ од Питер Шефер, во режија на Андреј Цветановски, на Турскиот театар. Тие и минатата година ја добија оваа награда за претставата „Слепци“ на Ќендрим Ријани. Осман Али, директор на Театарот и се заблагодари на прилепската публика.
Наградата за најдобра сценографија ја доби Валентин Светозарев, кој го цитираше Хамлет: -И да ме затворите во ореова лушпа, ќе останам крал во ореова лушпа. Се надевам дека нареден пат нема да бидам во ореова лушпа.
Наградата за најдобар млад актер „Трајко Чоревски“ ја прими Јеткин Сезаир за улогата на Моцарт во „Амадеус“. Тој им се заблагодари на публиката во Прилеп, на фестивалот и жирито, на режисерот Андреј Цветановски што му ја додели улогата и на целиот Турски ансамбл за поддршката. Сара Спиркоска по втор пат ја доби наградата за млада актерка.
-Огромна чест ми е што по втор пат ја добивам оваа награда, овојпат не е потврда само за мојот напредок, ама е потврда и дека сум уште млада. Годинава настапив со три претстави, од вкупно пет колку што ги имав во сезоната. Голем е предизвикот за млад актер, којшто и не е вработен да се задржи активен и да напредува, но се радувам дека постојат луѓе што го ценат и вреднуваат тоа. Наградата ја делам со режисерите Дејан Пројковски, Тамара Стојаноска и Шенај Мандак, кои се дел од мојот пат – рече Спиркоска.
Примајќи ја наградата за машка споредна улога за Симoн во „Мачкина глава“ на Драмски театар, Александар Степанулески ги поздрави актерите што оставија голем печат во македонскиот театар – Кирил Ристоски, Благоја Спиркоски – Џумерко… Слаѓана Вујошевиќ ја доби наградата за главна женска улога за Констанца во „Амадеус“. Таа не можеше лично да ја подигне наградата, но со порака ја поздрави публиката и посебно истакна дека и нејзината улога немала да биде така успешна да не беше нејзиниот колега Јеткин Сезаир.
Димитар Ѓорѓиевски ја доби наградата за најдобра машка улога за Фезлиев во „Црнила“ на Прилепскиот театар, која од годинава го носи името на Кирил Ристоски. Тој им се заблагодари на своето семејство, на неговиот втор дом Народниот театар „Војдан Чернодрински“, на своите колеги.
-Постои посебна врска меѓу мене и публиката. Имаме магична публика, ова е сон од кој не сакам да се разбудам, ова е бесценето – рече Ѓорѓиевски.
Примајќи ја наградата за најдобра режија, Дејан Пројковски истакна:
-„Црнила“ ја започнавме по неколку месеци од затврањето на театарот и тоа е една од малите вежби дека е важно и во тешки времиња да не заборавиме дека луѓето се најважни во театарот, се надевам дека наскоро ќе можеме да работиме во нова зграда на Прилепскиот театар.
Наградата за уметничко остварување на претстава во целина ја доби „Страв и надеж“ во режија на Татјана Ригонат Мандиќ.
Од име на Македонскиот народен театар, наградата ја прими актерот Александар Микиќ. Биљана Драгиќевиќ-Пројковска е наградена за најдобра споредна женска улога за Марија во „Мачкина глава“, но поради изведба на претстава не можеше да присуствува на церемонијата. Наградата за костимографија ја прими Марија Пупучевска за „Црнила“. Наградата за најдобра музика ја доби Ирена Поповиќ-Драговиќ за „Страв и надеж“. Четири награди годинава не беа доделени – за рекламен материјал, кореографија и сценски движења, за современа сценска драматизација и за современ драмски текст.
Фестивалот му ја додели и наградата за најдобар волонтер на Стефан Петрески, кој четири години посветено го помага фестивалот.
Публиката ја поздрави Ана Стојаноска, уметнички директор на фестивалот која го водеше фестивалот во изминатите четири години. Таа се наврати на сработеното и на предизвикот да се води најголемиот и најзначајниот театарски фестивал во Македонија.
