Култура
МФФ „Киненова“ од 7 до 14 октомври под слоганот „Првиот остава трага“
Од 7 до 14 октомври ќе се одржи новото издание на Меѓународниот фестивал на дебитантски филм „Киненова“, под слоганот „Првиот секогаш остава трага“. Со проекции во „Милениум“ и во Кинотека организаторите по седми пат на домашната публика ќе ѝ ги „подарат“ актуелните први и втори остварувања на новите режисерски имиња во седмата уметност, кои гледаат на светот со отворени и љубопитни очи, поставувајќи бројни прашања во своите филмови кои се релевантни и на овие простори.
-Октомври традиционално станува месец на „Киненова“. Секоја година се снимаат сè поквалитетни деби остварувања, и како селектор се соочувам со слатки маки кои филмови да влезат во конкуренција за фестивалските награди, вели програмскиот селектор Игор Анѓелков, кој на домашните филмофили им препорачува „и оваа година да не ја пропуштат „Киненова“, затоа што овој фестивал нуди возбудливи програмски содржини низ фокусиран концепт, кој е единствен од ваков вид кај нас“.
В петок, во киното „Милениум“ во 20 часот, фестивалот ќе биде отворен со хрватскиот филм „Чичко“ на режисерскиот двоец Давид Капац и Андрија Мардешиќ, со Мики Манојловиќ и Горан Богдан во главните ролји. Ова е еден од осумте филма кои се дел од официјалната компетиција за фестивалските награди, меѓу кои има и филмови од Романија, Полска, Србија, Италија, Турција и од Косово.
– За годинашните лауреати во официјалната, но и во селекцијата за краткометражни остварувања, ќе одлучува интернационалното жири во состав Аида Бегиќ (БиХ), Паво Маринковиќ (Хрватска), Елеонора Венинова (С. Македонија), Симоне Стараче (Италија), и претседателката на жирито Илдико Енједи, наградуваната унгарска режисерка, која воедно е добитник на Наградата за особен придонес во светската филмска уметност. Таа ќе одржи и мастерклас за публиката, споделувајќи ги нејзините филмски искуства за снимањето на победникот на Берлиналето во 2017 година, филмот „За душата и телото“, потоа финалист и за Оскарот, соопшти директорот на Фестивалот, Небојша Јовановиќ.
Од останатите фестивалски содржини, вредни за споменување се „Режисерот во фокус“, австрискиот маг Михаел Ханеке, чии први три филмови го трасираа неговиот пат до европскиот и светски врв, потоа изборот на филмови од актуелната португалска и ирска кинематографија, како и соработката со полскиот фестивал „Вистула“, кој на домашните кино платна ќе ни ја претстави тамошната актуелна кинематографија.
Сè на сè, „Киненова“ #7 повторно нуди квалитетни филмски содржини, со што од година во година ја потврдува својата зацртана цел – соодветно претставување на новите филмски сили, кои претставуваат светла иднина на седмата уметност.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Националниот џез оркестар со програмата Џез лектира гостува во Велес
По концертот во Скопје, Националниот џез оркестар со програмата под наслов „Џез лектира“ гостува во Велес. Концертот ќе се одржи на 23 април, 2024 година, со почеток од 20 часот во театарот „Јордан Хаџи Константинов – Џинот“.
„На концертот „Џез Лектира“ се осврнуваме на дел од творештвото на Каунт Бејси биг бендот. Вилијам Џејмс, познат како Каунт Бејси е американски џез пијанист, органист, водач на бенд и композитор, познат и како „Кралот на свингот“. Во 1935 година, тој го формира оркестарот „Каунт Бејси“ и ја води оваа група скоро 50 години. Неговата работа резултира со низа иновации во музичкиот израз како употреба на два „поделени“ тенор саксофони, нагласување на ритам секцијата, рифови во биг бенд композиции, аранжери за дополнително проширување на биг бенд звукот и слично“, се наведува во соопштението на Националниот џез оркестар.
