Македонија
Алијанса за Албанците: Што разговарал Ахмети во тајните средби со руските амбасадори?

„Претседателот на ДУИ, Али Ахмети деновиве призна дека имал средби не со еден, туку со неколку руски амбасадори во Скопје, како и со амбасадорот на Србија.
Можеби ке тврдите дека средбите со странски дипломати се нормални за претседателите на политичките партии, но во овој случај тоа се тајни средби кои досега не биле објавени. Никогаш немало официјално соопштение од ДУИ за средби на раководството на оваа партија со руските амбасадори.
Јавно прашуваме зошто се одржувале тајните средби, што се разговарало на овие средби, кому му служеле и што произлегло од нив. Конкретно, го прашуваме господинот Ахмети дали овие средби ги одржал пред 27 април 2017 година и пред да му биде продадено парцелата во Тетово на рускиот олигарх Дака Давидовиќ.
Една популарна поговорка вели: „Насмеаниот те смее”. Вака ги опишуваме досегашните обвинувања и клевети на ДУИ кон албанската опозиција. Сега имаме појасна претстава за тоа кој флертувал со руската агенда, тајно и зад грбот на граѓаните“ се вели во соопштението на опозициската Алијанса за Албанците.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Голем успех за средношколци од Скопје на националниот натпревар за Microsoft Office Specialist и Adobe Certified Professional

Ученици од средните училишта на Град Скопје постигнаа голем успех во финалето на шестиот по ред национален натпревар за Microsoft Office Specialist и Adobe Certified Professional, кое денеска се одржа во IBank-концептуалната филијала на Стопанска банка АД Скопје. Тие освоија едно прво место, две втори и едно трето место. Првото место го освои Дамјан Димовски од СУГС „Јосип Броз Тито“, вторите места се за Лука Зотовиќ од СУГС „Јосип Броз Тито“ и за Ардита Емини од СУГС „Зеф Љуш Марку“, а на третото место се најде Иван Јорданов од СУГС „Васил Антевски-Дрен“. На финалето на овој престижен натпревар денеска присуствуваше секретарот на Град Скопје, Ѓоко Велковски.
„Град Скопје и оваа година е партнер во организирањето и спроведувањето на овој многу значаен настан од областа на унапредувањето на дигиталните вештини. Град Скопје го поддржува натпреварувачкиот дух на младите, посветеното учење и натпреварувањата надвор од рамките на секојдневните училишни обврски. Лично сметам дека инвестирајќи во подобрување на дигиталната писменост, особено преку формалниот образовен процес, ќе придонесеме за подобрување на можностите за вработување на младите образовани кадри и подобрување на продуктивноста на работното место. Тоа, пак, ќе влијае на зголемување на економската продуктивност на општеството. Во рамките на шестгодишното партнерство со Certiadria во организирање на овој натпревар Град Скопје поддржа вкупно 2.600 ученици од средните училишта овозможувајќи им бесплатно полагање на официјален Microsoft Office и АСА испит. На овој начин, учениците, без разлика на нивниот социјален и економски статус, добија можност да се стекнат со меѓународно признат сертификат, кој ќе им биде од особено значење во нивното понатамошно школување и кариера“, рече Велковски на доделувањето на наградите за најдобрите.
Натпреварот се базира на тестирање ученици од 13 до 22 години од цела Македонија, кои ги одмерија своите знаења во апликациите на Microsoft Office – Word, Excel и PowerPoint, односно Adobe Photoshop, Illustrator и InDesign.
Значајно е да се нагласи и дека најдобриот натпреварувач ќе ја има можноста да ја претставува нашата земја на светскиот натпревар во САД, што ќе се одржи во јули годинава.
Македонија
Почна асфалтирањето на превојот Плетвар

Градежништвото не смее да застане и затоа оваа Влада, овој тим од ресорот транспорт, силно е посветена на она што сме го зацртале во нашите програми, а тоа е подобрување на целокупната инфраструктура во државата, истакна министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, кој заедно со директорот на ЈП за државни патишта, Ејуп Рустеми, изврши увид во рехабилитација на регионалниот пат Градско – Прилеп.
Овој дел од регионалниот пат кон Прилеп, превојот Плетвар, се рехабилитира во должина од 19 километри за што се инвестираат 4 милиони евра.
„Ниту еден проект не е прекинат, напротив, се работи со силно темпо, само во овој момент инвестираме над 420 милиони евра во модернизација на патната мрежа во земјата. Денеска сме на увид во асфалтирање на превојот Плетвар, инвестиција од 4 милиони евра. Реконструкцијата на превојот Плетвар следува кога активно го градиме експресниот пат од Градско кон Прилеп. Во меѓувреме, активно работиме и на подготовка на документацијата и за проширување на патот со уште една лента на Плетвар онаму каде што не постои трета лента. Генерално, интензивно се работи на моденизација на целата патна врска“, изјави Благој Бочварски.
Директорот на ЈП за државни патишта истакнa дека овој пат се очекува да се заврши до почетокот на зимската сезона.
„Граѓаните што гравитираат кон Прилеп и Битола многу добро знаат дека овие 20-ина километри се најтешките за возење, особено во зимскиот период. За да им ја олесниме рутата и да го забрзаме протокот на возила, почнавме со рехабилитација на делницата Фариш – Прилеп во должина од 19 километри за што издвоивме средства со помош на ЕБОР во висина од 4,07 милиони евра. Изведувачот на работите, ‘Стентон градба’ и „Грин лајн’, со надзорот ‘Диви’, веќе работи на механичко сечење на асфалтот, поставување нови рабници, машинско гребење на постојниот асфалт, по што почна и процесот на афалтирање. Очекуваме на почетокот од зимата граѓаните од овој регион да возат по нова рехабилитирана делница, што ќе значи и нивна поголема сигурност и безбедност“, изјави директорот Ејуп Рустеми.
Македонија
Регистрирани 110 нови ковид-позитивни, нема починати

Направени се 894 теста, а регистрирани се 110 нови случаи на Ковид-19: Скопје – 72, Битола – 8, Куманово – 6, Кавадарци, Штип и Неготино – по 4, Кочани – 3, Прилеп и Гостивар – по 2, Струмица, Кичево, Струга, Ресен и Богданци – по 1.
Од вкупниот број позитивни (110), регистрирани се 18 реинфекции.
Регистрирани сe 42 оздравени пациенти, и тоа од: Скопје – 34, Кочани и Охрид – по 2, Кавадарци, Штип, Тетово и Гевгелија – по 1.
Во текот на изминатите 24 часа, како и во согласност со регистарот на умрени лица со дијагноза Ковид-19 од „Мој термин“, не се пријавени починати лица.
Досега во земјата направени се вкупно 2.074.132 тестирања на Ковид-19. Вкупната бројка на ковид-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 313.160, бројот на оздравени пациенти е 303.396, на починати е 9.322, а бројот на активни случаи изнесува 442.