Контакт

Култура

Започна шестото издание на Скопскиот поетски фестивал

Објавено пред

Со оддавање почит на поетот Тихомир Јанчовски и читање песни во негова чест, синоќа во 20:00 часот во Младинскиот културен центар ‒ Скопје, под мотото „(СО) СТИХ СПРОТИ НАРАТИВ!“ започна 6. Скопски поетски фестивал.

На настанот настапија поетот Шји Чуан од Кина, Денис Шкофич од Словенија, Гонџа Озмен од Турција, Кристина Шпиранец од Хрватска, како и Иван Џепароски, Зоран Анчевски, Елизабета Баковска и младата Деспина Сиљаноска од Македонија.

По читањето се одржа поетско-музичкиот перформанс на Марија Вујошевиќ и Барбара Делаќ од Црна Гора.

На отворањето му претходеше и читачката промоција на поетската панорама на поезија пишувана од млади ‒ „Техна и епистема“, што по повод минијубилејот ‒ 5 години „Отскочна даска“, ја објави „ПНВ Публикации“ од Скопје, а настапија триесетина млади поети.

Програмата продолжува и денес, со настанот „Диптих“, со почеток од 19:30 часот во бифето на МКЦ, на кој низ разговор и поетско читање ќе бидат претставени новите стихозбирки на Гонџа Озмен и Кристина Шпиранец, изданија на „ПНВ Публикации“. А од 21:00 часот ќе се одржи вториот дел од читањето „(Со) стих спроти наратив“ на кое ќе настапат Хајри Хамдан од Палестина/Бугарија, Јоргос Писанис од Грција, Марија Вујошевиќ и Барбара Делаќ од Црна Гора, Марија Костиќ од Србија, како и Виолета Танчева-Златева, Оливера Андоноска и Сеида Бегановиќ од Македонија.

Шестото издание на СПФ го овозможија Министерството за култура и туризам, Традуки и Град Скопје, а негови помагатели се Младинскиот културен центар ‒ Скопје, „Буквa“, Хрватското друштво на писатели, односно фестивалот „Стихот во регионот“, Светскиот поетски фестивал Патра, Грција, „ПНВ Публикации“, „Култура Бета“ и хотел „Цара 1928“.



©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура

Маалски фестивал 5.0: на 11, 12 и 13 јуни 2026 година во КСП Центар – Јадро и во Паркот на Франкофонија

Објавено пред

Јубилејното петто издание на МААЛСКИ ФЕСТИВАЛ 5.0, ќе се одржи на 11, 12 и 13 јуни 2026 година во КСП Центар – Јадро и во Паркот на Франкофонија.

Оваа година топлиот бран ни го носи МААЛСКИ ФЕСТИВАЛ во летно издание, вели организаторот. Во текот на трите фестивалски дена посетителите ги очекуваат добро познати маалски програми и лица од претходните изданија, но и нови содржини што ќе го одбележат јубилејот: работилници, изложби, уметност во јавен простор, филм, музика, базар и многу простор за средби и маалска дружба.

„Како и секогаш, фестивалот останува верен на својата мисија да создава простор за колективно обликување на културата, заедничко учење, меѓугенерациска размена, грижа и забава. Ова лето повторно ве повикуваме да ги запоседнеме маалските простори и да ги исполниме со приказни, звуци, слики и нови заеднички спомени.

Програмата започнува уште на 10 и 11 јуни, од 17:00 до 19:00 часот, со работилницата за креативно пишување „Маалска архива“ во Паркот на Франкофонија. Под водство на Марија Бошковска, учесниците ќе читаат, ќе шетаат, ќе набљудуваат и ќе собираат траги од маалото, од кои ќе создадат фиктивни маалски хроничари и заедничка архива на невидливите истории, комшиските муабети, заборавените простори и сите наши големи и мали соседи.