Култура
Костадиновска-Стојчевска: Саемот на книгата, во време на емотикони, е во одбрана на раскажувачите и писменоста
Министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска, во арената „Борис Трајковски“ на отворањето на 36. издание на Саемот на книгата порача дека Министерството за култура, како покровител на овој, како што рече, „празник на книгата“, останува голем пријател и силен поддржувач на ова наше богатство.
„На годишните конкурси, од година во година, импресивен е бројот на сè повеќе пријавени квалитетни дела и од млади македонски автори. И тоа искрено нè радува. Како што нè радува и зголемениот интерес за создавање многубројни наслови и публикации за деца. Без двоумење ја добиваат нашата поддршка зашто во овие модерни времиња во кои има сè помалку зборови, а сè повеќе кратенки и емотикони, раскажувачите на приказни се чувари на писменоста“, рече министерката за култура.
Во присуство на голем број љубители на пишаниот збор, Костадиновска-Стојчевска порача дека во виртуелниот свет го нема овој опоен мирис на книгата. Само во реалниот свет, ова богатство од книги на македонски јазик од домашни и од странски автори го испишува овој простор во уште една „Приказна која се чита“.
Саемите за книги во последните години, според некои автори, кажа министерката дека прераснаа во едукативни и културни настани кои даваат можност за вмрежување преку негување на врските меѓу авторите, издавачите и читателите. Истовремено радува и сè поголемиот број посетители, што само по себе зборува многу за односот кон книгата.
Триесет и шестото издание на Саемот на книгата, што ќе трае до 24 април, во седумте саемски денови ќе понуди книги од домашни и од странски автори од над 60 издавачки куќи од земјава и од регионот.
Култура
Светска премиера на „Киука – Пред летото да заврши“ во Кан – филмот е копродукција помеѓу Грција и Македонија
„Киука – Пред летото да заврши“ (Kyuka Before Summer’s End) во режија и по сценарио на Костис Харамуданис, кој е реализиран како билатерална копродукција помеѓу Грција и Северна Македонија и е поддржан од Агецијата за филм на Република Северна Македонија, својата светска премиера ќе ја има на Канскиот филмски фестивал како дел од 32. издание на програмата ACID, што ќе се одржи од 15 до 24 мај оваа година. На „Куика“ му е доверена честа да ја отвори оваа програма.
„Лист продукција“ е македонски копродуцент на дебитантскиот филм на режисерот Харамуданис со Марија Димитрова и Игор Иванов како копродуценти, а Херетик од Грција е главен продуцент со Данае Спатхара, Јоргос Карнавас и Константинос Контовракиси како продуценти.
„Киука – Пред летото да заврши“ е приказна за едно трочлено семејство, кое како и секое лето, плови со својата едрилица до островот Порос, каде што таткото Бабис и децата Константинос и Елса, кои се веќе на прагот пред полнолетството, го минуваат годишниот одмор. Додека пливаат, се сончаат и создаваат нови пријателства на островот, децата случајно ја запознаваат Ана, жената што ги родила и ги напуштила уште во најраното детство, со што ќе почне едно горко-слатко патешествие на созревање под летното сонце, а долгогодишната огорченост на Бабис избива на површина.
Програмата на ACID (Association for the Distribution of Independent Cinema – Асоцијација за дистрибуција на независен филм) на Канскиот филмски фестивал е креирана во 1993 година и прикажува 9 долгометражни филма, фикција и документарци. Овие филмови се избираат од стотиците пристигнати филмови од цел свет од страна на петнаесетина филмаџии, членови на асоцијацијата.
Снимањето на филмот се одвиваше во октомври 2022 година во Атина и на островот Порос, а постпродукцијата се работеше на релација Атина – Скопје.
Главните улоги во филмот ги играат Симеон Цакирис, Елса Лекаку, Константинос Георгопулос, Афродита Капокаки и Елена Топалиду.
Македонската екипа во овој филм ја сочинуваат Михаил Димитров, Игор Поповски и студиата за постподукција „Аудио хаус“ и „Слобода филм“.