Култура
Светиклиментова награда за професорката и пијанистка Снежана Анастасова-Чадиковска
„Како НУ „Охридско лето“ сме посебно горди што пијанистката и професорка Снежана Анастасова-Чадиковска денеска ја прими највисоката награда за врвни достигнувања во областа на културата и уметноста, државната награда „Св. Климент Охридски“. Севкупноста на професионално-музичката дејност на Снежана Анастасова -Чадиковска е длабоко вткаена во Фестивалот. Со јасна цел и фокус за националниот интерес во повеќедецениското постоење на „Охридско лето“, таа е еден од клучните носители на неговото документирање, програмскиот развој и меѓународната афирмација“, изјави директорката на НУ Охридско лето, Наташа Поповиќ.
Оваа награда, како што рече Поповиќ, е доказ дека сме на вистинскиот пат да продолжиме да ја создаваме убавината на уметноста, тука на фестивалската сцена на „Охридско лето“.
„Државната награда „Св.Климент Охридски“ за 2021 година е признание за нејзините напори меѓународниот фестивал, „Охридско лето“ да биде сцената на уметничките дострели, обележје на културниот идентитет на најдоброто творештво на меѓународно ниво“, смета директорката на „Охридско лето“.
Поповиќ вели дека пријавата што ја достави НУ „Охридско лето“ до Одборот за доделување на државната награда„Св. Климент Охридски“ го содржи трајното сведоштво во монографските записи за фестивалот на Снежана Анастасова-Чадиковска која низ изминативе 61 година е автор на петте монографии за „Охридско лето“ во 1980, 1990, 1995, 2000 и во 2010 година.
„ Вредностите доколку не се запишат и не се зачуваат лесно бледнеат. За среќа целокупната вредност е содржана во монографиите чиј автор е Снежана Анастасова-Чадиковска. Најзините пишани траги нè прават горди што сме дел од успешната приказна наречена „Охридско лето“. Интенцијата на Снежана Анастасова-Чадиковска како автор да создаде дело насочено кон збогатувањето и разнообразноста на сознанијата за фестивалот „Охридско лето“, за неговиот почеток, развој и културолошко значење, е од непроценливо значење за фестивалот „Охридско лето“ , вели Поповиќ.
Со долгогодишното делување и творење Снежана Анастасова-Чадиковска свој значаен придонес дава и како селектор на музичката програма на Охридско лето. Како истакнат академски музичар, пијанист, педагог и музички публицист зад себе има богата музичка дејност и на сцената на „Охридско лето“. Оценета е како одличен селектор на фестивалската програма. Нејзиниот живот е сврзан со Охрид и фестивалот зашто таа е една од ретките која присуствувала на првиот концерт на „Охридско лето“ во катедралната црква „Света Софија“ во далечната 1961 година, уште кога имала само 11 години.
„ Сметам дека наградата „Свети Климент Охридски“ е најголемо признание кое може да го добие творец од областа на уметноста,културата и образованието и соодветно на тоа, сум многу радосна. Морам да кажам дека сум извонредно благодарна на фестивалот „Охридско лето“ кој ја покрена иницијативата токму јас да ја добијам оваа награда. Овој фестивал обединува повеќе мои дејности, концертната дејност, публицистичката, па на некој начин и педагошката дејност, семинарите. Навистина голема доверба, голем респект и големо пријателство кон мене. Се надевам дека истата таа „судбина“ ќе му се враќа на фестивалот и на неговата директорка Наташа Поповиќ, изјави по примањето на Светиклиментовата награда Анастасова-Чадиковска.
На свеченоста по повод доделувањето на државната награда „Свети Климент Охридски“ присуствуваа, претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски кој е и покровител на фестивалот „Охридско лето“, претседателот на Собранието, Таљат Џафери и министерката за култура, Ирена Стефоска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Промоција на кривопаланечки драми од Страхил Алексиќ
Во НУ Центар за култура Крива Паланка , во петок со почеток во 12 часот, ќе се одржи промоција на кривопаланечките драми „Ожењи се Санде калајџија“ и „Најефтината свадба“ , чиј автор е Страхил Алексиќ.
Драмските дела се инспирирани од вистинси настани кои се дел од кривопаланечката историја и традиција, а Алексиќ ги има напишано пред 30-тина години.
Драмата „Ожењи се Санде калајџија“ за првпат е поставена и изведена во 90-тите години под раководство на проф. Марица Николовска, а пред повеќе години беше реобновена и претставена пред кривопаланечката публика од Драмското студио при НУ Центар за култура, во режија на Глигор Цветковски. Во 2018 година, пак, е изведена од ученици од СОУ„Ѓорче Петров“, под раководство на проф. Катерина Наковска Митовска, што јасно говори за интересот кај познавачите на драмското творештво, младите актерски таленти и кривопаланечката јавност.
Делото „Најефтината свадба“ досега не е драматизирано и не е познато на јавноста.