Во петок, 12 јуни, Паркот на Франкофонија ќе стане простор за заедничко создавање. Од 15:00 часот започнува „Работилница за изработка за све и свашта во маало“ со Никола Писарев, која продолжува и во сабота, од 11:00 до 18:00 часот. Оваа година заеднички ќе изработуваме, дизајнираме и осликуваме куќички за улични кучиња. Куќичките ќе бидат наменети за маалски кучиња за кои соседите веќе се грижат и ги прифатиле како дел од заедницата. Со оваа мала, но важна акција сакаме да потсетиме дека маалото не го прават само улиците и зградите, туку и односите, солидарноста и грижата за сите живи суштества што го делат просторот со нас.

Истиот ден, од 17:00 до 19:00 часот, со Доротеј Нешовски и Ана Трајковска ќе ја откриваме „Тајната ботаничка градина на нашето маало“. На оваа работилница за родители и деца над седум години, паркот ќе се претвори во мала графичка лабораторија на отворено. Учесниците ќе ги истражуваат формите, линиите и текстурите на растенијата и ќе ги претворат во ботанички графики, кои на крајот ќе станат дел од заедничка изложба меѓу дрвјата.

Петочната вечер ја резервираме за фотографијата и уметноста во јавен простор. Во 20:00 часот, во КСП Центар – Јадро, ќе биде отворена изложбата „Пркосните 12“,изложба завршница на тримесечниот инклузивен курс за фотографија на организацијата ПРКОС, под менторство на Драги Неделчевски“. Изложбата содржи 30 портрети создадени од дванаесетте учесници, кои преку фотографијата изградија простор за комуникација, меѓусебно разбирање и креативно изразување. Изложбата ќе биде отворена до 19 јуни.

Во рамки на програмата „Маалски МУРАЛ“, публиката ќе има можност да го види и новиот мурал на Дејвид Стоилковски. Како автор на повеќе од 80 мурали во Македонија и во странство, Стоилковски создава дела што живеат со околината и секојдневно комуницираат со минувачите, отворајќи простор за нови дијалози надвор од класичните галериски ѕидови.

Главниот фестивалски ден е сабота, 13 јуни, кога Паркот на Франкофонија ќе биде исполнет со програма од пладне до доцна навечер. Од 12:00 до 18:00 часот ќе се одржи омилениот Маалски базар на артизани и мал саем на книги, каде посетителите ќе можат да откријат рачно изработени предмети, дизајни и внимателно избрани книжевни изданија.

Во паркот ќе биде поставена и инсталацијата „Впивачки тела“ на Зорица Зафировска. Изработени од ленена ткаенина што впива земја, дожд, вода од Вардар, прашина, пепел и индустриски траги, делата стануваат материјални сведоци и архивари на градот.

За актерите од 15:00 до 19:00 часот ќе се одржи практичната работилница Self Tape & Casting Process со Наталија Теодосиева и Тамара Ристоска. Преку работа на конкретни сцени за аудиција, учесниците ќе поминат низ подготовка на лик, анализа на текст, снимање self tape и запознавање со динамиката на современите кастинг процеси. Фокусот ќе биде ставен на природниот однос со камерата, ослободувањето од трема и развивањето сигурност во сопствениот актерски израз.

На МААЛСКИ никогаш не недостасуваат музика и креативност. Затоа Владимир Лукаш и Љубиша Камењаров повторно ќе ја водат Работилницата за изработка на чуднозвучни инструменти. Првиот дел ќе се одржи на 12 јуни, од 11:00 до 16:00 часот, а финалната работилница и подготовките на 13 јуни, од 16:00 до 18:00 часот. Во 18:00 часот, инструментите создадени од необични и секојдневни предмети ќе оживеат на концертот на оркестарот „Чуднозвучни инструменти“.

Во Монтажната галерија, од 13 до 17 јуни, ќе биде поставена изложбата „АРХИВ НА ТРАГИ“ на Аммар Качар. Составена од фрагменти од реупотребена камионска тенда, поставката ги спојува погледите кон скопските згради, облаците, движењата и секојдневието во нов пејзаж што се движи меѓу реалноста и имагинацијата.

