Македонија
Адеми: Политичката асимилација на Албанците нема да помине
Денешната влада не е производ на демократски процес, туку резултат на таен и антидемократски договор, склучен во 2022 година меѓу македонските политички лидери, под диригенција на олигарсите кои ја контролираат македонската политика и самата економија на државата, истакна потпретседателот на ДУИ, Арбер Адеми.
Овој договор, како што нагласи, имаше една единствена цел: дефакторизација и политичка асимилација на Албанците, претворајќи ги од државотворен фактор во симболична фигура внатре во институциите.
„Овој мрачен проект имаше за цел да ја поништи реалната политичка моќ на Албанците, да ја обесмисли албанската гласачка волја и да го негира легитимитетот на нивното политичко претставување.
И по парламентарните избори, овој план се претвори во пракса: откако албанскиот народ јасно проговори преку гласачките кутии, лидерот на ВМРО избра да го погази тој глас, внесувајќи во владата политички губитници од албанскиот блок – оние што не добија легитимитет од народот.
Тоа беше отворен чин на негирање на демократијата и еднаквоста, јасна и понижувачка порака до секој Албанец: „Вашиот глас не вреди. Вашиот збор не се слуша. За вашата судбина одлучуваат други, не вие.“
Тоа, според него, не е демократија, туку како што велат, мајоризација.
„Тоа е кршење на духот и буквата на Охридскиот мировен договор, документот кој ја гарантира функционалната мултиетничка демократија и еднаквата одговорност меѓу сите заедници, особено меѓу Албанците и Македонците – како двете столбови на оваа држава.
Секое отстапување од овој концепт ги поткопува темелите на државата и го загрозува меѓуетничкиот соживот.
Во изминатите 16 месеци, оваа влада се покажа како лабораторија на политичката асимилација.
Албанскиот политички фактор е исклучен од одлучувањето, маргинализиран во секој сегмент на јавниот живот – од економијата до културата, од администрацијата до централните институции.
Дури и таму каде што Албанците формално имаат позиции, тие се без реална политичка моќ.
Тоа не е претставеност – тоа е институционално понижување“.
Како што нагласи Адеми, се губи смислата Албанците да се натпреваруваат на избори, да изработуваат програми и да бараат доверба од народот, ако по изборите учеството во институциите не зависи од албанскиот глас, туку од волјата на македонскиот лидер.
„Што смисла има легитимитетот, ако тој се игнорира од мандатарот и се заменува со политички пазари зад затворени врати?
Тоа е политичка асимилација, процес насочен кон одземање на државотворниот статус на Албанците и нивно сведување на декоративна улога во владата.
Но овој план, колку и да е таен и добро испланиран, е осуден на неуспех.
Зашто Албанците повеќе не се набљудувачи на сопствената судбина.
Тие ја препознаа старата игра на Белград, облечена со костум од Скопје.
Тие го разбраа сервилизмот на албанските вазали кои прифатија да бидат дел од влада што го негира сопствениот народ.
На 19 октомври, Албанците ќе зборуваат на јазик кој не бара превод – на јазикот на политичкото достоинство.
Тој ден ќе биде референдум на националниот легитимитет, ден кога ќе се урне проектот на асимилацијата и ќе се возроди етничката еднаквост.
Албанците се автохтони и државотворни.
Тие не можат да бидат исклучени, игнорирани или заменети според желбата на некого“, потенцира Адеми.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Коцевски: Ако градоначалникот Ѓорѓиевски има докази за злоупотреби во јавните претпријатија нека пријави
Републичкиот јавен обвинител Љупчо Коцевски изјави дека градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, доколку има докази за злоупотреби во јавните претпријатија, е надлежен тоа да го пријави во Министерството за внатрешни работи или во Јавното обвинителство.
„Во однос на изјавите на градоначалникот, ќе кажам дека тој како градоначалник, доколку има докази и е надлежен, тоа може да го пријави на надлежните органи – МВР, и да ги достави тие документи евентуално во Јавното обвинителство. И досега Обвинителството така постапувало, што значи дека ќе постапува и натаму. Ако има злоупотреби, стоиме на располагање“, изјави Коцевски.
Градоначалникот Ѓорѓиевски претходно на социјалните мрежи објави дека во скопските јавни претпријатија се отпуштени 500 лица кои со месеци или години не доаѓале на работа, и дека нема да има толеранција за такви случаи.
Дополнително во телевизиско гостување, Ѓорѓиевски објасни дека до него пристигнале документи кои укажуваат на можни незаконитости во работењето на повеќе претпријатија.
Македонија
Следната недела почнува судењето за пожарот во „Пулс“, обвинителството со тим од 15 обвинители
Судскиот процес за трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани, во кој животот го загубија 63 лица, а над 200 беа повредени, почнува следната недела, на 19 ноември.
Државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски најави дека обвинението ќе го застапува тим од околу 15 обвинители, со веќе утврден план за нивна координација.
„Во судница обвинението ќе го застапуваат истите обвинители што беа и досега, но најверојатно ќе ангажираме уште неколку, за да не се одолговлекува постапката. Од наша страна сме целосно подготвени и екипирани“, изјави Коцевски, додавајќи дека вчера се одржал координациски состанок во Јавното обвинителство.
Обвинението, поднесено во јуни годинава, опфаќа 34 физички и три правни лица, обвинети за тешки дела против општата сигурност. Меѓу нив се тројца поранешни градоначалници на Кочани, четворица директори на Дирекцијата за заштита и спасување, пет државни службеници, генерален секретар и двајца поранешни министри за економија. Првообвинети се тројцата одговорни лица и сопственици на фирмата чија подружница бил кабарето „Пулс“.
Покрај главниот предмет, се води и посебна истрага против 13 полицајци поврзани со случајот, која се одвива побавно поради одложени сослушувања на сведоци. Одлуката од Јавното обвинителство се очекува на почетокот на декември.
Во Основното јавно обвинителство Кочани се води и предистражна постапка против службеници на Управата за јавни приходи.
Македонија
Утре делови од Шуто Оризари без вода за пиење
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека утре ( среда ) поради промена на затворач ф-125мм на крстосницата Индира Ганди/Гвадалахара, прекинато водоснабдување ќе имаат следниве улици; Гвадалахара, Индира Ганди, Метохиска, Јован Хаџи Шишко и Гарсија Лорка.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување со работните активности.(општина Шуто Оризари)

