Македонија
Арсовска: Може да се почне со изградба на лунапарк, се набавуваат реквизити

Расчистување на местото, набавка на реквизити и нивна монтажа. Вака ќе тече процесот за изградба на лунапаркот, кој е затворен од 2017 година. Градоначалничката на град Скопје, Данела Арсовска, посочи дека е почната постапката за набавка на реквизити. Досега се средувале техничките работи поврзани со обезбедување документација.
„Во овој момент, по добивањето на сите документи, почнува постапката да се обезбедат дополнително реквизити, а на самиот терен ќе се почне со расчистување на теренот и постапување на постаментите и изградбата на инфраструктура, која треба да биде обезбедена пред монтажата на реквизитите“, рече Арсовска.
Според неа, кога дошла на функцијата, во Град Скопје не бил завршен проектот.
„Не може да се инвестира кога за тоа немало завршен проект. Од страна на претходното раководство беше почнато со изработка на проектот, а ништо од она што е почнато нема да го стопираме. Го прифативме проектот, беше во завршна реализација и до Град Скопје беше доставен минатиот месец. Тука исто така имаше процес, кој како таков опфаќаше обезбедување на неопходните дозволи од ресорната Општина Карпош за да има формално-правна можност да се почне со градба. И сега постапките почнуваат. Имаше забелешки за ревизијата за начинот како се воделе постапките во минатото бидејќи таму имало објекти и лица што имале соодветни договори за закуп. Сите недостатоци се надминати и може да се почне со изградбата на лунапаркот“, додаде Арсовска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Уставниот суд пресече за преспанскиот договор: „Донесен е во согласност со Уставот“

Уставниот суд одлучи да не поведе постапка за преспанскиот договор, со кој се стави крај на долгогодишниот спор за уставното име на државата меѓу Македонија и Грција.
Уставниот суд оцени дека Законот за ратификација на Договорот е во согласност со Уставот, што значи останува дел од правниот поредок на државата.
По завршувањето на седницата претседателката на Уставниот суд, Добрила Кацарска одржа прес конференција на која изнесе дел од аргументите на Судот во оценувањето на оспорените акти, но и одговори на прашања кои беа поставувани во јавноста изминатите години во врска со процедурата и формата на т.н Закон за ратификација на Преспанскиот договор.
Со оглед на тоа што указот беше објавен во „Службен весник“ без потписот на тогашниот претседател Ѓорге Иванов, Кацарска образложи дека во поширок контекст, во духот на Уставот и неговата примена, волјата на пратениците се персонифицира со волјата на граѓаните, наспроти волјата на само еден човек.
„Бидејќи системот на владението на власта во нашата држава е парламентарна демократија, а не монархија, суверенитетот произлегува од граѓаните и им припаѓа на граѓаните и Уставот и законите важат подеднакво за сите па дури и за претседателот кој според членот 51 став 2 е должен да ги почитува. Уставот е многу јасен и не остава простор за манипулации“, рече Кацарска.
Како пример во таа насока, посочи на уставно-судската пракса на овој Суд, од 1996 година кога не се поведе постапка за оценување на уставност на член 1 од Законот за ратификација на Привремената спогодба помеѓу Република Македонија и Република Грција, склучена во Њујорк 1995 година.
Следен аспект кој подлежи на анализа во овој предмет е рокот на потпишување на Указот.
„Можеби некој ќе рече дека во Уставот не е предвиден рок во кој тој требал да го потпише Указот на повторно доставениот закон, но сметам дека тука нема ништо проблематично. Имено, неспорно е дека претседателот на Републиката треба да го потпише Указот во рок од 7 дена, кога прв пат му се доставува законот чијшто рок е предвиден во членот 38 од Законот за Собранието на Република Северна Македонија, а потоа е должен да го потпише. Меѓутоа, тој ја злоупотребил уставната недореченост каде не е пропишан рокот, а од друга страна Републиката презела меѓународни обврски согласно Договорот. Иако му бил оставен подолг период, тој сепак не потпишал, а Указот е објавен без негов потпис. Треба да се цени и фактот дека овој Договор се доставува и до Организацијата на Обединети Нации и потпишан од посредникот, во својство на сведок, Метју Нимиц“, рече Кацарска.
Заклучи дека закон може еднаш да се прогласи, а во конкретниот случај истиот е прогласен. Уставот ја остварил целта, законот е прогласен, рече претседателката на судот.
Следен аспект по којшто Уставниот суд се произнесува е членот 110 од Уставот, а тоа е нашата надлежност за меѓународните договори. Имено, како што образложи Кацарска, Уставниот суд нема надлежност да одлучува за согласноста на меѓународните договори со Уставот, што значи дека нема услови во впуштање во анализа на основаноста на наводите од иницијативите кои се однесуваат на содржината на Спогодбата.
Македонија
Градоначалникот на Гази Баба пријавил дека некој сакал да го удри со „ауди“, полицијата во акција

Градоначалникот на општината Гази Баба, Бобан Стефковски во МВР пријавил дека лице со автомобил „ауди“ се обидело да удри во возилото со кое се превезувал.
Од МВР објавија дека за случајот е приведено лице со иницијали Б.Б. од Скопје, а инцидентот се случил на улицата Архимедова, зад општината.
По преземени мерки и активности лицето е пронајдено и приведено, а во координација со Јавен обвинител против него ќе биде поднесен соодветен поднесок, велат од МВР.
Македонија
Груевски за Антонијо Милошоски: Пред секој нов лидер го напаѓа претходниот за да се истакне – таков бил и ќе остане

Експремиерот Никола Груевски се огласи со коментар по вчерашната прес-конференција на пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски кој рече дека Ковачевски и Ахмети преговарале амнестија, со цел поделби во партијата и уставни измени.
Груевски по повод обвинувањата од оваа прес-конференција рече дека Милошоски е политичар кој за да се истакне пред новиот лидер, секогаш го напаѓа претходниот.
„За Антонио Милошевски кој вчера држеше прес конференција против мене имам многу што да кажам, но засега ќе се воздржам. Само ќе кажам дека многу добро го запознав неговиот карактер и минато. Тој при секоја смена на лидер со сопствена иницијатива бара начини да го нападне претходниот, за да се истакне кај новиот. Така ќе биде и кога Мицковски ќе си замине од челната позиција на партијата еден ден. Антонио ќе држи прес конференција, а на интерни состаноци најжестоко ќе зборува против него како да му е прв душман, од првиот ден, за да ги добие симпатиите на новиот водач. Така функционира тој човек. Таков бил, таков е сега, таков и ќе си остане“, вели Груевски.