Култура
Основачот на „Џифони“, Губитози: Важно е да ја следите вашата интуиција
„Имав 17 години кога почнав да размислував што сакам да правам, на 18 почнав да ставам сѐ на едно место, а на 19 години веќе го организирав првото издание на „Џифони Италија“. Кога имате 17 години, имате огромни очекувања и честопати очекувањата ги надминуваат сите логики. Од почетокот бев поврзан со идејата за фестивал за деца и, да, многу сум горд на тоа што го создадов, но секогаш сум по малку незадоволен бидејќи секогаш може да се направи повеќе. Имаме 50 години искуство, но живееме во сегашноста и мораме да размислуваме за иднината“, вака Клаудио Губитози, извршен директор и основач на „Џифони филм фестивал“, го почна своето предавање со „џифонците“ од Македонија. Тој се осврна на 50-те години посветеност кон доближување на вистинските вредности на децата преку филмската уметност.
Македонските „џифонци“ покажаа голем интерес да му постават прашање на Губитози, кој покажа голема почит кон секого од нив. На прашањето зошто е важен „Џифони“, тој вели:
„На ‘Џифони’ имате слобода да бидете она што сте. Доаѓаат деца од 55 земји од целиот свет, но на беџовите не пишува од која националност се децата, туку само името, бидејќи не ве прашуваме од каде доаѓате, туку што сакате да бидете. Децата доаѓаат на ‘Џифони’ бидејќи тука може слободно да ги изразат своите мислења, да бидат слушнати, да израснат и да ги развијат своите емоции. Тука се зборува и се размислува на многу теми од животот, не можеме сите да ги наброиме, но сите тие ве поттикнуваат да размислувате. Има деца што велат дека биле многу срамежливи кога дошле првпат, па им било срам да зборуваат, но по првите јавни настапи тоа се менува. ‘Џифони’ е место каде што се раѓа мислата, место каде што можете подобро да ги спознаете или да ги препознаете вашиот идентитет и вашата личност“, вели Губитози.
На прашањето дали се плаши дали сѐ ќе биде во ред додека трае фестивалот, а и дури се организира, Губитози одговори: „Секогаш ми е страв. Никогаш не се случило да не ми е страв. И по многу години, јас сум секогаш исплашен и пред и за време и по завршениот настан зашто носам голема одговорност. Но, стравот нѐ движи напред. Држам предавања и на факултети и секогаш се подготвувам за тоа. „Џифони“ се роди од една интуиција, која, ете, случајно ми се појави токму мене. Ја почувствував и решив да ја следам и оттогаш не сум ја напуштил. Треба да ги препознаете добрите идеи: идејата може да се појави, да стои во вас неколку дена или неколку месеци, а потоа да ве напушти. Ако интуицијата ви вели дека идејата е добра, не чекајте, почнете да работите на нејзино остварување и со тек на време таа ќе ја добие својата форма.
Вчера се одржа и дискусија на тема женски права откако беше прикажана епизода од француската серија „Бестрашни“.
Данскиот филм „Хакер“ во режија на Пол Берг, синхронизиран на македонски јазик, ќе биде премиерно прикажан вечерва во 19 часот во летното кино „Мирно лето“ во Кинотеката. Гласовите ги позајмуваат: Стефонатор, Гораст Цветковски, Кристина Христова-Николова, а за синхронизацијата се погрижи „Катавеј“ од Скопје. Во 18 часот на дигиталната платформа youth.mk и на фејсбук-страницата на фестивалот обожавателите на јутјуберот Стефонатор ќе може да се дружат со него на работилницата што се организира по повод премиерата на филмот „Хакер“, во кој познатиот јутјубер го позајмува гласот на главниот лик.
На дискусијата во 16 часот кадетите ќе имаат можност да поразговараат со Лаура Жоу, режисер на филмот „Животот без Сара Амат“.
Учесниците на „Џифони Македонија“ денеска во 17 часот преку платформата youth.mk ќе може да се сретнат со Ана Андонова, авторка на краткиот филм „Малечка“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Националниот џез оркестар со програмата Џез лектира гостува во Велес
По концертот во Скопје, Националниот џез оркестар со програмата под наслов „Џез лектира“ гостува во Велес. Концертот ќе се одржи на 23 април, 2024 година, со почеток од 20 часот во театарот „Јордан Хаџи Константинов – Џинот“.