-Решив таа моја програма да ја наречам „Враќање дома“, ја поврзав со моето фактичко враќање дома, со Чернодрински и со драмата „Чернодрински се враќа дома“ на Горан Стефановски. Решив да ја креирам мојата слика за театарски фестивал која ќе биде современа, храбра и која ќе оствари комуникација со сите гледачи, независно на која возрасна или која и да е групата на која ѝ припаѓаат. И еве, четири години до денес, фестивалот стана мојата препознатлива слика, местото каде што живее театарот во јуни и театарските уметници и публиката. Дека еден човек не може да направи фестивал, се покажа и со мене. Затоа јас го имам најдобриот тим. Но, истовремено овој фестивал немаше да биде тоа што е и без моите најсакани волонтери, без вас драги мои ова ќе беше само обична манифестација. Поминавме многу патеки, се соочивме со многу предизвици, ги ширевме границите на сопствената комоција. Попатно многу недоразбирања, конфликти, забелешки, критизерства и критики и сè во насока да направиме нешто подобро. Тој што работи и греши, но најважно е да научи од грешките. Наједноставно е да стоиш отстрана, да коментираш заткулисно и да не правиш ништо. Меѓутоа, моето мото и мојот карактер не го дозволуваат тоа. Денес, во времето на општото сеедно, човек треба да е многу, многу храбар за да ја оствари својата визија, па и да плати поголема цена – рече Стојаноска.
Таа се заблагодари на публиката „за довербата, за барањето место повеќе, за аплаузите што ја говореа вистината.“
-Поминав многу тежок период кога го создавав ова издание на фестивалот, ја изгубив мајка ми, жената што ме соочуваше со тоа што правам и дали треба тоа да се прави така, што ме поддржуваше во сè што правев и на која ѝ ветив дека еве, по ова издание, навистина ќе ѝ се посветам на мојата уметност, затоа што и таа и мојот татко веруваа во мене од мали нозе – дека јас сум родена да бидам раскажувачка на приказни. За крај, како што го почнав отворањето на мојата прва мандатна година со цитат на еден од моите најсакани луѓе на овој свет, големиот театарски режисер Игор Вук Торбица, така ќе го затворам и моето организирање на овој фестивал: „Јас сум во мир со моите избори, така што мирно спијам со волкот во мене“ – заврши Стојаноска.
Во чест на наградените настапи Београдско драмско позориште со претставата „Црно злато“ од Дејан Дуковски, во режија на Оливер Фрљиќ.
Големи аплаузи и воздишки предизвика претставата која е една од најбараните во последните неколку месеци на Балканот. Покровители на 60. МТФ „Војдан Чернодрински“ – Прилеп се: Претседател на РС Македонија, Министерство за култура и туризам на РСМ и Општина Прилеп.
Спонзори се: Комфи Ангел, Прилепска пиварница, Витаминка, Пакомак, продукциски партнери – Микросам, Кули, поддржувачи: Комерцијална банка, Стопанска банка, МАКЕДОНИЈА осигурување АД Скопје – Виена Иншуренс Груп. Официјална вода на фестивалот е „Ладна“ (Магрони ДОО, Скопје). Соработници: Јавен Простор Прилеп, НУЦК „Марко Цепенков“ – Прилеп, Градска библиотека „Борка Талески“, Умно.мк, Урбан Ера, Стопанска комора на Северна Македонија – Прилеп, Биткрафт. Медиумски покровители: МТВ, Телма, МИА, Слободен печат, Портрет, Трн.мк, Култура 24, Нова Македонија, Cultural Chat, ОРО, Екран, Вечер, Радио Холидеј, Jazz FM, Okno.mk, Независен, Лице в лице, Република, Клуб Деница, Инфо компас, Е-Магазин, Канал 77, Музика 24, Радио Пела, Маркукуле, Текст.мк, Сакам да кажам, ОТВ.мк, Зенит, Публикум и др.
