Македонија
Арсовска: Ветинг за директорите на јавните претпријатија и раководителите на служби при Град Скопје

Ветинг за директорите на јавните претпријатија и раководителите на служби при Град Скопје. Ова е една од заложбите на Данела Арсовска во нејзината програма за брзи и ефикасни решенија на Град Скопје.
„Ќе побараме од Комисијата за антикорупција да создадеме програма за системско решение за спречување корупција во сите градски претпријатија, установи и училишта. Ќе постои омбудсман одговорен за пријавите за корупција и прекршување на правата на граѓаните. Системски решенија мора да има“, порача независната кандидатка за градоначалник Данела Арсовска на денешната прес-конференција.
Во нејзината програма е предвидено Град Скопје да биде отворен 24/7 за граѓаните на Скопје.
„Градската администрација ќе биде отворена за граѓаните кои ќе може да побараат услуга од градот и по завршувањето на работното време. Градот ќе има обврска во рок од 24-72 часа да даде одговор на секое барање независно дали е надлежен или не за решавање на проблемот. Ако не е одговорен, тогаш ќе има обврска да достави барање во име на граѓанинот до надлежната институција и да го информира каква е понатамошната процедура“, го објасни концептот Арсовска.
Процедурата за одговор е да има одговор по преку електронски пат, телефонски повик или СМС.
Таа најави и целосна дигитализација на услугите на граѓаните кои ќе имаат и директна можност да се обратат до градоначалникот кој мора да има време за нив.
„Нема да постои затворена врата за граѓаните. Администрација платена од граѓаните мора да биде во служба на граѓаните. Но таа администрација мора да биде и мотивирана да работи подобро и поефикасно. Затоа ќе се воведе принцип на бодување по успешни проекти и завршени случаи“, заклучи Арсовска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Вечерва зградата на Владата свети во сино во знак за подигање на свеста за аутизмот

Вечерва зградата на Владата свети во сино, во знак на 2 април Светски ден за подигање на свеста за аутизмот. Ова на социјалните медиуми го објави премиерот на Македонија Димитар Ковачевски.
„Давам неизмерна поддршка и почит кон лицата со аутизам, нивните родители, семејства, пријатели, наставници, соученици. Како Влада се залагаме да обезбедиме системски решенија за грижа за децата и возрасните со аутизам. Не сме сите исти, ниту по физички изглед, ниту по карактер, но сите во оваа држава имаат исти права“, напиша Ковачевски.
Како што вели тој, да ги прифаќаме различностите, бидејќи секој е различен и посебен на свој начин.
Македонија
Од понеделник пороен дожд

УХМР соопшти дека во понеделник, под влијание на нов влажен и постуден бран, ќе има врнежи од дожд кои попладне на повеќе места ќе бидат пообилни, над 30 литри на метар квадратен. На планините и на некои повисоки места врнежите ќе бидат од снег.
Следните три дена, ќе преовладува студено и ветровито време со повремени локални врнежи, претежно во западните делови.
Времето утре ќе биде променливо облачно со сончеви периоди, а попладне со повремен локален дожд. Ќе дува слаб до умерен ветер од променлив правец.
Македонија
Левица: ДУП-от во Карпош ДПМНЕ го поддржа уште 2017 година

Со гласањето на Деталниот урбанистички план за блок ССЗ 01.10 кој се наоѓа во Злокуќани. се исправа неправдата која е нанесена на жителите во овој дел од општина Карпош, поголем дел Ромско население, поради тоа што со децении не е усвоен ДУП, а со самото тоа не може да управуваат со нивните имоти и да ги уживаат правата кои ги имаат останатите жители на Општина Карпош, велат од политичката партија Левица.
Со овој план, од партијата посочуваат дека конечно ќе може да се легализираат куќите во ова населено место.
Дополнително, со нивната легализација ќе може голем дел од домаќинствата да се инкорпорираат во јавниот комунален систем и да добијат квалитетна услуга, се вели во соопштението.
Од Левица потенцираат дека ова е еден од ретките ДУП-ови што нема елементи на бетонизација, а зачудени се од одлуката на советничката група на ВМРО-ДПМНЕ која не го поддржа овој ДУП.
„Земајќи го во предвид ова како и придобивките за жителите на овој дел од Општина Карпош, за очекување беше истиот да го поддржат сите советнички групи. Изразуваме зачуденост од одлуката овој ДУП да не го поддржат советничката група на ДПМНЕ. Токму советничката група на оваа политичка партија во март 2017 година го изгласаа овој ДУП во оваа форма“, посочуваат од партијата.
Велат дека нивната хистерична реакција е веќе видена во Советот на Општина Карпош, особено по „замрсените“ односи меѓу лидерот на партијата Христијан Мицковски и градоначалникот Стевчо Јакимовски.
„Сакаме да напоменеме дека во овие политички игри ДПМНЕ ги вовлече и советничките од Независни кои без соодветно образложение гласаа против жителите на Злокуќани. Нападите кон локалниот огранок на Левица во Општина Карпош се за очекување и претставува прелсикување на политиката која ДПМНЕ ја води на централно ниво, па за секој нивни неуспех, за секое национално велепредавство криви се Левица, а не нивните функционери кои во Собранието на Република Македонија за многу штетни закони гласаа заедно со СДС и ДУИ“, истакнаа од Левица.