Во рамки на изложбата, на 13 јуни од 17:00 до 18:00 часот, ќе се одржи и отворената работилница за колективно везење ENDLESS CIRCULATION BETWEEN DREAM AND SURVIVAL. За работилницата ме е потребно претходно искуство, сите се поканети да дојдат, да седнат и да остават еден бод.

Секако, не го заборавивме ниту филмското катче. Во соработка со Македокс, во 19:30 часот во Паркот на Франкофонија ќе биде прикажан документарниот филм „Планината не оди никаде“ на Петра Селишкар. Филмот ги следи тројцата браќа Зекир, Зариф и Зани, кои поминуваат неколку месеци во македонските планини, грижејќи се за семејното стадо и соочувајќи се со прашањата за традицијата, созревањето и сопствената иднина.

Јубилејното петто издание ќе го заокружиме со концертот на ИСКРА, во 22:00 часот во Паркот на Франкофонија. Создаден во Скопје во 2019 година, бендот гради сопствен футуристички музички универзум во кој synthwave, електронската музика, металот и впечатливите визуелни елементи се спојуваат во моќно аудио-визуелно искуство. По цел ден исполнет со програма, концертот на ИСКРА ќе биде црешата на шлагот на едно издание посветено на маалото, заедницата и заедничкото славење на културата.

МААЛСКИ ФЕСТИВАЛ 5.0 ќе се одржи на 11, 12 и 13 јуни 2026 година во КСП Центар – Јадро и во Паркот на Франкофонија. Дел од работилниците имаат ограничен број учесници и бараат претходна пријава.

Прикажи повеќе...

Култура

Балетскиот спектакл во два чина „Госпоѓа Бовари“ на сцената на Националната опера и балет на 17 јуни

Објавено пред

На 17 јуни со почеток во 20.00 часот на сцената на Националната опера и балет ќе се изведе балетскиот спектакл „Госпоѓа Бовари“, дело поставено во два чина, инспирирано од безвременскиот роман на Г. Флобер. Балетот ја прикажува внатрешната борба на жената меѓу копнежот по страст и слобода, и стегите на општествените норми – тема која останува актуелна и денес.

Диригент е гостинот од Ерменија, Едуард Амбарцумјан, додека кореографијата ја потпишува Виктор Ишчук од Украина, кој со прецизен и суптилен современ израз го доловува духот на 19 век и емотивната комплексност на главниот лик. Музичката подлога е составена од дела на Камиј Сен-Санс, Морис Равел, Жил Масне, Феликс Менделсон и Георг Фридрих Хендл, со сценографија и костимографија на Андреј Злобин и Гана Ипатиева (Украина). Светло-дизајнот е на Милчо Александров, концерт-мајстор е Јане Бакевски, пијанист – Андреја Наунов, а менаџер на проектот е Киро Павлов.

Во насловната улога на Ема Бовари ќе настапи примабалерината Марија Кичевска Шокаровска, во улогата на Шарл Бовари – Франциско Хименез Руиз, а во улогата на Родолф Буланже – Балаж Лочеи. Во останатите улоги настапуваат Дмитро Чеботар, Ендру Кук и Ангела Богатинова, заедно со солистите, балетскиот ансамбл и оркестарот на Националната опера и балет.

„Госпоѓа Бовари“ претставува балетска интерпретација на едно од најзначајните дела на светската книжевност. Преку внимателно избрана музика, впечатлива кореографија и визуелно раскошна сценска поставка, претставата ја следи емотивната и психолошка драма на Ема Бовари – жена растргната меѓу сопствените соништа, страсти и ограничувањата на средината во која живее. Со современ сценски пристап и силна уметничка експресија, оваа постановка нуди длабоко и возбудливо театарско искуство за публиката.

Прикажи повеќе...

