Македонија
Алиу: Дефиниравме нови програми за специјализации – темелно го менуваме пристапот за креирање медицински кадар
На денешната прес-конференција на министерот за здравство Азир Алиу, заедно со претседателката на Лекарската комора, Калина Гривчева-Старделова, деканот на Медицинскиот факултет во Скопје, проф. д-р Светозар Антовиќ, како и претставниците на медицинските факултети во Тетово и Штип, беа презентирани новите програми за специјализации, со кои темелно се менува пристапот во креирање на медицинскиот кадар.
„Политиките, мерките и предлозите што ги иницираме како Министерство за здравство секогаш внимателно ги дискутираме со стручната фела и со инклузивен и партнерски пристап заеднички воспоставуваме нови политики и практики за потребите на нашето население и здравствениот систем. На денешната прес-конференција најавуваме една од најсуштинските промени во здравствениот систем. Дефинирани се новите програми за специјализација, со кои темелно се менува начинот на кој го создаваме медицинскиот кадар, кој треба да биде носител на системот во следните години. Повеќе од петнаесет години програмите во високото медицинско образование не беа суштински обновени, а за тие петнаесет години реалноста драстично се смени, имаме демографски промени, промени во зачестеноста на болестите, очекувањата на пациентите, но и во самата медицина. Јас доаѓам од ИТ-секторот, каде што ако 15 години не го менувате моделот, вие повеќе не подготвувате кадар за иднината. Ова важи и за здравството, ако не ги модернизираме програмите, ќе ја пропуштиме шансата новите методи и технологии да станат дел од секојдневната клиничка пракса“, информира министерот Азир Алиу.
Тој посочи дека целта е да добиеме првин лекар со општа специјализација, кој може да одговори на реалните потреби на граѓаните надвор од клиничките болници, во општите и регионалните болници, во секундарното здравство, онаму каде што се најголеми реалните здравствени потреби на граѓаните.
На тој начин, според Алиу, здравствениот систем ќе добие рамномерно дисперзиран медицински кадар, а кој ќе може да понуди специјалистички третман на хронични болести, итни состојби, да обезбеди континуитет на терапија, навремена дијагностика и правилно упатување кон терциерното здравство.
„Суштината на новите програми е едноставна, но воедно и храбра, односно се напушта логиката на премногу тесно профилирани специјализации како почетна точка и се гради силна, општа клиничка основа, врз која потоа рационално ќе се надградува преку супспецијализации. Тоа значи првин стабилен интернист и стабилен општ хирург, а потоа онаму каде што има потреба процесот на образование ќе продолжи со кардиологија, гастроентерохепатологија, ендокринологија и други области како супспецијалистичка надградба. Програмите ќе бидат унифицирани за сите три медицински факултети во земјата. Тоа значи еден стандард, еднакви критериуми, ист квалитет на програмите“, заклучи министерот
Деканот на Медицинскиот факултет, проф. д-р Светозар Антовиќ, појасни дека порано имаше специјализации, при што мора да бидете општ специјалист или општ интернист и овие специјализации траеја четири години, со што беа задоволени сите потреби на болниците во секундарното јавно здравство, а на клиниките и во некои од поголемите болници, како ГОБ „8 Септември“, имаа потреба од дополнително високоспецијализиран кадар и беа упатувани на супспецијализации, кои траеја две години.
„Ова е забележано изминатиот период, но сега во контакт со сите шефови на катедри, професори од медицинските факултети, конечно се нафаќаме тоа да го ревидираме затоа што треба да се вратат тие општи специјализации, особено на хирургија и интерна медицина, кои ќе го понудат она што на нашата држава ѝ е потребно“, информира проф. Антовиќ.
Претстедателката на Лекарската комора посочи дека оваа институција беше иницијатор на овој процес имајќи предвид дека во секојдневните средби со колегите е констатирано дека овие 15 години покажаа оти моделот на специјализации не е доволно добар.
„Ние имаме потреба да им овозможиме на докторите што учеле да може да прегледуваат пациенти и доколку има потреба, понатаму да ги упатат во соодветна установа на повисоко ниво. Сегашните специјализации се предолги ако ги споредиме со супспецијализациите и токму затоа заеднички го дефиниравме овој нов модел“, истакна д-р Гривчева-Старделова.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Ноќеска повремени врнежи дожд насекаде
Управата за хидрометеорологија извести дека кон крајот на денот во крајните западни региони ќе има повремени врнежи од дожд, кои во текот на ноќта ќе се прошират насекаде. На повисоките планини на северозапад врнежите ќе бидат од снег. Во западните делови ќе дува слаб до умерен ветер од западен правец.
Македонија
(Видео) Полицијата заплени 40 тони дрога: откриена неусоглесеност на количините кои правните лица ги поседуваат, произведуваат, набавуваат и отуѓуваат
Министерството за внатрешни работи извести дека во тек е опсежна акција, во рамки на која е запленета голема количина на марихуана. Во правно лице во Скопје пронајдени се и одземени околу девет тони марихуана и над 1300 шишиња произведено масло од канабис (полупроизвод). Од правни лица пак од источниот регион, одземени се над 31 тон марихуана и биомаса.
Во координација со Царинската управа и надлежната Комисија за контрола на овој вид на дејност од Министерство за здравство извршени се контроли во повеќе правни лица чија основна дејност е одгледување зачински, ароматични и лековити растенија и растенија со употреба во фармацијата, а во координација со јавен обвинител од ОЈО за ГОКК, се преземаат мерки и активности заради утврдување на фактите дали неодамна запленетата марихуана во Р.Србија потекнува од нашата држава.
„Со оглед на тоа дека едно од осомничените и приведени лица во Р.Србија е дел од сопственичката структура во правното лице од Скопје, извршени се детални проверки и контроли на количината која е затечена во правното лице и целосната документација која што е пронајдена во просториите на правното лице. Врз основа на пронајдената документација од страна на Комисијата од Министерството за здравство сочинет е записник, во кој се констатирани низа неправилности при работењето и голема неусогласеност во однос на количините кои правното лице ги поседува, произведува, набавува и отуѓува. Со оглед на констатираните неправилности и по доставено известување од надлежен Јавен обвинител, од просториите на правното лице е подигната целосната количина на пронајдена марихуана“, известија од МВР.
Полицијата извршила проверки во неколку правни лица во источниот регион каде исто така од надлежната комисија се утврдени неправилности и неусогласеност во однос на количините кои правните лица ги поседуваат, произведуваат, набавуваат и отуѓуваат, по што е одземена затекнатата количина.
Министерството за внатрешни работи во координација со ОЈО ГОКК, каде е формиран посебен тим за овој и слични предмети, продолжува и во наредниот период со преземање на мерки и активности за целосно расчистување на овие случаи.
МВР по завршување на акцијата и по целосно расчистување на случаите детално ќе ја информира јавноста.
Македонија
Петнаесетгодишник претепан пред обложувачница во Скопје
Осумнаесетгодишник ноќеска претепал петнаесетгодишник пред обложувачница во Скопје, а настанот го пријавиле лекарите од Клинички центар.
„Утрово во 06:31 часот во Полициската станица Кисела Вода од Ургентен центар при комплекс клиники ’Мајка Тереза’ во
Скопје е пријавено дека кај нив со тешки телесни повреди е донесен 15-годишник од Скопје, кој претходно, според пријавеното околу 00:30 часот во обложувачница во Скопје бил физички нападнат од Л.В.(18)“, извести МВР.
Полицијата презема мерки за расчистување на случајот.

