Култура
Tеатарска магија на „Охридско лето“ со Словенечкото народно гледалиште „Драма“
Словенечкото народно гледалиште „Драма“ од Марибор синоќа ја отвори драмската програма на фестивалот „Охридско лето“ носејќи ја претставата „Самрак на боговите“ во режија на еден од најпродуктивните хрватски режисери Далибор Матаниќ.
„Самрак на боговите“ обработува исклучително тешка тема, фашизмот и безнадежнните позиции и страдања на човекот во тоа време, но и покрај тоа, актерите со својата извонредна театарска игра, на сцената во Центарот за култура „Григор Прличев“ создадоа автентична театарска магија што беше наградена со бурни аплаузи.
Преку спротивставеноста на политиката и интимните манипулации, особено во поглед на меѓучовечките односи, претставата „Самрак на боговите” покажува колку детално нацистичката влада манипулира со своите граѓани години пред официјалното започнување на Втората светска војна. Актерската екипа беспрекорно ги долови случувањата непосредно врзани за двете судбоносни вечери, палењето на Рајстагот во 1933 година и Ноќта на долгите ножеви, неколку месеци подоцна. Дејствијата се случуваа во куќата на имотното семејство фон Ешенбек кое припаѓа на самиот врв од елитното германско општество. Двете ноќи кобно влијаат врз животот на целото семејство, на целокупното германско општество, но и на европскиот и светскиот поредок.Семејството ги убива сопствените водачи додека не се уништи самото, и тоа поради единствена причина – бидејќи подлегнало на идеите за подобра држава.
Според селекторот на драмската програма на „Охридско лето“ Александар Поповски, Мариборската „Драма“ е интересен ансамбл којшто е во голем подем, а има и многу млади квалитетни актери кои успешно ја градат својата кариера.
-Оваа претстава не случајно е тука. Повикана е на неколку фестивали, веќе освои награди, и не случајно ја покануваат бидејќи обработува една посебна тема, доаѓањето на фашизмот во Германија и случувањата во тоа време преку приказната на едно семејство. Сметам дека има толку многу работи што личат на денешно време и публиката може да го препознае тоа, вели Поповски.
Театарската претстава „Самрак на боговите“ во март годинава ја освои наградата за најдобра претстава на првиот Фестивал на балканските културни простори „Театар на крстопат“ во Ниш. Словенечкото народно гледалиште „Драма“ на овој фестивал доби режисерско признание, за најдобар сценограф, а Петју Лабовиќ беше прогласен за најдобар млад глумец. Наташа Матјашец Рошер ја доби наградата за најдобра женска улога за улогата на бароницата Софи фон Ешенбек, која и синоќа, на „Охридско лето“, уште еднаш покажа фасцинантна актерска зрелост и ја насочуваше енергијата на целиот театарски ансамбл. Претставата е направена според сценариото на Лукино Висконти, Енрико Медиоли и Никол Бадалуко.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Националниот џез оркестар со програмата Џез лектира гостува во Велес
По концертот во Скопје, Националниот џез оркестар со програмата под наслов „Џез лектира“ гостува во Велес. Концертот ќе се одржи на 23 април, 2024 година, со почеток од 20 часот во театарот „Јордан Хаџи Константинов – Џинот“.
„На концертот „Џез Лектира“ се осврнуваме на дел од творештвото на Каунт Бејси биг бендот. Вилијам Џејмс, познат како Каунт Бејси е американски џез пијанист, органист, водач на бенд и композитор, познат и како „Кралот на свингот“. Во 1935 година, тој го формира оркестарот „Каунт Бејси“ и ја води оваа група скоро 50 години. Неговата работа резултира со низа иновации во музичкиот израз како употреба на два „поделени“ тенор саксофони, нагласување на ритам секцијата, рифови во биг бенд композиции, аранжери за дополнително проширување на биг бенд звукот и слично“, се наведува во соопштението на Националниот џез оркестар.
