Македонија
Алармот за петте закони за коридорите, за амбасадорот Гир, е механизам на ЕУ за сопирање на злоупотребата на европските знаменца

Амбасадорот на Европската Унија во земјата, Дејвид Гир, го отворил прашањето за употребата на европското знаменце за петте закони за олеснување на градењето на коридорите 8 и 10 д како дел од механизмот на Европската Унија за справување со вакви злоупотреби. Тој денес, одговарајќи на новинарско прашање дали Европската Унија има механизам да ја спречи Владата која ги турка законите и покрај предупредувањето дека не се за усогласување со европското законодавство, рече: „Причината поради која го отворив прашањето за употребата на европското знаменце е токму поради тоа што многу често во напите извештаи за земјите укажуваме дека употребата на европското знаменце треба да биде за усвојување закони што се директно поврзани со европските практики и со европското законодавство. Реков дека секогаш употребата на европското знаменце треба да се направи по претходна вистинска консултација меѓу сите политички партии кога е во прашање усогласување на некој закон со европската легислатива, што во овој случај не е“.
Амбасадорот Гир рече дека е во постојан контакт и со Владата и со опозицијата и подготвени се да зборуваат на сите теми, вклучително и за употребата на европското знаменце за законите за коридорите по најавата од опозицијата дека ќе ѝ ги достави аргументите што укажуваат дека се работи за злоупотреба.
Со европско знаменце, иако не се работи за усогласување со ЕУ-регулативата, Владата предложи измени на Законот за работните односи, Законот за експропријацијата, Законот за урбанистичкото планирање, Законот за градењето и на Законот за утврдување јавен интерес и номинирање стратешки партнер за имплементација на проектот за изградба на коридорите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
(Видео) Шукова е кандидат на СДСМ за градоначалник на Скопје, објави Филипче

Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Венко Филипче, на денешната прес-конференција ја соопшти одлуката на Извршниот одбор на партијата, која се однесува на давање согласност за кандидатури за градоначалници за претстојните локални избори. Одлуката се однесува на кандидати за градоначалници за уште 16 општини, меѓу кои и кандидат за Град Скопје, односно потпретседателката на СДСМ, Каја Шукова.
„Кандидат за градоначалник на Битола ќе биде претседателот на општинската организација, Методија Куновски. Во Валандово – актуелниот градоначалник Перо Костадинов, во Виница – претседателот на општинската организација Гоце Милевски. Во Зрновци – исто така претседателот на општинската организација, Ванчо Митев, во Кавадарци – регионалниот партиски координатор Виктор Велевски. Во општина Карпош – д-р Маја Мојсова Мијовска, во општина Кисела Вода – Горан Трајковски. Во општина Маврово и Ростуше – Анес Ахмети. Во општина Ново Село – Петар Спасов, во Петровец – Елизабета Зелениковска. Во Прилеп – претседателката на општинската организација, Петра Лукароска, во Радовиш – исто така претседателот на општинската организација, Ристо Спасов. Во Свети Николе – Дејан Гичев, поранешен директор на подрачната единица на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство. Во општина Чашка – актуелниот градоначалник Горан Стојановски, во општина Брвеница – Светлана Митреска Анџелковска, и кандидат за градоначалник на СДСМ за Град Скопје ќе биде партиската потпретседателка и поранешна министерка, Каја Шукова.“
Македонија
Од претходната власт наследивме урбана пустош, дивеење на инвеститори, Аеродром се движи по нова траекторија, велат од ВМРО-ДПМНЕ

Изјавата на СДС е уште еден обид за дефокус и манипулација од страна на партија која во претходните 4 години не направи ништо за Аеродром, освен бетон и хаос. Граѓаните добро паметат – од претходната власт наследивме урбана пустош, дивеење на инвеститори и нула транспарентност, реагираат од ВМРО-ДПМНЕ откако од страна на СДСМ изјавија дека Општина Аеродром е жртва на неспособноста на ВМРО-ДПМНЕ, Тимчо Муцунски и Дејан Митески.
Денес, според партијата на власт, Аеродром се движи по нова траекторија.
„Со нова инфраструктура, проекти во образованието, социјалната заштита и реални инвестиции. Работиме секојдневно, транспарентно и во интерес на граѓаните. За прв пат во Аеродром во исто време се градат училиште, детска градинка и спортска сала. Паралелно на тоа се реализираат многу инвестиции во патната и водоводна инфраструктура, зеленилото, спортската и детска инфраструктура.
Аеродром повеќе не е бетонска џунгла, напротив, статистички гледано се градат за 80% помалку згради во овој мандат. За првпат спроведовме деурбанизација, односно избришавме маркици за згради и ги пренаменивме во паркови“.
Според ВМРО-ДПМНЕ, и покрај тригодишната блокада од владата на СДС, сепак во Аеродром се реализираат проекти како никогаш досега.
Оценуваат дека заврши времето на СДС кога една даска чинеше илјадници евра, еден кош како цела спортска сала.
„Заврши времето на СДС кога со изградба на згради се грижеа за тревата, како онаа кај Мајчин дом.
СДС очигледно не ја научија лекцијата после катастрофалните порази на изборите и пораката дека аеродромци не сакаат празни зборови, туку дела и проекти.
Граѓаните не сакаат враќање на старата неработа“.
Македонија
МЗ: Нормализирано водоснабдувањето во Клиниката за белодробни заболувања „Козле“

Министерството за здравство информира дека водоснабдувањето во Универзитетската клиника за белодробни заболувања кај децата – Козле е целосно нормализирано.
Од таму додаваат дека хоспитализацијата на пациентите продолжува непречено, а здравствената установа функционира во целосен капацитет.
„Министерството останува посветено на следење на состојбата и обезбедување континуирана здравствена заштита за најмладите пациенти“, соопштија од оваа институција.