Култура
Мастер-клас на документаристот Виктор Косаковски во рамките на фестивалот „Македокс“
На два дена пред почетокот на 10. издание на Фестивалот на креативен документарен филм „Македокс“, организаторите најавија мастер-клас со наслов „Не следете ги моите правила. Направете си свои“ на 24 август во Даут-пашиниот амам, што ќе го одржи еден од најзначајните европски и светски документаристи – Виктор Косаковски. Тој ќе зборува за своите принципи при создавањето на филмските дела не само како режисер туку и како сценарист, снимател и монтажер.
„Не правете филмови ако можете да живеете без да правите филмови“, вели првото од десетте правила за млади документаристи на Косаковски. Овој современ раскажувач со восхитувачко поетски пристап во правењето документарци ќе ги сподели и своите искуства и мислења за заемната условеност на естетското и етичкото во документарните филмови поаѓајќи од својот личен став дека добрите луѓе веројатно не треба да прават документарци. Визуелната поезија на Косаковски е мошне ценета меѓу критичарите и гледачите бидејќи тој умешно ги претвора внатрешните и надворешните светови во синестетски искуства.
Како филмаџија документарист, Косаковски има добиено над 100 награди на меѓународни филмски фестивали градејќи филмографија со фокус на разни теми, кои ја истражуваат стварноста и ја преведуваат во визуелна поезија раскажана на автентичен филмски јазик. Во 1989 година тој го режирал својот дебитантски филм „Лосев“, три години подоцна и својот најпознат документарец „Белови“, а со „Да живеат антиподите!“ го има отворено Венецискиот филмски фестивал во 2011 година. Косаковски неуморно продолжува да прави филмови и да предава документаристика инспирирајќи ги филмаџиите во светот.
24.8. / 14-16.30 ч / мастер0-клас / Даут-пашин амам
„Не следете ги моите правила. Направете си свои“
Како блескав пример на неговата работа, еден ден претходно во киното „Милениум“ ќе биде прикажан документарецот „Акварела“ (2018), чиј стожерен лик е семоќниот сопатник на Земјата – водата. По проекцијата, ќе следува сесија на прашања од публиката.
23.8. / 21 ч / „Акварела“ / кино „Милениум“
Велика Британија, Германија / 2018 / 89’
Филмско нуркање низ непредвидливата убавина и безмилосноста на водата. Нејзиниот ќудлив нарав и суровата сила докажуваат дека луѓето се само бледа сенка на природата. Од опасните ледени води во руското Бајкалско Езеро, преку Мајами среде вителот на ураганот Ирма, па сѐ до венецуелските Ангелски Водопади – стожерниот лик во оваа приказна е водата, прикажана во сиот свој раскош и ужас.
Работилницата „Идеи преку граници“ со Јана Цисар ќе биде фокусирана на филмската копродукција, а заедно со учесниците ќе се трага по идеи што би биле прикажани на потенцијалните копродукциски партнери. Работилницата ќе се одржи од 22 до 24 август во Даут-пашиниот амам. Предавањата на работилницата ќе опфатат теми како наоѓање и избирање партнери за поддршка на филмовите, публика и финансирање.
22-24 август, 2019 / 10-13 ч / Даут-пашин амам
Јана Цисар е родена во Маринанске Лазне, Чехословачка, а живее во Западна Германија уште од 1969 година. Кариерата ја почнува со работа во театарска продукција како асистентка на Дејвид Брн при подготовките на претставата „Шумата“ на Роберт Вилсон во 1988 година. Потоа продолжува да работи како продукциски раководител во Денови на германскиот театар во Москва и како менаџерка за турнеи на „Малиот театар во Ленинград“ во 1989 година. Цисар има работено на разни програми со Лес Бланк, Ричард Ликок, Брадрс Квеј, Јан Шванмаер, Дејвид Брн и Томас Браш за „Компанијата за развој на телевизиски програми“ на Александер Клуге (TV DCTP). Заедно со Мануела Стрихавка го имаат направено филмскиот фестивал „Сомерзене“ во Салцбург. Од 1990 до 1995 година има живеено во Прага, каде што со група луѓе ја има основано програмата „Промоција на чешкиот филм“, но работела и на чешкиот Меѓународен филмски фестивал „Карлови Вари“. Живее во Берлин од 1995 година и работи како независна филмска продуцентка.
Работилницата е поддржана од Институтот „Гете“ во Скопје.
Филмската програма на 10. „Македокс“ ќе содржи вкупно 70 документарни остварувања на автори од целиот свет, а ќе бидат одржани и повеќе други програмски активности од 21 до 28 август. Се очекува на фестивалот да присуствуваат 100-ина гости.
Фестивалот ќе се одвива со мотото „Десет лета ‘Македокс’“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Националниот џез оркестар со програмата Џез лектира гостува во Велес
По концертот во Скопје, Националниот џез оркестар со програмата под наслов „Џез лектира“ гостува во Велес. Концертот ќе се одржи на 23 април, 2024 година, со почеток од 20 часот во театарот „Јордан Хаџи Константинов – Џинот“.
