Македонија
Адвокатите на Клементина: Немало умисла да се убие ракометарот Тот, нејзините удари не придонеле за смртта

Ударите од Клементина Лефкова, третообвинета во случајот за убиството на Денис Тот, не придодонеле за смртта на ракометарот. Ова го тврдат двајцата нејзини адвокати, Емил Гугутчески и Бојан Василески. Тие велат: „Во никој случај ударите не може да придонесат за смрт“. Тие го посочуваат ова откога вештите лица посочија за нагмечувањата што ги имал Тот во пределот на главата и телото.
„Тоа го немаме уште докажано. Имаме уште за докажување, рано е“, вели адвокатот прашан како настанала смртта.
За нив е најважно да докажат дека немало умисла да се убие Тот, па додаваат: „Умислата сѐ уште виси во воздухот, тоа за нас е најважно“.
Прашани да ги коментираат тврдењата на вештаците, кои посочија дека повредата на ‘рбетниот мозок е главна причина за смртниот исход, адвокатот Василески вели: „Во вештачењето стои дека друго е причината за смртта. Се релативизираа денеска и тврдењето и вештечењето во денешното излагање на вештите лица откога им беше предочено дека во вештачењето има друго напишано“, а на барањето да каже што стои во вештачењето, рече: „Има време, ќе излезе во јавност. Се релативизира како е настаната таа повреда“.
За нив, неоспорно едека имало удари, меѓу кои е и боксот, по што следува единствениот момент кога Тот паѓа на земјата.
„Вештите лица даваат само можност како е настаната повредата. Во конкретниот случај во вештачењето стои дека е од падот, сега кажуваат дека е од вртење на главата“, додава адвокатот.
Децидни се дека второобвинетата го нема сторено кривичното дело убиство.
„Ние ја браниме дека го нема направено кривичното дело што ѝ се става на товар. И стоиме на тоа. Умислата не е докажана“, вели адвокатот, а прашан кое кривично дело го има направено Клементина, тој посочува: „Не знаеме тоа, обвинителката ќе каже“.
Доколку ракометарот Денис Тот немал повреда на ‘рбетниот мозок, ќе преживеел. Ова го покажува вештачењето на Александар Станков, директор и доктор на Судска медицина при обдукцијата на телото, кое е презентирано на судењето. Ударот и падот кај Тот се случуваат кога Анџело Ѓорѓиевски му задава удар со бокс по што сега починатиот паѓа на земјата. Докторот Станков вели: „Доколку таа повреда би ја немало, тој би можел да преживее“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Осуда од Ковачевски за каменувањето на македонскиот клуб во Бугарија: Очекувам да го санкционираат вандализмот во најкраток рок

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски најостро го осудува вандалскиот чин, на каменување на македонскиот клуб „Никола Јонков Вапцаров” во Благоевград.
Тој преку својот Фејсбук профил, порача дека очекува во најкраток можен рок, институциите во Република Бугарија да ги најдат сторителите и соодветно да ги казнат.
„Каменувањето на македонскиот клуб „Никола Јонков Вапцаров” во Благоевград е чин на вандализам кој најостро го осудувам. Ваквите активности не соодвествуваат на договорената политика за унапредување на добрососедските односи, взаемното почитување и пријателство меѓу две соседни држави. Очекувам од страна на надлежните институции во Бугарија во најкраток можен рок да се пронајдат и санкционираат сторителите и да се осуди вандализмот. Северна Македонија во духот на европските вредности, ќе продолжи со заложбите за зацврстување на дипломатската и позитивна агенда меѓу Северна Македонија и Бугарија“, пишува во објавата на премиерот Ковачевски.
Македонија
ЦУК: Пожар кај селото Миладиновци

Искрење на бандера, предизвика пожар помеѓу селото Миладиновци и рафинеријата ОКТА.
Центарот за управување со кризи на својот фејсбук профил објави дека во моментот се интервенира на негово гаснење.
,,Во 19:05 часот на телефонскиот број 112 пријавен е пожар помеѓу селото Миладиновци и рафинерија ОКТА кој настанал како резултат на искрење на бандера и истиот се проширил на околната сува трева. Во моментот на местото на настанот се екипи на БППЗ на Град Скопје и полиција. Се интервенира на негово целосно гаснење и во моментот нема опасност од негово проширување”, се вели во соопштението од ЦУК.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ го осуди демолирањето на македонскиот клуб во Благоевград: Да запре говорот на омраза кон Македонците во Бугарија

ВМРО-ДПМНЕ најостро го осудува демолирањето на македонскиот клуб во Благоевград. Вандализмот не е добрососедство и не може да биде. Негирањето на Македонија, но и на Македонците во соседството е пред се резултат на поданичкиот однос на власта, која го дозволи и мотивира тој однос, се вели во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.
Од партијата додаваат дека сега Ковачевски и Пендаровски на дело гледаат кај ја донесоа државата и македонскиот народ. Народот не смее да биде жртва на власта, затоа и ВМРО-ДПМНЕ бара промени. Потребна е власт која ќе се грижи за народот.
Упатуваме апел и до Бугарија и до меѓународните институции во таа земја, што побрзо да се откријат вандалите, истите да се казнат и да се запре со говорот на омраза против Македонците, се вели во соопштението.