Култура
„Одење пеш“, во режија на Тамара Котевска, ги отвора престижниот филмски фестивал во Токио и фестивалот за документарен филм „Фолкстон“ во Англија
The Walk („Одење пеш“) свечено ќе отвори два престижни светски филмски фестивала, фестивалот во Токио, Јапонија, и Фестивалот на документарен филм во Фолкстон, Англија. Светската турнеја на најновиот документарен филм на Тамара Котевска: „Одење пеш“ продолжува во 5 светски мегалополиси: покрај Токио и Фолкстон, филмот е во официјална селекција во Лос Анџелес, Лондон и Париз. Се најавува домашна и јапонска дистрибуција на филмот.
Отварањето токму на фестивалот во Фолкстон претставува огромна чест за Тамара Котевска и англиските продуценти GRAIN MEDIA бидејќи патувањето на сириското дете бегалче Амал во Англија почна токму од овој град, каде што бегалците преминуваат од Франција преку Ла Манш во Англија и токму тука се судираат со најжестокиот отпор на англиската полиција. Организаторите на фестивалот изјавуваат дека отварањето на Фестивалот за документарен филм во Фолкстон токму со „Одење пеш“ е покажување пркос на англиските радикалци и обид повторно да се сврти вниманието на жителите на овој приморски град кон еден од најголемите проблеми со кои се соочуваат во своето секојдневие.
Веднаш по премиерата во Англија, „Одење пеш“ патува на фестивалот Le Grand Bivouac, кој се одржува во Абервил (североисточен регион на Париз), Франција. Овој фестивал е со фокус на современите индивидуални и колективни општествени проблеми, а „Одење пеш“ e во официјална селекција и ќе биде прикажан вечерта на 21 октомври 2024.
Ноемвриската тура на фестивали за „Одење пеш“ ќе биде одбележана со свечено отварање на International Refugee Film Festival Tokyo 2024 на 7 ноември. Режисерката Тамара Котевска изјавува дека да се отвори интернационален фестивал во Токио токму со нејзин документарен филм е еден од најубавите комплименти што ги добила токму поради тоа што уникатниот креативен израз и идентитет на филмот одекнува толку далеку и допира една толку поинаква култура од европската, која очигледно јасно го препознава квалитетот на филмот. Оваа свечена премиера ќе го најави и почетокот на јапонската дистрибуција на филмот.
Учеството на толку многу светски фестивали е почесна потврда за квалитетот и релевантноста на филмот, но Котевска е особено задоволна дека се случува токму дистрибуција на филмот во толку далечни култури во светот. Тоа е она што го запечатува успехот на филмот гарантирајќи му огромна гледаност на широка публика надвор од фестивалските настани.
Веднаш по Токио, „Одење пеш“ ќе биде истовремено прикажан во двата мегалополиси: Лондон и Лос Анџелес. Во Лондон ќе биде дел од 12-тото издание на European Psychoanalytic Film Festival на 16 ноември 2024.
New Filmmakers Los Angeles Film Festival ќе се одржи од 14 до 17 ноември и во фокус се млади автори, кои настапуваат со својот прв или втор филм.
„Одење пеш“ изминатата година ја имаше светската премиера на престижниот интернационален фестивал за документарни филмови во Њујорк, DOC NYC, европската премиера на GENEVA INTERNATIONAL FILM FESTIVAL OF HUMAN RIGHTS во Женева, по што имаше 5 проекции на престижниот фестивал за документарни филмови во Копенхаген, CPH DOX, а Котевска во чест на филмот беше повикана да одржи свечен говор на Венецискиот филмски фестивал 2023. Филмот имаше преполна македонска премиера на затворањето на домашниот фестивал за документарни филмови „Македокс“ по што композиторот Дуке Бојаџиев одржа моќен концерт од музиката на „Одење пеш“, која тој ја компонира.
