Култура
Театарот од Сињ, Хрватска со комедијата „Вај – Фај” гостува во Битола
Во сабота на 06.06, во рамките на одбележувањетто на Денот на државноста на Хрватска, во Центарот за култура Битола, гостува театарот од Сињ, Хрватска со комедијата „Вај – Фај”, во организација на Хрватскиот културен центар „Марко Марулиќ“, Битола. Претставата е работена по текст на Мирољуб Недовиќ, а под режисерската палка на Жељко Вицулин.
Силен хумор и комични ситуации, претстава во која актерите на духовит начин нè соочуваат со апсурдите на модерното време, каде што виртуелниот свет често ни го диктира темпото на живеење. Не ја пропуштајте приликата да се насмеете до солзи со нашите гости од Хрватска.
Денот на државноста на Хрватска е еден од најзначајните за хрватската понова историја. Оваа година Хрватскиот културен центар го одбележува во два дена: со музичка вечер во која ден претходно на 5.јуни во КИЦ Битола ќе гостува клапата Цетињани од Хрватска, а како специјални гости ќе настапат учениците на Државното музичко училиште од Битола и втората вечер на 06.јуни со претставата во Центарот за култура, гостување од Сињ. Во текот на изминатите години Хрватскиот културен центар од Битола, воспостави соработка со сите релевантни институции од Македонија и Хрватска, беше иницијатор на неколку збратимувања со општини и КУД-ови. Неодамна гостуваа во Сплит, како дел од меѓународната конференција „Современи пристапи во обликувањето на библиотечните простори за деца и млади“, во рамките на која се потпишаа Меморандуми на соработка со Градската библиотека „Марко Марулиќ“ од Сплит, Хрватскиот културен центар „Марко Марулиќ“ и Националната установа Универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ – Битола.
Одбележувањето на Денот на државноста на Хрватска во Битола е организирано во соработка со Културно-информативниот центар Битола, Општина Битола, Центарот за култура, Државното музичко училиште, Сплитско Далматинскиот округ и Централната канцеларија за Хрватите кои живеат надвор од Република Хрватска.
Влез: Слободен
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Премиера на новата претстава „Интервју“ на сцената на Турски театар
На 19 јуни (петок), со почеток во 20:00 часот, на сцената на Турски театар ќе се одржи премиерата на претставата „Интервју“, по текст на Онур Озџан, во режија на Александра Кардалевска.
Во претставата играат Хакан Даци, Џенап Самет, Слаѓана Вујошевиќ и Јеткин Сезаир, додека сценографијата и костимографијата се дело на Онур Озџан.
„Интервју“ е современа психолошка драма која низ навидум обично интервју за вработување постепено отвора прашања за моќта, манипулацијата, амбицијата и цената што луѓето се подготвени да ја платат за успех. Она што започнува како формална процедура, се претвора во напната игра на откривање, во која границите меѓу вистината и конструкцијата, меѓу професионалниот и личниот идентитет, стануваат сѐ понејасни.
Претставата навлегува во светот на современиот човек, опседнат со позиции и признанија, поставувајќи го прашањето колку далеку сме подготвени да одиме за да го добиеме она што го посакуваме. Во атмосфера исполнета со неизвесност и психолошка тензија, ликовите се соочуваат со сопствените стравови, компромиси и морални граници.
„Интервју“ остава талог на вознемиреност токму затоа што не зборува само за еден процес на селекција, туку за општество во кое успехот станува основна мерка за вредноста на човекот. Претставата ја разоткрива кревкоста на идентитетот и леснотијата со која поединецот може да се изгуби во потрагата по признание, статус и моќ.
Со оваа премиера, Турски театар на публиката ѝ нуди современо и возбудливо театарско искуство кое отвора важни прашања за времето во кое живееме и механизмите што ги обликуваат нашите избори.
