Македонија
Адвокатот на Груевски: „Космос“ се уривал затоа што не бил граден според дадената дозвола

Адвокатот Мехмет Сефери, кој е бранител на експремиерот и бегалец Никола Груевски во случајот ТНТ, и натаму ги оспорува аудиоразговорите за кои посочи дека е можно тие да се сечени и монтирани. Сефери бара да не бидат прифатени како докази. Според него, Груевски не сторил никакво кривично дело, „Космос“ се уривал поради тоа што не бил граден според дадената дозвола. Адвокатот вели дека одлуките на судовите ја потврдиле одлуката на администрацијата, па нема ниту фактичка ниту материјална причина за Груевски да биде осуден: „Лицето треба да биде ослободено. Ние не ги прифаќаме аудиоматеријалите како докази. Дури и да бидат прифатени, може да се увиди дека Груевски не сторил ништо незаконски. Нерелевантно е тоа што Цановски го зборува, ако неговата фирма постапила спротивно на законот“.
„Од сите изведени докази во постапката се виде дека службениците во Гази Баба постапиле законски. Тоа е јасно од сите судски одлуки, а тоа се 36 судски одлуки, а донесени од судовите за објектот ‘Космос’. Судот веќе утврдил дека одлуката за рушење на тогаш почнатиот со градба објект е законско исправна. Пресудено е дека Гази Баба не е виновна за каква било штета. Според правилата на Европскиот суд за човекови права, еднаш пресудена работа не може одново да се суди. Фијат Цановски и во Уставниот суд барал заштита на слободите и правата, а одлуката била дека Цановски не дал ниту еден доказ дека е дискриминиран. Со оваа одлука е констатирано дека тој во однос на другите граѓани е еднаков на нив. Самиот Фијат Цановски барал политичко, а не правно решавање на неговиот проблем. Ако градел според дозволата, немало да се урива. На штета на Груевски е што судот не прифати ниту еден нов доказ, како што е договорот за плаќање комуналии, за кои вели дека ќе ги плати кога ќе земе отштета од овој судски предмет“, посочи Сефери.
Адвокатот на Груевски вели дека експремиерот можел да мисли што сака, ама судот треба да утврди како постапила администрацијата што издала решение за уривање. Според него, Општината не можела да одлучи поинаку, освен да го урива „Космос“.
„Инвеститорот градел спротивно на градежната дозвола. Груевски не можел да ја злоупотреби должноста. Администрацијата постапила законски, не може да се утврдува вина кај премиер, министер, градоначалник. Груевски е претседател на влада, а целосна надлежност за уривање е кај Општината. Груевски не поставил некакво политичко барање, услов, поради чие неприфаќање сакал да направи штета. Материјалите што Обвинителството ги достави како доказ не може да бидат доказ. Тие се прибавени спротивно на законот, со кршење на човековите права, не може да бидат докази. Доказите не ѝ се дадоа на одбраната за да ги вештачи“, додаде адвокатот Сефери.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Утре без струја повеќе делови на Скопје

Заради технички зафати во дистрибутивната електро мрежа утре без електрична енергија ќе останат следните корисници:
од 08:30 до 12:00 часот, дел од корисниците лоцирани на патот од с. Сопиште кон с. Горно Соње. (Општина Сопиште)
од 09:00 до 12:00 часот, дел од корисниците од дел од бул. ВМРО (спроти Пошта). (Општина Центар)
од 09:00 до 15:00 часот, корисниците од ул. Илија Димовски – Гоче. (Општина Аеродром)
Од 09:00 до 15:00 часот, корисниците од улиците: 1513, 1515 и крак 2 од ул. Саса во нас. Пинтија. (Општина Карпош)
од 09:00 до 15:00 часот, корисниците од викендиците во с. Побожје. (Општина Чучер Сандево)
од 09:00 до 15:00 часот, корисниците од дел од с. Бардовци, (место викано Рупа). (Општина Ѓорче Петров)
Македонија
Утре без вода делови на Центар, Кисела Вода и Сарај

Поради отстранување дефект на водоводна мрежа со пречник од ф -80 мм на ул. Јордан Хаџиконстантинов Џинот бр. 21, утре од 8:30 часот до завршување на интервенцијата, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од истата улица, како и дел од бул. Илинден и дел од ул. Аминта Трети (потегот околу градски парк), (општина Центар)
Поради отстранување дефект на водоводна мрежа со пречник од ф -100 мм на ул. Димо Хаџидимов бр. 64, од 9:00 часот до завршување на интервенцијата, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од дел од истата улица, како и дел од ул. Божидар Аџија и ул. Михаил и Ефтихиј (општина Кисела Вода)
Поради замена на затворачи во резервоарот за питка вода во с. Копаница, од 7:00 часот до завршување со работните активности, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од селата: Копаница и Буковиќ (општина Сарај)
Македонија
По третпат не дојдоа Камчеви за да сведочат за милионот

Граѓанскиот суд по третпат ќе се обиде да ги најде сведоците со кои бизнисменот Орце Камчев ќе се обиде да докаже дека дал 1,5 милиони евра на тужените Бојан Јовановски – Боки13 и Катица Јанева. Сметководителката во фирмите на Камчеви, Мирјана Бошковска, сопругата на бизнисменот, Ана Камчева, мајката Ратка Куновска-Камчева и сестрата Кристина Камчева-Стојческа ниту на денешното рочиште не дојдоа.
Сега, обврска да ги извести за терминот на следното рочиште зеде адвокатот Кристина Стојменова. Одлагање на рочиштето не им се допадна на адвокатите кои ги застапуваат Јовановски и Јанева. Судијата Андреј Димовски, сепак, остави уште една шанса за Камчеви и сметководителката да дојдат на судење.
„ Се закажува рочиште за 6.6.2022 година, кога доказната постапка ќе продолжи со сослушување на сведоците“, кажа судијата Димовски.
Катерина Петкова, адвокат на Боки 13, сметаше дека повеќе судот не треба да ги чека сведоците. Според неа, тие не го оправдале нивното отсуство, за да им се даде нов термин да сведочат.
„Тужителот имал можност да ги извести за закажаните судења и да го обезбеди нивното присуство“, кажа Петкова.
Бојан Јовановски – Боки 13 пак, бурно реагираше. Според него, одложувањата на рочиштата е со цел да се прибави предметот од Врховен суд, а сведоците да се потсетат што кажале кога се судел предметот „Рекет“, за истото да го повторат.
„Очигледна е потребата за потсетување на сведоците на она што го кажале во кривичниот суд, бидејќи тој што не ја говори вистината брзо заборава што кажал“, кажа Боки 13.
Реакција против одлагањето на рочиштето имаше и од државниот правобранител Фитим Касапи.
Новото рочиште е закажано за една недела.