Режисерката и сценаристка Тамара Котевска продолжува активно да биде еден од најпрепознатливите амбасадори на македонската култура во светот. До сега како режисер и сценарист таа е една од ретките во нашата земја, која непрестано, страсно и активно работи во полето на документаристиката (кој е воедно една од најтешките форми на филмскиот израз). Но Котевска им пркоси на документарните ограничувања креирајќи моќен, уникатен и длабоко емоционален уметнички израз, бирајќи современи, релевантни социјални теми и предизвикувајќи промена на домашно и светско ниво. „Одење пеш“ e само најава на она што следува од оваа млада прогресивна авторка и во поглед на документарниот и во поглед на играниот филм.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Самостојна изложба „Почетоците“ на Христина Мазнеска во Скопје
На 31.10.2024 година, во ЈУ Дом на Култура „Кочо Рацин“ Скопје, во Салон Сутерен беше отворена самостојната изложба насловена “Почетоците” на Христина Мазнеска. Изложбата беше свечено отворена со музичка изведба на Христијан Ристески, со почеток во 19:00 часот.
Изложбата, според организаторот ќе биде отворена за јавноста до 08.11.2024 година.
Изложбата на сликарката и илустраторка Христина Мазнеска насловена „Почетоците“ претставува трилогија од три циклуси, концептуално поврзани меѓусебно, кои самостојно и во целина, ги опфаќаат метафизичките теми за материјата и енергијата, микро и макрокосмосот, виден од авторска перспектива.
Во првиот, насловен како и самата изложба, „Почетоците“, кој е интимистички и автореференцијален циклус, Христина низ еден своевиден дијалог и игра на бојата и цртежот, разоткрива период од својот микрокосмос; доживување или искуство низ кое поминала по својот животен пат. Една своевидна психосоматска транзиција и трансформација, предадена етапно и во целост. Бојата, која има примарна улога, е тесно поврзана со внатрешното јас т.е. микрокосмосот – емоциите, чувствата, па и самата аура. Така и во нејзините дела таа е разнолика и симболична, а во таквиот колоритен сензибилитет, инкорпорирана е и сивата боја – момент на колапс, премрежје. Или поинаку кажано, секојдневно сивило кое некој го живее краткорочно и сегментно, а некој секојдневно.
Динамичните аморфни облици се прикажани во една лирска игра на спојувања и одделувања. Низ еден апстрактен пристап, претставен е своевиден дијалог и дуел, соединување и разделба. Симболика на кога од едно станува две, а од две едно; вечната игра на двата принципи. Претежно во овие дела може да се долови женскиот принцип, мултиплициран и апстрахиран, доведен до момeнт на симбол, како алегорија на новиот почеток, но и космички портал кон животодарното, суштинското, есенцијалното. Машкиот принцип, од друга страна, е ставен во улога на дополнување на суштественоста на женскиот.
Вториот циклус насловен „Портали“ несомнено ја третира темата за макрокосмосот, или уметничко настојување за истражување на универзумот и паралелните светови. Во нив, примарен акцент е ставен на бојата и нејзиниот сензибилитет, додека пак цртежот, ставен во втор план, e со тенденција за негова елиминација. Ваквиот колоритен сензибилитет, предаден низ своевидна игра на аморфни структури, со еден експресионистички – апстракционен приод, Христина алудира на вечноста на материјата и енергијата и непостојаноста на формата. Ставајќи се во семи-демиурговска улога, Христина со нејзините „портали“ ги деконструира категориите простор и време и преку нив настојува да проникне во други, нови, непознати светови. Преку нив, како да се чувствува тој артистички ескапизам кон идеалното, совршеното.
Низ целиот циклус проникнува еден подлабок философско – метафизички набој, кој ја надополнува ликовната естетика. Нејзините дела како да се обременети со дополнителна философска мистика, па дури и теософска идеологија, барајќи претходно проучување и предзнаење од спектаторот, за да може идејата на уметникот дословно да биде предадена.