Култура

Промоција на „Исповед за акварелот“ – три децении акварелно творештво на Снежана Илиева

Објавено пред

Од

Живот посветен на образованието, а душа вљубена во уметноста. Тоа е приказната на Снежана Илиева, чиј творечки пат и богат ликовен опус се заокружени во монографијата „Исповед за акварелот“, која ќе биде промовирана утре, 9 јуни, со почеток во 18:00 часот, во просториите на Порта Македонија.

Монографијата претставува сведоштво за повеќе од три децении творење во една од најсуптилните сликарски техники – акварелот, како и одбележување на 25 години од нејзината прва самостојна изложба во Струмица, одржана во 2001 година. Низ лични записи, репродукции на дела и критички осврти од еминентни историчари на уметноста, кустоси и ликовни критичари, изданието го следи патот на авторката од наставник по математика и физика до препознатливо име во македонското акварелно сликарство.

Во својата исповед, Илиева зборува за акварелот како за сопствена „ѕвезда водилка“, простор на слобода, искреност и духовна исполнетост. За своето доживување на сликарството пак, авторката Илиева во монографијата истакнува:

„Една слика носи илјада зборови што тивко извираат од срцето на авторот. Во неа постоиш, чувствуваш и твориш – и сѐ што е родено од срцето и душата нѐ допира, нѐ буди и нѐ привлекува. Токму затоа сликите не се само уметност, туку стануваат душата на просторот: основен украсен елемент на домот и тивок сведок на нашето секојдневие.“

Иако по вокација не е академски сликар, Снежана Илиева зад себе има богат творечки пат со бројни изложби и престижни признанија, меѓу кои и Првата награда за акварел од КИЦ – Скопје во 2003 година. Нејзиниот лирски опус е инспириран од природата и староградската архитектура, а нејзиниот талент беше препознаен и преку изложување рамо до рамо со доајените на македонското сликарство на јубилејната изложба за Љубомир Белогаски.

Прикажи повеќе...

Најново

Свет7 часа

Трамп: Му реков на Биби да внимава што прави

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека го предупредил израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху да не дозволи конфликтот со Иран да прерасне...

Свет7 часа

Зеленски потврди: Роман Абрамович посредува во контактите меѓу Киев и Москва

Украинскиот претседател Володимир Зеленски потврди дека рускиот милијардер Роман Абрамович имал улога на посредник во контактите меѓу Киев и Москва...

Забава7 часа

Ѕвездата од „Игра на тронови“ до 11 години не знаела како навистина се вика

Британскиот актер Кит Харингтон откри дека до својата 11-та година не знаел дека Кит не е неговото вистинско име. Ѕвездата...

Спорт7 часа

Дивок Ориги замина во пензија

Поранешниот напаѓач на Ливерпул, Дивок Ориги, официјално стави крај на својата кариера. Ориги припаѓа на оние важни, но не премногу...

Македонија8 часа

Улици под вода по невремето во Битола, службите на терен низ целиот град

Големите количини на дожд кои попладнево паднаа во Битола предизвикаа проблеми во нормалното функционирање во делови од градот. Веднаш на...

Спорт8 часа

Тимбер ќе го пропушти Мундијалот

Јуриен Тимбер ќе го пропушти Светското првенство. Дефанзивецот на холандската репрезентација и на Арсенал не успеа соодветно да се опорави...

Свет8 часа

Иран ги осуди новите санкции на ЕУ: Лицемерни се и засновани на лаги

Иран остро ги осуди новите санкции што Европската Унија денеска ги воведе против ирански поединци и организации. Заменик-министерот за надворешни...

Спорт8 часа

САД му забранија влез во земјата на најдобриот африкански судија

На судијата Омар Абдулкадир Артан, избран од ФИФА да го суди Светското првенство, му беше одбиен влезот во Соединетите Држави...

Забава8 часа

Астролозите најавуваат еден од најсреќните денови во годината: Седум знаци ќе имаат најмногу среќа

На 9 јуни ќе се случи конјункција на Венера, планетата на љубовта, и Јупитер, планетата на среќата и изобилството, а...