Македонија
Алиу лично е за токсиколошка проверка да биде законска за сите лекари, но не знае дали правно може да се дефинира
Министерот за здравство Азир Алиу лично смета дека треба да се додаде законска обврска за токсиколошки анализи на сите лекари по скандалозната снимка од директорот на Клиниката за неврологија Игор Кузмановски на која тој меша бела прашката материја и кажува дека зема исклучиво со „чисто бело“. Алиу не е сигурен дали во овој момент ваква законска обврска може да се вметне во некој од 12 здравствени закони кои се менуваат во овој момент.
„Правно не знам дали тоа може да се дефинира. Јас би сакал, како министер за здравство, да има таков член во законот, но да ви кажам во кој закон и дали тоа може да се формулира не би сакал кога не сум сигурен. Јас лично би сакал да имаме уште една институција која што ќе го проверува и тој момент, покрај стручноста“, рече министерот Алиу.
Сега веќе разрешениот директор на Клиниката за неврологија Кузмановски, од март годинава работел со истечена лиценца. Министерот Алиу најави дека неколку комисии, покрај Лекарската комора и Државниот санитарен и здравствен инспекторат работат на утврдување на тоа дали и какви прегледи правел Кузмановски во периодот додека бил без лиценца.
Иако не е сигурен дали токсиколошките анализи може да станат законска обврска, министерот Алиу најави дека ќе побара во „Мој термин“ да се вметне рокот на лиценцата на лекарите и системот да им забранува логирање во моментот кога ќе им истече важноста на лиценцата.
Алиу извести дека на местото на разрешениот Кузмановски, за вршител на должност го назначил Јован Божиновски, специјалист невролог и асистент на Медицинскиот факултет во Скопје. Тој, пак, рече дека на негова иницијатива на Клиниката ќе се формираат две интерни комисии со кои ќе се иницира внатрешен стручен надзор на работата на разрешениот директор во последните 12 месеци.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
За девет месеци од наплата на патарините државата заработила над 58 милиони евра
Вкупните приходи од наплата на патарина за првите девет месеци од годинава изнесуваат 3.611.645.604, денари (58,725 милиони евра).
Во септември годинава прометот на наплатните станици изнесува 401.971.971 денар, а во летните месеци кога е највисока фрекфенцијата на возила, биле инкасирани 494.308.025 во август, 469.811.647 во јули и 399.325.680 денари во јуни годинава.
Најпрофитабилна е наплатната станица Романовце, а најниски се приходите на Кадрифаково.
Македонија
Најмногу дожд во изминатото деноноќие падна во Пожаране и Попова Шапка
Најмногу дожд во изминатото деноноќие наврал во Пожаране и Попова Шапка, а најмалку во Штип и Кавадарци.
Управата за хидрометеоролошки работи информира дека во Пожаране и Попова Шапка наврнале 32 литри на метар квадратен, во Маврови Анови и Крушево 23, во Тетово 21, во Претор 20, во Лазарополе 14, во Гевгелија 11, во Битола, Тополчани и Скопје-Зајчев Рид 6, во Ѓуриште, Пожар-Радовиш 5, во Прилеп, Велес, Скопје-Петровец 4 и во Штип и Кавадарци еден литар на метар квадратен.
До вторник синоптичарите најавуваат променливо облачно време со локални врнежи од дожд. Денеска наместа врнежите ќе бидат поројни и пообилни (над 30 l/m² за 24 часа), проследени со засилен ветер и појава на ретки грмежи.
Ќе дува умерен, повремено засилен ветер од јужен, а долж Повардарието од југоисточен правец. Максималната температура ќе биде во интервал од 12 до 17 степени.
Македонија
Таен ринг за борби со кучиња разоткриен во битолско, заработувале од мачење животни
Грчки државјанин сопственик на куче, пит бул, косовски државјанин сопственик на куче од расата американски стафорд, како и двајца македонски државјани како соизвршители ќе одговараат на кривично дело – Убивање и мачење животни од член 233 став 3 во врска со став 1 од Кривичниот законик.
Основното јавно обвинителство Битола ги прибра сите потребни докази и поднесе обвинение, бидејќи на 1 ноември во селото Црнеец во близина на Стрежево, тие заради користољубие грубо ги злоупотребувале и ги изложиле на непотребни маки кучињата.
Првообвинетиот организирал борба меѓу двете кучиња во дворот од семејната куќа на второобвинетиот, кој претходно имал подготвено ринг каде се одвивала борбата. Настанот го следеле и други лица од Косово, Грција и Македонија, кои полициските службеници ги затекнале на лице место и кај кои биле пронајдени парични средства во различни апоени на евра и денари наменети за обложување.
Како резултат на борбата, со особено тешки повреди се здобило кучето од расата пит бул, кое имало угризни рани со различна големина, тешки повреди на главата и видливи знаци на трауматски шок.
Доказите обезбедени до овој момент упатуваат на сомненија дека се работи за организирана операција за која бил подготвен ринг за борби за кучиња во кој се пронајдени траги кои укажуваат дека вакви борби се случувале и друг пат, како и лекови за пружање прва помош на повредени кучиња.
Јавниот обвинител до Основниот суд во Битола достави предлог за продолжување на претходно определената мерка куќен притвор за двајцата македонски државјани.
Доколку двајцата странски државјани кои се во бегство од моментот на сторување на делото, не бидат обезбедени до почетокот на судската постапка, јавниот обвинител ќе предложи нив да им се суди во отсуство.

