Култура
Започна процесот за изработка на Националната стратегија за развој на туризмот 2027–2032
Денес во Музејот на македонската борба во Скопје се одржа првата јавна расправа посветена на изработката на Националната стратегија за развој на туризмот на Република Северна Македонија за периодот 2027–2032 година.
На настанот се обрати министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, кој истакна дека започнувањето на процесот на подготовка на новата Национална стратегија претставува значаен чекор кон создавање современ, одржлив и конкурентен туристички сектор.
Во своето обраќање министерот нагласи дека туризмот е еден од клучните двигатели на економскиот развој, создава нови работни места, привлекува инвестиции и придонесува за промоција на државата на меѓународната сцена. Тој посочи дека во услови на брзи глобални промени, дигитализација и нови барања на современите туристи, неопходен е стратешки пристап кој ќе обезбеди долгорочен и одржлив развој на туристичката индустрија.
„Македонија располага со исклучителни природни и културни богатства, нашата задача е овој потенцијал да го претвориме во силна конкурентска предност и во препознатлив туристички бренд на регионот и пошироко“, истакна министерот Љутков.
На јавната расправа присуствуваа претставници на туристичките агенции, хотелскиот сектор, туристички водичи, угостителски работници, претставници на локалните самоуправи, туристички здруженија, стопански комори, академската заедница и експерти од областа на туризмот.
Во рамки на процесот на изработка на стратегијата, предвидени се повеќе јавни консултации и тематски работилници со сите засегнати страни, со цел да се обезбеди широк консензус и активно учество во креирањето на идните политики за развој на туризмот.
Новата Национална стратегија за развој на туризмот 2027–2032 ќе биде насочена кон, рамномерен регионален развој на туризмот, ефективен дестинациски менаџмент, одржливо користење и заштита на природното и културното наследство, дигитализација и модерна туристичка промоција, развој на нови туристички производи и искуства, унапредување на квалитетот на услугите и човечките ресурси во секторот.
Министерството за култура и туризам ја потврдува својата заложба за транспарентен и инклузивен процес, во кој стручната јавност и туристичкиот сектор ќе имаат клучна улога во дефинирањето на визијата за идниот развој на туризмот во Република Северна Македонија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Љутков-Раев: Во наредниот период треба да се пристапи кон реализација на конкретни проекти и активности кои ќе придонесат за унапредување на културната размена
Министерот за култура и туризам Зоран Љутков денеска оствари средба со Султан Раев генерален секретар на Меѓународната организација за турска култура ТУРКСОЈ (TURKSOY)
На средбата, министерот Љутков упати благодарност за укажаното гостопримство за време на неговата посета на Анкара пред неколку месеци и изрази задоволство што генералниот секретар Раев, сега има можност да ја посети нашата земја, да се запознае со нашиот главен град, како и со еден од најубавите градови на Балканот, Охрид.
Во тој контекст, а во функција на потпишаниот Меморандум за разбирање Љутков истакна дека следната фаза треба да биде насочена кон имплементација на конкретни активности и иницијативи, нагласувајќи дека овој документ не смее да остане само формална рамка на хартија, туку треба да резултира со реализација на бројни заеднички проекти.
Генералниот секретар Раев, исто така, се заблагодари за гостопримството и се осврна на работата на ТУРКСОЈ, организација во која членуваат шест земји-членки и осум држави со статус на набљудувачи. Тој го информираше министерот Љутков дека во изминатиот период се потпишани меморандуми со повеќе држави со цел уредување и унапредување на соработката во областа на културата.
Раев посебно истакна задоволство што иницијативата за потпишување на договорот со Македонија, која датира уште од 2018 година, е реализирана токму во мандатот на министерот Љутков. Притоа, тој упати искрена благодарност за личниот ангажман на министерот во процесот на усогласување и потпишување на овој значаен документ.
Двајцата соговорници се согласија дека соработката меѓу Министерството за култура и туризам и ТУРКСОЈ има голем потенцијал и дека во наредниот период треба да се пристапи кон реализација на конкретни проекти и активности кои ќе придонесат за унапредување на културната размена, промоција на културното наследство и продлабочување на меѓународната соработка.
Култура
На 12 јули започнува 66. „Охридско лето“
Со гала концертот „Љубов“ на големата оперска ѕвезда Ермонела Јахо од Албанија и американскиот тенор Чарлс Кастроново, на 12 јули на Античкиот театар во Охрид ќе биде отворено 66. издание на фестивалот „Охридско лето“. Тие ќе настапат под диригентската палка на Италијанецот Марко Боеми а во придружба на Националната опера и балет.
Според првиот човек на НУ „Охридско лето“, Ѓорѓи Цуцковски,токму во вечно инспиративниот Охрид се испреплетуваат традицијата и убавината, а уметноста добива нова димензија и нова сила преку фестивалот што веќе 66 години успешно опстојува и е високо етаблиран на меѓународната културна мапа.
-Како директор на фестивалот, чувствувам особена одговорност, но и привилегија, да бидам дел од приказната што веќе со децении ја гради духовната и културната мапа на нашата земја и пошироко. „Охридско лето“ не е само фестивал — тоа е традиција, вредност и мост што ги поврзува културите, народите и генерациите, вели Цуцковски.
