Македонија
„Ако влезам во Советот, нема повеќе дремење на телефони, туку битка за Охрид“ – дуел со кандидатите за советници на Охрид

Стевче Стевоски, кандидат за советник во Охрид, смета дека нема потреба да го саботираат ако влезе во Советот на Градот, туку вели дека тој тоа ќе го прави секојпат кога ќе се обидат другите да гласаат нешто спротивно од интересите на граѓаните. Смета дека плажите се уривале селективно, за кои потенцира дека биле користени само од активисти на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ. Според Стевоски, со влегувањето во Советот на Охрид тоа нема да биде место за дремење и гледање во телефоните, туку, како што рече, тоа ќе биде место каде што ќе се бие битка за подобар Охрид.
„Тој човек не е тоа што е во јавноста. Тој е обичен човек што го возвишија двете политички партии, ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, желни за нивната власт, за да ја добијат и да раководат со Општина Охрид. Го искористија човекот, односно тој работеше за двете политички партии. Со него победуваа и ги правеа сите бизниси во Охрид. Вината не е кај тој човек, туку кај нашите луѓе што потклекнаа пред интересите на еден човек. Од владеењето на овие две партии ние трпиме штета и денес. Најголемиот проблем е што вие сте матрица, вашиот ген не се менува. Што видовме добро ние за овие четири години, освен капитални инвестиции од Владата, дали имавме одговорност за долгот предизвикан од 50 милиони евра што јас ја барав. Тој долг е знак дека е настанат од одредени активности што биле спротивни на законот. Што е тоа што се направи во Охрид за 50 милиони евра, а треба да се врати? Кажете една-две инвестиции. Тоа е пералница на пари. Ако бидам советник, јас ви гарантирам дека таму можеби и стапови ќе играат и нема да донесете ниедна одлука која ќе биде неосновано задолжување на Охрид“, вели Стевоски за Усеини.
Кандидатот за советник, кој беше и во претходниот состав, Ристо Николески од СДСМ, посочи дека во идниот мандат, кој сметаат дека ќе го добијат, ќе се осврнат на развојот на општината и на туризмот преку текот на целата година. Тој посочи и проекти за млади со кои ќе ги задржуваат во општината, но и инфраструктурни зафати, кои ќе го сменат ликот на градот.
„Стереотип од некогашното владеење и величање одредени личности е дека двете партии ја уништуваат Македонија. Верувам дека Охрид и тимот што го владее градот доволно покажа ажурност, спремност, способност, да ги решат клучните проблеми што се напластувале. На независните им е многу лесно да кажат, но кога имаш багаж и кога си бил претходно на власт, може лесно да кажат дека ова не чини. Колку повеќе листи, толку подобра и подемократска општина. Се исчисти крајбрежјето, а сега ќе се прават плажи по мерка на граѓаните. Хаосот, особено во просторот на ‘Горица 3’ и ’Славија’, беше направен со бекатон и со дискотеки. Општината ќе се заложи за урбана опрема за развој на екологијата и туризмот на плажите. Јас ќе се обврзам за секоја дива градба што има решение за отстранување или е завршен судскиот процес – да биде отстранета. И дивата база и, верувам, односно знам дека таа ќе биде отстранета доколку ние дојдеме на власт“, рече Николески.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Андов: Тезите на ВМРО-ДПМНЕ дека затворениците намерно се ослободуваат се штетни, бараме извинување

По повод последните обвинувања од страна на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ и нејзиниот портпарол Наум Стоилковски, казнено-поправната установа „Скопје“ остро реагира на изнесените наводи кој се ноторни лаги и манипулации.
„Оддалечувањата на затворениците од отворениот и полуотворениот дел на затворот, треба веднаш да престане да се злоупотребува од страна на политичката партија и со ваквите настани да се собираат политички поени. Дотолку повеќе што Управата на затворот секогаш постапува согласно законите, правилниците, процедурите, констатирано и од Управата за извршување санкции кој е наш контролор.
Тезите кои ги наметнува политичката партија, а со кои сака да наметне дека затворениците намерно се ослободуваат е штетна не само за угледот на казнено-поправната установа, туку и за целиот затворски систем кои е создаден за ресоцијализација на осуденици, сторители на кривични дела. Демант на ваквите наводи е фактот што осудените лица, при оддалечување, не само што се експресно пронајдени од полицијата, туку се вратени во затворот и сместени во затворениот дел на затворот – согласно Правилникот. Наметнувањето на тезата дека некој има интерес од пуштањето на затвореници од затворот е неточна, но наметнува прашање, дали во владеењето на минатата власт, така се третирале затворениците? Сега, извештаите на сите меѓународни и домашни институции се во насока дека установите не се логори, туку затвори каде се ресоцијализираат осуденици, во далеку подобри услови од порано“, велат од КПУ Затвор Скопје.
Партијата и портпаролот Стоилковски, додаваат од таму, треба да знаат дека за клеветење се одговара согласно Законот за граѓанска одговорност.
„За навреда одговара тој што со намера да омаловажи, со изјава, однесување, објавување или на друг начин ќе изрази за друг понижувачко мислење, со кое се повредува неговата чест и углед. Бараме од партијата и портпаролот во рок од 48 часа извинување за сите изнесени манипулативни, тенденциозни и неточни наводи, затскриени зад прашања, претставени на прес-конференција. Во спротивно, најавуваме соодветна постапка за утврдување одговорност пред надлежните институции“, посочува директорот на затворот во Скопје Филип Андов.
Македонија
Османи: Имаме искрени намери со Бугарија да го вратиме позитивниот тренд на дијалог и соработка

Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, на годишната конференција „Година на нови можности“ нагласи дека надворешната политика останува фокусирана во реализација на клучната стратешка цел: членство во Европската Унија заклучно со 2030 година. Во тој контекст врвен приоритет останува негувањето на добрососедските односи, вклучувајќи го и дијалогот со Република Бугарија.
„Во однос на Бугарија, имаме искрени намери да го вратиме позитивниот тренд на дијалог и соработка воспоставен минатата година, иако на краткорочен план претстојните избори кај нив се отежнувачка околност за прогрес на билатералните односи. Сепак, остануваме посветени на смирувањето на тензиите и деескалација на вжештената атмосфера, која се огледа и во непропорционалните реакции за еден единствен случај за кој државата веднаш ги презеде сите потребни мерки за негово расчистување. Важно да не дозволиме провокативни тенденции од двете страни на границата да го киднапираат процесот во насока, што нема да е од интерес за двете држави. Но, во секој случај е во интерес на трети актери, со кои немаме многу заедничко“, рече Османи.
Преку видеообраќање од Брисел, каде што во својство на претседавач со ОБСЕ престојува во посета на НАТО и ЕУ-институции, Османи нагласи дека оваа година земјата има исклучителна можност да се докаже како кредибилен партнер на меѓународната заедница преку претседавањето со ОБСЕ, САД – Јадранската повелба, како и со процесот за соработка во Југоисточна Европа.
„Претседавањето со најголемата регионална безбедносна организација претставува историски момент за Северна Македонија, но и голем дипломатски предизвик, бидејќи се одвива во исклучително сложени меѓународни односи, нарушена безбедносна архитектура на континентот и практично во време на активна воена агресија на една земја членка врз друга земја членка на Организацијата. Тоа ја прави работата на Организацијата уште покомплексна, но во исто време и исклучително потребна“, истакна тој.
На панелот со наслов „Надворешна, безбедносна и одбранбена политика, предизвици и можности за обезбедување меѓународна соработка и сигурност“, Османи говореше и за достигнувањата минатата година, меѓу кои: почетокот на пристапните преговори за членство во ЕУ, добриот извештај на Европската комисија, постигнувањето 100 % усогласеност со надворешната и безбедносната политика на ЕУ, потпишувањето на договорот со Фронтекс, лансирањето на стратешкиот дијалог со САД и други.
Македонија
Средба Османи – Ќучук

Во рамките на работната посета на Брисел, министерот за надворешни работи, Бујар Османи, денес оствари средба со европратеникот и известител за Северна Македонија во Европскиот парламент, Илхан Ќучук.
Соговорниците разменија мислења за тековниот пристапен процес на Северна Македонија во ЕУ и потребата за забрзана евроинтеграција за сите држави од Западен Балкан во дадениот геополитички контекст. Европскиот пат позитивно ќе влијае врз демократската и економската консолидација на земјите од регионот.
На средбата се разговараше за последните актуелности во односите меѓу Северна Македонија и Бугарија поврзани со физичкиот напад врз секретарот на бугарскиот клуб во Охрид, Христијан Пендиков.
Врз севкупната атмосфера во овој период секако не придонесуваат провокативните и навредливи изјави на член на Европскиот парламент, нагласи Османи, за што веќе се упатени соодветни официјални реакции.
„Го информирав европратеникот Ќучук за напорите за деескалација на заострената реторика во односите меѓу нашите две држави и потребата од враќање на позитивната динамика во нашите односи“, изјави Османи.
Нагласи дека и Северна Македонија и Бугарија треба да бидат посветени на интензивирање на политичкиот дијалог, со цел враќање на довербата.