Страхил Алексиќ е првиот и засега единствен автор од Крива Паланка кој напишал драмски дела што сведочат за кривопаланчките настани од минатото, со што се потврдува нивната неизмерна вредност.
Издавач на кривопаланечките драми на Алексиќ е НУ Центар за култура од Крива Паланка, рецензент е Емилија Колевска, а подготовката на делата и промоцијата се реализираат во соработка со ЛУ Градски музеј и Општина Крива Паланка.
Настанот е дел од програмата на манифестацијата „Крива Паланка-Град на културата 2024“.
Култура
Изложба „Сликарството на Ликовната академија во Штип“ во КИЦ во Софија
Во галеријата на Културно-информативниот центар на Северна Македонија во Софија на 18 април (четврток) 2024, со почеток од 18:30 часот, ќе биде отворена ликовната изложба „Сликарството на Ликовната академија во Штип“.
На изложбата ќе бидат претставени дела кои се настанати во Ликовната академија при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, во периодот од 2019 до 2023 година. Составот на авторите е од поранешни и сегашни студенти во оваа образовна установа, и тоа се: Александра Јеротијевиќ-Андреева, Бојана Тошевска, Вангел Крстиновски, Дејан Витанов, Ивана Ивановска, Крсте Тарабунов, Миа Ефремова и Мики Иванов.
Нас. доц. д-р Иво Пецов, како куратор на изложбата, се погрижи да бидат избрани нај карактеристичните дела од ареалот на штипската Ликовна академија, во согласност со целите на нејзината програма – да образува кадри од областа на класичното сликарство.
Во образовната програма „Класично сликарство“ студентите од оваа изложба работеле под менторство на различни наставници, и тоа: Лариса Бондаренко и Владимир Недајборшч од Украина, Викторија Егорова и Игор Егоров од Русија, како и македонските професори: Јана Јакимовска, Јордан Ефремов, Слободан Милошески и Ванѓа Димитријева-Кузманоска.
Жанровски нај застапена е мртвата природа, а исто така може да се видат и лицата на некои од авторите преку жанрот автопортрет, како и дела кои биле дел од специфични задачи од опфатените предмети во Ликовната академија.
Изложбата ги опфаќа класичните сликарски техники: маслени бои на платно, акрил на платно, сув пастел на хартија и слично, а форматите се галериски.
При селектирањето на делата се акцентираше врз владеењето на академските вештини во сликарството. При селекцијата беше отворена можноста за учество на дела од автори кои развиле свој посебен стил и уникатност во изразувањето, за чиј развој дала придонес Ликовната академија во Штип.
Целта на изложбата е да го претстави квалитетот на ликовната обука и да ја афирмира Ликовната академија во државата и регионот, да го претстави развојниот пат на креативните личности сврзани со оваа институција.
Култура
Бесплатен влез во музеите и на локалитетите по повод Светскиот ден на спомениците и локалитетите, 18 Април
По повод 18 Април, Светскиот ден на спомениците и археолошките локалитети, утре е обезбеден слободен влез во сите национални установи од областа на заштитата на културното наследство, кои ќе бидат отворени во текот на целиот ден, со што граѓаните ќе имаат можност да се запознаат со археолошките локалитети и спомениците во државава.
Отворени ќе бидат вратите на националните установи: заводи и музеи во Битола, Штип, Охрид, Прилеп и во Струмица; Стоби и Хераклеја; Спомен-куќата на Тоше Проески; Археолошкиот музеј; Националната галерија со сите свои објекти; Музејот на современата уметност; Музејот на македонската борба; Историскиот музеј во Крушево; Музејот на албанската азбука; Уметничката галерија во Тетово; „Д-р Никола Незлобински“ во Струга; Музејот на Западна Македонија во НОВ – Кичево; Музејот на тетовскиот крај; Природонаучниот музеј; Музејот на Северна Македонија; музеите во Куманово и Гевгелија.
Меѓународниот совет за споменици и локалитети (ИКОМОС) во 1982 година го прогласи 18 Април за Светски ден на културното наследство, а ИКОМОС секоја година препорачува тема за прославата и активностите на тој ден организирани од страна на националните и меѓународните научни комитети.
Секоја година темите се актуелни и се однесуваат на подигнување на свеста на јавноста за значењето на светското културно наследство, за заштитата, чувањето и афирмацијата на непроценливото богатство откриено преку археологијата.
Годинашна тема за Меѓународниот ден на спомениците и локалитетите е „Катастрофи и конфликти низ призмата на Венециската повелба“.
На тригодишното генерално собрание на ИКОМОС во 2023 година во Синдеј, темата „Наследство отпорно на катастрофи и конфликти – подготвеност, одговор и закрепнување“ беше избрана како тема за тригодишниот научен план 2024 – 2027 година. За таа цел, ИКОМОС Македонија во текот на април го разгледува скопскиот земјотрес во 1963 година и неговиот ефект врз културното наследство низ призмата на годинашната тема.