Култура
Оркестарот на Филхармонија со изведба на „Кармина Бурана“ на 20 јуни, во Градскиот парк во Скопје
Оркестарот на Филхармонија на 20 јуни, со почеток во 21 часот во Градскиот парк ќе ја изведе музичко-сценската кантата „Кармина Бурана“ од Карл Орф, која ќе биде моќна завршница на концертната сезона „Без Филтер“, соопштија од Македонската филхармонија. Во реализација на овој проект, покрај оркестарот на Филхармонија на РСМ, учествуваат музичари од Софиската филхармонија, Државниот симфониски оркестар од Солун, хорот на МОБ, детскиот хор „Пиколо“ и хорот од Музичкото училиште од Солун. Диригент е маестро Најден Тодоров (Бугарија), кој беше иницијатор на овој проект кој прво се реализираше во Софија, потоа во Солун, и сега, на 20 јуни и пред публиката во Скопје. Како солисти ќе настапат нашата светски позната сопранистка Ана Дурловски, тенорот Николас Спанос од Грција и Иво Јорданов од Бугарија, најавија организаторите.
-На 20 јуни не очекува голем музички спектакл, ќе биде изведена грандиозната музичко-сценска кантата „Кармина Бурана“ од Карл Орф, под отворено ѕвездено небо на нашиот традиционален завршен концерт. За нас претставува големо задоволство што по нејзината изведба во Софија и Солун, во Градскиот парк ќе оддекне и пред домашната публика и на тој начин ќе се заокружи оваа значајна соработка меѓу трите балкански оркестри која ја потенцира моќтта на музиката и културата која обединува и која не познава граници – вели Мустафа Имери, директор на Филхармонијата на РСМ.
Министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, културата има најголема смисла тогаш кога излегува од салите и институциите и станува дел од секојдневниот живот на луѓето.
-Затоа, особено радува фактот што овој концерт ќе биде подарок за граѓаните. Бесплатен и достапен за сите. Големата уметност не треба да познава бариери, туку треба да допира до што повеќе луѓе. Убеден сум дека на 20 јуни ќе бидеме сведоци на вечер што долго време ќе остане во нашите сеќавања не само поради величествената музика на Орф, туку и поради тоа што сите заедно ќе бидеме обединети околу нешто што е убаво, возвишено и заедничко – истакна Љутков.
Тој воедно, кажа и дека овој настан има и посебна симболика за нашата земја.
-Пред повеќе од две децении, токму нашата филхармонија беше иницијатор на идејата за Балканска филхармонија, обединувајќи музичари од регионот во име на уметноста и заедничките вредности. Претстојниот концерт на трите филхармонии само ја продолжува таа благородна традиција – потенцира министерот Љутков.
За Симос Папанас, директор на Државната филхармонија од Солун главната идеја која ја поттикна реализацијата на овој проект беше да се изградат мостови на соработка меѓу балканските земји.
-Идејата беше да изградиме мостови на соработка, да го промениме постоечкиот модел и наратив дека не научивме заедно да работиме и создаваме. Преку овој проект сакавме да го докажеме спротивното, дека можеме заедно да работиме. Дека полесно е може да најдеш двајца музичари кои ќе седнат на еден пулт, отколку двајца политичари кои ќе седнат на иста маса. Живееме во турбулетно време, и нашата мисија како уметници е да покажеме дека можеме да работиме заедно – истакна Папанас.
За сопранистката Ана Дурловски ова е исклучително важен проект, кој покажува дека музиката може да не обедини и да ги избрише физичките граници меѓу трите земји кои учествуваат во реализација на музичко-сценската кантата „Кармина Бурана“.
-Овој проект покажува колку е значајна културната дипломатија, и дека преку вакви проекти музиката и културата градат мостови, онаму каде што политиката става граници. Се радувам што ќе се видаме следната недела со нашите колеги со кои изградивме искрено пријателство, и заеднички и пред нашата публика ќе создадеме волшебна музичка вечер, исто како со Софија и Солун – рече Дурловски.
За концертмајсторот Владимир Костов, овој концерт ќе биде уште една потврда дека универзалниот јазик на музиката.
-Музиката говори на јазик разбирлив за сите, и токму таа универална порака е суштината на овој концерт. Заедно обединети на сцена, повеќе од 200 музичари од три држави уште еднаш ќе потврдат дека музиката руши бариери и обединува – рече Костов.