Циклусот насловен „Куфер со спомени“ содржи бројни разновидни скици, цртежи и минијатури, изработувани низ широк временски дијапазон, во различни техники и стилови. Иако е доста различен од претходните два, сепак концептуално се поврзува и надополнува на претходните два, градејќи една целина т.е. фаза од животот, или патот на уметникот. Низ тој пат се овековечуваат разни ликови, предели, настани. Трајни спомени кои како личен багаж ги носи Христина со себе по патот. Полн микрокосмос, кој сѐ уште останува докрај неоткриен, неспознаен.
Култура
Првиот македонски долгометражен анимиран филм од денес и во Прилеп
Првиот македонски долгометражен анимиран филм, „Јон Вардар против Галаксијата“ од вечерва, понеделник, во 19 часот, ќе почне да се прикажува во киното „Мис Стон“ во Прилеп, на домашен терен, од каде што доаѓа главниот протагонист, Жарко Димоски, кој го толкува ликот на Јон Вардар.
Филмот засега е достапен за скопската публика, со проекции секој ден во „Синеплекс“, каде викендов беше најгледаниот филм на репертоарот на киното. „Јон Вардар против галаксијата“ се прикажува и во Киноверзум во Велес и Штип. Во Кино Манаки во Битола, филмот е на репертоарот во петок и во сабота од 18 часот. Наскоро доаѓа и во другите градови во Македонија.
„Јон Вардар против галаксијата“ е хумористична приказна за еден натпросечно потпросечен човек, еден нарцисоиден робот и многу вонземјани кои се на мисија да ја спасат галаксијата од себеси.
Режијата е на Гоце Цветановски, арт-директор е Михајло Димитриевски – Тхе Мичо, а директор на анимација е Димитар Ѓоргиев. Продуценти на филмот се Алан Кастиљо, Ева Конрад, Браќа Калинови и Ладо Шкорин. Во главните улоги настапуваат Жарко Димоски, Дамјан Цветановски и Емилија Мицевска. Другите улоги ги толкуваат Филип Трајковиќ, Тони Денковски, Атанас Атанасовски, Слаѓана Вујошевиќ, Мартин Ѓоргоски, Елена Тарчуговска и Бојана Тосковска.
Филмот, кој е најголемиот анимациски копродукциски проект на Балканот, е изработен со финансиска поддршка од Агенцијата за филм на Северна Македонија, а има копродукции во Унгарија, Бугарија и Хрватска.
„Јон Вардар против галаксијата“ досега беше прикажан на фестивалите „Ситџес“ во Шпанија, „Киненова“ во Македонија и „Мостра Сао Пауло“ во Бразил.
Култура
Грчки филмови во Кинотека
Амбасадата на Грција во Северна Македонија започнува серија проекции на грчки филмови со наслов „Ајде да се запознаеме“.
Целта на проекциите е да се претстават современите грчки филмови кои беа многу сакани и во Грција но и во странство. Серијата на проекции „Ајде да се запознаеме“ ќе започне динамично со повеќенаградуваниот филм „Мала Англија“ (2013, 2h12) на Пантелис Вулгарис, еден од најзначајните грчки режисери, кој заедно со Теодорос Ангелопулос беа главните претставници на трендот на Новата Грчка Кинематографија, која стана светски позната во 70-тите.
Филмот „Мала Англија“ е една романтична драма, која се врти околу тоа како договорениот брак ќе го размрда животот на едно семејство во периодот помеѓу 30-тите и 50-тите години. Дејството на филмот се одвива на островот Андрос, наречен Мала Англија поради финансиската моќ на неговите жители. Филмот „Мала Англија“ е производ на соработката на режисерот Панделис Вулагарис и истакнатата грчка писателка Јоана Каристианис и постигна голем успех од уметнички но и од комерцијален аспект. Доби 6 признанија од Грчката Филмска Академија и награда за најдобар филм на 17иот Меѓународен Филмски Фестивал во Шангај.
Проекцијата на „Мала Англија“ ќе се одржи во Кинотека на Северна Македонија (ул. Никола Русински бр.1, Скопје), во среда, 6 ноември 2024 година, во 19:00 часот.
Влезот е бесплатен.