Култура
Костадиновска-Стојчевска: Саемот на книгата, во време на емотикони, е во одбрана на раскажувачите и писменоста
Министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска, во арената „Борис Трајковски“ на отворањето на 36. издание на Саемот на книгата порача дека Министерството за култура, како покровител на овој, како што рече, „празник на книгата“, останува голем пријател и силен поддржувач на ова наше богатство.
„На годишните конкурси, од година во година, импресивен е бројот на сè повеќе пријавени квалитетни дела и од млади македонски автори. И тоа искрено нè радува. Како што нè радува и зголемениот интерес за создавање многубројни наслови и публикации за деца. Без двоумење ја добиваат нашата поддршка зашто во овие модерни времиња во кои има сè помалку зборови, а сè повеќе кратенки и емотикони, раскажувачите на приказни се чувари на писменоста“, рече министерката за култура.
Во присуство на голем број љубители на пишаниот збор, Костадиновска-Стојчевска порача дека во виртуелниот свет го нема овој опоен мирис на книгата. Само во реалниот свет, ова богатство од книги на македонски јазик од домашни и од странски автори го испишува овој простор во уште една „Приказна која се чита“.
Саемите за книги во последните години, според некои автори, кажа министерката дека прераснаа во едукативни и културни настани кои даваат можност за вмрежување преку негување на врските меѓу авторите, издавачите и читателите. Истовремено радува и сè поголемиот број посетители, што само по себе зборува многу за односот кон книгата.
Триесет и шестото издание на Саемот на книгата, што ќе трае до 24 април, во седумте саемски денови ќе понуди книги од домашни и од странски автори од над 60 издавачки куќи од земјава и од регионот.
Култура
Светска премиера на „Киука – Пред летото да заврши“ во Кан – филмот е копродукција помеѓу Грција и Македонија
„Киука – Пред летото да заврши“ (Kyuka Before Summer’s End) во режија и по сценарио на Костис Харамуданис, кој е реализиран како билатерална копродукција помеѓу Грција и Северна Македонија и е поддржан од Агецијата за филм на Република Северна Македонија, својата светска премиера ќе ја има на Канскиот филмски фестивал како дел од 32. издание на програмата ACID, што ќе се одржи од 15 до 24 мај оваа година. На „Куика“ му е доверена честа да ја отвори оваа програма.
„Лист продукција“ е македонски копродуцент на дебитантскиот филм на режисерот Харамуданис со Марија Димитрова и Игор Иванов како копродуценти, а Херетик од Грција е главен продуцент со Данае Спатхара, Јоргос Карнавас и Константинос Контовракиси како продуценти.
„Киука – Пред летото да заврши“ е приказна за едно трочлено семејство, кое како и секое лето, плови со својата едрилица до островот Порос, каде што таткото Бабис и децата Константинос и Елса, кои се веќе на прагот пред полнолетството, го минуваат годишниот одмор. Додека пливаат, се сончаат и создаваат нови пријателства на островот, децата случајно ја запознаваат Ана, жената што ги родила и ги напуштила уште во најраното детство, со што ќе почне едно горко-слатко патешествие на созревање под летното сонце, а долгогодишната огорченост на Бабис избива на површина.
Програмата на ACID (Association for the Distribution of Independent Cinema – Асоцијација за дистрибуција на независен филм) на Канскиот филмски фестивал е креирана во 1993 година и прикажува 9 долгометражни филма, фикција и документарци. Овие филмови се избираат од стотиците пристигнати филмови од цел свет од страна на петнаесетина филмаџии, членови на асоцијацијата.
Снимањето на филмот се одвиваше во октомври 2022 година во Атина и на островот Порос, а постпродукцијата се работеше на релација Атина – Скопје.
Главните улоги во филмот ги играат Симеон Цакирис, Елса Лекаку, Константинос Георгопулос, Афродита Капокаки и Елена Топалиду.
Македонската екипа во овој филм ја сочинуваат Михаил Димитров, Игор Поповски и студиата за постподукција „Аудио хаус“ и „Слобода филм“.