Македонија
Адвокатот на Камчев: Доказите со кои е одреден притворот се прибавени на незаконски начин
Одбраната на бизнисменот Јордан Камчев на денешната прес-конференција соопшти дека доказите со кои е одреден притвор од 30 дена се прибавени на незаконит начин и поради тоа, на нив не може да се заснова судска одлука. На тој начин, како што беше кажано, се повредени неговите уставно загарантирани права и слободи.
Адвокатот на Камчев, Тони Менкиновски, рече дека одбраната ќе поведе постапка за незаконитост на докази, кои се поднесени од Агенцијата за национална безбендост, со што ќе бараат тој да се брани од слобода. Според адвокатот, единствениот доказ врз основа на кој се темели решението за определување мерка притвор никогаш не бил доставен до одбраната.
„Информацијата од АНБ на РСМ од 14 март 2021 година, која е доставена и предложена како доказ кон предлогот за изрекување мерка притвор, е незаконска и треба да биде отфрлена како доказ. Таа никогаш не е доставена до одбраната и е единствениот доказ на кој се темели притворот на Камчев“, рече Менкиновски, кој нагласи дека АНБ, ако навистина имала докази за неговото наводно бегство, требало да ја запази законската процедура и да го извести Бирото за јавна безбедност, а потоа БЈБ да го извести јавниот обвинител.
Менкиновски ја обвини власта за киднапирање и тортура кон неговиот клиент, кој речиси еден месец е во притвор во Шуто Оризари.
„Аплеираме до институциите на системот да работат совесно штитејќи го својот професионален интегритет. Време е во оваа држава да завршат изживувањата врз лица, загрозување на нивното здравје, загрозување на сериозните бизниси и работните места на луѓето преку местенки и злоупотреба на тајните служби“, порача Менкиновски.
Орце Камчев од 14 март е во 30-дневен притвор како еден од осомничените во предметот „Плацови на Водно“. За мерката притвор тој поднесе жалба до кривичниот совет, но таа му беше одбиена.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Изменет сообраќаен режим поради Задушница
Поради верскиот празник Задушница денеска од 6:00 часот ќе биде воведен посебен режим на сообраќај во Скопје, соопшти Министерството за внатрешни работи (МВР).
Од Единицата за безбедност на патниот сообраќај при Секторот за внатрешни работи (СВР) Скопје информираат дека сообраќајот кон градските гробишта Бутел ќе се одвива во една насока, односно кружно. Сите возила ќе се упатуваат по улица „Бутелска”, лево по улица „Александар Урдаревски”, лево по улица „Боца Иванова” и десно до влезот на гробиштата Бутел. За излез, возилата ќе се движат десно по улица „Боца Иванова”, до кружниот тек на улица „Бутелска”, па лево по улица „Бутелска” и десно по улица „Кемал Сејфула”.
Посебен режим на сообраќај ќе биде воведен и во близина на гробиштата Камник, Драчево и Ѓорче Петров.
МВР апелира до граѓаните да ги почитуваат наредбите што ќе ги издаваат полициските службеници по сообраќајниците опфатени со посебниот режим на сообраќај.
Македонија
Денес е Задушница – спомен за починатите
Православните христијани денеска ја одбележуваат Задушница во знак на сеќавање на починатите.
Оваа Задушница секогаш се паѓа в сабота пред месопусната недела во пресрет на велигденскиот пост и празникот Прочка.
Црквата пропишала посебни денови во годината – задушници, кога верниците се молат за покој на душите на починатите. Задушница е секогаш в сабота, ден кој црквата го одредила за помен и молитва за упокоените.
На задушница се оди во црква каде што се служи литургија и парастос. На овој ден се посетуваат гробиштата каде што со молитва, пченица и лепче осветено со црвено вино се изразува помен за починатите. На Задушница верните им даваат милостина на сиромашните во име на покојните и се молат за покој на нивните души.
Македонија
Променливо облачно со дожд и засилен ветер
Времето денеска ќе биде променливо облачно, а во попладневните часови и во текот на ноќта ќе има врнежи од дожд. Наместа врнежите ќе бидат пообилни и ќе надминат 20 литри на метар квадратен.
Како што соопштуваат од Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР), ќе дува засилен, повремено силен ветер од југоисточен правец, кој ќе биде поизразен долж Повардарието. Минималната температура ќе биде во интервал од 0 до 5, а максималната ќе достигне од 12 до 16 степени.
Во Скопје времето ќе биде променливо облачно, попладне и во текот на ноќта со врнежи од дожд. Ќе дува умерен до засилен југоисточен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 15 степени.
Според најавите од УХМР, под влијание на влажна и нестабилна воздушна маса утре попладне, во текот на ноќта и во недела ќе има врнежи кои повремено наместа ќе бидат пообилни и ќе надминат 25 литри на метар квадратен. На планините врнежите ќе бидат од снег, а на повисоките места од дожд и снег. Локално ќе има услови за појава на нестабилност со пороен дожд, грмежи и силен ветер.
Во понеделник во текот на ноќта и во вторник се очекува заладување со нови пообилни врнежи, кои на планините ќе бидат од снег, а на повисоките места од дожд и снег. Стабилизирање на времето се очекува од средината на следната седмица.

