Македонија
Адвокат: Кочан е слободен човек

Адвокатите на бизнисменот Сеад Кочан сè уште не го добиле решението со одлуката на Кривичниот совет да му биде одредена мерка притвор на еден од осомничените во случајот „Труст“ на СЈО.
Никола Додевски, адвокатот на Кочан, изјави дека за притворот дознал од медиумите и дека сè додека одбраната не го добие решението, Кочан е слободен човек.
„Судот своите одлуки ги објавува на својата интернет-страница. Јас не знам и се чудам како може ваквата информација прво да им биде доставена на медиумите, без претходно за тоа да бидат известени и да добијат решение странките во постапката“, рече Додевски, пред судот, по одложеното рочиште за „шлаканиците“ во Општина Центар.
Специјалната јавна обвинителка Катица Јанева, пак, потврди дека добиле известување од судот за притворот на Кочан, но и тие сè уште го немаат добиено решението за одлуката на Кривичниот совет на Основниот суд Скопје 1. Јанева рече дека била известена од судијката дека во текот на денешниот ден треба да го добијат решението.
СЈО го товари Кочан и уште двајца други за фалсификување документи со кои добиле тендер од 17.200.000 евра од ЕЛЕМ за ископ на јаглен и јаловина од рудникот Суводол. Три фирми на тендерот настапиле како конзорциум, а главен носител била „Транс мет“ чиј сопственик е Кочан./крај/мф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
На нож дочекано разрешувањето на кардиохирургот Јовев: „Не вирее професионалец овде“, „Меџити, добар ли си со глаата?!“

Разрешувањето на кардиохирургот Сашко Јовев од функцијата директор на Кардиологија наиде на бурни реакции во јавноста, како од фелата, така и од граѓаните. Јовев добива поддршка, а неговата смена е дочекана со критики. На социјалните мрежи има и јавни личности кои изразуваат поддршка и бараат одлуката за промена да биде итно повлечена.
„Не вирее професионалец овде“, напиша докторот Ненад Лазаров.
Со став се јави и докторот Александар Стојкоски, актуелен градоначалник на Ѓорче Петров.
„Со вакви мерки стимулирате само повеќе карти во еден правец надвор од државава! Има разлика“, напиша тој.
Актерката Ирена Ристиќ испрати порака до министерот за здравство Меџити.
„Ако првата трансплантација на срце и уште неколку други кои уследија после тоа, не се резултат и тоа за највисоки почести во државава, онда не знам што е!!! Меџити, добар ли си со глаата?! Ќе ни носиш доктори од Тетовскиот?! Мрш!!! Поддршка за доктор Јовев!!!“, напиша Ристиќ.
И ова не се единствените јавни пораки.
Министерот за здравство, Фатмир Меџити, го разреши кардиохирургот Сашко Јовев од функцијата директор на Кардиологија и предводник на тимот што ги правеше трансплантациите на срце. На прашањето зошто го разрешил, министерот Меџити рече дека на клиниките нема да остави директори што спијат и немаат резултати.
„Нема да има директори што седат, спијат и немаат резултати. Затоа е здравството во ваква амортизирана состојба. Ова е само почеток, со мене како министер и со кабинетот нема никој повеќе да седи, ќе поднесе извештај што има сработено“, рече министерот Меџити по денешната промоција на можноста за електронско пријавување новороденчиња.
Македонија
Ќе направам се’ за да ДУИ оди во опозиција, рече Мицкоски и повика на формирање пакт за национално единство

Ќе направам се за да ДУИ оди во опозиција, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на вечерашната дебата во Велес насловена „Развојни политики за стабилна економија“ и повика на формирање на пакт за национално единство.
„Се чини дека Владата нема никаков план, ниту пак говори за тоа. Од друга страна имаме премиер кој е уценет. Имаме премиер кој ДУИ го држи во заложништво, а токму тие се вистинските газди во владата, газди на криминалот и господари на туѓите судбини“, рече Мицкоски.
И затоа ви велам дека ќе направам се за да ДУИ оди во опозиција, рече Мицкоски и додаде „и подготвен сум да направам пакт за национално и државно единство со сите некриминализирани сегменти во државата од било која провиниенција само за да ДУИ после 20 години власт да оди во опозиција“.
„И ова не го зборувам затоа што на овој начин сакам да го градам својот рејтинг, и рејтингот на ВМРО-ДПМНЕ како што тие луѓе од раководството на ДУИ јавно го зборуваат. Ова го зборувам затоа што верувам во тоа. Кога тие ќе заминат во опозиција, ќе и се раздени на Македонија. Кога тие ќе заминат во опозицијата ќе не биде. Повторувам ова е пакт за национално единство со некриминализирани сегменти од општеството. А криминалците од сегашната Влада ќе одговараат пред лицето на правдата“, рече Мицкоски.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ заклучи дека „таквиот пакт за национално и државно единство ќе биде и добар одговор да ги здружиме силите и да се избориме низ силните предизвици кои надоаѓаат и да се бориме за фер шанса за која ви говорам“.
Мицкоски во денешното обраќање изјави дека на претстојната лидерска средба ќе каже не за уставни измени по бугарски диктат.
Македонија
Мицкоски: Ќе дојдам на лидерска и ќе кажам не за уставни измени по бугарски диктат

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на вечерашната дебата во Велес насловена како „Развојни политики за стабилна економија“ се осврна за темата лидерска средба.
„Еве ќе им кажам јас Христијан Мицкоски ќе дојдам на лидерска средба и во името на огромното мнозинство на народот кој бара заштита и очекува застанување на нозе, ќе кажам дека уставни измени, прифаќање на бугарски диктат нема да има“, рече Мицкоски.
Тој укажа дека нема да дозволи газење на волјата народот и државата.
„Јас нема да дозволам да се прави крпа од волјата на народот како што тоа го прави власта, ниту пак да дозволам да газат по националните интереси“, кажа Мицкоски.
Мицкоски на крајот заклучи „Македонија не е на распродажба“.
Лидерската средба ќе се одржи во среда во Клубот на пратеници а во фокусот ќе бидат евроинтеграциите и добрососедските односи.