На 40-дневниот фестивалски репертоар се педесеттина неповторливи доживувања од областа на класичната музика, џезот, балетот и театарот при што фестивалските сцени ќе примат над 700 докажани уметници од 24 земји во светот. Во рамки на програмата е предвидено и одбележување на два јубелеи, 100 години од раѓањето на големата оперска дива Ана Липша Тофовиќ и 60 години постоење на Факултетот за музичка уметност –Скопје.
Во соработка со претставниците на дипломатските претставништва во земјава, ќе бидат организирани Австриска вечер, Шпанска вечер, Британска, Италијанска, Француска, Холандска, Грчка, Словачка, Унгарска и Полска вечер, како и Вечер на Европската унија.
„Охридско лето“ отсекогаш внимава, вистинските културни вредности да ѝ ги наметне на младата популација, па така, пред свеченото отворање, денеска и утре во црквата „Света Софија“, во соработка со Музичката младина на Македонија, ќе биде организиран „Подиум на млади“ со новата генерација уметници на кои допрва им претстои блескава кариера.
Годинава на „Охридско лето“ новина се концертите на џез-музика што ќе се одржат од 13 до 16 август на сцената „Долни Сарај“ и во црквата „Света Софија“со врвни уметници од САД, Гана, Велика Британија, Холандија, Германија и С.Македонија.
Како што потврдува директорот на оваа Национална установа, Цуцковски, минатогодишното издание на „Охридско лето“ беше обележано со рекордна посетеност и рекордна продажба на билети во последните 10 години, што според него, претставува јасен показател за довербата во квалитетот на фестивалската програма.
-Над 10.000 посетители беа дел од гледалиштата на шеесет и петтото издание на музичко-сценската манифестација „Охридско лето“. Според евиденцијата на купени влезници имаше публика од над 30 држави од сите континенти. Овие резултати не се значајни само за фестивалот, туку имаат и пошироко влијание врз развојот на туризмот, придонесувајќи за зголемена посетеност на градот како и дополнителна промоција на Охрид како атрактивна културна и туристичка дестинација, додава Цуцковски.
Фестивалот „Охридско лето“ се одржува под покровителство на претседателката на Р.С.Македонија, Гордана Сиљановска-Давкова, а со финансиска поддршка на Владата преку Министерството за култура и туризам. Генерален спонзор е А1 Македонија, а во реализацијата на фестивалските вечери помагаат и Општина Охрид, дипломатскиот кор во земјава, како и бројни спонзори и поддржувачи.
Култура
Изложба на Роберт Цветковски и Архикс Студио во КИЦ Белград
„Генеративна Уметност: Инспирација или Имитација 2.0“ е наслов на изложбата, чиј домаќин и организатор, вечерва во 20 часот, ќе биде македонскиот КИЦ во Белград.
Овој проект поддржан од Министерството за култура и туризам, како носител го има познатиот академски сликар Роберт Цветковски, а ќе биде остварен во соработка со архитектонското студио АРХИКС, кого го претставуваат Ален Цветковски, Натали Велеска, Сара Велеска и Андреј Цветковски. Пред белградската публика, во галерискиот простор на КИЦ Белград, проектот и авторите ќе ги претстави директорот Васко Шутаров.
Каде е границата помеѓу инспирацијата и имитацијата во светот на глобално и брзо споделување идеи, проблеми со заштитата на авторските права, во светот на брза и евтина продукција и маркетинг, каде акцентот се става на естетика наместо етика? Ова е истражено од страна на архитектите од Архикс Студио, прека земање на мотив од делата на академскиот уметник Роберт Цветковски и нивна манипулација преку различни мисловни процеси и дигитални медиуми, каде резултатот е архитектонски концепт или проект директно евоциран од самото уметничко дело (архитектонски концепт, детаљ од објект, дури и урбанистички план). Дали може секаде да се примени овој принцип, дали може да создаде употреблив резултат и дали ги повредува авторските права? Ова истражување покажува дека границата е тенка и скоро секогаш субјектвна.
Заклучокот е дека овие финални производи, директно инспирирани од уметничкото дело, мора повторно да поминат низ процес на рафинирање на мислата, за да може самите да бидат креативно, оригинално и применливо дело-што ја прави разликата меѓу инспирацијата и имитацијата. Имитацијата во овој проект ќе биде доловена преку резултати од делувањето на ВИ врз делата од уметникот Цветковски.
Резултатите се прикажани преку изложување на самото уметничко дело од кое е земена инспирација, заедно со проектите кои се инспирирани од секое дело, прикажани преку повеќе скици (процесот на преработување и рафинирање на првичната инспирација) и дигитални фото-манипулации (финалниот концепт).
Роберт Цветковски е присутен на македонската уметничка сцена повеќе од 30 години и со своето современо апстрактно сликарство ја претставувал Македонија со над 40 самостојни и над 200 групни изложби во САД, Кина, Турција, Франција итн. и е дел од уметнички колекции низ целиот свет.
АРХИКС СТУДИО е македонско архитектонско и дизајнерско студио чија работа опфаќа станбени, деловни и индустриски проекти, како и ентериерен дизајн. Посебен фокус на студиото е на одржливоста и планирањето базирано на податоци, одржливата архитектура, иновациите и иницијативите насочени кон заедницата.
Изложбата ќе биде поставена во македонскиот КИЦ во Белград до 20 август.