„На концертот „Џез Лектира“ се осврнуваме на дел од творештвото на Каунт Бејси биг бендот. Вилијам Џејмс, познат како Каунт Бејси е американски џез пијанист, органист, водач на бенд и композитор, познат и како „Кралот на свингот“. Во 1935 година, тој го формира оркестарот „Каунт Бејси“ и ја води оваа група скоро 50 години. Неговата работа резултира со низа иновации во музичкиот израз како употреба на два „поделени“ тенор саксофони, нагласување на ритам секцијата, рифови во биг бенд композиции, аранжери за дополнително проширување на биг бенд звукот и слично“, се наведува во соопштението на Националниот џез оркестар.
Култура
Костадиновска-Стојчевска: Саемот на книгата, во време на емотикони, е во одбрана на раскажувачите и писменоста
Министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска, во арената „Борис Трајковски“ на отворањето на 36. издание на Саемот на книгата порача дека Министерството за култура, како покровител на овој, како што рече, „празник на книгата“, останува голем пријател и силен поддржувач на ова наше богатство.
„На годишните конкурси, од година во година, импресивен е бројот на сè повеќе пријавени квалитетни дела и од млади македонски автори. И тоа искрено нè радува. Како што нè радува и зголемениот интерес за создавање многубројни наслови и публикации за деца. Без двоумење ја добиваат нашата поддршка зашто во овие модерни времиња во кои има сè помалку зборови, а сè повеќе кратенки и емотикони, раскажувачите на приказни се чувари на писменоста“, рече министерката за култура.
Во присуство на голем број љубители на пишаниот збор, Костадиновска-Стојчевска порача дека во виртуелниот свет го нема овој опоен мирис на книгата. Само во реалниот свет, ова богатство од книги на македонски јазик од домашни и од странски автори го испишува овој простор во уште една „Приказна која се чита“.
Саемите за книги во последните години, според некои автори, кажа министерката дека прераснаа во едукативни и културни настани кои даваат можност за вмрежување преку негување на врските меѓу авторите, издавачите и читателите. Истовремено радува и сè поголемиот број посетители, што само по себе зборува многу за односот кон книгата.
Триесет и шестото издание на Саемот на книгата, што ќе трае до 24 април, во седумте саемски денови ќе понуди книги од домашни и од странски автори од над 60 издавачки куќи од земјава и од регионот.
Култура
Светска премиера на „Киука – Пред летото да заврши“ во Кан – филмот е копродукција помеѓу Грција и Македонија
„Киука – Пред летото да заврши“ (Kyuka Before Summer’s End) во режија и по сценарио на Костис Харамуданис, кој е реализиран како билатерална копродукција помеѓу Грција и Северна Македонија и е поддржан од Агецијата за филм на Република Северна Македонија, својата светска премиера ќе ја има на Канскиот филмски фестивал како дел од 32. издание на програмата ACID, што ќе се одржи од 15 до 24 мај оваа година. На „Куика“ му е доверена честа да ја отвори оваа програма.
„Лист продукција“ е македонски копродуцент на дебитантскиот филм на режисерот Харамуданис со Марија Димитрова и Игор Иванов како копродуценти, а Херетик од Грција е главен продуцент со Данае Спатхара, Јоргос Карнавас и Константинос Контовракиси како продуценти.
„Киука – Пред летото да заврши“ е приказна за едно трочлено семејство, кое како и секое лето, плови со својата едрилица до островот Порос, каде што таткото Бабис и децата Константинос и Елса, кои се веќе на прагот пред полнолетството, го минуваат годишниот одмор. Додека пливаат, се сончаат и создаваат нови пријателства на островот, децата случајно ја запознаваат Ана, жената што ги родила и ги напуштила уште во најраното детство, со што ќе почне едно горко-слатко патешествие на созревање под летното сонце, а долгогодишната огорченост на Бабис избива на површина.
Програмата на ACID (Association for the Distribution of Independent Cinema – Асоцијација за дистрибуција на независен филм) на Канскиот филмски фестивал е креирана во 1993 година и прикажува 9 долгометражни филма, фикција и документарци. Овие филмови се избираат од стотиците пристигнати филмови од цел свет од страна на петнаесетина филмаџии, членови на асоцијацијата.
Снимањето на филмот се одвиваше во октомври 2022 година во Атина и на островот Порос, а постпродукцијата се работеше на релација Атина – Скопје.
Главните улоги во филмот ги играат Симеон Цакирис, Елса Лекаку, Константинос Георгопулос, Афродита Капокаки и Елена Топалиду.
Македонската екипа во овој филм ја сочинуваат Михаил Димитров, Игор Поповски и студиата за постподукција „Аудио хаус“ и „Слобода филм“.