Македонија
Адвокатите на Јанакиески и Божиновски ќе бараат укинување на притворот

Пред кривичниот совет на скопска Апелација предводен од судијата Јани Нича, адвокатите на обвинетите Миле Јанакиески и Кирил Божиновски ќе образложуваат зошто треба да им биде укинат притворот.
Јанакиески и Божиновски беа притворени во затворот Скопје во Шуто Оризари по бегството на експремиерот Никола Груевски во Унгарија. Одлуката за притворот ја донесе кривичниот суд на барање на специјалното јавно обвинителство, кое добило информации од Упрвата за безбедност и контраразузнавање дека двајцата се подготвувале за бегство.
Во решението на кривичниот совет на скопска единица за прифаќањето на предлогот на СЈО, Јанакиески да биде притворен, пишува дека Јанакиески преку посредник барал амнестија од претседателот Ѓорѓе Иванов. Неговиот кабинет одрече дека се одржала средба со посредник на Миле Јанакиески, како што е наведено во службената белешка на УБК.
Оттаму известија дека Јанакиески телефонски побарал средба со претседателот Иванов, која се одржала на 13.11.2018 година во Кабинетот на Иванов. Но, на средбата не дискутирале за амнестија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
МОН: Безбедносните стандарди во училиштата да бидат во фокусот на општините, од денес Државниот просветен инспекторат ќе ги проверува училишните објекти

Министерството за образование и наука извести дека на 20 март се обратило до општините кои се основачи и согласно процесот на децентрализација надлежни за работата на основните и средните училишта за проверка на исполнетоста и почитувањето на безбедносните стандарди во училишните објекти.
Локалните самоуправи треба да утврдат дали сите училишта на нивна територија имаат изработено Проценка на загрозеност од природни непогоди и други несреќи, План за заштита и спасување во кризни ситуации потврден од Дирекција за заштита и спасување и Правилник за заштита од пожари и експлозии, кој исто така треба да биде одобрен од Дирекцијата за заштита и спасување.
Недостигот на било кој документ, подразбира неодложно постапување и зајакнување на сигурноста на учениците за време на престојот во училишните објекти. Обврската се однесува и на училиштата под надлежност на државата, односно основните училишта со ресурсни центри и државните училишта за образование и рехабилитација. Дадена е и насока за редовна проверка на функционалноста на опремата за справување со кризни ситуации и непогоди, како ПП апарати и хидранти, велат од МОН.
Министерството за образование и наука напоменува дека од денес, во рамки на своите надлежности и Државниот просветен инспекторат ќе проверува дали училишните објекти се осигурени.
Македонија
Таравари: Утрово станав со 50 пораки дали давам оставка, останувам министер и на 1, и на 2, и на 5 април

Министерот за здравство Арбен Таравари ги демантира шпекулациите дека ќе си даде оставка на 2 април, кои викендов се раширија на социјалните мрежи. Одговарајќи на новинарско прашање, тој рече дека останува на функцијата.
„Утрово, станав со 50 пораки дали давам оставка, јас сум фокусиран на работата во Министерството за здравство. Односите со партнерите во коалицијата се добри, стабилни и јас продолжувам и на 1, и на 2, и на 2, и на 5 април да ја вршам функцијата министер за здравство. Повеќе сум фокусиран на работите што се важни за пациентите, пред сѐ, за мене како министер за здравство важна е добросостојбата на пациентите од Кочани, меѓутоа, генерално, и на сите пациенти во државата“, рече министерот Таравари.
Тој утрово извести дека во болниците во Скопје се лекуваат вкупно 54 пациенти повредени во пожарот во Кочани, од кои денес 16 си заминуваат дома, а во текот на неделава се очекува од странство да се вратат осуммина пациенти.
Македонија
Во скопската населба Маџари диво работел магацин за храна: АХВ и МВР спречија пуштање во промет повеќе од 40 тони небезбедни сувомесни производи

По добиено известување од Министерството за внатрешни работи дека во скопската населба Маџари, диво работи магацин за храна, Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) во соработка со полицијата спроведе вонреден инспекциски надзор во див објект каде била складирана храна од животинско и од неживотинско потекло. Во објектот кој служел како магацин за храна, а кој не е регистриран во АХВ како оператор, инспекциските служби на Агенцијата нашле 40.751 килограми небезбедни производи (сувомесни и кондиторски производи), за кои е издадено решение и кои се нештетно уништени, извести АХВ.
Дополнително, во дворот на дивиот магацин, од страна на МВР запленето е превозно средство- комбе, во кое се пронајдени 360 килограми небезбедни сувомесни и кондиторски производи, кои исто така се нештетно уништени.
За расчистување на овој криминал, во рамки на постапката, а со цел прибавување на сите потребни информации, АХВ спроведе контрола и кај увозникот на небезбедните сувомесни производи затекнати во дивиот магацин. Обезбедена е целокупната документација за реализираните увози, како и за следливоста на пратките, за период од последните шест месеци.
Со анализа на документацијата, утврдено е дека дел од производите биле со зголемено количество на фосфати, што било потврдено со лабораториски наоди од земени мостри од пратките кои се увезувале во земјава, а кои биле анализирани во рамки на мониторинг програмата за храна од увоз на АХВ. Пратките со небезбедни сувомесни производи биле складирани кај дистрибутерот (во дивиот магацин), кој имал законска обврска нештетно да ги уништи, но, тоа не го сторил, односно за нив од страна на овластена депонија му било издадена фиктивна потврда за уништување на небезбедните производи.
При спроведениот инспекцискиот надзор во објектите на дистрибутерот, затекнати биле сувомесни производи во вкупна количина од 40.053 килограми, кои биле ставени под официјален надзор, а подоцна во рамки на постапката и нештетно уништени. За сторен прекршок неусогласеност со барањата за безбедност на храната и за преземените постапки за спречување на ризик по здравјето на потрошувачите, на правното лице кое стопанисувало со дивиот магацин за храна, изречена му е казна од 18 илјади евра во денарска противвредност. Со 1500 евра во денарска противвредност, казнето е и одговорното лице на операторот со храна, соопшти АХВ.