„На концертот „Џез Лектира“ се осврнуваме на дел од творештвото на Каунт Бејси биг бендот. Вилијам Џејмс, познат како Каунт Бејси е американски џез пијанист, органист, водач на бенд и композитор, познат и како „Кралот на свингот“. Во 1935 година, тој го формира оркестарот „Каунт Бејси“ и ја води оваа група скоро 50 години. Неговата работа резултира со низа иновации во музичкиот израз како употреба на два „поделени“ тенор саксофони, нагласување на ритам секцијата, рифови во биг бенд композиции, аранжери за дополнително проширување на биг бенд звукот и слично“, се наведува во соопштението на Националниот џез оркестар.
Култура
Костадиновска-Стојчевска: Саемот на книгата, во време на емотикони, е во одбрана на раскажувачите и писменоста
Министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска, во арената „Борис Трајковски“ на отворањето на 36. издание на Саемот на книгата порача дека Министерството за култура, како покровител на овој, како што рече, „празник на книгата“, останува голем пријател и силен поддржувач на ова наше богатство.
„На годишните конкурси, од година во година, импресивен е бројот на сè повеќе пријавени квалитетни дела и од млади македонски автори. И тоа искрено нè радува. Како што нè радува и зголемениот интерес за создавање многубројни наслови и публикации за деца. Без двоумење ја добиваат нашата поддршка зашто во овие модерни времиња во кои има сè помалку зборови, а сè повеќе кратенки и емотикони, раскажувачите на приказни се чувари на писменоста“, рече министерката за култура.
Во присуство на голем број љубители на пишаниот збор, Костадиновска-Стојчевска порача дека во виртуелниот свет го нема овој опоен мирис на книгата. Само во реалниот свет, ова богатство од книги на македонски јазик од домашни и од странски автори го испишува овој простор во уште една „Приказна која се чита“.
Саемите за книги во последните години, според некои автори, кажа министерката дека прераснаа во едукативни и културни настани кои даваат можност за вмрежување преку негување на врските меѓу авторите, издавачите и читателите. Истовремено радува и сè поголемиот број посетители, што само по себе зборува многу за односот кон книгата.
Триесет и шестото издание на Саемот на книгата, што ќе трае до 24 април, во седумте саемски денови ќе понуди книги од домашни и од странски автори од над 60 издавачки куќи од земјава и од регионот.
Култура
Светска премиера на „Киука – Пред летото да заврши“ во Кан – филмот е копродукција помеѓу Грција и Македонија
„Киука – Пред летото да заврши“ (Kyuka Before Summer’s End) во режија и по сценарио на Костис Харамуданис, кој е реализиран како билатерална копродукција помеѓу Грција и Северна Македонија и е поддржан од Агецијата за филм на Република Северна Македонија, својата светска премиера ќе ја има на Канскиот филмски фестивал како дел од 32. издание на програмата ACID, што ќе се одржи од 15 до 24 мај оваа година. На „Куика“ му е доверена честа да ја отвори оваа програма.
„Лист продукција“ е македонски копродуцент на дебитантскиот филм на режисерот Харамуданис со Марија Димитрова и Игор Иванов како копродуценти, а Херетик од Грција е главен продуцент со Данае Спатхара, Јоргос Карнавас и Константинос Контовракиси како продуценти.
„Киука – Пред летото да заврши“ е приказна за едно трочлено семејство, кое како и секое лето, плови со својата едрилица до островот Порос, каде што таткото Бабис и децата Константинос и Елса, кои се веќе на прагот пред полнолетството, го минуваат годишниот одмор. Додека пливаат, се сончаат и создаваат нови пријателства на островот, децата случајно ја запознаваат Ана, жената што ги родила и ги напуштила уште во најраното детство, со што ќе почне едно горко-слатко патешествие на созревање под летното сонце, а долгогодишната огорченост на Бабис избива на површина.
Програмата на ACID (Association for the Distribution of Independent Cinema – Асоцијација за дистрибуција на независен филм) на Канскиот филмски фестивал е креирана во 1993 година и прикажува 9 долгометражни филма, фикција и документарци. Овие филмови се избираат од стотиците пристигнати филмови од цел свет од страна на петнаесетина филмаџии, членови на асоцијацијата.
Снимањето на филмот се одвиваше во октомври 2022 година во Атина и на островот Порос, а постпродукцијата се работеше на релација Атина – Скопје.
Главните улоги во филмот ги играат Симеон Цакирис, Елса Лекаку, Константинос Георгопулос, Афродита Капокаки и Елена Топалиду.
Македонската екипа во овој филм ја сочинуваат Михаил Димитров, Игор Поповски и студиата за постподукција „Аудио хаус“ и „Слобода филм“.