Македонија
Андоновски: Ако сакаме успех – институциите мораат да комуницираат меѓу себе
Денеска, министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски имаше воведно обраќање на третата сесија на Националната конвенција за Европската Унија во Република Северна Македонија (НКЕУ-МК), на Работната група 6 – Антикорупција, на тема „Градење кохезивна дигитална инфраструктура за развој на напредни јавни финансии“.
На настанот, покрај Андоновски, со воведни говори се обратија и националниот координатор на НКЕУ-МК, Милева Ѓуровска, и Александар Кржаловски од Македонскиот центар за меѓународна соработка.
Во своето обраќање, Андоновски ја истакна важноста на дигиталната трансформација како клучен приоритет за Европската Унија, која третата декада од Третиот милениум ја прогласи како декада на остварување на високо ниво на дигитална трансформација. Тој подвлече дека преку дигитална трансформација имаме можност да ја унапредиме транспарентноста и ефикасноста на јавните финансии, создавајќи кохезивна дигитална инфраструктура која ќе овозможи поефикасно управување со јавните ресурси и зголемена доверба на граѓаните во институциите.
„Нашите напори за дигитална трансформација се насочени кон иднината – иднина во која инвестициите во дигиталната инфраструктура ќе бидат двигател на сите сфери од општеството, која за разлика од автопатите и железниците, не препознава граници “, рече Андоновски.
Во контекст на поврзливоста и воспоставувањето на кохезивна дигитална инфраструктура, Андоновски зборуваше за напорите што веќе се прават за унапредување на функционалноста на Платформата за интероперабилност која овозможува електронска размена на податоци и документи помеѓу институциите, но и меѓу институциите, компаниите и граѓаните на стандардизиран, безбеден и унифициран начин.
„Не можеме да зборуваме за примена на Вештачка интелигенција, алатки за подобрување на транспарентноста или откривање на потенцијални случаи на корупција доколку над 90% од институциите податоците ги чуваат на хартија или ги разменуваат на традиционален начин, a не се поврзани во една заедничка дигитална околина. Дигитализацијата на регистрите ќе овозможи брз пренос на податоци и примена на алатки за нивна автоматска обработка и анализа. По постигнување на оваа цел, потенцијалот за примена на ИКТ технологии во контекст на денешните теми неколкукратно се зголемува“, нагласи тој.
Настанот продолжи со дискусија на различни засегнати страни, вклучувајќи претставници на релевантни институции, граѓански организации, меѓународни експерти и други. Присутните разговараа за прашањата поврзани со дигиталната трансформација и нејзината улога во подобрување на јавните финансии и борбата против корупцијата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Дождот не го изгасна целосно, но го стави под контрола големиот пожар во Мариово
Дождот кој заврна попладнево помогна да се стави под контрола големиот пожар во Мариово, но сепак сѐ уште не е целосно изгаснат. Гори на неколку места со слаб интензитет, информираше вечерва директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК), Стојанче Ангелов.
„Дождот кој заврна во прилепско помогна во гаснењето на пожарот во мариовскиот крај. За жал с уште не е изгaснат целосно, има горење со слаб интезитет на неколку места“, информираат од Центарот за управување со кризи (ЦУК).
Временските прилики им помогнаа на лицата кои веќе една недела на терен учествуваа во борбата со огнената стихија, која беше со периметар од над 100-тина километри и зафати површина од околу 15.000 хектари. Под контрола се и останатите два пожара во прилепско.
Македонија
За една недела 25 нови случи на голема кашлица
Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) информира дека од 30 август до 5 септември во Македонија пријавени се 25 нови случаи на голема кашлица, што е за 47,1% повеќе во споредба со претходниот седмодневен период, кога беа регистрирани 17 новозаболени.
Најголем број заболени се во Скопје -14 каде случаи се регистрирани во сите скопски општини; во Тетово – 5, Кратово – 3, Куманово – 2 и еден случај во Крива Паланка.
„Возраста на заболените се движи од 1 месец до 60 години, а најголем број на случаи се од возрасната група под една година. Во однос на вакциналниот статус на заболените, 18 лица се некомплетно вакцинирани, невакцинирани или имаат непознат вакцинален статус, 6 се комплетно вакцинирани и еден е вакциниран согласно возраста. Од новите случаи 5 заболени се хоспитализирани“, велат од Институтот за јавно здравје.
Македонија
Неисправни се двата полициски хеликоптери и двата ер-трактори, се чека дождот да го изгасне пожарот кај Мариово (ВИДЕО)
Неисправни се двата полициски хеликоптери и тие не можат да учествуваат во големиот пожар во прилепскиот дел од Мариово чиј периметар се прошири на 110 километри, а е во должина од над 30 метри, се гасне од земја. Директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов изјави дека пред неколку часа на помош на пожарникарите од Прилеп и од повеќе други градови, како и на војската и полицијата пристигна еден ер-трактор. Другите два ер-трактори кои ги има државата, за жал, се неисправни, изјави Ангелов. Директорот на ЦУК соопшти дека заврна дожд во Мариово и дополнително ќе извести дали пожарот е целосно изгаснат.
Ангелов изјави дека е тежок пожарот над викенд населбата во скопско Катланово. Тој нагласи дека пожарот создава голем чад и дека тешкотија претставува непристапниот терен. Како што рече, вчера гаснел еден армиски хеликоптер, а денеска пожарникарите од скопската бригада.
Во продолжение е видео-изјавата од Ангелов и за другите пожари во земјава.