Македонија
Арсовска: Неопходна е системска поддршка и фер третман за кариерен напредок на жените

Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, денеска учествуваше на трибината „Поттикнување на женското лидерство и женското учество во политиката и демократијата”, во организација на фондацијата „Конрад Аденауер“ и Центарот за европски студии Вилфред Мартенс каде учество имаше и европратеничката Марион Валсман.
Арсовска истакна дека жените се стремат кон стил на лидерство кој е покооперативен и инклузивен, како и дека повеќе жени претставници на раководни функции е поврзано со пониско ниво на корупција.
„Во Македонија под 1% има жени на лидерски корпоративни позиции, а жените одлучно можат да водат и да создаваат инклузивни општества, како и да создадат поинаква можност за демократичност во одлучувањето. Постојат докази кои сугерираат дека овозможување учество на повеќе жени во политиката води до подобра имплементација на услугите и инфраструктурата за социјална и здравствена заштита. Жените лидери можат да ја менуваат рамката на политиката, со воведување законодавство од областа на решенија за сузбивање родово-базирано насилство. Жените лидери се поврзани со пониски нивоа на конфликти, помалку прекршувања на човековите права и ја зголемуваат довербата во институциите“, истакна Арсовска.
Таа се осврна и на родово-базираното насилство, кое е општествен проблем, како и дека суровоста со која се напаѓаат жените е навистина загрижувачка и за надминување на овие состојба неопходна е заедничка работа и голема поддршка.
На настанот се дискутираше за предизвиците со кои жените се соочуваат во политичките процеси, како и за можните системски решенија за надминување на детектираните недостатоци. Во оваа пригода беше изразена и загриженост за родовата нееднаквост во политичките процеси и беше истакнато дека родовата еднаквост е битка за владеење на правото и човековите права, а општеството треба да е пристојно место за политички натпревар.
„Во општеството мора да постои систем на поддршка за сите жени кои се предмет на напад, да се цени квалитетот, да постои меритократија како критериум наместо политичка припадност. Доколку жените се дозволи да бидат напаѓани, да нема осуда и одговорност за таквите постапки, нема да се постигнат целите кон кои сите се стремиме и жените сè поретко ќе се охрабруваат да учествуваат во изборните процеси. Исклучително е важно обезбедување системска поддршка која ќе гарантира економска сигурност и финансиска независност, како и фер третман за овозможување кариерен напредок на жените“, истакна Арсовска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Прекината седницата во Собрание за продолжување на работниот ангажман на судиите и обвинителите

Вечерва во Собранието продолжи 75. седница со две точки на дневниот ред, Предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за извршување на Буџетот на Република Северна Македонија за 2022 година и Предлог на закон за дополнување на Законот за работните односи, двата по скратена постапка.
Претседателот на Собранието – Талат Џафери информираше дека нема услови за разгледување на Предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за извршување на Буџетот на Република Северна Македонија за 2022 година зошто се уште не поминат на соодветната комисија.
Предлог-законот за дополнување на Законот за работните односи се однесува во делот на престанок на договорот за вработување, со предвидување на исклучок за судиите и јавните обвинители и предвидување одредби за продолжување на нивниот мандат. Временската важност на овие одредби, се предлага да трае најмногу до три години се со цел да се постигне пополнетост на местата во судовите и јавните обвинителства.
Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ – Никола Мицевски имаше процедурална забелешка. Тој обвини, за како што рече, нов преседан и скандал на власта бидејќи првпат во историјата на Парламентот се закажува седница веднаш по завршувањето на седницата за пратенички прашања.
Укажа дека седницата доцнела повеќе од 30-тина минути.
Според него, власта и претседателот на Собранието Џафери прават ново насилие во Собранието, праша зошто им се брза со законот и укажа дека ова законско решение се носи да се продолжи мандатот на петнаесетина судии и десетина обвинители.
Претседателот на Собранието Талат Џафери се повика на Деловникот на Собранието и на почитување на законите. Ја прекина седницата и рече дека за нејзиното продолжување пратениците ќе бидат дополнително информирани.
Македонија
Мицевски: Се случува нов преседан во Собранието и нов скандал на власта

„Денес се случува нов преседан во собранието и нов скандал на власта. За првпат во историјата на Парламентот се закажува нова седница веднаш по завршувањето на седницата за пратенички прашања, и тоа седница посветена на спорниот Закон за продолжување на рокот за пензионирање на судиите“ рече попладнево на прес-конференција координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски.
Тој смета дека „досега невиден скандал е што закон кој предизвика инцидент за време на комиската расправа, сега на шверцерски начин, полутајно и на сила се турка да помине веднаш по седницата за пратенички прашања“.
„Одговорот зошто власта и претседателот на собранието Џафери прават ново насилие во собранието и зошто им се брза со законот, е поради тоа што јавна тајна е дека ова законско решение се носи да се продолжи мандатот на петнаесетина судии и десетина обвинители кои носат партиски и политички одлуки диктирани од криминалното двојство СДСМ-ДУИ.
Со овие обвинители и со овие судии СДСМ-ДУИ го штитат сопствениот криминал, и изработуваат политички монтирани процеси против опозицијата. СДСМ и ДУИ со законот штитат криминал“ вели Мицевски.
Посочи дека „ова е јасен показател дека СДСМ и ДУИ го губат тлото под нозе, а целатаа јавност е сведок на тоа дека пред полноќ ќе носат штетен закон за сите граѓани“.
Македонија
Ковачевски до Стојаноски: Јавниот сектор треба да има поголеми плати

„Зголемување на платите во јавниот сектор ќе има и воведување на методологија за пораст на платите која што ќе зависи, како од порастот на трошоците за живот, од зголемување на просечната плата, така и од зголемувањето на перформансите на работниците“. Ова го истакна премиерот Димитар Ковачевски во одговор на пратеничко прашање од пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојаноски.
Ковачевски истакна дека продолжува социјалниот дијалог со ССМ.
,,Во јавниот сектор има вклучително и нас овде сите, 132 илјади работници и тие работници својата плата ја примаат од работниците во приватниот сектор. Работниците во приватниот сектор кога работат тогаш тие ја заработуваат својата плата, плаќаат персонален данок од својата заработка што ја заработиле, плаќаат пензиско и инвалидско осигурување, плаќаат социјално осигурување и ги плаќаат останатите давачки кон државата. Ние што работиме овде ништо од тоа не плаќаме, тоа ни го плаќаат даночните обврзници, даночни обврзници се тие кои што го полнат Буџетот од сумата која што ја остваруваат како приходи, дополнително и даноците кои што компаниите ги плаќаат како Данок на добивка, која што добивка пак ја остваруваат работниците во тие компании” – рече Ковачевски.
Тој истакна дека социјален дијалог со ССМ се однесува на вработените точно во јавниот сектор.
„Вработените во јавниот сектор треба да имаат поголеми плати, но дијалогот треба да се води на 3 теми, првата тема е зголемување на платите на вработените во јавниот сектор, вклучително и на сите овде пратеници, министри, претседател на Влада, институции и т.н, во која што методологија нема да биде земено само зголемија палтата, која што ќе ја платат вработените во приватниот сектор, туку треба да биде земено во предвид и зголемувањето на продуктивноста на трудот и давање на повисоки услуги на тие кои што ги обезбедуваат тие финансиски средства. Што значи дека таму разговараме за воведување на методологија која што ќе треба да обезбеди зголемување на платите, исто како што донесовме методологија за зголемување на минималната плата од година во година”, рече премиерот.