Премиера: 19 јуни 2026 година
Време: 20:00 часот
Место: Турски театар
Култура
Владо Јовановски, Роза Трајческа, Димитар Јакимовски и Апостол Трпески добитници на наградите „Златна рамка“ за 2026 година
Друштвото на филмски работници на Македонија вечерва по осми пат ќе ги додели почесните награди „Златна рамка“ кои годинава ги добиваат актерот Владо Јовановски, костимографката Роза Трајческа и филмскиот работник Димитар Јакимовски. Оваа година за првпат ќе биде доделена и специјалната награда „Златна рамка – за особен придонес кон ДФРМ и македонската кинематографија“, која му припадна на Апостол Трпевски.
Одлуката за добитниците на наградите „Златна рамка“ за 2026 година ја донесе Управниот одбор на ДФРМ, во состав Марија Димитрова, Илија Циривири, Лабина Митевска, Георги Унковски, Марко Ѓоковиќ, Атанас Велковски, Дејан Ѓошевски, Драган Спасов, Костадин Дончев, Андреј Бартлинг и Златко Калеников, со следното образложение:
„Златна рамка за актер“ му се доделува на Владо Јовановски за неговата посветеност кон актерската професија, уметничкиот интегритет и исклучителниот придонес во развојот и афирмацијата на македонскиот филм и театар. Јовановски повеќе од три децении остава длабока трага во македонскиот театар, филм и телевизија, преку бројни впечатливи улоги во делата што ја одбележаа современата македонска кинематографија, меѓу кои „Збогум на дваесеттиот век“, „Прашина“, „Големата вода“, „Бал-Кан-Кан“, „Трето полувреме“, „До балчак“, „Ослободувањето на Скопје“, како и во телевизиските проекти „Преспав“, Утре наутро“ и други.
„Златна рамка за автор“ ѝ се доделува на Роза Трајческа, која во текот на својата долгогодишна кариера создаде препознатлив визуелен израз во бројни домашни и меѓународни филмски, телевизиски и театарски продукции, меѓу кои „Збогум на дваесеттиот век“, „Сестри“, „Домаќинство за почетници“, „DJ Ahmet“. Нејзината работа се одликува со исклучителна креативност, прецизност и длабоко разбирање на ликот и филмскиот контекст, со што значајно придонесува кон уметничкиот квалитет и визуелниот идентитет на современиот македонски филм. Со својот професионализам и посветеност, Роза Трајческа остава траен белег во развојот на костимографијата и филмската уметност во Македонија.
„Златна рамка за филмски работник“ му се доделува на Димитар Јакимовски, кој со децении е значаен дел од македонската филмска индустрија во секторот сценографија, придонесувајќи кон реализацијата на бројни домашни и меѓународни продукции. Неговата професионалност, посветеност и подготвеност за соработка го прават еден од најценетите филмски работници Македонија.
Специјалната награда „Златна рамка за особен придонес кон Друштвото на филмски работници на Македонија и македонската кинематографија“ му се доделува на Апостол Трпески, како признание за неговата долгогодишна посветеност, визија и неуморен ангажман во развојот на македонскиот филм. Во својата повеќедецениска кариера како директор на фотографија тој остави значаен авторски белег во бројни филмски, телевизиски и документарни проекти, меѓу кои „Џипси меџик“, „До балчак“ и „Златна петорка“. Како професор на Факултетот за драмски уметности во Скопје, Трпески беше учител, ментор и инспирација за бројни генерации филмски автори и сниматели, пренесувајќи им не само знаење и вештини, туку и љубов кон филмската уметност. Со својата човечност, професионален интегритет и несебична поддршка на филмската заедница, тој остави трајна трага во развојот на Друштвото на филмски работници на Македонија и наследство што ќе продолжи да живее низ делата и луѓето што ги создаде и инспирираше.
Наградите ќе бидат врачени на свечената церемонија поддржана од општина Центар, Младинскиот културен центар.
Култура
Милчо Манчевски доби награда за достигнување во светскиот филм на фестивал во Италија
Филмскиот фестивал во Пезаро, Италија годинава му оддава специјална почест на македонскиот и американски режисер Милчо Манчевски, кому му ја додели престижаната награда „Пезаро Нова кинематографија 62 за достигнувања во светската кинематографија“. На фестивалот ќе бидат одбележани 25 години од „Прашина“, ќе има италијанска премиера на „Бикини Мун“ и промоција на нова книга за творештвото на Манчевски кој е почесен гостин.
