Македонија
Ангел Димитров: Проблемот е што македонските историчари се трудат да не прифатат заедничка историја

Бугарија не треба да дозволи притисок. Бугарската страна мора да покаже доверба во својот став, во своите аргументи и без разлика дали некој ги прифаќа, ние мора да ги браниме. Затоа не смееме да дозволиме притисок.
Ова го изјавил Ангел Димитров, претседател на Мешовитата бугарско-македонска историска комисија, пренесуваат медиумите во Бугарија.
„Ако сме навистина сигурни во нашата позиција, мора да ја браниме. Со познавање на длабината на проблемите и предвидување на последиците за разлика од позицијата на народот, кој конјуктурно гледа на работите. И ова е прашање на достоинство“, вели Димитров.
За заедничкото чествување на светите браќа Кирил и Методиј, Димитров потсети дека уште во 1999 година во Рим заедно биле двајцата премиери Иван Костов и Љубчо Георгиевски, а потоа и заедничко поклонение на премиерите Бојко Борисов и Зоран Заев.
„Но, по 2018 година, нема заедничко чествување. Двете делегации се таму, но не го прават тоа заедно. Има само средби, но секоја земја одделно ја изразува својата почит“, додава Димитров.
Тој рекол дека бугарската страна во Комисијата дала предлог за заедничка прослава, но, како што објаснува, „она што успеавме да го постигнеме и ова беше еден од ретките успеси кога зборуваме за светите браќа, да се нагласи улогата на бугарската држава и на владетелите – принцот Борис и царот Симеон Први – за создавање и развој на културата создадена од браќата светители“, вели Димитров за БНТ.
Коментирајќи ја работата на заедничката комисија, тој смета дека нема значителен напредок.
„За да одговориме на желбата за нов почеток, побарана од премиерот Кирил Петков, договоривме со колегите од Скопје да одржиме три средби од февруари до мај. По малиот напредок во однос на царот Самуил, нешто што дури и не заслужува посебно внимание, нема ништо ново. Напредокот повторно е запрен“, рече Димитров.
Тој нагласува дека проблемот е што македонските историчари се трудат да не прифатат заедничка историја.
„Кога не прифаќате постоење историски феномен, тогаш се создава отпор против спроведувањето на самиот договор за пријателство и добрососедство. Во обидот да не се зборува за заедничка, туку споделена историја, што е нешто поинакво, тогаш се бега од желбата да направат сериозна критичка анализа на сопственото минато“, вели Димитров.
„Работата на Комисијата е важна, барем да се зборува за минатото. Тоа е катализатор за решавање на политичките прашања, политичарите ќе ја донесат одлуката, но не и историчарите. Мора да се сретнеме со нашите колеги, не можеме да очекуваме само Бугарија да направи некои гестови и чекори. Проблемите се во РСМ. Катарзата мора да се одвива во РСМ бидејќи сè уште нема критичка анализа на сопственото минато“, вели Ангел Димитров во изјава за бугарските медиуми.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ДУИ: Се гледа кој е за Европа, а кој е против!

„Демократската унија за интеграција најостро го осудува антиевропското насилство на улиците на Скопје поттикнато и спроведено од проруските елементи во нашата земја кои се против ЕУ, НАТО, добрососедството, мирот, стабилноста и безбедноста“ соопштуваат од владејачката ДУИ.
Оттаму посочуваат дека „последните случувања во земјава по предлогот на Советот на ЕУ за преговарачка рамка за Северна Македонија ги откриваат поделбите во општеството меѓу прогресивните сили за поддршка на Европската унија и регресивните сили против ЕУ“.
Регресивните сили во земјава кои ги поддржуваат насилните протести се обидуваат да го попречат европскиот процес што Република Северна Македонија веќе го финализира. За разлика од регресивните, прогресивните сили во земјава кои ги донесоа Охридскиот договор, Договорот од Преспа, членството на земјата во НАТО и автокефалноста исто така успешно го склучуваат прашањето со Република Бугарија за да се обезбеди европската перспектива на нашата земја“ стои во соопштението на ДУИ.
„Европската унија, Вашингтон, Лондон, Париз, Рим, Берлин, Брисел и сите пријатели на нашата земја го поддржуваат овој предлог“ велат од партијата.
Македонија
Хелсиншки комитет апелира за мирни протести без насилство

Хелсиншкиот комитет изразува загриженост за настаните од вчерашниот протест против францускиот предлог, кој ескалираше со насилство и употреба на говор на омраза.
„Го осудуваме секој чин на насилство и секој говор на омраза, како и поттикнувањето и повикувањето на насилство, како крајно штетни и спротивни на вредностите на едно демократско општество. Комитетот секогаш го поддржува правото на секој граѓанин кој сака да го изрази својот став преку мирен протест, како уставно загарантирано право. Оттука, повикуваме на мирни и достоинствени јавни собири на граѓаните што протестираат. Ги повикуваме полициските службеници со должно внимание да ги обезбедуваат протестите, без пречекорување на нивните надлежности, со употреба на пропорционална сила само доколку е потребно“, се вели со соопштението.
Оттаму апелираат до сите политичари и јавни личности да внимаваат каков говор употребуваат во своите обраќања до јавноста и транспарентно да ги информираат граѓаните, без притоа да разгоруваат омраза и нетрпеливост. Дополнително, апелираат медиумите да внимаваат како ги пренесуваат моменталните случувања, водејќи се од начелата на објективност и непристрасност при известувањето.
Хелсиншкиот комитет додава дека ги следи протестите и настаните и ќе реагира соодветно на секој чин на насилство од која било страна. Доколку во кој било момент Комитетот увиди примена на прекумерна сила од страна на полицијата, ќе покрене постапки пред надлежните институции.
Македонија
Промовирана новата зграда на Управниот суд

Денеска во Скопје беше промовирана новата зграда на Управниот суд. Новите простории се наоѓаат во центарот на Скопје, на ул. Даме Груев 6, а во нивните рамки се наоѓа и Медиа центарот на судот – дел од заедничкиот проект со Мисијата на ОБСЕ во Скопје, чија цел е да придонесе кон подобрување на транспарентноста на работењето на Управниот суд со медиумите, но и со другите заинтересирани страни.
Во своето поздравно обраќање Претседателот на Управниот суд Бурим Сејдини, ја истакна важноста и неопходноста од подобрување на условите на работата на судот, имајќи го предвид фактот дека судот веќе 15 години ја извршува својата дејност во импровизирани и несоодветни услови.
„Oбезбедувањето на подобри услови за работа на судот, беше предизвик уште од почетокот на вршење на мојата функцијата како претседател на судот во 2017 година. Денес за Управниот суд, гордо може да кажеме дека располага со сите услови кои се неопходни за унапредување и усовршување на судското работење. Имено, станува збор за услови во полза на судиите кои секојдневно донесуваат одлуки, како и во корист на судската администрација како логистика на судиите во Управниот суд кои арбитрираат правда, а чии одлуки неминовно помагаат во почитување на демократските вредности, темелните вредности на Уставот како и исполнување на Европските стандарди и поттикнување на целокупниот општествен развој на нашата рече Сејдини.
Реновирањето на зградата траеше една година и четири месеци, а објектот се простира на површина од 2.608 м2.
Министерот за правда Никола Тупанчески потенцира дека ефикасноста и квалитетот во работата на правосудните органи воопшто, зависат од многу фактори, меѓу кои и условите во кои се врши правораздавањето и во кои се спроведуваат постапките.