„Филмот е уметност на вајање на времето, а никој не го прави тоа како Милчо Манчевски“, ја најави фестивалот во Пезаро програмата посветена на Манчевски што ќе се одвива од 17-19 јуни.
На 62. издание на фестивалот, кој е втор најстар во Италија и еден од најпрестижните во Европа, поместени се повеќе настани посветени на неговото творештво. Централно место во програмата има проекцијата на реставрирана копија во 4К филмот „Прашина“ („Dust“), по повод 25 години од светската премиера. Филмот, кој го отвори Венецискиот филмски фестивал во 2001 година, се смета за едно од најзначајните дела во современата европска кинематографија, а кога се појави предизвика жестоки дебати поради совпаѓањето со војната во Македонија во 2001.
Со оваа проекција, Пезаро ја одбележува трајната вредност и влијание на авторскиот опус на Манчевски.
Дигиталната реставрација на 4К ја организира и ја финансираше Аугустус колор од Рим, без учество на македонските институции. Публиката ќе има можност да ја проследи и италијанската премиера на филмот „Бикини Мун“ („Bikini Moon“), неговото наградувано дело од 2017 снимено во Њујорк, филм што ги истражува границите меѓу фантазијата и документарното. Фестивалот истакнува дека токму оваа жанровска слобода е една од препознатливите карактеристики на режисерскиот стил на Манчевски.
Во каталогот на фестивалот, меѓу другото се вели: „Еден од најзначајните претставници на филмот сфатен, во тарковскиевска смисла, како уметност на обликување на времето, Милчо Манчевски низ својот филмски опус создаде визуелна граматика што ја спојува историјата и културата на неговата татковина, Македонија, со космополитски сензибилитет произлезен од повторуваното, но никогаш конечното искуство на живот во странство. Неговите филмови се проникнати со префинет хуманистички дух во кој емпатијата и чувството за гротескното одат рака под рака. „Прашина“ претставува грандиозна медитација за времето и историјата, додека „Бикини Мун“ нуди размислување за нетелеолошката природа на самата филмска уметност – при што секој од овие филмови, на свој начин, создава жанр сам за себе. Тој содржи модернистички портрет на еден од најавтентичните ликови во американскиот независен филм на изминатата деценија. Распнато меѓу два континента и повеќе епохи, филмското творештво на Милчо Манчевски се нурнува во историјата и во приказните за неизбежно да создаде imago mundi – слика на светот – содржана во неразрешената напнатост на исчекувањето: пред дождот, пред љубовта, пред самиот филм, кое со своите конвенции и својата моќ се надвиснува над сè за да го преобрази.“
Покрај филмските проекции, авторот ќе одржи и мастерклас посветен на неговиот креативен процес и на современиот авторски филм.
Во Пезаро ќе биде претставена и новата книга на италијански „Manchevski: Fiction and Non-Fiction“, која нуди сеопфатен увид во неговото филмско, фотографско и уметничко творештво. Книгата содржи критички есеи и анализи на Манчевски, дел од неговиот книжевен опус, биографија, анализа и повеќе интервјуа што тој ги дал за италијанскиот печат во последните 30 години.
Предговорот за книгата го напиша долгогодишниот директор на Филмскиот фестивал во Венеција, легендарниот Алберто Барбера.
Со овој омаж, фестивалот го потврдува значењето на Манчевски како еден од највлијателните автори, кои произлегле од Балканот и оставиле силен печат во светската кинематографија.
Почеста во Пезаро претставува уште едно меѓународно признание за автор, чии филмови со децении ги поместуваат границите на филмскиот јазик.
Филмскиот фестивал во Пезаро е втор најстар и најугледен фестивал во Италија – по Венеција, а посветен е на авторскиот и иновативен филм. Основан во 1965 година, фестивалот со децении претставува значајна европска платформа за откривање нови филмски јазици и за афирмација на врвни светски автори. Tој годинава се одржува од 13 до 20 јуни.
